ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w12 15/3 стр. 7-9
  • Како даваш совети?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како даваш совети?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Сличен материјал
  • Што ќе ни помогне да извлечеме корист од добрите совети?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Како да даваме добри совети
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Како се истражува
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Нова алатка за истражување
    Нашата служба за Царството 2014
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
w12 15/3 стр. 7-9

Како даваш совети?

Дали некогаш некој побарал совет од тебе? Можеби ти поставил некое од следниве прашања: ‚Што да правам? Дали да одам на таа забава? Дали да ја прифатам таа работа? Дали да започнам врска со тој брат (или сестра)?‘

Некој би можел искрено да те праша за совет кога треба да донесе некаква одлука — одлука што може да влијае врз неговиот однос со пријателите, со семејството, па дури и со Јехова. На што ќе го темелиш својот одговор? Како обично им даваш совети на другите? Без разлика дали прашањето кое ти го поставиле ти изгледа важно или не, имај на ум дека во Изреки 15:28 се вели: „Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“. Да видиме како следниве пет библиски начела можат да ни помогнат кога треба да дадеме совет.

1. Потруди се да стекнеш целосна слика.

„Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (ИЗР. 18:13)

За да дадеме добар совет, мора да знаеме во каква ситуација се наоѓа оној што ни се обраќа и зошто бара помош од нас. Да речеме дека некој ти се јавува да те праша како да стигне до твојата куќа. Што треба да знаеш за да му дадеш точни упатства? Можеш ли да му кажеш по кој пат да тргне ако не знаеш каде се наоѓа во моментот? Се разбира дека не. На сличен начин, за некому да му дадеш добар совет, треба да знаеш каква е неговата моментална ситуација и од која причина бара помош од тебе. Има ли некои фактори за кои не си свесен, а кои би можеле да влијаат врз твојот одговор? Ако немаме целосна слика за ситуацијата, можеби ќе му дадеме совет кој уште повеќе ќе го збуни (Лука 6:39).

Обиди се да дознаеш колку истражувал за таа работа. Добро е да му поставиме некое од следниве прашања: „Што мислиш, кои библиски начела можат да ти помогнат?“ „Кои се добрите и лошите страни на одлуките што би можел да ги донесеш?“ „Дали истражуваше нешто за оваа работа?“ „Дали веќе побара совет од некој друг, на пример, од старешините, од родителите или, пак, од оној што ја проучува Библијата со тебе? Што ти кажаа?“

Од неговите зборови може да откриеме колку самиот се потрудил да го најде одговорот на своето прашање. Освен тоа, ќе можеме да го земеме предвид и она што веќе му го кажале другите. Ова може исто така да ни помогне да сфатиме дали на тоа лице навистина му е потребен совет од нас или, пак, само бара некој кој ќе му го каже она што сака да го чуе (2. Тим. 4:3).

2. Не избрзувај со советот.

„Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување“ (ЈАК. 1:19)

Можеби понекогаш добронамерно ќе избрзаме да дадеме некој совет. Но, обично не е мудро да постапиме така, особено ако станува збор за нешто што не сме го истражиле темелно. Во Изреки 29:20 се вели: „Дали си видел човек брз на зборови? Повеќе надеж има за безумникот отколку за него“.

Погрижи се твојот одговор да се темели на мудроста од Божјата Реч. Прашај се: ‚Дали врз мене можеби влијае размислувањето и „духот на светот“?‘ (1. Кор. 2:12, 13). Понекогаш не е доволно само да имаш добри намери. Кога Исус рекол дека мора да страда и да умре, апостол Петар го советувал: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ Што учиме од ова? Учиме дека, ако не внимава, дури и некој што е искрен може да даде совет кој се темели ‚на човечки, а не на Божји мисли‘ (Мат. 16:21-23). Пофално е што сакаме да помогнеме, но не смееме да заборавиме дека Божјата мудрост е многу поголема од нашето лично искуство. Затоа, важно е добро да размислиме пред да кажеме нешто (Јов 38:1-4; Изр. 11:2).

3. Понизно примени ја Божјата Реч.

„Ништо не правам сам од себе, туку зборувам така како што ме научи Таткото“ (ЈОВАН 8:28)

Имаш ли обичај да кажеш: „Да бев на твое место, јас ќе...“? Дури и да ти се чини дека можеш лесно да одговориш на нечие прашање, добро е да бидеш понизен и скромен како Исус. Иако имал многу поголема мудрост и искуство од кој и да било човек, тој рекол: „Јас не зборував сам од себе, туку самиот Татко... ми даде заповед што да кажам и што да зборувам“ (Јован 12:49, 50). Поуките и советите што ги давал Исус секогаш биле во склад со волјата на неговиот Татко.

На пример, во Лука 22:49 читаме дека учениците го прашале Исус дали да се борат за да го одбранат кога непријателите сакале да го уапсат. Еден од апостолите извадил меч. Забележи дека, според паралелниот извештај во Матеј 26:52-54, дури и во такви околности, Исус се потрудил да му помогне на тој апостол да разбере која е Јеховината волја. Бидејќи му било познато начелото од 1. Мојсеева 9:6, како и пророштвата од Псалм 22 и Исаија 53, Исус можел да им даде мудар совет што се покажал животоспасувачки и му бил угоден на Јехова.

4. Користи ги библиските публикации.

„Кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време?“ (МАТ. 24:45)

Исус поставил верен и разборит роб кој ни ја обезбедува потребната духовна храна. Пред да дадеш совет во врска со некоја важна работа, дали одвојуваш време темелно да истражиш во библиските публикации?

Со помош на Индексот и Библиотеката со публикации на Јеховините сведоциa лесно може да најдеме многу информации. Би било штета да не црпиме од таа ризница! Во Индексот и Библиотеката се наведени илјадници поими кои посочуваат на многу статии во кои можат да се најдат проверени совети. Дали можеш да ги поучиш другите како да ги користат овие помошни средства за истражување за да ги пронајдат библиските начела кои ќе им помогнат да донесат добра одлука? Исто како што некој може со помош на мапа да одлучи по кој пат да оди за да стигне до својата цел, така и овие публикации можат да ни помогнат да донесеме одлуки кои ќе ни овозможат да останеме на патот што води во живот.

Многу старешини им покажале на своите браќа и сестри како да ги користат Индексот или Библиотеката, и така им помогнале да ги земат предвид библиските начела кога донесуваат одлуки. На тој начин, објавителите можат да стекнат навика да истражуваат и да ги применуваат советите што ги добиваме преку Јеховината организација, и тоа не само кога решаваат некои проблеми туку и во секојдневниот живот. Така ‚ја вежбаат својата моќ за согледување за да разликуваат добро и зло‘ (Евр. 5:14).

5. Не донесувај одлуки наместо другите.

„Секој ќе го носи својот товар“ (ГАЛ. 6:5).

На крајот, секој треба сам да одлучи кој совет ќе го послуша. Јехова ни дал слобода самите да избереме дали ќе се држиме за неговите начела или не (5. Мој. 30:19, 20). Во некои случаи треба да се земат предвид повеќе библиски начела. Како и да е, крајната одлука мора да ја донесе секој лично. Во зависност од возраста на оној што бара совет или од прашањето што ни го поставил, можеби ќе треба да се прашаме: ‚Дали јас треба да му дадам совет за таа работа?‘ Понекогаш е најдобро да помогнат старешините, а доколку станува збор за млада личност, би било подобро да побара совет од родителите.

[Фуснота]

a Библиотеката на CD моментално е достапна на 39 јазици. Индексот е достапен на 45 јазици.

[Рамка/слика на страница 8]

Предлог за Семејната вечер

На Семејната вечер би можеле да истражите прашање кое некој ви го поставил неодамна. Кои статии и библиски начела би можеле да му помогнат? Да речеме дека некој брат или сестра те прашал за некого со кого размислува да почне врска и да стапи во брак. Ако го користиш индексот на теми, кој секоја година излегува во Стражарска кула од 15 декември, побарај под насловите „Статии за проучување“ или „Христијански живот и особини“. А ако го користиш Индексот или Библиотеката на јазик што го разбираш, најпрво разгледај ги поимите што се директно поврзани со прашањето. Би можел во Индексот да побараш под поимите „Врска“ или „Брак“. Потоа разгледај ги поднасловите за да најдеш статии кои зборуваат на таа тема. Обрни внимание и на поимите наведени под „Види и“, бидејќи би можеле да ти помогнат да најдеш повеќе информации.

[Рамка на страница 9]

Многу сме благодарни што Јеховината организација ни обезбедува публикации кои ни помагаат да даваме, но и да добиваме убави совети. Во Проповедник 12:11 се вели: „Зборовите на мудрите се како остени, и оние што се занимаваат со собирање изреки се како клинци забиени. Таквите зборови потекнуваат од еден пастир“. Слично на „остени“ — стапови со шилест врв за терање добиток — добрите и љубезни совети можат да ги водат искрените лица во исправна насока. И, исто како што клинците служат да се направат добри и цврсти градби, така и мудрите совети помагаат да се донесат добри одлуки. Разборитиот човек со задоволство размислува за изреките кои потекнуваат од „еден пастир“, односно од Јехова.

Затоа, кога советуваме, да се угледаме на нашиот Пастир. Зар не се радуваме кога можеме да сослушаме некого и да му дадеме корисен совет? Ако навистина се темелат на библиските начела, нашите совети ќе бидат за доброто на другите и ќе им помогнат да добијат вечен живот.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели