Бидете пример на добри дела
1. Зошто треба да бидеме особено свесни за нашето однесување на обласниот конгрес?
1 Кога на обласните конгреси се собираме во голем број, луѓето што нѐ гледаат од страна особено го забележуваат начинот на кој постапуваме и како се однесуваме со другите. Затоа, секој од нас треба да обрне посебно внимание на библискиот совет: ‚Бидете со здрави мисли, покажувајќи се во сѐ како пример на добри дела‘ (Тит 2:6, 7). Можеби ќе биде потребен додатен напор за да се ‚гледа со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Фил. 2:4). Да разгледаме некои подрачја на кои можеме да го примениме ова охрабрување на нашиот претстоен Обласен конгрес „Оддајте му слава на Бог“.
2. Што треба да имаме на ум во врска со сместувањето?
2 Сместување: Дали ќе ти треба сместување за време на конгресот? Ако да, стремењето да бидеме пример на добри дела се однесува и на нашето однесување додека престојуваме кај нашите браќа. Сигурно ја цениме гостољубивоста на оние што им го ставаат својот дом на располагање на конгресните делегати. Никогаш на сакаме да ја злоупотребуваме љубезноста на нашите браќа со тоа што премногу ќе бараме или ќе бидеме нељубезни. Од гостите што отседнуваат кај наши браќа сигурно се очекува да бидат уредни и чисти и да внимаваат да не го оштетуваат личниот имот. Не треба да очекуваме нашите домаќини да ја задоволуваат секоја наша потреба ниту да ни ја набават сета храна што ни е потребна додека трае конгресот. Сигурно ќе биде на место да се почитуваат нивната приватност и барањата што ќе ги постават (Гал. 6:10).
3, 4. Како можат децата да му донесат фалба на Јехова, и каква одговорност имаат родителите?
3 Родители и деца: Во свет во кој што толку многу млади луѓе се невоспитани, нашите деца се издвојуваат како поинакви, а со тоа му донесуваат фалба на Јехова и неговата организација. Меѓутоа, понекогаш имало проблеми кога децата не биле исправно надгледувани (Посл. 29:15). Родителите не треба да ги остават своите деца без надзор на конгресната локација.
4 На некои родители им е од помош пред конгресот да разгледаат со своите деца какво однесување се очекува од нив (Ефеш. 6:4). Тие им помагаат на децата да сфатат дека искрената христијанска љубов „не се однесува непристојно“ или дека „не ги бара сопствените интереси“ (1. Кор. 13:5). Обласниот конгрес е време одвоено за да бидеме поучени од Јехова и децата, како и возрасните, можат да покажат почит кон оваа подготовка со своето однесување како на конгресната локација така и на секое друго место (Иса. 54:13).
5. Каков ефект може да има нашето добро однесување врз другите?
5 Нашето добро однесување може да направи многу за да ги неутрализира погрешните мислења и да ги привлече луѓето кон вистинското обожавање (Мат. 5:16; 1. Петр. 2:12). Нека сите оние со кои ќе дојдеме во контакт на нашиот обласен конгрес добијат поволно сведоштво од начинот на кој постапуваме и се однесуваме со нив. На тој начин ќе се ‚покажеме во сѐ како пример на добри дела‘ и ќе го прославиме Јехова (Тит 2:7).
[Рамка на страница 4]
Биди обѕирен кон другите
▪ Биди стрплив и учтив кон сите
▪ Покажи ценење за сместувањето што си го добил
▪ Исправно надгледувај што прават твоите деца