Писма од читателите
Пријатели Откако пред скоро четири години останав без мајка, стекнав пријатели кои ми се многу мили и блиски. Уводните статии „Како да стекнеш вистински пријатели“ (8 март 2005) ме поттикнаа да размислувам за тоа колку сум среќна што имам такви пријатели!
О. Б., Соединети Држави
Овие статии ми потврдија дека, ако сакам да имам пријатели, прво јас морам да бидам пријател — да се трошам за нив, во склад со поттикот од Дела 20:35. Ни дадовте навистина непроценливи совети.
А. К., Полска
Отсекогаш ми било тешко да најдам пријатели, дури и во христијанското собрание. Сега гледам дека треба да бидам отворена, да преземам иницијатива и да не очекувам совршенство од другите. Јехова навистина ни дава одговори во право време!
Л. З., Русија
Сведочење на училиште Статијата „Млади кои отворено зборуваат за својата вера“ (8 декември 2004) навистина ме воодушеви. Искуствата на Холи, Џесика и Мелиса ми помогнаа да почнам да им зборувам за својата вера на соучениците и на наставниците. Отпрвин ми беше срам. Но, сега имам вистински поттик да разговарам со сите на училиште.
Г. О., Нигерија
Младите прашуваат . . . Зошто ме привлекуваат погрешни луѓе? (8 септември 2005) Изгледа дека и покрај тоа што веќе десет години бев ‚секогаш обилно вработена во делото Господово‘, сѐ уште не знаев како да ја поправам оваа моја карактерна маана (1. Коринќаните 15:58). Сфатив дека сум емоционално незрела, но не знаев како да го решам тој проблем. Благодарна сум му на Јехова за ваквите статии, кои ни помагаат да опстанеме во сегашниов свет.
Џ. Ф., Соединети Држави
Во оваа статија се спомнува ‚да не ги избегнуваме сосема оние што не ја познаваат библиската вистина‘. Можете ли да го објасните ова малку повеќе? Што ако некој христијанин е близок пријател со неверник? Зарем тоа не треба да биде причина за загриженост?
Д. П., Соединети Држави
„Разбудете се!“ одговара: Оваа статија не ги охрабрува христијаните да бидат блиски пријатели со неверниците. Всушност, библиското начело: „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“, важи во сите околности (1. Коринќаните 15:33). Но, ова не значи дека треба сосем да ги избегнуваме неверниците. Како што беше кажано и во статијата, Библијата нѐ поттикнува „да им правиме добро на сите“, а не само на оние што се од иста вера како нас (Галатите 6:10). Самата природа на нашата христијанска служба налага да бидеме вистински заинтересирани за луѓето, и да постапуваме со нив со достоинство и почит. Исус ни дал добар пример во тоа. Тој никогаш не бил близок пријател со оние што не биле заинтересирани за Божјата волја (Јован 15:14). Но, во исто време, одел кај луѓето, знаел како да разговара со нив и ги разбирал. Како резултат на тоа, можел да даде делотворно сведоштво. (Види го, на пример, извештајот од Лука 7:36-50.) Исто како Исус, и ние можеме да се однесуваме со почит кон неверниците. Нашата цел е ‚да бидеме разумни, покажувајќи секаква благост спрема сите луѓе‘ (Тит 3:2).