Внимавај на светите објави
1 Не заслужува посебно внимание сѐ што кажале луѓето. Но, кога зборува Бог, неопходно е да слушаме (5. Мој. 28:1, 2). За среќа, инспирирани писатели ги запишале „светите Божји објави“ за наша корист (Рим. 3:2, NW). Обласниот конгрес што претстои ќе ни даде скапоцена прилика да ги чуеме овие објави додека се чита и се дискутира за нив. Како можеш да бидеш посебно внимателен?
2 Доаѓај рано секое утро: Замисли си колку биле возбудени Израелците кога им било речено да се сретнат со Јехова на планината Синај за да го чујат неговиот Закон! (2. Мој. 19:10, 11, 16—19). Ако имаш сличен став во врска со добивањето поука од Јехова на обласниот конгрес, ќе направиш подготовки да доаѓаш рано секој ден. Не можеме да ја ислушаме целата програма ако влеземе доцна и им пречиме на другите додека се обидуваме да најдеме место. Вратите на конгресното место ќе бидат отворени во 8.00, а програмата ќе започнува во 9.30 секој ден.
3 Дури и некои што доаѓаат рано, не се седнати на своите места кога ќе започне сесијата. Зошто се случува тоа? Чекаат претседавачот да ја најави уводната песна и тогаш престануваат да разговараат со пријателите и тргнуваат кон своите места. Треба да забележиме дека неколку минути пред уводната песна на секоја сесија, претседавачот ќе биде седнат на подиумот додека е пуштена уводна музика на Царството. Тоа е знак дека треба да бидеме седнати! Така, кога ќе се најави уводната песна, ќе бидеме спремни да се придружиме во пеењето фалби на Јехова.
4 Слушајте како обединето семејство: Кога на собраните Израелци им биле прочитани светите објави, требало да слушаат и да учат цели семејства, вклучувајќи ги и „децата“ (5. Мој. 31:12). На нашите конгреси, децата не треба да бидат ‚оставени без грижа‘ (Изр. 29:15). Родители, направете подготовка целото семејство да седи заедно — вклучувајќи ги и тинејџерите. Некои родители чекаат да започне уводната песна за да ги однесат децата во тоалетот. Меѓутоа, тоа нема да ги научи децата колку се важни песните и молитвите во нашето обожавање. Колку само би било подобро доколку е можно да се погрижат за физиолошките потреби пред да започне секоја сесија!
5 Ако добро се одмораме секоја ноќ и избегнуваме тешки оброци во текот на денот, ќе ни биде полесно да слушаме. Сконцентрирај се на она што го вели говорникот. Не давај да ти талкаат мислите. Следи во Библијата кога се читаат стиховите. Прави кратки забелешки. Додека се изнесува секој говор, повтори си во мислите што рекол секој говорник и размисли како ќе го примениш тој материјал. На крајот на денот, дискутирајте за програмата како семејство. Кои мисли му се допаднале на секој од нив? Како може вашето семејство добро да ги примени тие информации?
6 Покажи ценење за Божјата реч: Конгресите се добра прилика да разговараме со пријателите и да се радуваме на изградувачко друштво. Ако доаѓаме рано, ќе имаме време да разговараме пред да започне програмата. Меѓутоа, некои си разговараат за време на програмата, погрешно мислејќи дека не пречат многу во голем аудиториум. Дури и кога се одржуваат состаноци на големо место, треба да се слуша, исто како кога се присуствува на состанок во Салата на Царството. Употребата на мобилни телефони, пејџери, камери и фотоапарати не треба да го одвлекува вниманието за време на програмата.
7 Додека Мојсеј го примал Законот од Јехова, тој ‚не јадел леб и не пиел вода‘ (2. Мој. 34:28). На сличен начин, не би било соодветно да се јаде или да се пие додека траат конгресните сесии. Ако не се вклучени сериозни здравствени фактори, почекај додека не дојде „време“ за тоа (Проп. 3:1).
8 На некои конгреси и понатаму е проблем тоа што многу браќа и сестри, па дури и деца, се врткаат во ходниците додека траат сесиите. Редарите ќе добијат упатство да ги замолат таквите да се вратат во аудиториумот. Доброволците кои работат во различни оддели треба да седнат во публиката веднаш штом ќе ја завршат својата работа. Ако доброволците немаат задача да извршуваат дополнителна работа за време на сесиите, треба да бидат на своите места и да ја слушаат програмата. Не треба да се задржуваат во одделите, посетувајќи се еден со друг додека трае програмата.
9 Никогаш не би сакале да ‚затапиме во слушањето‘ кога ја слушаме Божјата реч (Евр. 5:11, NW). Затоа, да бидеме одлучни да покажуваме должна почит со тоа што внимателно ќе слушаме додека се дискутира за светите објави од Јехова на нашиот претстоен обласен конгрес.