„Да им правиме добро на сите“
1 „Во потполност проповедај ја речта Божја“ и „Бидете богати во добри дела“ беа теми на додатоците на Наша служба за Царството од февруари и март 2002 (Кол. 1:25; 1. Тим. 6:18). Во тие изданија бевме охрабрени да вложиме додатни напори да им помогнеме на заинтересираните да присуствуваат на Меморијалот, да им помогнеме на неактивните повторно да се вклучат во собранието и да им помогнеме на нашите деца и квалификувани библиски студенти да почнат да ја објавуваат добрата вест. Несомнено имавме извесен успех како резултат на нашите трудољубиви напори. Сега, „сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите“ (Гал. 6:10).
2 Покани ги повторно да присуствуваат: Во нашата земја, повеќе од 1.500 лица што не се објавители на добрата вест присуствуваат на Меморијалот секоја година. Бидејќи нивното присуство укажува на извесен интерес, што мораме да направиме за да ги поттикнеме оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ да станат „верници“? (Дела 13:48). Охрабри ги повторно да дојдат на собраниските состаноци колку што е можно поскоро.
3 Зошто не поканиш некое заинтересирано лице да присуствува на Собраниската студија на книга за да ужива во интересна дискусија за пророштвото на Исаија? Ако си роднина или познаник на тоа лице и наскоро треба да имаш говор во Теократската школа за служба, можеш да го поканиш да дојде и да го чуе твојот дел. Кажувај му ги насловите на јавните предавања што треба да се одржат во претстојните седмици. (На огласната табла треба да биде истакнат најновиот распоред.) Користи ја секоја прилика да ја разбудиш желбата кај лицето да го обожава Јехова. И, се разбира, ако сѐ уште не ја проучува Библијата со некој од собранието, љубезно понуди му студија.
4 Продолжи да ги охрабруваш неактивните: Голем број од оние што доаѓаат на Меморијалот веќе му се предале на Јехова. Меѓутоа, во извесен момент престанале активно да ја проповедаат добрата вест. Сепак, Павле нѐ поттикнал „да им правиме добро . . . особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Гал. 6:10). Значи, првенствено треба да сме заинтересирани за неактивните.
5 Можеби некои веќе се одѕвале на охрабрувањето што им го дале старешините и другите повторно да учествуваат во службата. Ако старешините ти дадат задача да работиш со некој повторно активиран објавител, знај дека твојата љубов кон Јехова и кон службата на теренот ќе изгради доверба кај него. Покажи му како учествуваш во различни гранки на службата за да најде радост во неа, да истрае во проповедничкото дело и да искуси благослови од Јехова.
6 Дај им добар почеток на новите објавители: Кога една новозаинтересирана жена сфатила дека ја пронашла вистинската Божја организација, веднаш сакала да почне да оди во служба. Откако дознала што се бара од неа, таа рекла: „Ајде да се фатиме за работа!“ Ако на некого со кого си ја проучувал Библијата сега му е одобрено да почне да учествува во службата на теренот, помогни му да увиди дека е потребно да ‚се фати за работа‘ и така дај му добар почеток на новиот објавител. Помогни му да стекне рутина да се подготвува и редовно да учествува во службата на теренот секоја седмица.
7 Ако твоето дете станало нов некрстен објавител, работи со него за да напредува според неговата возраст и способности. Со малку помош од твоја страна, можеби ќе се изненадиш од тоа колку добро може да започне разговор со некого, да прочита нешто од Библијата и да понуди литература. Кога ќе наиде на добра реакција во службата на теренот, обучи го да направи повторна посета и следи го интересот.
8 Прошири ја својата служба: Дали твоите околности ти дозволуваат да го зголемиш учеството во делото на евангелизирање дури и по сезоната на Меморијалот? Можеш ли да додадеш уште час или два секоја седмица кон времето што обично го одвојуваш за служба? Дали кога го гледаш календарот однапред размислуваш кога ќе можеш повторно да бидеш помошен пионер? Или, пак, можеш ли да го подредиш својот начин на живот така што ќе започнеш со полновремена служба? Напорите што ги вложуваме во службата можат да му помогнат на некого да ја прифати вистината! (Дела 8:26—39). Додека ги очекуваме деновите што се пред нас, ‚секогаш да се стремиме да го правиме она што е добро еден на друг и на сите други‘ (1. Сол. 5:15).
[Рамка на страница 3]
Продолжи да им помагаш на:
□✔ Оние што дошле на Меморијалот
□✔ Повторно активираните објавители
□✔ Новите некрстени објавители