Прашања
◼ Кој треба да пополни купон и барање на интернет?
Во нашите публикации обично има купон со кој некој може да побара литература или да биде посетен од Јеховините сведоци. Купонот може да се пополни и да се испрати до подружницата. Освен тоа, преку нашата веб-страница www.watchtower.org може да се побара библиска студија. На овој начин мнозина имале можност да ја запознаат вистината. Меѓутоа, доаѓа до проблеми кога објавителите ги пополнуваат овие купони и барања наведувајќи ја адресата на своите роднини или други лица што тие би сакале да добиваат литература или да бидат посетени.
Некои од оние што добиле литература од подружницата без нивно барање се пожалиле, сметајќи дека нашата организација им досадува и дека ги има ставено на список за редовно да им праќа пошта. Објавителите кои биле замолени да посетат некого кој не побарал лично да биде посетен се нашле во незгодна ситуација кога виделе дека лицето е луто. Затоа, купоните или барањата што се пополнуваат на нашата веб-страница треба да ги пополнуваат заинтересираните лица, а не објавителите кои би сакале нивните роднини да добиваат литература. Кога браќата во подружницата ќе сфатат дека барањето го пополнил некој во туѓо име, обично не му обрнуваат внимание.
Тогаш, што можеме да направиме за некој наш роднина или познајник да добие духовна помош? Ако сакаш да добива литература, зошто ти не му испратиш публикации како подарок? Ако се заинтересира и сака да разговара со Сведоците, но не знаеш како да стапиш во контакт со старешините во тамошното собрание, треба да го пополниш формуларот Те молиме, посети го ова лице (S-43) и да му го дадеш на секретарот во твоето собрание, кој ќе го разгледа и ќе го испрати до подружницата. Меѓутоа, ако заинтересираното лице е во затвор, во центар за одвикнување од зависности или во болница, не треба да пишуваш до подружницата во негово име. Треба да го поттикнеш тој да контактира со браќата што доаѓаат во установата или лично да пише до подружницата.