СТУДИЈА 51
Точно времетраење, правилно распределено
ИАКО нагласувањето треба првенствено да го ставиш на квалитетот на своето поучување, времетраењето во твоите говори исто така заслужува внимание. Нашите состаноци се испланирани да почнат и да завршат во конкретно одредено време. За да се постигне ова, потребна е соработка од страна на сите учесници во програмата.
Во библиски времиња, гледиштето на луѓето кон животот се разликувало од гледиштето на многу места денес. Времето се изразувало со приближни термини како, на пример, „околу третиот час“ или „околу десеттиот час“ (Мат. 20:3-6; Јован 1:39). Ретко имало причина за загриженост околу точното време за секојдневните активности. Во некои делови на светот денес, постои слично гледиште за времето.
Меѓутоа, иако поради локалниот обичај или затоа што лично така сакаат, луѓето можеби се малку поопуштени во врска со времето, ние можеме да извлечеме корист ако научиме да му обрнуваме соодветно внимание. Кога во програмата имаат точки неколку учесници, треба да се земе предвид колку време е доделено за секоја точка. Начелото „сѐ нека се случува пристојно и уредно“ може добро да се примени на времетраењето доделено за нашите задачи на состанокот (1. Кор. 14:40).
Да се постигне исправно времетраење. Клучот лежи во подготовката. Обично, говорниците што имаат проблем со времето не се подготвуваат доволно. Можеби се премногу самоуверени. Или, можеби едноставно ја одложуваат подготовката до последна минута. Успехот во рамките на дозволеното време почнува со твоето ценење за задачата и со спремноста добро да се подготвиш.
Дали твојата задача е читање? Најпрвин, разгледај ги Студиите 4 до 7, кои вклучуваат течност, паузирање, смисловен акцент и нагласување на главните идеи. Потоа, примени го тој совет додека го читаш наглас материјалот што ти е доделен. Измери го времето. Дали треба да читаш побрзо за да завршиш во предвиденото време? Забрзај го темпото кај помалку важните делови, но и понатаму користи паузирање и побавно темпо за да ги нагласиш важните идеи. Вежбај така неколкупати. Како што ќе се подобрува твојата течност така ќе ти биде полесно да го регулираш времетраењето.
Дали ќе зборуваш од белешки? За да постигнеш исправно времетраење, белешките не треба да ти бидат многу опширни — скоро како манускрипт. Кога си работел на Студија 25, си научил еден подобар начин. Имај ги на ум овие пет точки: 1) Подготви добар материјал, но не премногу. 2) Јасно имај ги на ум главните идеи, но немој да учиш напамет цели реченици. 3) Означи си во нацртот колку време планираш да употребиш за секој дел од говорот или колку време треба да истече кога ќе дојдеш до извесни точки. 4) Кога се подготвуваш, размисли кои детали би можел да ги испуштиш ако го пречекориш времето. 5) Вежбај го своето изнесување.
Вежбањето е важно. Додека вежбаш, внимавај на времетраењето за секој дел од говорот. Помини го говорот неколкупати сѐ додека целиот говор не го собереш во доделеното време. Не обидувај се да набиеш премногу материјал. Дозволи си малку луфт, бидејќи изнесувањето на говорот пред публика може да трае малку подолго отколку кога го вежбаш насамо.
Распореди ги деловите. Исправното времетраење е тесно поврзано со правилното распоредување на деловите на еден говор. Поголемиот дел од времето треба да го поминеш во изнесување на главниот дел. Таму се наоѓаат главните поуки. Воведот треба да биде толку долг колку што ти е потребно за да ги постигнеш трите цели за кои беше дискутирано во Студија 38. Главниот дел не треба да биде премногу долг, па да немаш доволно време за делотворен заклучок, во согласност со Студија 39.
Твоите напори да постигнеш исправно времетраење ќе резултираат во подобар говор и ќе покажат почит кон другите што имаат учество во програмата, како и кон целото собрание.