Науката и религијата во конфликт
„Дали религијата најдобро се сфаќа како заразна болест на умот?“ (биологот Ричард Докинс).
ПОНЕКОГАШ се смета дека религијата и науката се смртни непријатели. На некои луѓе им изгледа како да се фатени во толку силен костец што изгледа дека едниот ќе триумфира само со смртта на другиот.
Во едниот табор се некои научници, како што е хемичарот Питер Аткинс, кој смета дека е „невозможно“ да се помират религијата и науката. Аткинс вели дека верувањето „во Бог како објаснување (за нешто, а камоли за сѐ) му е одвратно на интелектот“.
Во другиот табор се религиозните луѓе што ја обвинуваат науката за уништување на верата. Таквите луѓе се држат за мислењето дека науката што се практикува денес е измама; нејзините факти можеби се точни, но погрешното толкување на тие факти ги поткопува верувањата на верниците. На пример, биологот Вилијам Провајн вели дека дарвинизмот значи дека „нема дефинитивен темел за етика; нема дефинитивна смисла на животот“.
Меѓутоа, дел од конфликтот настанал поради лажни или недокажани тврдења што доаѓаат од двете страни. Со векови, верските водачи поучувале митски легенди и погрешни догми што се спротивни на современите научни откритија и не се темелат на инспирираното Писмо. На пример, римокатоличката црква го осудила Галилеј поради тоа што тој дошол до исправен заклучок дека Земјата се врти околу Сонцето. Гледиштето на Галилеј воопшто не противречело на Библијата, но било спротивно на она што го учела црквата во тоа време. Од друга страна, пак, научниците грешат кога ја поучуваат како факт недокажаната теорија дека животот настанал од нежива материја независно од Бог. Тие го исмејуваат религиозното верување како ненаучно.
Според тоа, дали е можно да се помират науката и религијата? Да, можно е. Всушност, докажаната наука и вистинската религија се надополнуваат, а не си противречат.
[Слика на страници 2 и 3]
Галилеј поучувал научна вистина, поради која бил прекорен од црквата