Дали одложуваш?
Што да одложувам? Пополнувањето на ТП (трајно полномоштво) картичката, која може да ја добие секој крстен Сведок. Бидејќи ‚не знаеш каков ќе ти биде животот утре‘, многу е важно однапред да одлучиш и да запишеш какви медицински третмани и постапки би прифатил ако итно ти треба медицинска помош (Јак. 4:14; Дела 15:28, 29). DVD-то Методи на лекување без трансфузија — да се задоволат потребите и правата на пациентите (на српски) има цел да ти помогне во врска со тоа. Гледај го, а потоа, молејќи се често, размисли за одговорот на прашањата што се наведени подолу. (Забелешка: Бидејќи во оваа документарна емисија има кратки сцени со хируршки интервенции, родителите треба да проценат дали ќе им дозволат на своите деца да ја гледаат.)
1) Зошто некои медицински стручњаци го преиспитуваат својот пристап кон трансфузијата на крв? 2) Наведи три сложени хируршки интервенции кои се извршени без трансфузија на крв. 3) Колку лекари и хирурзи низ целиот свет се спремни да ги лекуваат своите пациенти без трансфузија на крв? Која е причината за тоа? 4) Што откриле некои неодамнешни истражувања за користењето на крвта? 5) Кои здравствени ризици се поврзани со трансфузијата на крв? 6) До какви заклучоци дошле многу стручњаци во врска со бескрвното лекување? 7) Зошто доаѓа до анемија? До кој степен телото може да толерира анемија? Како може да им се помогне на анемичните пациенти? 8) Како може во телото на пациентот да се поттикне создавањето на црвени крвни клетки? 9) Кои техники се користат за да се намали загубата на крв при операција? 10) Колку се успешни методите на бескрвно лекување кај мали деца или во итни случаи, кога животот на пациентот е во опасност? 11) Кое е едно од главните етички начела за квалитетна здравствена грижа? 12) Зошто е важно христијаните однапред да се одлучат каква метода на бескрвно лекување ќе прифатат? Како можеме да го направиме тоа?
Секој лично, според својата совест која е водена од библиските начела, треба да одлучи дали ќе прифати некој третман што е прикажан во оваа документарна програма. Дали веќе си размислил за тоа која метода на бескрвно лекување си спремен да ја прифатиш за себе и за своите деца? Повеќе информации во врска со ова можеш да најдеш во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 јуни 2004 год. и 15 октомври 2000 год., како и во додатокот „Каков е мојот став кон крвните фракции и медицинските постапки во кои е вклучена мојата сопствена крв?“ од Нашата служба за Царството од ноември 2006 год. Застапниците што си ги избрал и членовите на семејството кои не се Јеховини сведоци исто така би требало да го знаат твојот став.