Дали добро го користиш ова списание?
1 „Едвај чекам да го користам во служба!“ Ова го напишала една сестра откако ја прочитала Стражарската кула од 1 јануари 2008 год. Дали си се запознал со редовните рубрики од изданието наменето за пошироката јавност, и дали добро ги користиш во службата?
2 „Што учиме од Исус“: Можеби со помош на оваа рубрика си започнал библиски студии. Ако сѐ уште не си го сторил тоа, обиди се на станарот да му го прочиташ насловот на статијата и потоа покажи му во првиот пасус што рекол Исус на таа тема. Доколку станарот покаже интерес, обиди се да го продолжиш разговорот користејќи ги поднасловите, кои се во облик на прашања што поттикнуваат на размислување. Замоли го да одговори на прашањето. Ако има некоја слика што е поврзана со темата, накратко објасни ја, а потоа продолжи со следниот пасус. Можеби ќе успееш при првата средба со станарот да обработиш половина од статијата, а втората половина да ја разгледате при следната посета. Биди подготвен да ја продолжиш студијата со книгата Што учи Библијата.
3 „Тајни на семејната среќа“: Оваа рубрика излегува секој трет месец и е наменета да им помогне на сопрузите, сопругите и родителите да ги применат библиските начела кога имаат проблеми што можат да го нарушат мирот во семејството. Овие статии можеш да ги користиш и за да им помогнеш на оние што не се Сведоци да увидат колкава мудрост содржи Библијата (2. Тим. 3:16, 17).
4 Рубрики за младите: Рубриката „Катче за младите“ е наменета да му помогне на читателот да истражува некој библиски извештај и подлабоко да размисли за него. Овие статии можеш да ги користиш за да им помогнеш на младите што ќе ги сретнеш во службата да увидат колку е корисно да се проучува Божјата реч (Пс. 119:9, 105). Кога ќе им сведочиш на родители, би можел да им ја покажеш рубриката „Поучете ги своите деца“, која излегува секој втор месец. Со помош на овие статии, помалите деца можат да извлечат важни поуки од библиските личности. Дали веќе си ги читал овие статии со своите деца?
5 Други рубрики: Секој месец, во рубриката „Читателите прашуваат“ се разгледува по едно прашање што веројатно би го поставиле оние што не се Сведоци. Оваа статија можеш да ја користиш кога ги нудиш списанијата од куќа до куќа. Рубриката „Писмо од...“ содржи живописни извештаи од мисионери и други Божји слуги, кои зборуваат за предизвиците што ги имаат во својата служба. Овие статии можат да им помогнат на интересентите да видат дека добрата вест се проповеда низ целиот свет, со што се исполнува знакот на Христовата присутност (Мат. 24:3, 14).
6 Месечната рубрика „Приближи му се на Бог“, која се темели на седмичното читање на Библијата во Теократската школа за служба, може да ги поттикне искрените лица да дознаат нешто повеќе за Јехова. Рубриката „Угледајте се на нивната вера“, која излегува четири пати годишно, е наменета да им помогне на луѓето јасно да си ги претстават библиските извештаи. Така библиските ликови — нивните одлуки, нивните проблеми, нивната вера — стануваат реални за денешните читатели.
7 Многу сме радосни што секој месец добиваме едно цело издание од списанието Стражарска кула што е наменето за служба на подрачјето! Затоа, темелно да се запознаеме со неговата содржина и добро да го користиме кога проповедаме.