Млади кои отворено зборуваат за својата вера
МЕЃУ Јеховините сведоци има многу млади. Тие го сакаат Бог и се трудат да живеат во склад со неговите мерила што се изнесени во Библијата. Овие млади се горди на својата вера и слободно зборуваат за неа со другите на училиште. Да разгледаме што направиле некои од нив.
◼ Кога била шесто одделение, Холи и нејзините соученици требало да напишат состав на тема „Како би го решил проблемот со тероризмот без примена на насилство?“ Холи ја искористила приликата да пишува за својата библиска надеж за иднината. Таа објаснила дека во текот на целата историја ‚човек владеел над човек за негова несреќа‘ (Проповедник 8:9). Потоа укажала на единствената вистинска надеж за човештвото — Божјето Царство. „Бидејќи Исус е наименуваниот Цар на тоа Царство“, напишала таа, „ќе им биде ставен крај на сите проблеми, вклучувајќи го и тероризмот.“ Холи објаснила како Исус ќе го оствари она што не може да го постигне ниеден човечки владетел. „Додека бил на Земјата“, напишала таа, „Исус покажал каков владетел ќе биде. Тој многу ги сакал луѓето и се грижел за нив. Покажал каква моќ има со тоа што ги лекувал болестите и ги воскреснувал мртвите. Ниедна човечка влада не може да ги врати во живот оние што умреле. Но, во Божјето Царство тие ќе бидат вратени.“ Во заклучокот на составот, Холи навела: „Решението е во Божји, а не во човечки раце“.
Под составот, наставничката напишала: „Браво, Холи! Навистина убедлив и добро осмислен текст“. Наставничката исто така била импресионирана од референциите и стиховите од Библијата што биле наведени. Ова ѝ дало прилика на Холи да зборува со наставничката за Теократската школа за служба, програма за говорништво и поучување што Јеховините сведоци ја одржуваат секоја седмица. Наставничката спремно прифатила еден примерок од учебникот што се користи во Школата за служба.
◼ Џесика исто така имала прилика да зборува за својата вера кога требало да пишува состав на училиште. „До сега напишав три состави во врска со моите верувања“, вели таа. „Еден од нив беше за Јеховините сведоци и верските права. Наставничката го изложи составот во библиотеката за да може да го прочита кој сака. Неодамна напишав состав за моето крштавање и за тоа колку важен ден беше тоа за мене. Меѓу учениците кружеа работни верзии на нивните состави, па така моите соученици имаа прилика да го прочитаат и мојот состав. Едно девојче рече: ‚Одлично! Убаво е да се знае какви одговорности има еден Јеховин сведок. Ти го честитам крштавањето!‘ Едно друго девојче изјави: ‚Страшен состав! Мило ми е што имаш толку силна вера!‘ Еден соученик едноставно напиша: ‚Ти си паметна девојка. Ти честитам‘.“
◼ Кога Мелиса имала 11 години, ѝ се пружила уникатна прилика да зборува за својата вера. „На часот по природни науки дојде училишната медицинска сестра да ни зборува за имунолошкиот систем. Стана збор и за трансфузија на крв. По часот му кажав на наставникот за една од нашите видеокасети за крвта. Следниот ден ја донесов на училиште и наставникот ја зеде дома за да ја гледа со семејството. Утредента ја донесе видеокасетата на училиште и им ја пушти на два класа (еден од нив беше мојот клас). Потоа даде позитивни коментари во врска со нас, и кажа пред класот дека благодарение на Јеховините сведоци денес лесно се достапни алтернативи за трансфузија. Кога ми ја враќаше касетата, ме праша: ‚Може ли да се добие една касета за училишната библиотека?‘ Му дадов еден примерок. Многу се израдува, а и јас бев среќна!“
Холи, Џесика и Мелиса, како и многу други млади Сведоци на Јехова, ја имаат на ум библиската опомена да си спомнуваат за својот Творец (Проповедник 12:1). Дали си спомнуваш и ти? Ако да, биди уверен дека го радуваш Јеховиното срце (Пословици 27:11; Евреите 6:10).
Кога вие млади зборувате за вашата вера со соучениците и со наставниците, давате силно сведоштво за Јехова Бог и за неговите намери. Тоа ја зајакнува и вашата вера, и помага со право да се гордеете на привилегијата да му служите на Бог (Еремија 9:24). Тоа што сведочите на училиште исто така ви служи како заштита. Џесика вели: „Една корист од тоа што зборувам за мојата вера е што учениците не ме тераат да правам работи кои не се во склад со она што го вели Библијата“.
[Слики на страница 20]
Холи
[Слики на страница 20 и 21]
Џесика
[Слики на страница 21]
Мелиса