Дел 10: Водење напредни библиски студии
Поучи ги учениците за службата од куќа до куќа
1 Кога старешините ќе утврдат дека оној со кого проучуваме ги исполнува условите за некрстен објавител, тој може да почне да учествува заедно со собранието во јавното проповедничко дело. (Види ја книгата Организирани за да ја извршуваме нашата служба, стр. 97-99.) Како можеме да му помогнеме на ученикот за да може да проповеда од куќа до куќа?
2 Подгответе се заедно: Нема замена за добрата подготовка. Покажи му на ученикот каде може да ги најде предложените презентации во Наша служба за Царството и книгата Расправљање и помогни му да си избере една едноставна презентација што е практична за вашето подрачје. Уште од почетокот, охрабри го да ја користи Библијата додека е во служба (2. Тим. 4:2).
3 Вежбањето на презентациите е многу корисно за новиот објавител. Додека ученикот ја вежба презентацијата, покажи му како тактично да се справи со прашањата кои се вообичаени на подрачјето (Кол. 4:6). Увери го дека христијанските слуги не треба да ги знаат одговорите на секое прашање што ќе го постави станарот. Честопати најдобар начин да се справиме со таквите прашања е да му кажеме на станарот дека ќе истражиме и повторно ќе навратиме за да го продолжиме разговорот во врска со тоа (Посл. 15:28).
4 Проповедајте заедно: Првиот пат кога ученикот ќе учествува во службата од куќа до куќа, нека те набљудува додека ја изнесуваш презентацијата што сте ја вежбале заедно. Потоа вклучи го и него. Во некои случаи, можеби подобро е новиот објавител да кажува само дел од презентацијата, како што е читање и коментирање за некој стих. Земи ја во обѕир личноста и способностите на ученикот (Фил. 4:5). Великодушно пофалувај го додека постепено го поучуваш во различните аспекти на проповедничкото дело.
5 Важно е да му помогнеш на новиот објавител да си воспостави еден редовен распоред за учество во службата, ако е можно секоја седмица (Фил. 3:16). Направете конкретен план за да одите заедно во службата, а исто така охрабри го да оди и со други ревни објавители. Нивниот пример и дружењето со нив, ќе му помогнат да стекне искуство и да најде радост во проповедањето од куќа до куќа.