Дали сте подготвени за училиште?
1. Какви можности дава новата учебна година?
1 Без оглед на тоа дали за прв пат ќе тргнете на училиште, или, пак, ова за вас е уште една учебна година, вие, млади христијани, ќе се соочите со нови предизвици и притисоци. Но, пред вас стојат и нови можности да ‚сведочите за вистината‘ (Јован 18:37). Дали сте добро подготвени и спремни за да дадете сведоштво?
2. Што ви помага да бидете подготвени за училиште?
2 За да бидете успешни во секој аспект од животот, добивате многу поуки од Јехова, од вашите родители и од верниот и разборит роб (Изр. 1:8; 6:20; 23:23-25; Еф. 6:1-4; 2. Тим. 3:16, 17). Досега сигурно веќе знаете какви притисоци ве очекуваат на училиште. Знаејќи го тоа и користејќи ги поуките што ги добивате од Бог, подгответе се да сведочите (Изр. 22:3). Добро размислете за советите и корисните библиски предлози што се наоѓаат во двата тома од книгата Младите прашуваат, како и во статиите од истата рубрика што редовно излегува во Разбудете се!
3. Како можете да сведочите на училиште?
3 Училиштето е посебно подрачје кое ви дава можност да сведочите на разни начини. Кога другите ќе видат дека се облекувате, се однесувате и зборувате пристојно, дека ги почитувате соучениците и наставниците, па дури и дека имате добри оценки, и кога ќе сфатат дека имате цврст темел во животот, некои можеби ќе ве прашаат: „Зошто сте поинакви?“ (Мал. 3:18; Јован 15:19; 1. Тим. 2:9, 10). Тоа може да ви даде прилика да сведочите и да објасните во што верувате. Во текот на годината, веројатно ќе имате поголем притисок околу државните и верските празници. Ако ве прашаат зошто не учествувате, дали само ќе речете: „Тоа е спротивно на моите верувања. Јас сум Јеховин сведок“ или, пак, ќе ја искористите приликата да сведочите за вашиот Татко, Јехова, кој многу ве сака? Со добра подготовка и со водство од Јехова, ќе можете убаво да им сведочите на наставниците, на соучениците и на другите (1. Пет. 3:15).
4. Зошто сте уверени дека можете да имате успешна учебна година?
4 Иако можеби малку ве плаши мислата дека треба да тргнете на училиште, не заборавајте дека ја имате поддршката од многумина што сакаат да имате успешна учебна година. Освен тоа, се радуваме што ќе можете да им сведочите на другите на вашето посебно подрачје. Затоа, бидете храбри и подготвени за училиште!