Дел 11: Водење напредни библиски студии
Помагај им на учениците да прават повторни посети
1 Кога лицето со кое проучуваш ќе почне да учествува во проповедничкото дело, ќе сретне луѓе кои се заинтересирани за добрата вест. Како да му помогнеме на новиот објавител да прави делотворни повторни посети кај тие лица и да им помага нивниот интерес да расте?
2 Подготовката за повторна посета започнува уште на првата посета. Поттикни го ученикот да покаже искрен интерес кон оние со кои разговара (Фил. 2:4). Постепено поучувај го како да ги поттикне луѓето да си го кажат своето мислење, да ги слуша нивните коментари и да обрнува внимание за што се заинтересирани. Кога некој ќе покаже интерес, новиот објавител нека ги запише поважните информации од таа посета. Искористи ги тие информации за да му помогнеш да се подготви за понатамошни разговори.
3 Подготви ги за повторна посета: Разгледај ги белешките од првиот разговор и покажи му на ученикот како да избере еден аспект од пораката за Царството што ќе го интересира станарот (1. Кор. 9:19-23). Заедно подгответе кратка презентација во која ќе има еден стих од Библијата и еден пасус од некоја публикација за проучување. Освен тоа, подгответе и едно прашање кое на крајот од разговорот ќе помогне да се постави темел за следна посета. Покажи му на новиот објавител како при секоја посета да им помага на луѓето да научат по нешто ново за Божјата Реч.
4 Исто така корисно е да му помогнеме на ученикот да научи еден едноставен увод. Откако ќе го поздрави станарот, тој би можел да каже: „Минатиот пат уживав во разговорот и сега Ве посетувам повторно за да Ви покажам што вели Библијата за [спомни ја темата]“. Можеби ќе треба да му покажеш на објавителот како да постапи ако на вратата излезе друго лице.
5 Биди марлив во повторните посети: Поттикни го ученикот да биде примерен со тоа што брзо ќе ги посети оние што покажале интерес. За да ги најдеме луѓето дома треба да истраеме во повторните посети. Поучи го ученикот како да се договори за следната посета и помогни му да сфати дека треба повторно да дојде како што ветил (Мат. 5:37). Поучи го да биде љубезен, обѕирен и полн со почитување, додека ги бара оние што се слични на овци и додека го зголемува нивниот интерес (Тит 3:2).