Изведи го детето на прав пат
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА
◼ „Преку телевизијата може многу да се научи“, стои во еден извештај на The New York Times. Сепак, „долгото пасивно седење пред малите екрани може негативно да се одрази врз децата на физички и на психички план“ и да ги лиши од можноста да ја развијат својата креативност, како и способноста да учат и вешто да комуницираат со другите.
Според истиот весник, истражувачите од Детската болница во Сиетл (Вашингтон, САД), кои ги испитаа навиките на гледање телевизија кај 2.500 деца, „заклучија дека малите деца кои на возраст помеѓу 1 и 3 години почесто гледаат телевизија имаат поголеми проблеми со концентрацијата кога ќе наполнат 7 години“. Овие деца стануваат агресивни, нестрпливи и не можат да останат сконцентрирани подолго време. Психопедагогот д-р Џејн М. Хили вели: „Многу родители забележале значително подобрување на способноста за концентрација кај своите деца со ваков проблем откако им поставиле ограничувања во поглед на гледањето телевизија“.
Како можат родителите да им помогнат на своите деца помалку да гледаат телевизија? Во истиот извештај беа дадени следниве предлози: Постави правило за тоа кога и колку долго детето смее да гледа телевизија секој ден. Наместо да дозволиш телевизорот да ти го чува детето, колку што е можно почесто вклучи го своето дете во извршувањето на домашните задолженија. Избери ги емисиите што смее да ги гледа и исклучи го телевизорот откако ќе завршат. Секогаш кога е можно, гледај ги избраните програми со твоето дете и зборувај со него за она што го гледате. На крајот, скрати го времето што и самиот го минуваш пред телевизорот.
За да му помогнеш на твоето дете да ја развие својата креативност и да стекне комуникациски способности, потребни се време, решителност и самодисциплина, но ваквиот труд се исплаќа. Тоа го потврдува и една стара изрека, која гласи: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“ (Изреки 22:6). Ваквото воспитание вклучува и поука за моралните вредности.
Книгата Учи од Големиот Учител им помага на Јеховините сведоци успешно да ги воспитаат своите деца. Добрата комуникација и љубезното внимание од страна на родителите, уште додека децата им се мали, можат да дадат резултати што ќе бидат за нивно вечно добро. Има ли нешто подобро за еден родител отколку да види дека неговите деца се на пат да станат зрели и одговорни личности?