,Слушај и прими повеќе поука‘
1 Книгата Пословици ја прикажува мудроста како да вика: „Слушајте, зашто ќе зборувам за важни нешта, и моите усни ќе откријат што е право . . . Мои се советот и здравото мислење . . . Послушајте ме, блазе им на оние кои ги чуваат моите патишта. Зашто кој ме наоѓа мене, го наоѓа животот и добива милост од Господа“ (Посл. 8:6, 14, 32, 35). Овие зборови добро ја опишуваат поуката што нѐ очекува на Обласниот конгрес „Учители на Божјата реч“.
2 Анализирани се потребите на братството низ целиот свет и конгресната програма е подготвена за да се задоволат тие потреби. Духовната поука и практичните предлози што ќе се понудат можат, ако се применат, да ни помогнат да бидеме среќни, да задржиме добар однос со Јехова и да останеме на патот кој води до вечен живот. Сигурно, имаме добра причина ‚да слушаме и да примиме повеќе поука‘ (Посл. 1:5, NW).
3 Пред програмата: За да извлечеме целосна корист од она што се изнесува, треба да бидеме на своите места и во соодветно расположение кога ќе започне програмата. За ова е потребна добра лична организација. Клучен фактор е да се започне рано. Легни си рано ноќта пред конгресот. Стани доволно рано за да има време сите што се со тебе да се подготват и да јадат. Пристигни рано на конгресната локација за да можеш да најдеш место за седење и да се погрижиш за неопходните работи пред да започне програмата. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 а програмата ќе започнува во 9.30 секој ден.
4 Бидејќи првенствена цел на собирот е да го фалиме Јехова „во собранијата“, секоја сесија треба да започне на начин што го велича нашиот Бог (Псал. 26:12). За таа цел, сите се охрабрени да бидат седнати пред да се најави уводната песна. Ова е во склад со опомената од Писмото: „Сѐ нека се одвива пристојно и уредно“ (1. Кор. 14:40). Што значи тоа за секого од нас? Кога ќе видиш дека претседавачот седи на подиумот за време на музичкиот увод, веднаш седни на своето место. Тоа ќе ти овозможи со сето срце да учествуваш во песната со која се отвора секоја сесија, упатувајќи му фалба на Јехова (Псал. 149:1).
5 За време на програмата: Езра ‚го подготвил своето срце да се советува со законот Јеховин и да го извршува‘ (Езра 7:10, NW). Како можеме да ги подготвиме нашите срца да ја примат поуката што ја дава Јехова? Додека ги разгледуваш насловите на различните делови што се наведени на отпечатената програма, запрашај се: ‚Што ми кажува Јехова преку оваа програма? Како можам да ги користам овие информации за да извлечам корист јас и моето семејство?‘ (Иса. 30:21; Ефе. 5:17). Продолжи да си ги поставуваш овие прашања додека трае конгресот. Запишувај си ги мислите што планираш да ги употребиш. Одвој си време да дискутираш за нив откако ќе завршат сесиите секој ден. Тоа ќе ти помогне да ги запомниш и примениш информациите.
6 Може да биде предизвик да задржиш концентрација неколку часа. Што може да ни помогне да се спротивставиме на склоноста да заталкаме со мислите? Искористи ја моќта на окото. Во голема мера, она на што ги фокусираме очите наложува на што ќе внимаваме (Мат. 6:22). Затоа, спротивстави се на поривот да ја вртиш главата на секој шум или движење. Очите нека ти бидат фокусирани на говорникот. Следи во својата Библија кога ќе се чита некој стих и нека ти биде отворена додека се дискутира за тој стих.
7 Христијанската љубов ќе нѐ поттикне да не ги вознемируваме другите додека трае програмата (1. Кор. 13:5). Ова е „време за молчење“ и слушање (Проп. 3:7). Затоа, избегнувај непотребно да зборуваш и да се шеткаш. Сведи го на минимум одењето во тоалет на тој начин што ќе планираш однапред. Немој да јадеш ниту да пиеш сѐ додека не дојде време за тоа, освен ако не се работи за некој сериозен здравствен фактор. Оние што имаат мобилни телефони, пејџери, видеокамери и фотоапарати не треба да им сметаат на другите додека ги користат. Родителите треба да се погрижат целото семејство — вклучувајќи ги и тинејџерите — да седат заедно за да можат исправно да ги надгледуваат своите деца (Посл. 29:15).
8 Минатата година, еден старешина кој оди на конгреси многу децении забележал: „Почувствував дека овој конгрес е извонреден од уште една причина. Речиси сите присутни правеа забелешки, вклучувајќи ги и малите деца. Беше задоволство да се види тоа. Библиите добро се користеа кога говорниците ќе замолеа да се отворат за да се прочитаат извесни стихови“. Ваквото внимателно слушање навистина е пофално. Тоа не само што ни користи нам и на другите конгресни делегати, туку над сѐ го прославува нашиот Голем Учител, Јехова Бог (Иса. 30:20).