ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • sh погл. 12 стр. 284-305
  • Ислам — пат до Бог преку покорност

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ислам — пат до Бог преку покорност
  • Потрагата на човештвото по Бог
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Повикувањето на Мухамед
  • Откровение на Кур’анот
  • Ширење на исламот
  • Смртта на Мухамед води до поделба
  • Бог е врховен, а не Исус
  • Душа, воскресение, рај и пеколен оган
  • Моногамија или полигамија?
  • Исламот и секојдневниот живот
  • Конфликт со и во христијанскиот свет
  • Што ќе му речеш на некој муслиман?
    Нашата служба за Царството 1999
  • Зошто да се биде заинтересиран за другите религии?
    Потрагата на човештвото по Бог
  • 2000 — значајна година?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Идејата навлегува во јудаизмот, во христијанскиот свет и во исламот
    Што ни се случува кога ќе умреме?
Повеќе
Потрагата на човештвото по Бог
sh погл. 12 стр. 284-305

Поглавје 12

Ислам — пат до Бог преку покорност

[Слика — арапски букви]

1, 2. а) Кои се уводните зборови на Кур’анот? б) Зошто се значајни овие зборови за муслиманите? в) На кој јазик бил првобитно напишан Кур’анот, и што значи зборот „Кур’ан“?

„ВО ИМЕТО на Аллах, Милостивиот, Сомилосниот.“ Оваа реченица е превод на горенаведениот арапски текст земен од Кур’анот. Тој продолжува: „Тебе, Аллах, Господарот на световите, те фалиме, Милостивиот, Сомилосниот, Владетел на Судниот ден, Тебе ти се клањаме и од Тебе помош бараме. Упати нѐ на правиот пат, на патот на оние на кои милоста Своја си им ја дарил, а не на оние кои против себе лутина предизвикале, ниту на оние кои заталкале“ (Кур’ан, Сура 1:1—7).a

2 Овие зборови ја сочинуваат Фатиха („Пристап“), првото поглавје, односно сура, на муслиманската света книга, Светиот Кур’ан, односно Коран. Со оглед на тоа што повеќе од една шестина од светското население се муслимани, а оддадените муслимани ги повторуваат по неколку пати во секоја од своите пет дневни молитви, овие стихови мора да спаѓаат меѓу најрецитираните зборови на Земјата.

3. Колку е раширен исламот денес?

3 Според еден извор, во светот има преку 900 милиони муслимани, што го става исламот на второ место по бројност, по Римокатоличката црква. Со своето муслиманско движење кое се шири во Африка и во западниот свет, исламот е една од главните религии со можеби најбрз пораст во светот.

4. а) Што значи зборот „ислам“? б) Што значи зборот „муслиман“?

4 Името ислам е значајно за еден муслиман, затоа што значи „покорност“, „предаденост“ или „оддаденост“ на Аллах, а според еден историчар, „тој го изразува најдлабокот став на оние кои му посветиле внимание на проповедањето на Мухамед“. „Муслиман“ значи ‚оној кој го врши или спроведува исламот‘.

5. а) Што веруваат муслиманите во врска со исламот? б) Кои паралели постојат помеѓу Библијата и Кур’анот?

5 Муслиманите веруваат дека нивната вера е кулминација на откровенијата кои им биле дадени на верните Евреи и христијани од старо време. Меѓутоа, нивните учења се разидуваат со Библијата во некои точки, и покрај тоа што Кур’анот цитира и од Хебрејските и од Грчките списи.b (Види рамка, страница 285.) За подобро да ја разбереме муслиманската вера, треба да знаеме како, каде и кога настанала оваа религија.

Повикувањето на Мухамед

6. а) Која била средишната точка на обожавањето на Арпите во времето на Мухамед? б) Што вели традицијата во врска со Каабата?

6 Мухамедc се родил во Мека (арапски: Макках), Саудиска Арабија, околу 570 н.е. Татко му, Абд Алах, умрел пред Мухамед да се роди. Мајка му, Амина, умрела кога тој имал околу шест години. Во тоа време, Арапите практикувале еден облик на обожавање на Аллах кој бил сосредоточен на долината Мека, на светото место на Каабата, едноставна коцкеста градба во која бил обожаван еден црн метеорит. Според исламската традиција, „првобитно Каабата ја изградил Адам, по еден небесен прототип, а после Потопот повторно ја изградиле Авраам и Исмаил“ (History of the Arabs — Историја на Арапите, од Филип К. Хити). Таа станала светилиште за 360 идоли, по еден за секој ден од лунарната година.

7. Кои религиозни практики го вознемирувале Мухамед?

7 Кога Мухамед пораснал, почнал да се сомнева во религиозните практики од своето време. Во својата книга Религиите на човекот, Џон Нос вели: „[Мухамед] бил вознемирен од непрестајните расправии околу отворено покажаните интереси во поглед на религијата и честа меѓу курајшиските главатари [Мухамед припаѓал на тоа племе]. Уште поголемо било неговото незадоволство од примитивните остатоци во арапската религија, од идолопоклоничкиот политеизам и анимизам, од неморалот на религиозните собири и панаѓури, од опивањето, коцкањето и танцувањето кои биле популарни, и од закопувањето на живи несакани женски доенчиња, што се практикувало не само во Мека туку и низ цела Арабија“ (Сура 6:137).

8. Под какви околности Мухамед бил повикан да стане пророк?

8 Мухамед бил повикан да биде пророк кога имал околу 40 години. Тој имал обичај да оди сам за да медитира во една блиска планинска пештера, наречена Гар Хира, и тврдел дека во една од тие прилики добил повик да стане пророк. Муслиманската традиција раскажува дека нему, додека бил таму, еден ангел, кој подоцна бил идентификуван како Гавриел, му заповедал да рецитира во името на Аллах. Мухамед не реагирал, па ангелот ‚го зграпчил и го притиснал толку силно што не можел повеќе да издржи‘. Тогаш ангелот ја повторил заповедта. Мухамед повторно не реагирал, па затоа ангелот уште еднаш ‚го здавил‘. Ова се случило трипати пред Мухамед да почне да го рецитира она што се смета за прво од серијата откровенија кои го сочинуваат Кур’анот. Една друга традиција раскажува дека божествената инспирација му била откриена на Мухамед како со ѕвонење на ѕвоно (The Book of Revelation — Книгата на откровението, од Сахих ал-Букари).

Откровение на Кур’анот

9. Кое се смета за Мухамедово прво откровение? (Спореди Откровение 22:18, 19.)

9 Кое се смета за прво откровение што го примил Мухамед? Исламските авторитети општо се согласуваат дека тоа се првите пет стиха од Сура 96, со наслов Ал-Алак, „Згрутчена крв“, кои гласат:

„Во името на Аллах, Милостивиот, Сомилосниот! Читај, во името на Господарот свој кој создава, создава човек од згрутчена крв! Читај, благороден е Господарот твој, кој поучува на перото, го поучува човекот на она што не го знае“.

10-12. Како бил зачуван Кур’анот?

10 Според арапскиот извор Книгата на откровението, Мухамед одговорил: „Јас не знам да читам“. Затоа, морал да ги запамти откровенијата за да може да ги повтори и да ги рецитира. Арапите биле вешти во учење напамет, и Мухамед не бил исклучок. Колку време му требало да ја прими комплетната порака на Кур’анот? Општо се верува дека откровенијата дошле во период од отприлика 20 до 23 години, од околу 610 н.е. до неговата смрт во 632 н.е.

11 Муслимански извори објаснуваат дека по добивањето на секое откровение, Мухамед веднаш им го рецитирал на оние кои се нашле во близина. Тие, од своја страна, ги запамтиле откровенијата и со рецитирање ги чувале од заборав. Со оглед на тоа што Арапите не знаеле да произведуваат хартија, Мухамед на некои писари им дал да ги запишат откровенијата на примитивни материјали кои тогаш биле на располагање, како што се камилски лопатични коски, палмини лисја, дрво и пергамент. Меѓутоа, во сегашната форма Кур’анот се појавил дури после смртта на пророкот, под водство на Мухамедовите наследници и другари. Ова се случило за време на владеењето на првите три калифи, односно муслимански водачи.

12 Преведувачот Мухамад Пиктал пишува: „Сите сури на Кур’анот биле ставени во писмен облик уште пред смртта на Пророкот, а многу муслимани го научиле напамет целиот Кур’ан. Но, пишаните сури биле разнесени по народот; а кога, во една битка . . . голем број од оние кои го знаеле напамет целиот Кур’ан биле убиени, бил собран и запишан целиот Кур’ан“.

13. а) Кои се трите извори на исламска поука и водство? б) Како гледаат некои исламски изучувачи на преведувањето на Кур’анот?

13 Исламскиот живот го управуваат три авторитети — Кур’анот, Хадисот и Шеријатот. (Види рамка, страница 291.) Муслиманите веруваат дека Кур’анот на арапски е најчистата форма на откровението, бидејќи, велат тие, тоа бил јазикот што Бог го користел кога зборувал преку Гавриел. Сура 43:3 вели: „Ние сме ја направиле Кур’ан на арапски јазик, за да (ја) сфатите“ (ПЧ). Значи, секој превод се смета само за разводнување кое вклучува и губење на чистотата. Всушност, некои исламски изучувачи одбиваат да го преведат Кур’анот. Нивниот став е — „да преведеш секогаш значи да извршиш предавство“, па, според тоа, „муслиманите никогаш не одобруваат, а понекогаш и го забрануваат секој обид тој да се преведе на друг јазик“, вели д-р Џ. А. Вилијамс, професор по исламска историја.

Ширење на исламот

14. Кој настан претставува значаен момент во раната исламска историја?

14 Мухамед ја втемелил својата нова вера и покрај големи противења. Луѓето од Мека, па дури и неговите соплеменици, го отфрлиле. После 13 години прогонство и омраза, својот центар на активност го префрлил на север во Јатриб, кој тогаш станал познат како ал-Мадина (Медина), градот на пророкот. Оваа преселба, или хиџра, во 622 н.е., претставува значаен момент во исламската историја, а датумот подоцна е прифатен како појдовна точка за исламскиот календар.d

15. Како станала Мека исламски главен центар за аџилак?

15 На крајот, Мухамед ја освоил власта кога Мека му се предала во јануари 630 н.е. (8 А.Х.) и тој станал нејзин владетел. Имајќи ги в раце уздите на световната и на религиозната контрола, бил во можност да ја очисти Каабата од идолопоклоничките ликови и да ја претвори во средишно место за аџилаци во Мека кои се практикуваат до ден-денес. (Види страници 289, 303.)

16. Колку далеку се проширил исламот?

16 Неколку децении по смртта на Мухамед во 632 н.е., исламот се проширил сѐ до Авганистан, па дури и до Тунис во Северна Африка. До почетокот на осмиот век, верата на Кур’анот продрела во Шпанија и дошла до француската граница. Како што вели професор Нинијан Смарт во својата книга Background to the Long Search (Заднината на долгата потрага): „Од човечка гледна точка, постигнувањата на еден арапски пророк, кој живеел во шестиот и седмиот век после Христос, се зашеметувачки. Зборувајќи чисто човечки, од него потекнала една нова цивилизација. Но, се разбира, за еден муслиман делото било божествено, а постигнувањето од Аллах“.

Смртта на Мухамед води до поделба

17. Со кој голем проблем се соочил исламот по смртта на Мухамед?

17 Смртта на пророкот предизвикала криза. Тој умрел без машко потомство и без јасно назначен наследник. Како што наведува Филип Хити: „Калифатот [службата на калиф] е, според тоа, најстариот проблем со кој се соочува исламот. Сѐ уште е актуелен спор . . . Според зборовите на муслиманскиот историчар ал-Шараштани [1086—1153]: ‚Никогаш не постоел исламски спор кој довел до поголемо крвопролевање од калифатот (имама)‘“. Како бил решен проблемот уште тогаш, во 632 н.е.? „Абу Бакр . . . бил назначен (на 8 јуни 632) за Мухамедов наследник со некој вид избори во кои учествувале оние водачи кои биле присутни во главниот град ал-Мадина“ (Историја на Арапите).

18, 19. Кои тврдења ги разделуваат сунитските од шиитските муслимани?

18 Наследникот на пророкот би бил владетел, халифа, односно калиф. Меѓутоа, прашањето за вистински наследници на Мухамед станало причина за поделба во редовите на исламот. Сунитските муслимани го прифаќаат принципот на служба по пат на избори наместо според крвна врска со пророкот. Затоа тие веруваат дека првите три калифи, Абу Бакр (Мухамедовиот тест), Омар (пророковиот советник) и Отман (пророковиот зет), биле законити Мухамедови наследници.

19 На тоа тврдење се противат шиитските муслимани кои велат дека вистинското право на водство доаѓа преку пророковата крвна линија и преку неговиот братучед и зет, Али ибн Аби Талиб, првиот имам (водач и наследник), кој се оженил со Фатима, Мухамедовата омилена ќерка. Од нивниот брак се родиле внуците на Мухамед, Хасан и Хусеин. Шиитите исто така тврдат „дека од почетокот Аллах и Неговиот Пророк јасно го назначиле Али како единствениот законит наследник, но дека првите три калифи со измама го лишиле од неговата законска положба“ (Историја на Арапите). Се разбира, сунитските муслимани гледаат поинаку на тоа.

20. Што се случило со Мухамедовиот зет Али?

20 Што се случило со Али? За време на неговото владеење како четврти калиф (656—661 н.е.), помеѓу него и сирискиот управител Муавија дошло до борба за власт. Се впуштиле во битка, а потоа, за да спречат натамошно пролевање на муслиманска крв, својата расправија ја препуштиле на арбитражна постапка. Алиевото прифаќање на арбитража го ослабнало неговиот случај и свртило против него многумина од неговите следбеници, вклучувајќи ги хариџитите (сепаратисти), кои му станале смртни непријатели. Во 661 година н.е., еден хариџитски зелот го убил Али со отровна сабја. Двете групи (сунитите и шиитите) постојано биле во кавга. Сунитската гранка на исламот избрала водач меѓу умајадите, богати главатари од Мека, кои не припаѓале на пророковата фамилија.

21. Какви се шиитските гледишта за Мухамедовите наследници?

21 За шиитите, Алиевиот првороденец, Хасан, пророковиот внук, бил вистинскиот наследник. Меѓутоа, тој се повлекол од положбата и бил убиен. Брат му Хусеин станал новиот имам, но и него го убиле умајадски трупи на 10 октомври 680 н.е. Неговата смрт, односно мачеништво, според гледиштето на шиитите, до денешен-ден има значајно влијание врз Шијат Али, партијата на Али. Тие веруваат дека Али бил вистинскиот наследник на Мухамед и првиот „имам [водач] божествено заштитен од грешка и грев“. Шиитите ги сметале Али и неговите наследници за непогрешливи учители со „божествениот дар на безгрешност“. Најголемиот дел од шиитите веруваат дека имало само 12 вистински имами и дека последниот од нив, Мухамед ал-Мунтазар, исчезнал (878 н.е.) „во пештерата на големата џамија во Самара, без да остави потомство“. Така „станал ‚скриениот (мустатир)‘ или ‚очекуваниот (мунтазар) имам‘. . . Во свое време тој ќе се појави како Махди (оној кој е воден од Бог) за да го обнови вистинскиот ислам, да го освои целиот свет и да ги воведе луѓето во еден краток милениум пред да дојде крајот на сѐ“ (Историја на Арапите).

22. Како шиитите го комеморираат мачеништвото на Хусеин?

22 Секоја година шиитите го комеморираат мачеништвото на имам Хусеин. Тие имаат процесии во кои се сечат со ножеви и со мечеви, и на други начини си нанесуваат болка. Во поново време, шиитските муслимани добиваат голем публицитет заради својата ревност за интересите на исламот. Меѓутоа, тие претставуваат само околу 20 проценти од муслиманите во светот, главниот дел се сунитски муслимани. Но сега, да се осврнеме на некои од учењата на исламот и да забележиме како влијае исламската вера врз секојдневното однесување на муслиманите.

Бог е врховен, а не Исус

23, 24. Како гледале Мухамед и муслиманите на јудаизмот и на христијанството?

23 Трите главни монотеистички религии во светот се јудаизмот, христијанството и исламот. Но, до времето кога се појавил Мухамед, на почетокот на седмиот век н.е., првите две религии, според негово мислење, заталкале од патот на вистината. Всушност, според некои исламски коментатори, Кур’анот подразбира отфрлање на Евреите и на христијаните кога вели: „Не (патот) на оние кои против себе лутина предизвикале, ниту на оние кои заталкале!“ (Сура 1:7). Зошто е тоа така?

24 Еден коментар на Кур’анот наведува: „Народите на Книгата погрешиле: Евреите со тоа што го прекршиле својот Сојуз и ги клеветеле Марија и Исус . . . а христијаните со тоа што толку го издигнале Исус Апостолот што го изедначиле со Бог“ преку доктрината за тројство (Сура 4:153—176, AYA).

25. Кои паралелни изјави ги наоѓаме во Кур’анот и во Библијата?

25 Најкратко кажано, главното учење на исламот е она што е познато како шехадет, или исповедување на верата, кое секој муслиман го знае напамет: “La ilāh illa Allāh; Muḥammad rasūl Allāh” („Нема друг бог освен Аллах; Мухамед е Аллахов пратеник“). Ова се согласува со изјавата на Кур’анот: „А вашиот Бог — еден е Бог! Нема бог освен Него, Милостивиот, Сомилосниот“ (Сура 2:163). Оваа мисла била изразена 2.000 години пред тоа во древниот повик до Израел: „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден!“ (Второзаконие 6:4). Исус ја повторил оваа најважна заповед, која е запишана во Марко 12:29, околу 600 години пред Мухамед и никаде не тврдел дека е Бог или дека е еднаков со Него (Марко 13:32; Јован 14:28; 1. Коринќаните 15:28).

26. а) Како гледаат муслиманите на тројството? б) Дали е тројството библиско?

26 Во врска со единственоста на Бог, Кур’анот вели: „Затоа верувајте во Аллах и во неговите пратеници и не велете: ‚Тројца се!‘ Престанете, подобро е за вас! Аллах е само еден Бог“ (Сура 4:171). Меѓутоа, мораме да забележиме дека вистинското христијанство не поучува за тројство. Тоа е доктрина со паганско потекло воведена од страна на отпадниците на христијанскиот свет по смртта на Христос и на апостолите. (Види поглавје 11.)e

Душа, воскресение, рај и пеколен оган

27. Што вели Кур’анот во врска со душата и воскресението? (За разлика од тоа, види Левит 24:17, 18, NW; Проповедник 9:5, 10; Јован 5:28, 29.)

27 Исламот поучува дека човекот има душа која оди на оној свет. Кур’анот вели: „Аллах ги зема душите во часот на нивната смрт, а и оние кои спијат, па ги задржува оние на кои им одредил да умрат, а ги остава оние другите до одредениот рок“ (Сура 39:42). Истовремено, целата Сура 75 е посветена на „Кијамех — воскресение“ (AYA), или „оживување на мртвите“ (Коркут). Таа делумно гласи: „Го повикувам за сведок Денот на Воскресение . . . Мисли ли човекот дека Ние не можеме да ги составиме неговите коски? . . Тој прашува: ‚Кога е Денот на Воскресение?‘ . . Зар ја нема Тој [Аллах] моќта да им даде живот на мртвите?“ (Сура 75:1, 3, 6, 40, AYA).

28. Што вели Кур’анот во врска со пеколот? (За разлика од тоа, види Јов 14:13; Еремија 19:5; 32:35; Дела 2:25—27; Римјаните 6:7, 23.)

28 Според Кур’анот, душата може да има различни одредишта, кои можат да бидат или небесна рајска градина или казна во огнен пекол. Како што наведува Кур’анот: „Тие прашуваат: ‚Кога ќе биде Судниот Ден?‘ Ќе биде оној ден кога тие ќе се пржат во оган. ‚Вкусете ја својата казна — Тоа е она за кое се брзавте!‘“ (Сура 51:12—14). „Тие [грешници] во животот на овој свет ќе се мачат, но страдањето на оној свет сигурно ќе биде потешко, од Аллах никој нема да ги одбрани“ (Сура 13:34 ). Се поставува прашањето: „А знаеш ли ти што ќе биде тоа? — Оган вжештен!“ (Сура 101:10, 11). Оваа ужасна судбина е детално опишана: „Оние кои не веруваат во доказите Наши Ние сигурно ќе ги фрлиме во оган; кога кожите ќе им се испечат, ќе им ги замениме со други кожи за да искусат вистинско страдање. Аллах е, навистина, силен и мудар“ (Сура 4:56). Понатамошниот опис вели: „Џехеннем [пеколот] ќе стане како заседа. . . во која ќе останат засекогаш: во него нема да чувствуваат свежина, ниту ќе вкусат пијалаци, освен врела вода и исцедоци“ (Сура 78:21, 23—25).

29. Направи разлика меѓу исламските и библиските учења за душата и за нејзината судбина.

29 Муслиманите веруваат дека душата на мртвата личност заминува за берзах, или „преграда“, „место или состојба во која луѓето ќе бидат после смртта, а пред Судот“ (Сура 23:99, 100, AYA, фуснота). Таму душата е свесна и го доживува она што е наречено „сурова казна на гробот“ ако личноста била злобна, или уживање во среќа ако била верна. Но и верните мора да доживеат некој вид мачење заради неколкуте гревови што ги направиле додека биле живи. На судниот ден, секој ќе се соочи со својата вечна судбина, што претставува крај на таа меѓусостојба.f

30. Што им е ветено на праведниците според Кур’анот? (За разлика од тоа, види Исаија 65:17, 21—25; Лука 23:43; Откровение 21:1—5.)

30 Наспроти тоа, на праведниците им се ветени небесни рајски градини: „А оние кои веруваат и прават добри дела ќе ги воведеме, сигурно, во џеннетски градини низ кои ќе течат реки; во нив вечно и засекогаш ќе останат“ (Сура 4:57). „Жителите на џеннетот ќе уживаат тој ден во благодетите весели и радосни, тие и нивните жени ќе бидат во ладовина потпрени на украсени дивани“ (Сура 36:55, 56). „Ние во Зебурот [Псалмите] после Тевратот [даден на Мојсеј] напишавме дека Земјата ќе ја наследат Моите чесни робови“. Фуснотата за оваа сура го упатува читателот на Псалм 25:13 и 37:11, 29, како и на зборовите на Исус во Матеј 5:5 (Сура 21:105, AYA). Споменувајќи ги жените, доаѓаме до едно друго прашање.

Моногамија или полигамија?

31. Што вели Кур’анот за полигамијата? (За разлика од тоа, види 1. Коринќаните 7:2; 1. Тимотеј 3:2, 12.)

31 Дали полигамијата е правило меѓу муслиманите? И покрај тоа што Кур’анот дозволува полигамија, многу муслимани имаат само една жена. Поради тоа што битките одзеле многу животи и многу жени останале вдовици, Кур’анот направил место за полигамија: „Ако се плашите дека нема да бидете праведни спрема жените сироти, тогаш женете се со оние жени кои ви се допуштени, со по две, со по три и со по четири. А ако се плашите дека нема да бидете праведни, тогаш само со една; или — еве ви ги оние кои ги поседувате“ (Сура 4:3). Биографијата на Мухамед од Ибн-Хишам спомнува дека Мухамед се оженил со една богата вдовица, Хатиџа, 15 години постара од него. После нејзината смрт се оженил со многу жени. Кога умрел, оставил девет вдовици.

32. Што е мута?

32 Еден друг облик на брак во исламот е наречен мута. Дефиниран е како „посебен договор склучен меѓу маж и жена со понуда и прифаќање на брак за ограничен период и со посебна цена за невеста како според договорот за траен брак“ (Islamuna, од Мустафа ал-Рафи). Сунитите го нарекуваат брак од задоволство, а шиитите, брак на одредено време. Истиот извор наведува: „Децата [од таквите бракови] се законски и ги имаат истите права како и децата од траен брак“. Очигледно, овој облик на привремен брак се практикувал во времето на Мухамед, па тој го дозволил. Сунитите упорно тврдат дека подоцна бил забранет, додека имамитите, најголемата шиитска група, веруваат дека тој сѐ уште е на сила. Всушност, многумина го практикуваат, особено кога еден маж е отсутен откај својата жена на подолго време.

Исламот и секојдневниот живот

33. Кои се петте главни обврски и шесте основни верувања?

33 Исламот опфаќа пет основни обврски и шест основни верувања. (Види ги рамките на страници 296, 303.) Една од обврските е оддадениот муслиман да се врти кон Мека пет пати на ден и да се моли (салат). На муслиманскиот сабат (петок), мажите се собираат во џамијата за да се молат кога ќе го чујат упорниот повик на муезинот од минарето на џамијата. Во денешно време, многу џамии пуштаат снимен глас наместо да повикуваат во живо.

34. Што е џамија и за што служи?

34 Џамијата (на арапски: масџид) е муслиманското место на обожавање, опишано од крал Фахд Бин Абдул Азиз од Саудиска Арабија како „аголен-камен за повикувањето на Бог“. Тој ја дефинирал џамијата како „место на молитва, проучување, правни и судски активности, консултација, проповедање, водство, образование и подготовка . . . Џамијата е срцето на муслиманското општество“. Овие места на обожавање ги има по целиот свет. Една од најпознатите во историјата е Мескита (џамија) во Кордова, Шпанија, која со векови била најголемата во светот. Нејзиниот централен дел сега го зафаќа една католичка катедрала.

Конфликт со и во христијанскиот свет

35. Каква била во минатото ситуацијата помеѓу исламот и католицизмот?

35 Почнувајќи од седмиот век, исламот се проширил на запад во Северна Африка, на исток до Пакистан, Индија и Бангладеш, и на југ до Индонезија. Со тоа влегол во конфликт со воинствената Католичка црква, која ги организирала Крстоносните војни за повторно да ја одземе Светата Земја од муслиманите. Во 1492, кралицата Изабела и кралот Фернандо од Шпанија завршиле со католичкото повторно освојување на Шпанија. Муслиманите и Евреите морале или да се преобратат или да бидат протерани од Шпанија. Меѓусебната толеранција која постоела под муслиманското владеење во Шпанија подоцна исчезнала под влијанието на католичката инквизиција. Меѓутоа, исламот преживеал, и во 20 век доживеал обнова и голем пораст.

36. До каков развој на настаните дошло во Католичката црква додека исламот се ширел?

36 Додека исламот се ширел, Католичката црква доживувала внатрешни превирања, обидувајќи се да задржи единство во своите редови. Но, две моќни влијанија требало да избијат на сцената, а тие додатно го потресле монолитниот лик на таа црква. Тоа биле печатарската машина и Библијата на народен јазик. Нашето следно поглавје ќе разгледа како се расцепкувал понатаму христијанскиот свет под ова и под други влијанија.

[Фусноти]

a Зборот „Кур’ан“ (што значи „Рецитирање“) е напишан на начин кој го претпочитаат муслиманските писатели и кој ние ќе го користиме. Треба да се напомне дека арапскиот е оригиналниот јазик на Кур’анот, а на многу јазици нема универзално прифатен превод. Во цитатите, првата бројка го претставува поглавјето, односно сурата, а втората е бројот на стихот.

b Муслиманите веруваат дека Библијата содржи откровенија од Бог, но дека некои од нив подоцна биле фалсификувани.

c Името на пророкот има различен изговор (Мохамед, Мухамад, Махомет). Повеќето муслимански извори му даваат предност на Мухамад. Турските муслимани му даваат предност на Мухамед, и тоа име ќе го користиме и ние.

d Затоа муслиманските години не се означуваат со А.Д. (латински: Anno Domini, Господовата година) ниту, пак, со н.е. (наша ера), туку со А.Х. (латински: Anno Hegirae, година на бегството).

e За натамошни информации во врска со тројството и Библијата, види ја брошурата Дали треба да се верува во Тројство?, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1991.

f На тема душа и пеколен оган, спореди ги следниве библиски стихови: Битие 2:7; Езекиел 18:4, СП; Дела 3:23. Види Расправљање на темељу Писма, страници 275—282; 106—110, издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1991.

[Рамка на страница 285]

Кур’анот и Библијата

„Тој ти објавува Книга, права вистина, која ги потврдува претходните, а Тевратот и Инџилот ги објави уште порано, како патоказ на луѓето, а ги објави и останатите кои ја одделуваат вистината од невистината“ (Сура 3:3, 4).

„Скоро сите историски приказни во Кур’анот имаат свои библиски паралели . . . Адам, Ное, Авраам (спомнат околу седумдесет пати во дваесет и пет различни сури и неговото име го носи како наслов Сура 14), Исмаил, Лот, Јосиф (кому му е посветена Сура 12), Мојсеј (чие име се наоѓа во триесет и четири различни сури), Саул, Давид, Соломон, Илија, Јов и Јона (чие име го носи Сура 10). Приказната за создавањето и падот на Адам се спомнати пет пати, потопот осум и Содом осум пати. Всушност, Кур’анот покажува повеќе паралелизам со Пентатеухот отколку со кој и да е друг дел од Библијата . . .

Меѓу ликовите од Новиот завет нагласени се единствено Захарија, Јован Крстител, Исус (Иса) и Марија . . .

Едно компаративно проучување на . . . кур’анските и библиските раскази . . . не откриваат некаква вербална зависност [нема директно цитирање]“g (Историја на Арапите).

[Фуснота]

g Меѓутоа, види страница 300, пасус 30, во Сура 21:105.

[Рамка на страница 291]

Три извори на поука и водство

Светиот Кур’ан, за кој се вели дека ангелот Гавриел му го открил на Мухамед. За инспирирани се сметаат значењето на Кур’анот и зборовите на арапски .

Хадис, или сунна, „делата, изреките и премолчените одобрувања (такир) на Пророкот . . . кои својот конечен облик го добиле во вториот век [A.Х.] како пишани хадиси. Според тоа, хадис е запис на некое дело или на некоја постапка на Пророкот“. Тоа може исто така да се примени на постапките или на изреките на кој и да е од Мухамедовите „Другари или негови Наследници“. Во еден хадис само значењето се смета за инспирирано (Историја на Арапите).

Шеријат, или канонски закон, основан врз принципите на Кур’анот, го регулира целиот муслимански живот во религиозна, политичка и општествена смисла. „Сите постапки на човекот се класирани во пет правни категории: 1) она што се смета за апсолутна должност (фард) [вклучува награда за постапување или казна заради непостапување]; 2) пофални или заслужни дела (мустахаб) [вклучуваат награда, но не и казна заради пропуст]; 3) дозволени постапки (јаиз, муба), кои во правна смисла не се важни; 4) постапки кои заслужуваат прекор (макрух), кои не се одобрени, но не се казниви; 5) забранети постапки (харам), чие извршување повлекува казна“ (Историја на Арапите).

[Рамка на страница 296]

Шест основни верувања

1. Верување во еден Бог, Аллах (Сура 23:116, 117)

2. Верување во ангели (Сура 2:177)

3. Божествени книги: Тората, Евангелието, Псалмите, Свитоците на Авраам, Кур’анот

4. Верување во многу пророци, но во една порака. Адам бил првиот пророк. Меѓу другите се Авраам, Мојсеј, Исус и „последниот веровесник“, Мухамед (Сура 4:136; 33:40)

5. Последниот ден: кога сите мртви ќе бидат подигнати од нивните гробови

6. Верување во судбина, во нејзините добри и лоши страни. Ништо не се случува без Бог да го предодреди

[Рамка на страница 303]

Пет основни обврски

1. Повторување на верувањата (шахада): „Нема друг Бог освен Аллах; Мухамед е Аллахов пратеник“ (Сура 33:40)

2. Молитва (салат) кон Мека, петпати на ден (Сура 2:144)

3. Милосрдност (закат), обврска да се дава процент од приходот и од вредноста на некој посед (Сура 24:56)

4. Постење (саум), посебно за време на едномесечното славење на Рамазан (Сура 2:183—185)

5. Аџилак (хаџџ). Еднаш во животот секој муслиман мора да отпатува во Мека. Само болест и сиромаштија се оправдани причини да не оди (Сура 3:97)

[Рамка/слика на страници 304 и 305]

Бахаи вера — тежнеење по светско единство

1 Бахаи верата не е секта на исламот туку огранок на Баби верата, група во Персија (денешен Иран), кој во 1884 избил од шиитската гранка на исламот. Водачот на бабистите бил Мирза Али Мохамед од Шираз, кој за себе тврдел дека е баб („врата“) и имам-махди („правилно насочен водач“) од лозата на Мухамед. Тој бил погубен од страна на персиските власти во 1850. Во 1863, Мирза Хусеин Али Нури, угледен член на бабистичката група, „се прогласил себеси за ‚Оној кого Бог ќе го објави‘, за кого претскажувал Баб“. Тој, исто така, си го зел умето Баха Улла („Слава на Бог“) и формирал една нова религија, Бахаи верата.

2 Баха Улла бил протеран од Персија и на крајот бил затворен во Акко (денешна Акра, Израел). Таму го напишал своето главно дело, ал-Китаб ал-Акдас (Најсветата Книга), и ја развил доктрината на Бахаи верата во едно опсежно учење. По смртта на Баха Улла, водството на оваа млада религија преминало во рацете на неговиот син Абд ол-Баха, потоа на неговиот правнук Шоги Ефенди Рабани, а во 1963 на едно избрано административно тело познато како Универзален дом на правдата.

3 Бахаите веруваат дека Бог, преку „Божествени манифестации“, му се открил на човекот, вклучувајќи ги Авраам, Мојсеј, Кришна, Зороастер, Буда, Исус, Мухамед, Баб и Баха Улла. Тие веруваат дека овие гласници биле испратени за да го водат човештвото преку еден еволутивен процес во кој со појавувањето на Баб започнал еден нов век за човештвото. Бахаите велат дека до денес неговата порака претставува најпотполното откровение на Божјата волја и дека тој е главниот инструмент даден од Бог кој ќе овозможи светско единство (1. Тимотеј 2:5, 6).

4 Еден од основните прописи на бахаите е „дека сите големи религии во светот имаат божествено потекло, дека нивните основни принципи се во потполна хармонија“. Тие „се разликуваат само во неважни аспекти од своите доктрини“ (2. Коринќаните 6:14—18; 1. Јованово 5:19, 20).

5 Верувањата на бахаите вклучуваат единственост на Бог, бесмртност на душата и еволуција на човештвото (биолошка, духовна и општествена). Од друга страна, пак, тие го отфрлаат вообичаениот концепт за ангели. Исто така, го отфрлаат тројството, хиндуското учење за реинкарнација и човековиот пад од совршеност и последователната откупнина преку крвта на Исус Христос (Римјаните 5:12; Матеј 20:28).

6 Човечко братство и еднаквост на жените се главни обележја на бахаи верувањето. Бахаите практикуваат моногамија. Најмалку еднаш дневно се молат со една од трите молитви откриени преку Баха Улла. Практикуваат постење од изгрејсонце до зајдисонце во текот на 19 дена од бахаи месецот ала, кој паѓа во март. (Бахаи календарот содржи 19 месеци, секој има по 19 дена, со неколку престапни денови.)

7 Бахаи верата нема многу пропишани ритуали, ниту има свештенство. Секој кој исповеда вера во Баха Улла и ги прифаќа неговите учења може да стане член. Тие се состануваат заради обожавање секој прв ден од секој бахаи месец.

8 Бахаите сметаат за себе дека имаат мисија духовно да ја освојат планетата. Се обидуваат да ја рашират својата вера преку разговори, преку пример, учествување во општествените проекти и информативни кампањи. Веруваат во апсолутна послушност на законите на земјата во која живеат и, иако гласаат, се воздржуваат од учество во политика. Кога е можно, претпочитаат служење војска без оружје, но не одбиваат поради приговор на совеста.

9 Како мисионерска религија, бахаите имаат доживеано брз пораст во последниве неколку години. Бахаите проценуваат дека има скоро 5.000.000 верници во светот, иако вистинскиот број на возрасни верници е малку повеќе од 2.300.000.

[Прашања]

1, 2. Како настанала Бахаи верата?

3-7. а) Кои се некои од верувањата на бахаите? б) Во што се разликуваат верувањата на бахаите од оние на Библијата?

8, 9. Што е мисијата на бахаите?

[Слика]

Бахаи светилиште во светското седиште во Хаифа, Израел

[Слики на страница 286]

Муслиманската традиција вели дека Мухамед се вознел на небото од оваа карпа во Куполата на карпата, Ерусалим

[Слики на страница 289]

Муслиманските аџии во Мека кружат седум пати околу Каабата и го допираат или го бакнуваат Црниот камен, подолу лево

[Слика на страница 290]

За читање на Кур’анот треба да се знае арапски

[Слики на страница 298]

Од горе лево, во правец на стрелките на часовникот: Купола на карпата, Ерусалим; џамии во Иран, Јужна Африка и Турција

[Слики на страница 303]

Мескита во Кордова некогаш била најголемата џамија во светот (сега нејзиниот центар го зазема една католичка катедрала)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели