„Железната лента“ од море до море
ПРЕД околу 150 години, поголемиот дел од Канада, која по големина е втора земја во светот, бил неистражена пустина. Историчарот Пјер Бертон објаснува: „Три четвртини од населението живеело на релативно изолирани фарми“, а состојбата на патиштата „речиси оневозможувала да се патува по нив на подолги релации“. Патувањето преку езерата и реките исто така било ограничено бидејќи тие останувале смрзнати пет месеци во годината.
Соочен со вакви предизвици, во 1871 год., премиерот сер Џон А. Мекдоналд предложил да се изгради железница што ќе ги поврзе атлантскиот и пацифичкиот брег на Канада. Во САД, таква железница била изградена во 1869 год. Но, Канада имала помалку средства, нејзината железница требало да биде подолга, а имала само 10 отсто од бројот на жители на САД. Еден канадски политички лидер го нарекол ваквиот предлог „една од најголемите бесмислици што би можеле некому да му текнат“. Друг зајадливо изјавил дека следната година премиерот ќе добие идеја да се изгради железница до Месечината.
Скап предлог
Меѓутоа, владата ветила дека ќе ја изгради оваа железница за десет години. Еден шкотски инженер по име Сандфорд Флеминг проценил дека проектот ќе чини околу 100 милиони долари, што било прилично голема сума во тоа време. Доколку железничката линија минувала низ територијата на САД, тоа многу ќе ја скратело и ќе ја поедноставило целата работа. Но, Мекдоналд инсистирал таа да не ги преминува границите на Канада сакајќи да ги заштити интересите на земјата во случај на војна со САД.
Многу инвеститори не биле спремни да преземат толку скап и ризичен потфат. Меѓутоа, во 1875 год., Канадската пацифичка железница почнала со изградба на пругата. Десет години подоцна, се заканувала опасност проектот сосема да пропадне. Оваа компанија не можела да го исплати својот долг од 400.000 канадски долари, кој требало да биде вратен на 10 јули 1885 год., до 15 часот. Но, истиот ден, во 14 часот, Канадскиот парламент ја изгласал долгоочекуваната одлука да ѝ позајми повеќе пари, со што проектот бил спасен.
Тешкотии при конструирањето на железницата
Додека ја поставувале пругата во северниот дел на Онтарио, работниците наишле на тврда карпа на околу 30 сантиметри под површината на земјата, поради што морало да се носи земја и тоа од голема далечина. Во централниот дел на Канада, зимските температури можат да се спуштат и до -47°С, што многу ја отежнувало целата работа. Згора на тоа, секоја година во просек паѓаат стотици сантиметри снег. За делот од пругата што минувал покрај Карпестите Планини се велело дека е место „каде може да те снајде смрт без никаков знак на предупредување“. Морале да се изградат и многу тунели и мостови. Секој ден се работело најмалку по 10 часови, сеедно дали имало кал, дали врнел дожд или паѓал снег.
Конечно, на 7 ноември 1885 год., без многу церемонии, бил закован и последниот клин кај Игл Пас во Британска Колумбија на запад. Станицата била наречена Крагелаки, според едно село во Шкотска кое станало симбол за смело пркосење наспроти тешките времиња. Кога бил замолен да одржи говор, генералниот директор на Канадската пацифичка железница едноставно рекол: „Сѐ што можам да кажам е дека работата е одлично завршена во секој поглед“.
Како новата железница се одрази на луѓето
На илјадници работници од Кина повикани во Канада поради проектот им се гарантирало постојано вработување на железницата. Работата честопати била опасна, особено кај Карпестите Планини. Многу од овие работници успеале да заштедат доволно пари за да се вратат дома дури откако поминале неколку години од проектот.
Со отворањето на железничката пруга, индустријата и трговијата биле преселени на запад, а тоа негативно се одразило на традиционалниот начин на живот. Биле основани помали и поголеми градови, а домородците биле преселени во резервати. Дуќаните и гостилниците кои се наоѓале покрај поранешните трговски патишта морале да бидат затворени. Но, од друга страна, за возовите се вели дека „го ослободиле општеството од ропството на нечистотијата и калта“ и „од ропството на зимата“. Освен тоа, прехранбените продукти од Ориентот кои биле истоварувани на пацифичкиот брег на Канада пристигнувале во источните градови за само неколку денови.
Иако возовите и понатаму играат важна улога во преносот на товар низ Канада, сѐ почестата употреба на автомобилите и авионите го намалија патничкиот железнички сообраќај. Сепак, сакајќи да побегнат од брзото темпо на 21 век, многумина уживаат во прекрасните пејзажи од Торонто до Ванкувер во удобни возови. Па така, наместо да го забрзува темпото на живот како што било случај порано, возот овозможува патниците да се опуштат и да размислуваат за живописната историја на оваа железница додека патуваат од море до море по канадската „железна лента“.
[Рамка/слика на страница 18]
ПОРАКА НА НАДЕЖ ПОКРАЈ „ЖЕЛЕЗНАТА ЛЕНТА“
Возовите и понатаму се главно превозно средство до некои заедници во Канада. Од таа причина, Јеховините сведоци ги користат за да ги достигнат изолираните подрачја со библиската порака за Божјето Царство (Исаија 9:6, 7; Матеј 6:9, 10). „Лесно е да се зборува за Библијата во воз“, објаснува еден Сведок, „бидејќи луѓето се љубопитни и сакаат да дознаат каде одиш и зошто“.
Коментирајќи за едно свое патување со воз до резерватот Оџибва близу езерото Нипиго во северниот дел на Онтарио, еден Сведок вели: „Иако местото изобилува со прекрасни глетки и со жив свет, најдраги спомени ни се оние од луѓето што ги сретнавме. Бидејќи во овој крај ретко навраќа некој, нашето пристигнување предизвика голема љубопитност. Некои ни ги позајмија своите кануа и ни беше дозволено да ја користиме нивната училница без никаков надомест. Откако проповедавме цел ден, мештаните се собраа да гледаат филм за нашето проповедничко дело“.
[Слика на страница 16]
Сер Џон А. Мекдоналд
[Слика на страница 17]
Изградбата на пругата била тешка задача
[Слики на страница 17]
Морало да се направат многу мостови и тунели во планините
[Слика на страница 17]
Ковење на последниот клин од трансконтиненталната железница во Канада
[Слика на страница 18]
Патување по „железната лента“ денес
[Извори на слики на страница 16]
Горе: Canadian Pacific Railway (A17566); во средина: Library and Archives Canada/C-006513
[Извори на слики на страница 17]
Горе, одлево надесно: Canadian Pacific Railway (NS13561-2); Canadian Pacific Railway (NS7865); Library and Archives Canada/PA-066576; долу: Canadian Pacific Railway (NS1960)
[Извори на слики на страница 18]
Горе: Canadian National Railway Company; десно: со љубезна дозвола на VIA Rail Canada Inc.