СТУДИЈА 35
Повторување заради нагласување
ДЕЛОТВОРНОТО поучување вклучува да се користи повторување. Кога некоја важна точка ќе се наведе повеќе од еднаш, поголема е веројатноста оние во публиката да ја запомнат. Доколку идејата се преформулира на малку поинаков начин, тоа може дури и да им помогне појасно да ја сфатат.
Доколку слушателите не запомнат што кажуваш, твоите зборови нема да влијаат врз она што тие го веруваат или врз начинот на кој живеат. Поголема е веројатноста и понатаму да размислуваат за оние точки што посебно ќе ги нагласиш.
Јехова, нашиот Величествен Поучувач, ни дава пример така, што користи повторување. Тој ѝ ги дал Десетте заповеди на нацијата Израел. Преку ангелски говорник предизвикал нацијата да ги чуе тие заповеди на гората Синај. Подоцна му ги дал на Мојсеј во пишан облик (Изл. 20:1-17; 31:18; Втор. 5:22). По упатство од Јехова, Мојсеј уште еднаш ѝ ги кажал тие заповеди на нацијата пред таа да влезе во Ветената земја, а потоа, преку светиот дух, направил запис, кој се наоѓа во Второзаконие 5:6-21. Меѓу заповедите што им биле дадени на Израелците се наоѓало и барањето да го љубат Јехова и да му служат со сето срце, душа и животна сила. И тоа било често повторувано (Втор. 6:5; 10:12; 11:13; 30:6). Зошто? Затоа што, како што рекол Исус, таа била „најголема и прва заповед“ (Мат. 22:34-38). Преку пророкот Еремија, Јехова повеќе од 20 пати го потсетил народот на Јуда колку е сериозно да му биде послушен во сѐ што Тој му заповедал (Ерем. 7:23; 11:4; 12:17; 19:15). А преку Езекиел, Бог повеќе од 60 пати кажал дека нациите ,ќе познаат дека тој е Господ [Јехова, NW]‘ (Езек. 6:10; 38:23).
Во записот за службата на Исус исто така забележуваме делотворно користење повторување. На пример, постојат четири евангелија — и секое од нив обработува важни настани, кои се запишани во едно или во повеќе евангелија, но на тие настани се гледа од малку поинаков агол. Додека и самиот поучувал, Исус обработувал иста основна поука во повеќе од една прилика, но на различни начини (Мар. 9:34-37; 10:35-45; Јован 13:2-17). А додека се наоѓал на Маслинската Гора, неколку дена пред својата смрт, Исус користел повторување за да го нагласи овој животоважен совет: „Бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (Мат. 24:42; 25:13).
Во службата на теренот. Кога им сведочиш на луѓето, се надеваш дека ќе го запомнат она што им го кажуваш. Делотворното користење повторување може да ти помогне да ја постигнеш таа цел.
Честопати, повторувањето додека се дискутира за некоја работа ќе помогне таа да се всади во нечиј ум. Според тоа, откако ќе прочиташ некој стих, би можел да го нагласиш со тоа што ќе укажеш на некој клучен дел и ќе прашаш: „Забележавте ли како е формулиран овој стих?“
Последните реченици во разговорот можат исто така делотворно да се искористат. На пример, би можел да кажеш: „Главната мисла која се надевам дека ќе ја запомните од овој разговор е . . .“ Потоа повторно наведи ја. Тоа би можело да биде нешто во стилот: „Божјата намера е Земјата да биде преобразена во рај. Таа намера сигурно ќе се оствари“. Или, можеби: „Библијата јасно покажува дека живееме во последните денови на овој систем на работи. За да го преживееме неговиот крај, треба да научиме што бара Бог од нас“. Или, можеби: „Како што видовме, Библијата нуди практични совети за тоа како да излеземе на крај со проблемите во семејниот живот“. Во некои случаи, како точка што треба да се запомни, едноставно можеш да повториш некој цитат од Библијата. Се разбира, за да го направиш тоа делотворно, потребно е претходно да размислуваш.
На повторни посети, вклучувајќи ги и библиските студии, повторувањето може да вклучува и прашања за повторување.
Кога некому му е тешко да разбере или да примени библиски совет, можеби ќе треба темата да ја спомнеш во повеќе од една прилика. Настојувај да ѝ пристапиш од различни агли. Дискусиите не мора да бидат долги, туку треба да го охрабрат студентот и понатаму да размислува за тоа. Сети се, Исус користел вакво повторување за да им помогне на своите ученици да ја совладаат желбата да бидат на прво место (Мат. 18:1-6; 20:20-28; Лука 22:24-27).
Кога држиш говори. Ако држиш говори од подиум, твојата цел не е само да презентираш информации. Сакаш публиката да ги разбере, да ги запомни и да ги примени. За да го постигнеш тоа, добро користи повторување.
Меѓутоа, ако премногу често ги повторуваш главните точки, можеш да го изгубиш вниманието од публиката. Внимателно избери ги точките што заслужуваат посебно нагласување. Тоа се обично главните точки околу кои се развива твојот говор, но може да бидат вклучени и други мисли што ќе имаат посебна вредност за публиката.
За да користиш повторување, најпрвин би можел главните точки да ги изложиш во воведот. Направи го тоа со кратки изјави, кои ќе дадат еден поширок преглед на она што ќе го обработиш, со прашања или со кратки примери во кои се изнесени проблеми што треба да се решат. Би можел да наведеш колку главни точки имаш и да ги наброиш. Потоа, развиј ја секоја од тие точки во главниот дел од говорот. Нагласувањето можеш да го засилиш во главниот дел од говорот со тоа што повторно ќе ја спомнеш секоја главна точка пред да преминеш на следната. Или, тоа можеш да го постигнеш користејќи некој пример во кој е вклучена примената на главната точка. Понатаму, главните точки можеш да ги нагласиш користејќи заклучок во кој повторно ќе ги спомнеш, ќе ги истакнеш со помош на контрасти, ќе одговориш на поставените прашања или кратко ќе ги изложиш решенијата за дадените проблеми.
Освен горенаведеното, еден искусен говорник внимателно ги набљудува поединците што ја сочинуваат неговата публика. Ако на некои од нив им е тешко да разберат извесна идеја, говорникот е свесен за тоа. Ако точката е важна, тој повторно ќе ја обработи. Меѓутоа, таа цел можеби нема да ја постигне ако ги повторува истите зборови. Поучувањето значи повеќе од тоа. Тој мора да биде приспособлив. Можеби ќе треба да вметне импровизирани додатоци во својот говор. Од тоа колку ќе научиш да се справуваш со потребите на публиката на ваков начин во голема мера ќе зависи твојата делотворност како учител.