ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 2/08 стр. 23-25
  • Пруга што се градеше над 120 години

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Пруга што се градеше над 120 години
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Потреба од пруга
  • Жега, бури и порои
  • Долга пауза
  • Убавините на дивината
  • Од дивината до тропската област
  • Ќе остане ли „железниот пат“?
    Разбудете се! 1999
  • „Железната лента“ од море до море
    Разбудете се! 2010
  • Воз без тркала
    Разбудете се! 2008
  • „Работете, не за храната што исчезнува“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Разбудете се! 2008
g 2/08 стр. 23-25

Пруга што се градеше над 120 години

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

НА 3 ФЕВРУАРИ 2004 год., на железничката станица во Дарвин, град во ретко населената Северна Територија на Австралија, пристигна воз што беше подолг од еден километар. Илјадници луѓе беа собрани свечено да го пречекаат. Овој воз, наречен Ган, тукушто премина 2.979 километри. Тоа беше неговото прво патување од јужниот до северниот крај на континентот, кое траеше два дена. (Види ја рамката „Како го добил своето име?“, на страница 25.)

Околу пругата се стискаа над 2.000 лица опремени со камери и фотоапарати, па затоа возот мораше да забави пред да влезе во Дарвин, поради што задоцни триесетина минути. Сепак, никој не се пожали на задоцнувањето. Австралијците го чекаа овој момент повеќе од еден век. Бидејќи минува низ еден од најсушните, најжешките и најизолираните предели во светот, пругата од Аделејд до Дарвин се градеше цели 126 години.

Потреба од пруга

При крајот на 1870-тите, малата колонија Аделејд, сместена на источната страна од Големиот Австралиски Залив, сонувала за економски напредок на тој предел и за подобар трговски пат кој ќе ја поврзува со северниот крај на континентот. Соединетите Американски Држави ја довршиле својата трансконтинентална железница во 1869 год., па затоа и жителите на Аделејд почнале да прават такви планови. Тие посакувале железница што ќе ја поврзе нивната колонија со Порт Дарвин, како што бил познат Дарвин во тоа време. Освен што би овозможила полесен пристап до внатрешноста, оваа пруга би им заштедила значително време на оние што патувале за Азија и за Европа.

Идејата звучела едноставно, но ваквата пруга требало да минува низ тешко пристапни карпести ридови и планински венци, предели обраснати со густи грмушки, како и песочни и каменити пустини. Секогаш кога ќе заврне дожд, некои делови од овие пустини се претвораат во мочуришта или, пак, низ нив беснеат силни порои. По два неуспешни обида, истражувачот Џон Стјуарт конечно го преминал ова негостољубиво подрачје во 1862 год. Но, во текот на патувањето, тој и неговата експедиција за малку ќе умреле од глад и жед.

Жега, бури и порои

Ваквите тешкотии не ги обесхрабриле жителите на Аделејд, кои во 1878 год. започнале со изградба на железничката линија кај Порт Огаста. Користејќи само рачни орудија, коњи и камили, 900 железничари ја продолжиле пругата кон север, покрај патеките на Абориџините и низ планините Флиндерс. Бидејќи на возовите со парна локомотива им е потребна вода, пругата била поставена покрај единствените поила во таа област.

Биле потребни две и пол години за да се постават првите 100 километри од оваа железничка линија. Летните температури понекогаш достигнувале и до 50°С. Од сувата жега ноктите пукале, мастилото на врвот од перото се сушело уште пред да се стави на хартија, а шините се виткале. Било вообичаено возот да излезе од шини. По песочните бури, работниците морале да ги отстранат песочните наноси кои понекогаш биле длабоки и до два метра и покривале по неколку километри од пругата. Честопати, тие можеле само беспомошно да гледаат како новите бури повторно ги завејуваат шините што со мака ги исчистиле.

А потоа следувале дождовите. За само неколку минути, исушените речни корита се преполнувале со силни порои кои ги кривеле шините, го уништувале она што се градело со месеци и ги заглавувале возовите сосе патниците во нив. Еднаш, еден машиновозач ловел диви кози за да ги нахрани патниците. Многу години подоцна, на еден заглавен воз му била фрлена храна од авион.

По дождовите никнуваат пустински растенија кои привлекуваат големи роеви скакулци. При една наезда, шините биле толку лизгави поради згмечените скакулци што била потребна уште една локомотива која ќе го турка возот одзади. Додатен проблем биле стаорците, кои јаделе сѐ што ќе им се нашло на „менито“ — храната на работниците, шаторските платна, уздите на животните, па дури и чизмите. Згора на тоа, работниците се бореле со тифусна епидемија. Осамените гробишта покрај пругата се неми сведоци за таа чума и доказ дека на почетокот на овој проект условите во работничкиот логор биле нехигиенски.

За да ја убијат досадата, вработените во возот понекогаш уживале да прават шеги на туѓа сметка. Во една прилика, кога месноста Алис Спрингс била преплавена со зајаци, тие скришум ги пуштиле да влезат во возот. Следното утро, патниците ги отвориле вратите од купеата за да одат на појадок, и што ќе видат! Според книгата Ган — од Аделејд до Алис (The Ghan—From Adelaide to Alice), ходниците „вриеле од збунети зајчиња“. На едно друго патување, се нашол некој паметен да пушти кенгурче во вагоните за спиење.

Абориџините што живеат во позафрлените подрачја понекогаш се доближувале до пругата додека поминувал возот. Стоејќи на безбедна оддалеченост, можеле да видат дека внатре има луѓе. Јасно е дека на почетокот биле претпазливи, ако не и уплашени. Всушност, некои мислеле дека „една огромна ѓаволска змија“ живи ги проголтала патниците!

Долга пауза

По 13-годишната исцрпувачка работа, проектот бил запрен на околу 470 километри од Алис Спрингс поради недостиг на средства. „Самиот обем на овој потфат... едноставно беше преголем за оваа колонија“, стои во списанието Australian Geographic. Во 1911 год., проектот го презела федералната влада и ја продолжила пругата до Алис Спрингс. Но, доградбата на останатите 1.420 километри до Дарвин требало да почека.

Во 1929 год., кога Ган за првпат пристигнал во Алис Спрингс, целиот град — кој во тоа време имал околу 200 жители — излегол свечено да го пречека. Тие не можеле да се изначудат на вагонот за ручање. Сепак, највоодушевени биле од елегантната бања. Во тоа време, да се има када во воз не било само новитет туку и луксуз. Градот Алис Спрингс останал најсеверната станица на пругата сѐ до 1997 год., кога и државната и федералната влада се согласија да ја довршат долгоочекуваната пруга Алис Спрингс — Дарвин. Работата започна во 2001 год.

Со помош на огромните автоматизирани машини, секој ден се градеа во просек по 1,6 километри од пругата. Целиот проект, кој чинеше околу 1,3 милијарди австралиски долари (800 милиони евра), вклучуваше и изградба на најмалку 90 нови мостови што можат да издржат поплави. За оваа пруга долга 1.420 километри, наречена „најобемниот инфраструктурален проект во Австралија“, беа потрошени помалку од планираните средства, а работата беше завршена во октомври 2003 год., пред одредениот рок.

Убавините на дивината

Напладне, возот Ган тргнува на своето патување низ Австралија од современиот град Аделејд. Оставајќи ги зад себе приградските населби, двете локомотиви и отприлика 40-те вагони се извиваат низ нерамните житни полиња до Порт Огаста, град оддалечен речиси 300 километри на север. Наеднаш глетката драстично се менува. Каде и да се свртиш, гледаш само песок и грмушки.

Штом ќе го одмине Порт Огаста, Ган го продолжува своето патување по новата пруга погодна за сите временски услови, која се протега и до 250 километри западно од претходната, која била често поплавувана. Над пустината се спушта ноќ. Патниците спијат додека возот тивко минува покрај солени езера кои најчесто се суви како барут, но по дождот ја одразуваат месечевата светлина. Јасното ноќно небо е начичкано со безброј ѕвезди. Но, повеќе не може да се чуе звукот од старите шини, бидејќи новите се заварени во непрекината лента заради полесно одржување.

В зори, пустината во близина на Алис Спрингс ја осветлува црвено-златната боја од изгрејсонцето. „Глетката е величествена“, вели еден патник. „Дури и од возот можев да ја почувствувам моќта на Сонцето додека изгреваше над бескрајната празна пустина која е толку пространа, толку разнобојна, толку страшна, што ти го одзема здивот. Местово те прави свесен колку си мал.“

Од дивината до тропската област

Напладне, Ган прави пауза кај Алис Спрингс, а потоа продолжува кон Катерин и конечно стигнува до Дарвин — град кој се наоѓа во тропската област. Заштитени во климатизираните вагони, „патниците уживаат во прекрасната удобност на возот“, вели Лари Јерас, управник на првото патување на Ган. Кога ќе погледнат низ прозорецот, можат да си замислат со какви опасности и тешкотии се соочиле работниците на почетокот.

Ган го унапредува развојот на трговијата и сообраќа на една од најдолгите железнички линии во светот. Тој е уште една новина од современиот свет која навлезе длабоко во дивината. Една 19-годишна Абориџинка, која го видела возот на неговото прво патување во февруари 2004, рече: „Никогаш во животот не сум видела воз. Прекрасен е“.

[Рамка/слика на страница 25]

Како го добил своето име?

Целосниот назив на Ган е Авган Експрес. Не може со сигурност да се каже како дошло до тоа овој воз да го добие името според авганистанските јавачи на камили. Како и да е, овој назив потсетува на издржливите доселеници што помогнале да се отвори патот кон дивината на Австралија. Иако ги викале Авганистанци, меѓу нив имало и доселеници од Балучистан, Египет, Пакистан, Персија, Северна Индија и Турција.

Превозно средство во дивината им биле камилите. Тие послушно клекнувале или станувале секогаш кога ќе го чуеле зборот хýшта! Одејќи во групи од по 70 камили, овие животни можеле да пренесат товар и луѓе со брзина од 6 километри на час. Кога биле заменети со железничкиот и патниот сообраќај, Авганистанците ги пуштиле во дивината. Денес, стотици илјади потомци на овие камили слободно се шетаат низ ненаселените предели од Централна Австралија. (Види во српското издание на Разбудете се! од 8 април 2001, страници 16, 17.)

[Извор на слика на страница 23]

Northern Territory Archives Service, Joe DAVIS, NTRS 573

[Извор на слика на страница 25]

Фотографии: Great Southern Railway

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели