Евзебиј — „таткото на црковната историја“?
ВО 325 година н.е., римскиот император Константин ги собрал сите бискупи во Никеја. Целта: да се реши многу дискутираното прашање за односот помеѓу Бог и неговиот Син. Меѓу присутните бил и човекот што бил сметан за најучен човек во негово време, Евзебиј од Цезареја. Евзебиј марливо го проучувал Писмото и бил бранител на христијанскиот монотеизам.
На концилот во Никеја, „самиот Константин претседавал“, раскажува Encyclopædia Britannica, „активно водејќи ги дискусиите, и лично ја предложил . . . пресудната формула што го изразува односот на Христос кон Бог во верувањето издадено од концилот, ‚едно битие со Таткото‘ . . . Преплашени од императорот, сите бискупи, освен двајца, го потпишале верувањето, многумина од нив и против своите уверувања“. Дали Евзебиј бил еден од тие двајца што не потпишале? Каква лекција можеме ние да научиме од ставот што тој го зазел? Да ја разгледаме заднината на Евзебиј — неговите квалификации и неговите постигнувања.
Неговите значајни дела
Евзебиј веројатно бил роден во Палестина, околу 260 н.е. На рана возраст, се поврзал со Памфилиј, надгледник на црквата во Цезареја. Приклучувајќи се на теолошката школа на Памфилиј, Евзебиј станал ревносен ученик. Темелно копал по богатата библиотека на Памфилиј. Евзебиј се посветил на проучувањето, особено на проучувањето на Библијата. Исто така му станал лојален пријател на Памфилиј, подоцна нарекувајќи се себеси „Евзебиј на Памфилиј“.
Во врска со своите стремежи, Евзебиј рекол: „Мојата цел е да напишам извештај за наследниците на светите Апостоли како и за времето што поминало од времето на нашиот Спасител па до нашево; да раскажам како се случиле многу и некои важни настани за кои се вели дека се одиграле во историјата на црквата; и да ги спомнам оние што управувале и претседавале со црквата во најистакнатите парохии и оние што во секоја генерација ја објавувале Божјата реч било усно било во пишана форма“.
Евзебиј е запамтен по неговото многу ценето дело со наслов History of the Christian Church (Историја на христијанската црква). Неговите десет тома, издадени околу 324 н.е., се сметаат за најважната црковна историја што датира од древни времиња. Како резултат на ова достигнување, Евзебиј станал познат како татко на црковната историја.
Освен Историја на црквата, Евзебиј ја напишал и Chronicle (Хроника) во два тома. Привиот том бил резиме на светската историја. Во четврти век, тој станал стандарден текст за советување во врска со светската хронологија. Во вториот том навел датуми на историски настани. Користејќи паралелни колони, Евзебиј покажал како се менувале кралските наследници на различни нации.
Евзебиј напишал и други две историски дела со наслов Martyrs of Palestine (Мачениците од Палестина) и Life of Constantine (Животот на Константин). Првото ги опфаќа годините од 303 до 310 н.е. и дискутира за мачениците од тој период. Евзебиј веројатно бил сведок на тие настани. Другото дело, издадено како комплет од четири книги по смртта на императорот Константин во 337 н.е., содржело вредни историски детали. Наместо точна историја, тоа е претежно говор во нечија слава.
Меѓу делата на Евзебиј напишани во одбрана на верата спаѓа и едно упатено како одговор до Хиерокле — тогашен римски управител. Кога Хиерокле напишал нешто против христијаните, Евзебиј одговорил во одбрана. Освен тоа, како поддршка на божественото авторство на Писмото напишал 35 книги, што се сметаат за најважното и најдеталното дело од тој вид. Со првите 15 настојува да го оправда тоа што христијаните ги прифаќаат светите списи на Евреите. Во другите 20 дава доказ дека христијаните се во право што одат подалеку од еврејските прописи и што прифаќаат нови начела и практики. Заедно, овие книги претставуваат опсежна одбрана на христијанството онакво какво што Евзебиј го сфатил.
Евзебиј живеел околу 80 години (о.260—о.340), станувајќи еден од најплодните писатели од древни времиња. Неговите дела опфаќаат настани од првите три века до времето на императорот Константин. Во подоцнежниот дел од својот живот, заедно со пишувањето служел и како бискуп од Цезареја. Иако најмногу е познат како историчар, Евзебиј бил и апологет, топограф, проповедник, критичар и толковен писател.
Неговиот двоен мотив
Зошто Евзебиј презел вакви огромни проекти невидени дотогаш? Одговорот лежи во тоа што верувал дека живее во време на премин во ново доба. Сметал дека во минатите генерации се одиграле големи настани и дека е потребен пишан извештај за идните поколенија.
Евзебиј имал и една друга причина — бил апологет. Тој верувал дека христијанството има божествено потекло. Но, некои се спротивставувале на таа идеја. Евзебиј напишал: „Мојата цел е, исто така, да ги дадам имињата, бројот и времињата на оние што поради љубовта за нови работи, завлегле во најголеми грешки, и нарекувајќи се себеси пронаоѓачи на знаење, лажно наречени така, како бесни волци немилосрдно го пустошеле стадото на Христоса“.
Дали Евзебиј се сметал себеси за христијанин? Изгледа се сметал, зашто се осврнал на Христос како на „нашиот Спасител“. Тој рекол: „Мојата намера е . . . да ги прераскажам неволјите што веднаш ја погодиле целата еврејска нација како последица на нејзините заговори против нашиот Спасител, да ги запишам начините и времињата во кои Божјата реч била напаѓана од не-Евреите и да го опишам карактерот на оние што во различни периоди се бореле за неа и покрај крвопролевањата и мачењето, како и за јавното исповедање на вера во нашево време, и за милосрдната и љубезна помош што нашиот Спасител им ја дал на сите ним“.
Неговите опсежни истражувања
Бројот на книгите што Евзебиј лично ги прочитал и на кои се осврнал е огромен. И само од записите на Евзебиј дознаваме за многу истакнати поединци од првите три века од нашата ера. Единствено во неговите записи се појавуваат корисни извештаи што фрлаат светлина на важни движења. Тие се од извори на знаење што повеќе не се достапни.
Евзебиј бил марлив и темелен во собирањето материјал. Изгледа внимателно настојувал да направи разлика меѓу веродостојни и неверодостојни извештаи. Сепак, неговите дела не се без маана. Одвреме навреме погрешно ги проценува и погрешно ги сфаќа луѓето и нивните постапки. Понекогаш не е точен и во хронологијата. На Евзебиј, исто така, му недостигала и артистичка вештина во изнесувањето на материјалот. Меѓутоа, и покрај очигледните недостатоци, неговите бројни дела се сметаат за бесценето богатство.
Љубител на вистината?
Евзебиј бил загрижен за нерешеното прашање за тоа каква е врската помеѓу Таткото и Синот. Дали Таткото постоел пред Синот, како што верувал Евзебиј? Или, пак, Таткото и Синот постоеле истовремено? „Ако постоеле истовремено“, прашал тој, „како ќе биде Таткото Татко, а Синот Син?“ Тој дури го поткрепил своето верување со библиски стихови, цитирајќи ги Јован 14:28, во кој се вели дека ‚Таткото е поголем од Исус‘, и Јован 17:3 каде што на Исус се укажува како на оној што е ‚испратен‘ од единствениот вистински Бог. Укажувајќи на Колошаните 1:15 и Јован 1:1, Евзебиј аргументирал дека Логос, или Речта, е „сликата на невидливиот Бог“ — Божјиот Син.
Меѓутоа, зачудува тоа што на крајот на концилот во Никеја, Евзебиј ја дал својата поддршка на спротивното гледиште. Спротивно на својот библиски став дека Бог и Христос не се еднакви во однос на тоа колку долго постојат, се согласил со императорот.
Лекција што треба да се научи
Зошто Евзебиј попуштил на концилот во Никеја и поддржал една небиблиска доктрина? Дали имал политички цели на ум? Зошто воопшто присуствувал на концилот? Иако сите бискупи биле повикани, само еден мал дел — 300 — навистина дошле. Дали Евзебиј можеби бил загрижен за тоа да го зачува својот социјален статус? И зошто императорот Константин го ценел толку многу? На концилот, Евзебиј седел од десната страна на императорот.
Очигледно, Евзебиј го игнорирал барањето на Исус Неговите следбеници да „не се дел од светот“ (Јован 17:16; 18:36). „Прељубници, зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог?“, прашал ученикот Јаков (Јаков 4:4). И колку е само соодветна опомената на Павле: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринќаните 6:14). Да останеме одделени од светот додека ‚го обожаваме [Таткото] со дух и со вистина‘ (Јован 4:24).
[Слика на страница 31]
Фреска на која е прикажан концилот во Никеја
[Извор на слика]
Scala/Art Resource, NY
[Извор на слика на страница 29]
Со љубезна дозвола на Special Collections Library, University of Michigan