Покажи искрен интерес — гледајќи ги луѓето во очи
1 Кога сведочиме на јавни места и од куќа до куќа, пред да почнеме да зборуваме честопати ги погледнуваме луѓето во очи. Во тој краток миг, од нивниот израз на лицето можеме да почувствуваме што мислат за тоа што сме им пристапиле, па дури и како се расположени. Но, и тие можат да дознаат многу за нас. Една жена го рекла следново за една наша сестра: „Ми остави впечаток мирот што зрачеше од нејзиното насмеано лице. Тоа ми ја разбуди љубопитноста“. Ова ја поттикнало жената да ја сослуша добрата вест.
2 Ако пријателски ги гледаме другите во очи, можеме успешно да сведочиме на улица или на други јавни места. Еден брат обично ги гледа во очи луѓето што му пристапуваат, им се насмевнува и потоа ги нуди списанијата. На овој начин, тој води многу пријатни разговори и дава многу литература.
3 Биди свесен за чувствата на другите: Кога ги гледаме другите во очи, можеме да сфатиме како се чувствуваат. На пример, ако на некој му е тешко да нѐ разбере или не се согласува со нешто што сме кажале, тоа обично ќе се види од неговото лице. Исто така, од изразот на лицето ќе забележиме дали човекот е зафатен и дали станува нестрплив. Така ќе знаеме како да ја приспособиме или да ја скратиме нашата презентација. Кога сме свесни за чувствата на другите, покажуваме искрен интерес за нив.
4 Искреност и уверливост: Во многу култури, со тоа што се гледа соговорникот во очи се покажува искреност. Забележи како одговорил Исус кога учениците го прашале: „Кој, всушност, може да биде спасен?“ Во Библијата пишува: „Гледајќи ги в лице, Исус им рече: ‚За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сѐ е можно‘“ (Мат. 19:25, 26). Без сомнение, увереноста што можела да се види во очите на Исус ги направила неговите зборови уште поуверливи. На сличен начин, ако ги гледаме луѓето во очи додека им зборуваме, пораката за Царството ќе ја пренесеме со искреност и уверливост (2. Кор. 2:17; 1. Сол. 1:5).