Сите видови луѓе ќе бидат спасени
1 Јехова сака „сите видови луѓе да бидат спасени и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тим. 2:4, НС). Иако на луѓето во извесна мера влијаат наследноста, потеклото и околината, тие имаат слободна волја и можат индивидуално да избираат како ќе го користат својот живот. Можат да го прават она што е добро и да живеат, или можат да го прават она што е зло и да загинат (Мат. 7:13, 14). Како ова разбирање влијае на нашето гледиште кон луѓето на кои им пристапуваме со добрата вест за Царството?
2 Не треба да претпоставуваме дека интересот за вистината на некое лице е диктиран од фактори како што се националното или културното потекло или, пак, социјалната положба. Вистината може да ги привлече оние со ограничено или со напредно образование, оние кои се вклучени во политички работи и стручњаци, атеисти, агностици, па дури и ноторни престапници. Луѓе од секакво потекло и социјално ниво го промениле својот поранешен начин на однесување и сега се на патот кон живот во Божјиот нов свет (Изр. 11:19, НС). Затоа, не треба да се колебаме со пораката за Царството да им пристапуваме на луѓе од сите сталежи.
3 Разгледај ги овие примери: Еден човек планирал да го убие својот очув, но не го сторил тоа. Подоцна, тој решил да изврши самоубиство, но не можел. Откако бил затворен поради крадење и препродавање дрога, неговиот брак пропаднал. Денес, ова лице чесно заработува за живеачка и се радува на среќен брак, како и на добар однос со неговиот очув. Како дошло до оваа промена? Тој ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци и го применувал тоа што го учел. Јехова не го сметал него за непоправлив.
4 Славата на една млада жена како ТВ глумица не ѝ донела среќа. Но, кога станала импресионирана од доброто морално однесување на Сведоците, прифатила библиска студија и наскоро им помагала на другите да учат за добрата вест за Царството. Насекаде каде што одела во службата од врата до врата ја препознавале, но таа радосно им објаснувала дека повеќе сака да биде позната како Јеховин сведок отколку како глумица.
5 Кога една жена Сведок договорила библиска студија со еден претплатник на Стражарска кула, една сосетка слушнала за тоа и присуствувала на студијата. Сосетката веднаш ја препознала вистината по која трагала! Таа и нејзиниот сопруг ја поништиле одлуката за развод што им била одобрена и се смириле. Била длабоко заплеткана во астрологија и била оддадена на еден спиритистички култ, но спремно ги исфрлила скапите книги и сѐ друго што поседувала, а кое било поврзано со демонизам. Наскоро почнала да присуствува на состаноците и да разговара со роднините и пријателите за нејзината новопронајдена вера. Сега таа одушевено им сведочи на другите.
6 Не треба однапред да донесуваме суд за никого. Наместо тоа, ревно да ја споделуваме добрата вест со луѓето насекаде. Ја имаме секоја причина да бидеме сигурни дека Јехова, кој „гледа на срцето“, ќе стане „Спасител на сите видови луѓе“ (1. Цар. 16:7; 1. Тим. 4:10, НС).