Мајки што успеваат да се изборат
ГЛАВЕН проблем со кој се соочуваат многу мајки денес е тоа што мораат да работат за да помогнат во материјалната издршка на семејството. Некои од нив, од разни причини, мораат сами, без ничија помош, да ги подигаат своите деца.
Маргарита е самохрана мајка од Мексико која сама се грижи за две деца. „Не е лесно да им се даде морална и духовна поука“, вели таа. „Еднаш син ми, додека беше тинејџер, си дојде дома полупијан од некоја забава. Го предупредив дека, ако му се повтори, следниот пат нема да го пуштам дома. Иако ми беше тешко, кога повторно си дојде пијан, го оставив пред врата. За среќа, тоа беше и последен пат“.
Недолго потоа, Маргарита почнала да ја проучува Библијата и тоа ѝ помогнало да всади морални вредности во своите деца. Сега и двете деца служат како полновремени проповедници на Јеховините сведоци.
Кога мажот е на работа во странство
Многу мажи што живеат во посиромашните земји заминуваат на работа во побогатите земји, додека жените остануваат дома да се грижат за децата. Лакшми, една мајка од Непал, вели: „Маж ми е веќе седум години во странство. Децата повеќе го слушаат него отколку мене. Би било многу полесно кога тој постојано би бил со нас како глава на семејството“.
Иако не ѝ е лесно, Лакшми успева да излезе на крај со проблемите. Бидејќи и самата не е доволно образована, таа се погрижила некој друг да им помага на постарите деца со школските задачи. Меѓутоа, посебно внимание обрнува на духовната поука на децата и затоа секоја седмица ја проучува Библијата со нив. Исто така, секој ден заедно разгледуваат по еден библиски стих, а и редовно ги води на христијанските состаноци.
Слабо образовани мајки
Друг проблем во некои земји е релативно високиот степен на неписменост меѓу жените. Укажувајќи на неповолната положба во која се наоѓаат мајките што не се образовани, Аурелија од Мексико, и самата мајка на шест деца, вели: „Мајка ми секогаш велеше дека школото не е за жените. Затоа никогаш не научив да читам и не можев да им помогнам на децата со нивните училишни задачи. Тоа ми беше многу болно. Но, бидејќи не сакав да страдаат како што страдав јас, дадов сѐ што можев за да им овозможам да се школуваат“.
Мајката може да направи многу — макар и да е слабо образована. Ова е во склад со една пословица која гласи: „Кој ги школува жените, ги школува учителите на мажите“. Бишну од Непал, мајка на три сина, била неписмена. Но, поради својата желба да ја дознае вистината од Библијата и да ги поучи своите деца за неа, дала сѐ од себе да научи да чита и да пишува. Водела сметка децата уредно да ги решаваат домашните задачи, и редовно контактирала со нивните наставници.
Во врска со духовната и моралната поука што ја добил од мајка си, Силаш, еден од синовите, објаснува: „Најмногу ми се допаѓаше тоа што, кога нешто ќе згрешевме, мајка ми се трудеше да нѐ исправи така што со нас разговараше за примери од Библијата. Оваа метода на поучување беше делотворна и ми помагаше да го прифатам советот“. Бишну успешно ги воспитала своите три сина, и сега тие се богобојазливи млади луѓе.
Антонија од Мексико, мајка која сама ги подига своите две деца, вели: „Завршив само основно образование. Живеевме во едно зафрлено село и најблиското средно училиште беше многу далеку. Но, сакав моите деца да имаат поголемо образование од мене, и им посветував многу време. Ги учев да читаат и да пишуваат бројки и букви. Ќерка ми знаеше да си го напише името и да ги пишува сите букви од азбуката уште пред да тргне на училиште, а син ми знаеше да чита пред да тргне во градинка“.
На прашањето што презела за да им даде духовна и морална поука, Антонија одговара: „Им раскажував библиски приказни. Уште пред да почне да зборува, ќерка ми веќе знаеше со гести да ги ‚прераскаже‘ библиските приказни. Син ми го одржа својот прв говор на еден од нашите христијански состаноци, читање на Библијата, кога имаше четири години“. Многу мајки што имаат слабо образование добро ги поучуваат своите деца.
Борба против штетните обичаи
Кај народот Цоцил во Мексико постои обичај женските деца да се продаваат заради брак кога имаат 12 или 13 години. Честопати девојчињата им се продаваат на многу постари мажи кои сакаат втора или трета жена. Ако тој маж не е задоволен со купеното девојче, има право да им го врати на родителите и да си ги земе парите. Како девојче, Петрона за малку и самата ќе станела жртва на еден таков обичај. Мајка ѝ била продадена на еден човек, родила дете и се развела пред да наполни 13 години. Тоа дете умрело, но неа ја продале уште двапати. Родила осум деца.
Петрона не сакала да го доживее истото што го доживеала нејзината мајка. Таа раскажува како успеала во тоа: „Кога завршив основно училиште, ѝ реков на мајка ми дека не сакам да се мажам. Сакав да продолжам со школувањето. Таа рече дека не може ништо да стори во врска со тоа. Морав да разговарам со татко ми“.
„Ќе ти најдам маж“, ми рече татко ми. „Знаеш шпански, знаеш да читаш — што сакаш уште? Ако сакаш да учиш, ќе мора сама да се финансираш.“
„Токму тоа и го сторив“, вели Петрона. „Везев платно и така се издржував.“ Благодарение на тоа, родителите не ја продале. Петрона веќе била возрасна кога нејзината мајка почнала да ја проучува Библијата. Тоа на мајка ѝ ѝ дало храброст да ги поучи помладите ќерки за библиските начела. Можела од сопствено искуство да ги поучи колку тешки последици носи обичајот да се продаваат девојчиња заради брак.
Во многу делови од светот постои обичај само татковците да ги поучуваат синовите. Петрона објаснува: „Жените во народот Цоцил се поучени дека тие се помалку вредни од мажите. Мажите се ‚газди во куќата‘. Машките деца ги имитираат татковците и знаат да им кажат на мајките: ‚Нема ти да ми кажеш што да правам! Јас го слушам само тато‘. Поради тоа мајките не можат да ги поучат синовите. Но, бидејќи мајка ми ја проучува Библијата, таа успешно ги поучува и моите браќа. Тие го знаат напамет стихот од Ефешаните 6:1, 2: „Деца, бидете им послушни на своите родители . . . Искажувај им чест на татка си и мајка си“.
Мери, една мајка од Нигерија, исто така вели: „Во крајот каде што пораснав, мајката не смее да ги поучува и да ги казнува синовите. Но, библискиот пример на Лоида и Евника, бабата и мајката на Тимотеј, ми помогна да бидам одлучна и да не дозволам месните обичаи да ме спречат да ги поучувам моите деца“ (2. Тимотеј 1:5).
Во некои земји, со години се држи обичајот на „обрежување жени“, односно осакатување на женскиот полов орган. Со таа постапка се отстранува помал или поголем дел од надворешниот женски полов орган. За овој обичај јавно проговори и Варис Дири, позната манекенка и посебен пратеник на Фондот за популациски прашања при Обединетите нации. Во склад со сомалискиот обичај, и неа мајка ѝ ја подложила на таа постапка како дете. Според еден извештај, од осум до десет милиони жени и девојчиња на Блискиот Исток и во Африка би можеле да го доживеат истото. Се проценува дека и во Соединетите Држави би можеле да бидат обрежани околу 10.000 девојчиња.
Зошто се прави ова? Некои веруваат дека женскиот полов орган е зло што ја онечистува девојката и така ја прави непогодна за брак. Освен тоа, отстранувањето на гениталиите се смета за некој вид гаранција дека жената е невина и дека ќе биде верна во бракот. Мајката што нема да ја обреже својата ќерка може да го навлече на себе гневот на својот маж и на целата заедница.
И покрај тоа, многу мајки сфатиле дека нема никаква оправдана причина — ниту верска, ниту медицинска, ниту хигиенска — за да се изврши една таква болна постапка. Нигериската книга Отфрлање на одвратните обичаи (Repudiating Repugnant Customs) открива дека многу мајки храбро одбиле да ги подложат своите ќерки на таа постапка.
Навистина, многу мајки низ целиот свет успешно ги заштитуваат и ги воспитуваат своите деца и покрај многуте тешкотии со кои се соочуваат. Дали другите го ценат нивниот труд?
[Рамка/слика на страница 5]
„Бројните студии секогаш одново покажуваат дека жените имаат клучна улога во развојот на општеството. Кога жените ја исполнуваат таа улога, резултатите се видливи веднаш: семејствата се поздрави и подобро се хранат, а нивните приходи, заштеда и имот се зголемуваат. Сето ова не се одразува само на семејството туку и на целото општество, а на долги патеки, и на цели држави“ (Генерален секретар на ОН, Кофи Анан, 8 март 2003)
[Извор на слика]
UN/DPI фотографија на Милтон Грант
[Рамка/слики на страница 8]
Таа се жртвуваше за нас
Еден млад Бразилец по име Хулијано вели: „Кога имав пет години, на мајка ми ѝ претстоеше сјајна кариера. Но, штом се роди сестра ми, таа реши да ја остави работата за да се грижи за нас. Советниците на работа се обиделе да ја одвратат од таа одлука. Ѝ рекле дека штом еден ден децата ќе се оженат и ќе си заминат од дома, ќе заборават на сѐ што таа сторила за нив и дека вложува во нешто што никогаш нема да ѝ се врати. Но, можам да кажам дека не беа во право. Никогаш нема да го заборавам она што таа од љубов го стори за нас“.
[Слики]
Мајката на Хулијано со децата; лево: Хулијано кога имал пет години
[Слики на страница 6]
Бишну научила да чита и да пишува, а потоа им помогнала на синовите да стекнат добро образование
[Слики на страница 7]
Синчето на Антонија редовно ја чита Библијата пред собранието на христијанските состаноци
[Слики на страница 7]
Петрона е доброволец во подружницата на Јеховините сведоци во Мексико. Мајка ѝ, која исто така станала Сведок, ги поучува нејзините помали браќа и сестри
[Слика на страница 8]
Валис Дири се бори против половото осакатување на жените
[Извор на слика]
Фотографија на Sean Gallup/ Getty Images