Насилството никого не одминува
НЕМА човек врз кого насилството не оставило трага. На вести нон-стоп слушаме за насилство. На улица и на работа сме постојано на штрек, а децата се изложени на насилство на училиште. Дури и во својот дом, место што луѓето обично го сметаат за безбедно, милиони — особено жени — не се безбедни. Всушност, во некои земји дури 70 отсто од жените рекле дека биле малтретирани од својот партнер.
Во многу земји, луѓето се плашат од насилни политички и социјални немири или тероризам. Ваквиот страв се гледа и по тоа што на сѐ повеќе места се поставуваат системи за видеонадзор, особено во земјите што биле мета на терористички напади.
Се разбира, тоа значи дека индустријата за производство на системи за видеонадзор цвета и покрај светската економска криза. Од каде пари за сето тоа? Всушност, од нашиот џеб — било преку даноци било преку други такси. А таквите давачки веројатно ќе растат бидејќи безбедносни системи се поставуваат насекаде и стануваат сѐ поскапи.
Загрижувачките последици од насилството треба да нѐ поттикнат да ги преиспитаме нашите вредности и нашите верувања. Во следните статии ќе бидат разгледани овие прашања: Каква улога имаат медиумите во порастот на насилството? Кои фактори можат да влијаат врз нашиот став кон насилството? Како да се заштитиме од негативните влијанија?