СТУДИЈА 36
Да се развие темата
ИСКУСНИТЕ говорници знаат колку вреди да имаш тема. Кога се подготвуваат за еден говор, темата им помага да го сосредоточат вниманието на некое поконкретно поле на информации и подлабоко да размислуваат за него. Резултатот е тоа што наместо површински да допрат повеќе точки, материјалот го развиваат на начин што е покорисен за нивната публика. Кога секоја главна точка е директно поврзана со темата и помага во нејзиното развивање, на присутните им се помага да ги запомнат тие точки и да го сфатат нивното значење.
Иако може да се рече дека тебе ти е тема предметот за кој ќе зборуваш, ќе увидиш дека квалитетот на твоите говори ќе се подобри ако усвоиш мислење дека твоја тема е онаа гледна точка од која ќе го развиеш својот предмет. Царството, Библијата и воскресението се широки предмети. Од овие предмети можат да се развијат различни теми. Еве некои примери: „Царството, реална влада“, „Божјето Царство ќе ја претвори Земјата во Рај“, „Библијата е инспирирана од Бог“, „Библијата е практичен водич за нашево време“, „Воскресението им нуди надеж на ожалостените“ и „Надежта во воскресение ни помага да останеме цврсти кога се соочуваме со прогонство“. Развивањето на секоја од овие теми бара да се тргне во сосема поинаков правец.
Доследно на доминантната тема на Библијата, проповедањето што го вршел Исус Христос во текот на својата земна служба ја истакнувало темата: „Се приближи небесното царство“ (Мат. 4:17). Како била развиена таа тема? Во четирите евангелија, тоа Царство е спомнато повеќе од 110 пати. Но, Исус правел повеќе отколку само секогаш одново да го користи терминот „царство“. Со она за кое поучувал и со чудата што ги правел, Исус јасно дал до знаење дека тој што бил присутен, бил Син Божји, Месијата, оној кому Јехова ќе му го даде Царството. Исто така, Исус покажал дека преку него се отворал патот и други да добијат удел во тоа Царство. Тој ги идентификувал особините што морале да ги покажуваат оние на кои ќе им била дадена таа предност. Со своите учења и со моќните дела што ги извршил, тој дал до знаење што ќе значи Божјето Царство во животот на луѓето и истакнал дека тоа што истерувал демони со помош на Божјиот дух било доказ дека ,Божјето царство навистина ги стигнало‘ неговите слушатели (Лука 11:20). Исус им дал налог на своите следбеници да сведочат во врска со тоа Царство (Мат. 10:7; 24:14).
Користење соодветна тема. Од тебе не се бара да развиеш некоја тема до степен до кој Библијата го прави тоа, но да имаш соодветна тема е исто толку важно.
Ако ти е препуштен тебе изборот на темата, размисли најпрвин која е целта на твојата презентација. Потоа, додека ги избираш главните точки што ќе го сочинуваат твојот нацрт, погрижи се тие навистина да ја поддржуваат темата што си ја избрал.
Ако е темата веќе доделена, внимателно проанализирај што покажува таа во врска со начинот на кој треба да го развиеш материјалот. Можеби ќе бидат потребни напори за да ги сфатиш вредноста и потенцијалот на една таква тема. Ако треба ти да го избереш материјалот со кој ќе ја развиеш доделената тема, направи грижлив избор за да може темата да остане во фокусот. Од друга страна, пак, ако е даден материјал, сепак треба да проанализираш како да го употребиш во согласност со темата. Треба да размислиш и зошто материјалот е важен за публиката и каква треба да биде твојата цел при неговото изнесување. Ова ќе ти помогне да одлучиш што да нагласиш при изнесувањето.
Како да се нагласи темата. За да можеш правилно да ја нагласиш темата, темелот мораш да го положиш при изборот и организирањето на материјалот. Ако го користиш само она што ја поддржува твојата тема и ако ги следиш начелата што важат за подготвување добар нацрт, речиси автоматски ќе ја нагласиш темата.
Темата може да се засили со повторување. Во класичната музика, тема е мелодијата што се повторува доволно често за да може по неа да се препознае целата композиција. Мелодијата не се појавува секогаш одново во истиот облик. Понекогаш се појавуваат само една или две фрази, повремено се користат варијации на темата, но на еден или на друг начин композиторот вешто ја проткајува својата мелодија во композицијата сѐ додека таа не ја проникне целината. Истото треба да биде и со темата на еден говор. Повторувањето на клучните зборови од темата е како повторливата мелодија од една музичка композиција. Синонимите на тие зборови или поинаквото изразување на темата служат како варијација на темата. Користењето такви средства ќе предизвика темата да биде главната мисла што публиката ќе ја понесе.
Овие начела не важат само за говорите од подиум туку и за дискусиите во службата на теренот. Еден релативно краток разговор станува уште понезаборавен ако се истакнува една тема. Некој побрзо ќе се сети на поуката што се дава на библиска студија ако е нагласена некоја тема. Напорите што ги вложуваш во изборот и развивањето на пригодни теми во голема мера ќе ја зголемат твојата делотворност како говорник и како учител на Божјата реч.