Светска кампања за најава на Обласниот конгрес „Следи го Христос!“
Објавителите повторно ќе делат специјална покана
1 Светската кампања со која во минатата година го најавувавме Обласниот конгрес „Избавувањето е многу близу!“ имаше силно влијание врз заинтересираните лица. Поради тоа што ја прифатија специјалната покана и дојдоа на конгресот, мнозина за прв пат учествуваа во една прекрасна духовна гозба заедно со Јеховините сведоци (Иса. 65:13). Тие уживаа во дружењето со нашето срдечно, обединето христијанско братство (Пс. 133:1). За да им помогнеме на што е можно поголем број луѓе да присуствуваат на Обласниот конгрес „Следи го Христос!“, повторно ќе делиме една специјална покана низ целиот свет.
2 Резултати од минатата година: Извештаите од светот покажуваат дека се постигнаа извонредни резултати со најавувањето на Обласниот конгрес „Избавувањето е многу близу!“ На многу места во медиумите позитивно се зборуваше за нас. На пример, во еден град, во врска со кампањата еден весник објави голема статија во која пишуваше: „За да ги известат навреме сите во соседството, Сведоците вложија посебен труд — работеа повеќе часови, поминуваа поголеми далечини и зборуваа пократко“. Во еден друг град, организираното делење на поканата го поттикна интересот на медиумите, поради што тие детално известуваа за кампањата. Најмалку три весници дадоа поволни извештаи за нашата активност пред конгресот. Во неделното издание на еден весник, еден новинар напишал неколку опширни статии на две страници. Тој детално пишувал за нашите верувања, за братството, за делењето на поканата и за конгресот. Кога една наша сестра ја нудела поканата на една врата, станарката ја прекинала со зборовите: „Да. Токму сега читав за тоа во весникот!“ Една друга станарка извикала: „Само што читав за вас и сега вие сте тука! Дали е тоа мојата покана?“ Потоа рекла: „Многу е убаво ова што го правите вие Јеховините сведоци“.
3 Голем број заинтересирани луѓе доаѓаа на конгресите со своите покани в рака. Некои од нив патуваа од далечни градови за да присуствуваат на програмата. Нашиот голем труд да ги поканиме другите придонесе да има поголем број присутни. На пример, на конгресот во една земја присуствуваа 27 отсто повеќе луѓе од претходната година.
4 Обработување на подрачјето: Поканата можете да почнете да ја делите три седмици пред почетокот на вашиот конгрес. Треба да направите сѐ што можете за да го обработите целото подрачје на вашето собрание. Во последната седмица пред конгресот, во собранијата што имаат големо подрачје, објавителите можат на неупадливо место да ја остават поканата онаму каде што нема да најдат никој дома. Собранијата треба да се обидат да ги дадат сите покани и да обработат колку што е можно поголем дел од подрачјето. Поканите што ќе останат можат да им се дадат на пионерите за тие да ги поделат.
5 Што да кажеш: На пример, би можел да кажеш: „Учествуваме во една светска кампања во која ја делиме оваа покана за еден важен настан што претстои. Овој примерок е за вас. Повеќе информации ќе прочитате на поканата“. Ако презентацијата е кратка, ќе можеме да дадеме повеќе покани. Се разбира, ако станарот има прашања, одвој си време за да му ги одговориш. Кога некој човек ќе покаже интерес, запиши го тоа во белешките, и повторно посети го колку што е можно побрзо.
6 Многу е важно да се трудиме да го следиме Христос! (Јован 3:36). Претстојниот обласен конгрес ќе им помогне на сите што ќе присуствуваат да го прават токму тоа. Сигурно можеме да очекуваме дека повторно ќе се даде огромно сведоштво со оваа здружена акција за најава на Обласниот конгрес „Следи го Христос!“ Затоа, ревносно покани колку што е можно повеќе луѓе. Јехова богато нека го благослови твојот труд додека учествуваш во оваа обединета светска кампања.