Службениот состанок нѐ опремува за секое добро дело
1 Целта на Службениот состанок е да нѐ мотивира и да нѐ опреми да учествуваме што е можно повеќе во делото на проповедање и правење ученици (2. Тим. 3:17). Меѓутоа, ако не се подготвиме соодветно за состанокот или пропуштиме да го примениме она што го учиме, користа ќе биде минимална.
2 Претходната подготовка ќе ти помогне поцелосно да ги усвоиш упатствата. Повтори го градивото од публикациите што ќе се користат и понеси ги со себе за да можеш да го следиш градивото и да учествуваш. Биди внимателен слушател и прави белешки кои ќе ги употребиш подоцна.
3 Претседавачкиот надгледник внимателно ги разгледува предвидените делови од состанокот. Им ги доделува на способни, оспособени старешини и слуги помошници за да ги подготват (om стр. 70). Во собранијата кои имаат малку старешини и слуги помошници може да им бидат доделени на други оспособени браќа за да им помогнат (km 10/76, Прашања). Секој говорник треба темелно да се подготви, точно да се придржува кон упатствата што се дадени и да се погрижи да не го пречекори времето.
4 Состаноците обично започнуваат со известувања. Братот на кој му е доделен тој дел треба претходно да контактира со претседавачкиот надгледник за да утврди кои работи треба да се споменат. Меѓу нив спаѓаат писма од Заедницата, потсетувања за подготовките за служба или месечни извештаи. Може да дознаеме дека има болни кои треба да се посетат или да чуеме детали за собраниски активности што се планирани за иднина. Обрни сосредоточено внимание за да се информираш и да бидеш спремен да го направиш својот дел.
5 Кога во некој дел од состанокот се бара учество на присутните, подготви се така што ќе го прочиташ материјалот и ќе ги побараш библиските стихови. Размисли како планираш да ги примениш предлозите и какви коментари ќе дадеш за да ги охрабриш другите. Можеш да ја илустрираш практичната вредност на упатствата така што ќе раскажеш кратко искуство.
6 Кога има приказ, обиди се да се претставиш себеси во слична ситуација и да размислиш што би рекол ти. Забележи ги употребените аргументи и текот на расудувањето. Обиди се да се сетиш што си рекол последниот пат кога си бил во слична ситуација и размисли како прикажаните мисли можат да ти помогнат да постигнеш подобри резултати во иднина.
7 Учесниците во приказите и интервјуата треба да бидат добро извежбани однапред. Секој треба да знае што ќе каже и што отприлика ќе направи на подиумот. Неизвежбаните делови ретко ги мотивираат, односно охрабруваат присутните. Некои ги вежбаат своите делови по завршувањето на студијата на Стражарска кула за да пробаат на подиумот и да им овозможат на браќата што ракуваат со микрофоните да видат што ќе биде потребно.
8 Програмата понекогаш ќе вклучува говор за специфични собраниски потреби или од навремена статија од Стражарска кула. Слушај внимателно, земи го при срце советот и обиди се да го примениш.
9 Сакаме да бидеме ‚приготвени за секое добро дело‘ (2. Тим. 2:21). Службениот состанок е една од подготовките што ги прави Јехова за да ни помогне во тоа. Верното присуствување и искрените напори да се примени она што го учиме сигурно ќе ни помогне да можеме ‚службата своја да ја исполнуваме добро‘ (2. Тим. 4:5).