Младите прашуваат . . .
Како да престанам да се повредувам?
„Повеќе не можев да ја контролирам душевната болка, но најдов нешто што можев да го контролирам — физичката болка“ (Тина, 20).a
„Кога нешто многу ќе ме погодеше, се сечев. Тоа беше мојот начин да се ‚исплачам‘. Потоа ми беше подобро“ (Марија, 17).
„Се немам повредено веќе две седмици. За мене, тоа е прилично долго. Не верувам дека некогаш ќе можам потполно да прекинам“ (Тони, 16).
ТИНА, Марија и Тони не се познаваат, но имаат нешто заедничко. Сите тројца страдаат во душата. И сите тројца на ист начин се справуваат со очајот. Наоѓаат олеснување во тоа што самите се повредуваат.b
Колку и да звучи чудно, самоповредувањето — кога некој сам се сече или си нанесува повреди — станува сѐ почесто меѓу тинејџерите и младите. Канадскиот весник National Post забележува дека оваа навика „им влева страв на родителите, ги збунува училишните советници, и ги става на испит докторите“. Во весникот се вели и дека самоповредувањето „може да стане една од најтешките зависности кои ѝ се познати на медицината“. Дали ти или некој твој близок станал роб на оваа навика? Ако да, што можеш да сториш?
Најпрво, потруди се да откриеш што е тоа што те тера да се повредуваш. Запамти, самоповредувањето не е само нешто што го правиш од навика кога си нервозен. Обично, тоа е начин да се справиш со некој стрес. Оној што се повредува ја користи физичката болка за да си ја олесни болката во душата. Затоа, прашај се: ‚Зошто се повредувам? На што мислам кога ќе почувствувам порив да се исечам?‘ Има ли во твојот живот нешто — можеби поврзано со семејството или со пријателите — што ти причинува душевна болка?
Без сомнение, ќе ти треба голема храброст за да се преиспиташ. Но, користа може да биде многу голема. Обично тоа е првиот чекор за да престанеш да се повредуваш. Меѓутоа, потребно е повеќе отколку само да ги откриеш причините зошто го правиш тоа.
Зошто е добро да се довериш некому
Ако се повредуваш, од голема корист ќе ти биде да му кажеш што те мачи на некој доверлив и зрел пријател. Една библиска пословица вели: „Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели“ (Пословици 12:25). Кога се доверуваш некому, си даваш можност да чуеш утешни, љубезни зборови што навистина ти се потребни (Пословици 25:11).
На кого да му пристапиш? Добро е да избереш некој постар од тебе кој има мудрост, зрелост и сочувство. Христијаните ги имаат собраниските старешини кои се „како заветрина, прибежиште од невреме, како потоци во сува земја, како сенка во жедна пустина“ (Исаија 32:2).
Точно, можеби те плаши и самата помисла да му ја кажеш својата тајна на некого. Можеби и ти се чувствуваш како Сара. „Прво ми беше тешко да им верувам на другите“, признава таа. „Мислев дека откако ќе ме запознаат — откако вистински ќе ме запознаат — луѓето ќе се тргнат од мене со гадење.“ Меѓутоа, откако се доверила, Сара сфатила колку се вистинити зборовите од Библијата запишани во Пословици 18:24: „Има пријател поприврзан од брат“. Сара вели: „Зрелите христијани на кои им се доверив никогаш не ме прекоруваа, без разлика што ќе им кажев за мојата навика да се повредувам. Наместо тоа, ми даваа практични предлози. Ми укажаа на некои работи што ги вели Библијата и стрпливо ме тешеа кога ќе се почувствував потиштена и сосем бескорисна“.
Зошто не поразговараш со некого за твојот проблем со самоповредувањето? Ако мислиш дека не би можел да разговараш лице в лице, пробај да го сториш тоа преку писмо или по телефон. Тоа што ќе му се довериш некому, може да биде еден чекор напред за да се излекуваш. Тина вели: „Најважно ми беше што знаев дека некој се грижи за мене, дека има некој со кого можам да разговарам кога сѐ изгледаше безнадежно“.c
Колку е важна молитвата
Тамара се наоѓала во ќорсокак. Била свесна дека ѝ треба помош од Бог но, од друга страна, си мислела дека тој нема да ѝ помогне сѐ додека се повредува. Што ѝ помогнало на Тамара? Една работа било тоа што размислувала за 1. Летописи 29:17 каде што се вели дека Јехова Бог ‚ги испитува срцата‘. „Јехова знаеше дека длабоко во срцето навистина сакам да престанам да се повредувам“, вели Тамара. „Откако почнав да му се молам да ми помогне, се случи чудо. Полека-полека станував сѐ посилна.“
Псалмистот Давид, кој и самиот претрпел многу неволји, напишал: „Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Да, Јехова знае за болката во твојата душа. И не само тоа — ‚тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7). Ако срцето те осудува, не заборавај дека Бог е ‚поголем од твоето срце и знае сѐ‘. Да, тој разбира зошто се повредуваш и зошто ти е тешко да престанеш (1. Јованово 3:19, 20). Ако му пристапиш во молитва и ако се трудиш да прекинеш со таа навика, тој ќе ‚ти помогне‘ (Исаија 41:10).
Но, што ако некое време си прекинал да се повредуваш, и сега пак направиш такво нешто? Дали тоа значи дека сосема си потфрлил? Ни најмалку! Во Пословици 24:16 се вели: „Ако праведникот падне и седумпати, тој станува“. Во врска со овој стих, Тамара вели: „Јас паднав повеќе од седумпати, но не се откажав“. Таа сфатила дека упорноста е многу важна. Истото го сфатила и Кети. Таа вели: „Се случуваше пак да подлегнам на нагонот и да се повредам, но научив да гледам на тоа само како на моментален неуспех, а не како на тотално промашување; и секогаш почнував од почеток, сеедно колку пати морав да го направам тоа“.
Кога е потребна дополнителна помош
Исус рекол дека ‚на болните им треба лекар‘ (Марко 2:17). Во многу случаи е неопходно да се побара совет од лекар кој е во состојба да утврди дали можеби причина за самоповредувањето е некое растројство, и потоа да предложи лекување.d Освен поддршката што ја добила од љубезните христијански надгледници, Тина одлучила да побара и ваква стручна помош. „Старешините не се доктори, но сепак ми даваат голема поддршка“, вели таа. „Иако сѐ уште понекогаш ми доаѓа да се повредам, успешно се контролирам со помошта од Јехова и од собранието, а ми помага и тоа што научив како да постапувам кога ќе ми се јави тој порив.“e
Биди уверен дека можеш да научиш да ја совладаш оваа навика и да пожнееш добри резултати од тоа. Моли се како што се молел псалмистот: „Насочи ми ги стапките според Словото Твое, никаков грев да не завладее над мене“ (Псалм 119:133, Радосна вест). Сигурно ќе се радуваш и ќе стекнеш самопочит кога ќе ја ставиш под контрола оваа навика така што таа повеќе нема да владее со тебе.
[Фусноти]
a Некои имиња во оваа статија се променети.
b Повеќе информации во врска со самоповредувањето — што е тоа и кои се причините за него — можеш да најдеш во статијата „Младите прашуваат . . . Зошто се повредувам?“ во Разбудете се! од јануари 2006.
c Можеш да научиш да ги искажуваш своите чувства така што понекогаш ќе ги запишуваш. Писателите на библиските псалми биле луѓе со длабоки чувства и тие ги изразувале со зборови своите чувства на каење, гнев, разочараност и тага. Како пример, разгледај ги Псалмите 6, 13, 42, 55 и 69.
d Понекогаш причината зошто некои лица се повредуваат лежи во некој друг проблем, како што е депресија, биполарно растројство, опсесивно-компулзивно нарушување и нарушување во исхраната. Разбудете се! не препорачува некое конкретно лекување. Христијаните треба да се уверат дека лекувањето што ќе го изберат не е во спротивност со начелата од Библијата.
e Во постарите броеви на Разбудете се! имаше статии во врска со тоа кои работи можат да придонесат за некој да се повредува. На пример, види го циклусот статии „Да се разберат растројствата на расположението“ (8 април 2004), „Помош за депримираните тинејџери (8 декември 2001) и „Што предизвикува нарушување во навиките на исхрана?“ (22 јануари 1999, на српски), како и статијата „Младите прашуваат . . . Родител алкохоличар — како да излезам на крај?“ (8 ноември 1992, на српски).
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Што друго би можел да направиш кога се чувствуваш вознемирен и кога ти доаѓа да се повредиш?
◼ На кого би можел да му се довериш ако имаш ваков проблем?
[Рамка/слика на страница 20]
ДА МУ СЕ ПОМОГНЕ НА ОНОЈ ШТО СЕ ПОВРЕДУВА
Како можеш да му помогнеш на некој од семејството или на некој пријател што има навика да се повредува? Бидејќи таквиот најверојатно има очајна потреба од лице на кое ќе му се довери, биди спремен да го сослушаш. Потруди се да бидеш ‚пријател‘ кој „во неволја станува брат“ (Пословици 17:17). Точно, можеби најпрво ќе те фати паника и ќе бараш веднаш да престане да се повредува. Но, ако постапиш вака, најверојатно ќе го оттурнеш од себе. Освен тоа, потребно е многу повеќе отколку само да му кажеш да прекине. Ќе ти треба мудрост за да му помогнеш на оној што се повредува да научи да ги решава проблемите на поинаков начин (Пословици 16:23). Исто така, ќе треба и време. Затоа, биди стрплив. Биди „брз на слушање, бавен на зборување“ (Јаков 1:19).
Ако си тинејџер, немој да мислиш дека самиот можеш да му помогнеш на некој што се повредува. Не заборавај, можеби се работи за некој тежок проблем или растројство што треба да се лекува. Исто така, имај на ум дека оној што се повредува може да си го доведе и животот во опасност — дури и да нема намера да се самоубие. Затоа, би било мудро да го поттикнеш да му каже за својот проблем на некое зрело, грижливо возрасно лице.
[Слики на страница 19]
Никогаш не потценувај ја користа од тоа што ќе му се довериш на лице што го сакаш и не потценувај ја важноста на молитвата