Цврсто поддржувај го побожното учење
„Надевај се на [имај доверба во, NW] Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“ (ИЗРЕКИ 3:5, 6).
1. На кој начин сме изложени на човечкото знаење како никогаш порано?
МОМЕНТАЛНО ширум светот во оптек се околу 9.000 дневни весници. Секоја година само во Соединетите Држави се издаваат 200.000 нови книги. Според една проценка, до март 1998, на Интернет имало околу 275 милиони Веб-страници. Се вели дека овој број расте со стапка од 20 милиони страници месечно. Како никогаш порано, луѓето имаат пристап до информации речиси на секоја тема. Иако ваквата ситуација си има свои позитивни аспекти, тоа преголемо изобилство информации предизвикува проблеми.
2. Кои проблеми можат да произлезат од пристапот до преголемото изобилство информации?
2 Некои поединци станале зависници од информации, секогаш потхранувајќи една незаситна желба да бидат во тек додека истовремено занемаруваат поважни работи. Други, пак, се здобиваат со делумни информации за сложени полиња на знаење и потоа самите се сметаат за експерти. Само на темел на едно ограничено разбирање, тие можеби донесуваат пресудни одлуки кои можат да им нанесат штета ним или на другите. И секогаш е присутна опасноста од изложување на лажни или неточни информации. Честопати не постои доверлив начин да се потврди дали поплавата од информации е точна и урамнотежена.
3. Кои предупредувања во врска со стремежот по човечка мудрост се наоѓаат во Библијата?
3 Љубопитноста долго време била човечка особина. Опасностите да се троши премногу време на стремежот по бескорисни па дури и штетни информации биле препознати уште во времето на цар Соломон. Тој рекол: „Пази се и од ова: да пишуваш многу книги — тоа нема крај, а да читаш многу — и тоа е заморно за телото“ (Проповедник 12:12). Со векови подоцна, апостол Павле му напишал на Тимотеј: „Чувај го она што ти е оставено на доверба, и отстранувај се од празни разговори кои го сквернават она што е свето, и од противречјата кои лажно ги нарекуваат ‚спознание‘. Поради расфрлувањето со таквото спознание некои отстапија од верата“ (1. Тимотеј 6:20, 21, NW). Да, христијаните денес треба да избегнуваат непотребно да се изложуваат на штетни идеи.
4. Кој е еден начин на кој можеме да ја покажеме нашата доверба во Јехова и во неговите учења?
4 Јеховиниот народ ќе прави добро и ако внимава на зборовите од Изреки 3:5, 6: „Надевај се на [имај доверба во, NW] Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“. Довербата во Јехова вклучува да се отфрли секоја идеја која е во судир со Божјата реч, било да потекнува од сопственото или од расудувањето на нашиот ближен. За да ја заштитиме својата духовност, животоважно е да ја обучуваме својата моќ на согледување за да можеме да ги препознаеме штетните информации и да ги одбегнуваме (Евреите 5:14, NW). Да подискутираме за некои извори на такви информации.
Свет совладан од Сатана
5. Кој е еден извор на штетни идеи, и кој стои зад него?
5 Световниот систем е богат извор на штетни идеи (1. Коринтјаните 3:19). Во врска со своите ученици, Исус Христос го молел Бог: „Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото [злобниот, NW]“ (Јован 17:15). Барајќи неговите ученици да бидат заштитени од „злобниот“ Исус го признава влијанието кое го има Сатана во светот. Тоа што сме христијани не нѐ штити автоматски од лошите влијанија на овој свет. Јован напишал: „Знаеме дека потекнуваме од Бога, а целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, NW). Особено во текот на овој финален дел од последните денови, треба да се очекува Сатана и неговите демони да го преплавуваат светот со штетни информации.
6. Како може светот на забавата да предизвика да се стане неосетлив во морален поглед?
6 Исто така, треба да се очекува дека некои од овие штетни информации можеби ќе изгледаат безопасни (2. Коринтјаните 11:14). Размисли, на пример, за светот на забавата со неговите ТВ-шоуа, филмови, музика и печатената страница. Мнозина се сложуваат дека во сѐ повеќе случаи, некои облици на забава унапредуваат понижувачки практики, како што се неморал, насилство и злоупотреба на дрога. Кога првпат е изложена на облик на забава која е спуштена на дотогаш најниско ниво, публиката можеби е шокирана. Но, кога честопати е изложена на неа, тоа предизвикува да изгуби осет. Никогаш не треба да ја сметаме за прифатлива или безопасна забавата која унапредува штетни идеи (Псалм 118:37).
7. Кој вид човечка мудрост може да ја нагризе нашата доверба во Библијата?
7 Размисли и за еден друг извор на потенцијално штетни информации — поплавата од идеи објавени од некои научници и изучувачи кои ја оспоруваат автентичноста на Библијата. (Спореди Јаков 3:15.) Таквиот материјал честопати се појавува во познати списанија и популарни книги, и може да ја нагризе довербата во Библијата. Некои поединци се гордеат на тоа што го ослабнуваат авторитетот на Божјата реч со бескрајни шпекулации. Слична опасност постоела во деновите на апостолите, како што се гледа од зборовите на апостол Павле: „Пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа“ (Колосјаните 2:8).
Непријатели на вистината
8, 9. Како се покажува отпадот денес?
8 Уште една закана за нашата духовност можат да претставуваат отпадниците. Апостол Павле претскажал дека меѓу оние кои се исповедуваат како христијани ќе се јави отпад (Дела 20:29, 30; 2. Солунјаните 2:3). Во исполнување на неговите зборови, големиот отпад кој настанал после смртта на апостолите водел до развој на христијанскиот свет. Денес меѓу Божјиот народ нема голем отпад. Сепак, извесни поединци ги напуштиле нашите редови, а некои од нив се одлучни да ги оцрнуваат Јеховините сведоци ширејќи лаги и дезинформации. Некои од нив соработуваат со други групи во организиран отпор на чистото обожавање. Со тоа се здружуваат со првиот од сите отпадници, Сатана.
9 Некои отпадници сѐ повеќе користат различни облици на средствата за јавна комуникација, вклучувајќи го и Интернет, за да шират лажни информации за Јеховините сведоци. Како последица од тоа, кога некои искрени поединци ги истражуваат нашите верувања, можеби случајно наидуваат на отпадничката пропаганда. Дури и некои Сведоци несвесно се изложиле на овој штетен материјал. Освен тоа, отпадниците повремено имаат удел во телевизиските или радио програми. Кој е мудриот совет што треба да го следиме во врска со ова?
10. Кој е мудриот начин да се реагира на пропагандата на отпадниците?
10 Апостол Јован ги советувал христијаните да не примаат отпадници во своите домови. Тој напишал: „Кој доаѓа при вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го; зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела“ (2. Јованово 10, 11). Избегнувањето на секаков контакт со овие противници ќе нѐ заштити од нивното расипано размислување. Нашето изложување на отпаднички учења преку различните средства за современа комуникација е исто толку штетно како да го примаме самиот отпадник кај нас дома. Никогаш не треба да дозволиме љубопитноста да нѐ намами во таков катастрофален правец! (Изреки 22:3).
Во собранието
11, 12. а) Што било извор на штетни идеи во собранието од првиот век? б) Како некои христијани пропуштиле да бидат цврсти во поддржувањето на побожните учења?
11 Разгледај уште еден можен извор на штетни идеи. Иако нема намера да поучува лаги, еден предаден христијанин може да развие навика да зборува непромислено (Изреки 12:18). Поради својата несовршена природа, сите ние понекогаш ќе згрешиме со јазикот (Изреки 10:19; Јаков 3:8). Очигледно, во времето на апостол Павле во собранието имало некои кои не си го контролирале јазикот и се впуштале во ситничарски расправии околу зборови (1. Тимотеј 2:8, NW). Имало и такви кои премногу го ценеле своето мислење па отишле дури дотаму што го оспорувале авторитетот на Павле (2. Коринтјаните 10:10—12). Од таквиот дух произлегле непотребни конфликти.
12 Понекогаш ваквите неслоги ескалирале до „жолчни препирки околу ситници“ (NW) што го нарушило мирот во собранието (1. Тимотеј 6:5, NW; Галатјаните 5:15). За оние кои предизвикувале такви расправии, Павле напишал: „Кој поучува инаку и не врви по здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за благочесноста, тој е помрачен од гордоста, не знае ништо и е болен од празни препирки и запрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, лошите мисли“ (1. Тимотеј 6:3, 4).
13. Какво било однесувањето на повеќето христијани во првиот век?
13 За среќа, во времето на апостолите мнозинството од христијаните биле верни и останале сосредоточени на делото на објавување на добрата вест за Божјето Царство. Тие биле зафатени во грижата за ‚сираците и вдовиците во нивните маки‘ и се чувале ‚неосквернети од светот‘, не трошејќи си го времето на јалови расправии околу зборови (Јаков 1:27). За да ја сочуваат својата духовност избегнувале ‚лоши друштва‘, дури и во христијанското собрание (1. Коринтјаните 15:33; 2. Тимотеј 2:20, 21).
14. Како нормалната размена на мисли може да се изврти во штетни расправии ако не сме внимателни?
14 На сличен начин, ситуациите опишани во пасус 11 не се типични за собранијата на Јеховините сведоци денес. Сепак, добро е да признаеме дека постои можност за такви јалови расправии. Секако, нормално е да дискутираме за библиските извештаи или да се прашуваме за некои аспекти од ветениот нов свет кои сѐ уште не се откриени. И нема ништо погрешно во разменувањето мисли за лични работи, како што е облекувањето и дотерувањето или изборот на забава. Меѓутоа, ако станеме догматични во врска со нашите идеи и се навредуваме кога другите не се сложуваат со нас, собранието може да се подели заради ситни спорни прашања. Она што почнува како безначаен говор кој не е штетен може да стане навистина штетно.
Да го чуваме довереното
15. До која мера ‚ѓаволските учења‘ можат да ни нанесат штета во духовен поглед, и кој совет ни го нуди Писмото?
15 Апостол Павле предупредува: „Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења“ (1. Тимотеј 4:1). Да, штетните идеи претставуваат вистинска закана. Разбирливо е што Павле го преколнувал својот драг пријател Тимотеј: „О Тимотее, чувај го она што ти е оставено на доверба, и отстранувај се од празни разговори кои го сквернават она што е свето, и од противречјата кои лажно ги нарекуваат ‚спознание‘. Поради расфрлувањето со таквото спознание некои отстапија од верата“ (1. Тимотеј 6:20, 21, NW).
16, 17. Што ни доверил Бог, и како треба да го чуваме?
16 Како можеме денес да извлечеме корист од ова љубезно предупредување? На Тимотеј му била доверена една работа — да се грижи за нешто вредно и да го заштитува. Што било тоа? Павле објаснува: „Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христа Исуса! Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас!“ (2. Тимотеј 1:13, 14). Да, довербата на Тимотеј вклучувала ‚здрави зборови‘, „учењето кое е во склад со побожната оддаденост“ (1. Тимотеј 6:3, NW). Во склад со овие зборови, денешните христијани се одлучни да ја заштитат својата вера и целокупната вистина која им е доверена.
17 Чувањето на довереното вклучува да се негуваат работи како што се добрите навики за проучување на Библијата и истрајност во молитва, додека им правиме „добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10; Римјаните 12:11—17). Понатаму Павле опоменува: „Стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кротост! Бори се во добриот подвиг на верата; држи се [цврсто, NW] за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед пред многу сведоци“ (1. Тимотеј 6:11, 12). Тоа што Павле користи фрази како што се „бори се во добриот подвиг на верата“ и ‚држи се цврсто‘ разјаснува дека мораме активно и одлучно да се спротивставиме на духовно штетните влијанија.
Потреба од проникливост
18. Како можеме да покажеме христијанска урамнотеженост во нашиот пристап кон световните информации?
18 Секако, во борбата за добриот подвиг на верата е потребна проникливост (Изреки 2:11; Филипјаните 1:9, обата NW). На пример, би било неразумно да не ѝ веруваме на ниедна световна информација (Филипјаните 4:5; Јаков 3:17, обата NW). Сите човечки идеи не се во конфликт со Божјата реч. Исус алудирал на потребата болните да се обратат кај квалификуван лекар — а тоа е световна професија (Лука 5:31). И покрај релативно примитивната природа на медицинското лекување во времето на Исус, тој признал дека може да се извлече корист од лекарската помош. Христијаните денес покажуваат урамнотеженост во однос на световните информации, но се спротивставуваат на тоа да бидат изложени на која и да било информација што би можела да биде штетна за нив во духовен поглед.
19, 20. а) Како старешините постапуваат со проникливост кога им помагаат на оние кои зборуваат немудро? б) Како се справува собранието со оние кои продолжуваат да унапредуваат лажни учења?
19 Проникливоста е животоважна и за старешините кога се повикани да им помогнат на оние кои зборуваат немудро (2. Тимотеј 2:7, NW). Понекогаш членовите на собранието може да се фатат во расправии за ситници и во шпекулативни расправи. За да го заштитат единството на собранието, старешините треба брзо да се зафатат со тие проблеми. Истовремено, избегнуваат да им припишуваат погрешни мотиви на своите браќа и не избрзуваат да гледаат на нив како на отпадници.
20 Павле опишал во каков дух треба да се даде помош. Тој рекол: „Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таквиот со духот на кротоста“ (Галатјаните 6:1). Говорејќи конкретно за христијаните кои се борат со сомненија, Јуда напишал: „И понатаму покажувајте милост спрема некои кои имаат сомневања; спасувајте ги истргнувајќи ги од огнот“ (Јуда 22, 23, NW). Секако, ако после честите опомени некој продолжи да унапредува лажни учења, старешините треба да преземат решителна акција за да го заштитат собранието (1. Тимотеј 1:20; Тит 3:10, 11).
Да го полниме умот со работи кои се вредни за фалба
21, 22. Во врска со што треба да бидеме избирливи, и со што треба да го полниме умот?
21 Христијанското собрание одбегнува зборови кои се „шират како гангрена“ (2. Тимотеј 2:16, 17, NW; Тит 3:9). Ова е случај сеедно дали таквите зборови одразуваат измамлива световна „мудрост“, пропаганда на отпадници или непромислен говор во собранието. Иако здравата желба да се научат нови работи може да биде корисна, неконтролираната љубопитност може да нѐ изложи на штетни идеи. Ние не сме во незнаење за намерите на Сатана (2. Коринтјаните 2:11, NW). Знаеме дека тој вложува големи напори да нѐ одврати со цел да нѐ успори во службата на Бог.
22 Како добри слуги, цврсто да го поддржуваме побожното учење (1. Тимотеј 4:6). Мудро да го користиме своето време така што ќе бидеме избирливи во врска со информациите кои ќе одлучиме да ги примиме. Тогаш нема лесно да нѐ поколеба пропагандата инспирирана од Сатана. Да, и понатаму да размислуваме за ‚она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, за она што е добродетел, што е [вредно, NW] за пофалба‘. Ако ги полниме умот и срцето со такви работи, Богот на мирот ќе биде со нас (Филипјаните 4:8, 9).
Што научивме?
• Како може световната мудрост да претставува закана за нашата духовност?
• Што можеме да правиме за да се заштитиме од штетните информации на отпадниците?
• Каков говор треба да се избегнува во собранието?
• Како покажуваме христијанска урамнотеженост кога се справуваме со денешното преголемо изобилство информации?
[Слика на страница 9]
Многу популарни списанија и книги се во судир со нашите христијански морални начела
[Слика на страница 10]
Христијаните можат да разменуваат мисли без да стануваат догматични