Зошто има толку многу насилнички злосторства денес?
СИТЕ злосторства се злобни. Но, потешко можат да се разберат безумните или бесмислените злосторства. Тоа што честопати се без некој очигледен мотив ги збунува детективите. Бидејќи масовната комуникација станува сѐ поефикасна во последниве години, за таквите стравотни злосторства дознаваат милиони, па дури и милијарди луѓе во рок од неколку часа. Еден извештај што го објави Светската здравствена организација наведува дека „насилството не одминува ниеден континент, ниедна земја и речиси ниедно место“.
Дури и во местата што во минатите години се сметале за релативно безбедни неодамна имало повеќе случаи на бесмислени насилнички чинови. На пример, Јапонија долго време важи за земја со ниска стапка на насилнички криминал. Меѓутоа, во Икеда, во јуни 2001, некој човек со месарски нож во рацете влегол во едно училиште и почнал да боде и да сече. За 15 минути убил 8 деца и ранил уште 15 други. Кога ова ќе им се додаде на други извештаи од Јапонија, како што е случајот со младите што убиле сосема непознати лица само заради возбуда, на човек му станува јасно дека работите се промениле.
Дури и во земјите каде што стапките на криминал се високи, некои бесмислени постапки предизвикуваат чувство на одвратност кај јавноста. Ова беше случај по нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк на 11 септември 2001. Психологот Џерард Бејлс го дал следниов коментар: „Ова го претвора светот во едно сосема непознато, опасно место во кое не можеме да предвидиме што ќе се случи“.
Зошто го прават тоа?
Не постои само еден фактор што ги објаснува сите различни чинови на бесмислено насилство. Причината зошто е потешко да се разберат некои злосторства е нивната неразумност. На пример, тешко е да се сфати зошто некој би пошол кај сосема непознати луѓе и би ги избодел до смрт или зошто некој би поминал со автомобил крај некоја куќа и би пукал без цел.
Некои тврдат дека насилството кај луѓето е наследно. Други аргументираат дека бесмислените злосторства не можат да се објаснат како неизбежен дел од човечката природа. (Видете ја рамката „Осудени на насилство?“)
Голем број стручњаци сметаат дека постојат многу фактори и околности што ги поттикнуваат луѓето да извршуваат неразумни, насилнички дела. Еден извештај објавен од Академијата на ФБИ (Федералното истражно биро) во Соединетите Држави оди дотаму што вели: „Убиството не е чин на трезвен, здрав поединец“. Некои авторитети нема да се согласат сосема со изборот на зборови во таа изјава. Сепак, мнозина се согласуваат со она на што укажува таа. Од некоја причина, оние што извршуваат бесмислени злосторства не размислуваат нормално. Нешто влијае врз нивното расудување до тој степен што ќе го направат она што е незамисливо. Кои фактори придонесуваат за луѓето да прават такви работи? Да разгледаме неколку можности што ги изнесуваат стручњаците.
Распад на семејниот живот
Дописникот на Разбудете се! го запраша Маријанито Панганибан, портпарол на Државното истражно биро на Филипините, какво е потеклото на оние што извршуваат екстремни злосторства. Тој го даде следниов коментар: „Тие произлегуваат од распаднати семејства. Им недостига грижа и љубов. Моралниот карактер на луѓето попушта во таа смисла што немаат водство, и тогаш застрануваат“. Многу истражувачи укажуваат дека е вообичаено агресивните криминалци да имаат лоши односи во семејството и насилничка заднина.
Државниот центар за анализа на насилничкиот криминал на САД дал извештај во кој биле наведени факторите според кои би можеле да се препознаат младите што би можеле да извршат смртоносно насилство на училиште. Биле влучени следниве семејни фактори: бурни односи родител—дете, родители што не се способни да видат дека нивните деца имаат проблеми, недоволна блискост, родители што поставуваат малку или никакви граници на однесувањето на детето и деца што се премногу затворени, водат двоен живот и затоа кријат дел од животот од своите родители.
Денес многу деца се жртви на распад на семејството. Други деца имаат родители што не им посветуваат многу време. Илјадници млади израснале со несоодветно морално и семејно водство. Некои стручњаци сметаат дека од таква средина произлегуваат деца што не можат да развијат способност да се зближат со другите, а тоа им олеснува да извршуваат злосторства над другите луѓе, и тоа честопати без никаква грижа на совеста.
Групи што разгоруваат омраза и култови
Доказите покажуваат дека некои групи што разгоруваат омраза или култови многу влијаеле врз извршувањето на некои злосторства. Во Индијана (САД), еден 19-годишен црнец се враќал дома од трговскиот центар. По неколку мига лежел на тротоарот со куршум во мозокот. Го застрелал некој млад човек што случајно го избрал баш него. Зошто? Се вели дека убиецот сакал да стане член на една организација што се застапувала за надмоќноста на белците и да добие тетоважа од пајакова мрежа затоа што убил црнец.
Нападот со нервен гас во едно метро во Токио во 1995, масовното самоубиство во Џонстаун (Гвајана) и смртта на 69 членови на Редот на храмот на Сонцето во Швајцарија, Канада и Франција беа поврзани со култови. Овие примери го илустрираат силното влијание што го имаат извесни групи врз размислувањето на некои луѓе. Харизматските водачи ги тераат луѓето да направат нешто „незамисливо“ мамејќи ги со некаква наводна корист.
Масовните медиуми и насилството
Некои посочуваат докази дека различни облици на современата комуникација можат да поттикнат на агресивно однесување. Се вели дека честата изложеност на насилство што се прикажува на телевизија, во филмовите, во видеоигрите и на Интернет ја отапува совеста и тера на насилнички злосторства. Д-р Даниел Боренштајн, претседател на Американското здружение на психијатрите, навел: „Во моментов има повеќе од 1.000 студии, кои се темелат на истражувања спроведени во текот на повеќе од 30 години, што покажуваат дека понекогаш постои поврзаност помеѓу насилството што се прикажува во медиумите и агресивното однесување на некои деца“. Пред одборот на американскиот сенат, д-р Боренштајн посведочил: „Уверени сме дека постојаното изложување на насилство во забавата во сите негови облици многу влијае врз здравјето на луѓето“. (Видете ја рамката „Насилство во компјутерските игри — што вели еден лекар“.)
Честопати се наведуваат конкретни случаи за да се покаже дека ова е вистина. Во случајот на револверашот што бил вклучен во ладнокрвното убиство на брачната двојка што го гледала изгрејсонцето на плажата, спомнато во претходната статија, обвинителството изнело докази дека убиството заради возбуда било поттикнато од постојаното гледање на еден насилнички филм. Се вели дека во едно пукање на училиште во кое биле убиени 15 луѓе, двајцата ученици што го направиле тоа секој ден со часови играле насилнички видеоигри. Освен тоа, постојано гледале филмови во кои се величало насилството и убивањето.
Дрога
Во Соединетите Држави, стапката на убиства што ги извршиле тинејџери се зголемила за трипати во период од осум години. Што посочуваат властите како еден фактор што придонесува за тоа? Бандите, особено оние поврзани со користење на крек кокаин. Од преку 500 неодамнешни убиства во Лос Анџелес (Калифорнија), „полицијата рекла дека 75 проценти биле поврзани со банди“.
Еден извештај што го објави Академијата на ФБИ го вели следново: „Дрогата е присутна во многу голем број случаи на убиство“. Некои луѓе чие размислување е искривено поради користењето на дрога убиваат додека се под нејзино дејство. Други ја штитат својата трговија со дрога со помош на насилство. Очигледно, дрогата е еден силен фактор што придонесува луѓето да вршат ужасни дела.
Лесен пристап до убиствено оружје
Како што спомнавме во претходната статија, само еден револвераш во Тасманија (Австралија) убил 35 луѓе и ранил други 19 души. Тој човек бил вооружен со полуавтоматско војничко оружје. Ова навело мнозина да заклучат дека лесниот пристап до такво оружје е уште еден фактор што придонесува да се зголеми бројот на насилнички злосторства.
Еден извештај покажува дека во 1995 во Јапонија имало само 32 убиства со револвер. Во повеќето од нив се работело за гангстери што биле убиени од други гангстери. За разлика од тоа, во Соединетите Држави имало повеќе од 15.000 убиства со револвер. Зошто постои таква разлика? Некои велат дека една причина се јапонските строги закони во врска со поседувањето револвер.
Неспособноста на луѓето да се справат со животот
Кога ќе чујат за извесни гнасни дела, некои можеби ќе реагираат со зборовите: ‚Тој човек мора да е луд!‘ Меѓутоа, сите оние што извршуваат такви злосторства не се ментално растроени. Но, на многу од нив им е тешко да се справат со животот. Стручњаците укажуваат на маани во личноста што можат да водат до екстремни постапки. Некои од нив се следниве: проблеми со учењето и друштвеноста; негативни последици од физичка или сексуална злоупотреба; антисоцијални карактеристики; омраза кон извесна група, како што се жените; немање грижа на совеста кога ќе се направи нешто погрешно; и желба да се манипулира со другите.
Каков и да е нивниот проблем, некои луѓе толку се преокупираат со својата неволја што се менува нивното размислување, а тоа може да ги наведе на чудни постапки. Пример за тоа е една медицинска сестра што ненормално копнеела по внимание. На малите деца им давала инјекции со мускулен релаксант што предизвикувал да престанат да дишат. Потоа уживала во вниманието што го добивала кога ќе го „спасела“ секое дете. За жал, не успеала да им го врати дишењето на сите. Била осудена за убиство.
Од горенаведеното е очигледно дека комбинација од фактори влијае врз луѓето за тие да извршуваат насилнички злосторства. Меѓутоа, нашиот список нема да биде потполн ако не разгледаме уште еден многу важен фактор.
Одговорот што го дава Библијата
Библијата ни помага да разбереме што се случува денес и зошто луѓето постапуваат толку екстремно. Таа точно ги опишува ставовите што обично ги гледаме. На пример, списокот што се наоѓа во 2. Тимотеј 3:3, 4 наведува дека луѓето нема да имаат „природна наклоност“ и дека ќе бидат „без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта“ и „своеглави“. Во една друга библиска книга се цитирани Исусовите зборови: „Љубовта на повеќето ќе олади“ (Матеј 24:12).
Библијата вели: „Во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1). Да, она што го гледаме е доказ дека живееме на крајот на сегашниов систем на работи. Условите и ставовите на луѓето стануваат сѐ полоши. Можеме ли да очекуваме скоро решение? Библијата дава одговор: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“ (2. Тимотеј 3:13).
Дали ова значи дека човештвото е осудено на бескраен циклус на злобно насилство и сѐ поголем криминал? Да го испитаме тоа прашање во нашата следна статија.
[Рамка на страница 6]
ОСУДЕНИ НА НАСИЛСТВО?
Некои аргументираат дека склоноста кон насилство или убивање отсекогаш била вродена кај луѓето. Оние што веруваат во еволуција тврдат дека потекнуваме од диви животни и дека едноставно сме ги наследиле нивните насилнички карактеристики. Според таквите теории ние сме осудени на бескраен циклус на насилство од кој нема надеж да се излезе.
Меѓутоа, постојат многу докази за спротивното. Теориите што ги спомнавме не објаснуваат зошто во различни култури има многу разлики во зачестеноста и во видовите на насилство. Тие не покажуваат зошто во некои култури како да е правило да се одговори со насилство, додека во други општества се известува за минимално насилство, при што речиси нема убиства. Психоаналитичарот Ерих Фром ги изнел недостатоците на теоријата дека сме наследиле агресивност од приматите истакнувајќи дека, иако некои од нив се насилни поради своите физички потреби или за да се заштитат, познато е дека единствено луѓето убиваат од чисто задоволство.
Во својата книга The Will to Kill—Making Sense of Senseless Murder (Желба да се убива — да се сфати бесмисленото убиство), професорите Џејмс Ален Фокс и Џек Левин наведуваат: „Некои луѓе се посклони кон насилство од други, но сепак, сѐ уште постои слободната волја. Иако со желбата да се убива управуваат безброј внатрешни и надворешни сили, таа сѐ уште вклучува избор и донесување одлука од страна на човекот, а со тоа и одговорност и вина“.
[Рамка/слика на страница 7]
НАСИЛСТВО ВО КОМПЈУТЕРСКИТЕ ИГРИ — ШТО ВЕЛИ ЕДЕН ЛЕКАР
Д-р Ричард Ф. Корлин, поранешен претседател на Американското медицинско здружение, одржал говор пред една група лекари дипломци во Филаделфија (Пенсилванија, САД). Во него зборувал за компјутерските игри што поттикнуваат на насилство. Во некои од тие игри се добиваат поени за лесни повреди, повеќе поени се добиваат ако се застрела во тело, а уште повеќе ако се застрела во глава. Бликнува крв и мозокот се распрснува на сите страни.
Д-р Корлин коментирал дека на децата не им е дозволено да возат, да пијат алкохолни пијалаци и да пушат додека се премлади. Потоа рекол: „Но, им дозволуваме да научат да пукаат на возраст кога сѐ уште не знаат да ги контролираат своите импулси и не се доволно зрели и дисциплинирани безбедно да го користат оружјето со кое си играат . . . Треба уште од почеток да им кажеме на нашите деца дека насилството секогаш си носи последици — и тоа сериозни“.
За жал, наместо да им се каже дека насилството носи последици, децата честопати се невини жртви на насилнички злосторства. Статистиките покажуваат дека во Соединетите Држави секој ден гинат по десет деца од огнено оружје. Д-р Корлинс вели: „Соединетите Држави се на прво место во светот — по стапката со која децата гинат од огнено оружје“. До каков заклучок дошол тој? „Насилството во кое се користи оружје претставува закана за здравјето на луѓето во нашава земја. Тоа е факт.“
[Рамка на страница 9]
ФАКТОРИ ШТО ПРИДОНЕСУВААТ ЗА НАСИЛНИЧКИ ЗЛОСТОРСТВА
Многу стручњаци сметаат дека следново може да придонесе за безумни злосторства:
Распад на семејството
Групи што разгоруваат омраза, екстремисти
Опасни култови
Насилство во забавата
Изложеност на насилство во реалноста
Злоупотреба на дрога
Неспособност да се излезе на крај со проблемите
Лесна достапност на смртоносно оружје
Извесни состојби при психичките болести
[Слика на страница 8]
Едно од петте бомбардирања во кои беа убиени најмалку 12 и повредени повеќе од 80 души, Кезон Сити (Филипини)
[Извор на слика]
AP Photo/Aaron Favila 30 декември 2000
[Слика на страница 8]
Двајца ученици убиваат еден учител, 12 други ученици а потоа се убиваат и себеси во Колумбиското средно училиште (Колорадо, САД)
[Извор на слика]
AP Photo/Jefferson County Sheriff’s Department 20 април 1999
[Слика на страници 8 и 9]
Еден автомобил-бомба убива најмалку 182 лица и ранува 132 души во еден ноќен клуб во Бали (Индонезија)
[Извор на слика]
Maldonado Roberto/GAMMA 12 октомври 2002