СТУДИЈА 49
Да се дадат цврсти аргументи
КОГА наведуваш некаква изјава, твоите слушатели имаат потполно право да прашаат: „Зошто е така? Каков доказ постои дека треба да се прифати она што го кажува говорникот?“ Како учител, ти имаш обврска да одговориш на тие прашања или да им помогнеш на твоите слушатели да ги најдат одговорите. Ако е точката пресудна за твојот аргумент, погрижи се да им наведеш на слушателите силни причини да ја прифатат. Ова ќе придонесе твојата презентација да биде убедлива.
Апостол Павле користел убедување. Со цврсти аргументи, логично резонирање и сесрдно преколнување, тој настојувал да го смени мислењето на оние со кои разговарал. Тој ни дал убав пример (Дела 18:4; 19:8). Се разбира, некои оратори користат убедување за да ги заведат луѓето (Мат. 27:20; Дела 14:19; Кол. 2:4). Тие можеби почнуваат со некоја погрешна претпоставка, се потпираат на пристрасни извори, користат плитки аргументи, ги игнорираат фактите што не се сложуваат со нивното гледиште или повеќе апелираат на емоциите отколку на разумот. Треба да внимаваме да ги избегнуваме сите тие методи.
Цврсто темелено на Божјата реч. Она за кое поучуваме не смее да потекнува од нас самите. Ние настојуваме да го споделуваме со другите она што го учиме од Библијата. Притоа многу ни помагаат публикациите од класата на верниот и разборит роб. Овие публикации нѐ охрабруваат внимателно да го испитуваме Писмото. Од друга страна, пак, не ги насочуваме другите кон Библијата со цел да докажеме дека ние имаме право, туку со понизна желба да им дозволиме самите да увидат што вели таа. Се сложуваме со Исус Христос, кој во молитва на својот Татко му рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Не постои поголем авторитет од Јехова Бог, Творецот на небото и на Земјата. Цврстината на нашите аргументи зависи од тоа дали се темелат на неговата Реч.
Можеби понекогаш зборуваш со луѓе што не се запознати со Библијата или не ја признаваат како Реч Божја. Треба да користиш добро просудување во врска со тоа кога и како да ги воведеш библиските стихови. Но, треба да настојуваш, колку што можеш поскоро, нивното внимание да го насочиш кон тој авторитетен извор на информации.
Дали треба да заклучиш дека со самото тоа што цитираш некој релевантен стих, даваш несоборлив аргумент? Не мора да значи. Можеби ќе треба вниманието да го насочиш кон контекстот за да покажеш дека стихот навистина го поддржува она што го кажуваш. Ако само извлекуваш начело од некој стих, а во контекстот не се дискутира за таа тема, можеби ќе бидат потребни повеќе докази. Можеби ќе треба да употребиш и други стихови што се однесуваат на тоа начело за да ја увериш публиката дека она што го кажуваш навистина цврсто се темели на Писмото.
Избегнувај да го преувеличуваш она што го кажува стихот. Прочитај го внимателно. Можеби стихот се занимава со општиот предмет за кој дискутирате. Сепак, за твојот аргумент да биде убедлив, слушателот мора да биде во состојба да го види во него она што ти велиш дека тој аргумент го докажува.
Поддржано со дополнителни докази. Во некои случаи, можеби ќе биде полезно да се користат докази од некој доверлив извор надвор од Библијата за да им се помогне на луѓето да ја сфатат разумноста на Писмото.
На пример, можеби го посочуваш видливиот универзум како доказ дека постои Творец. Можеш да свртиш внимание кон природните закони, како што е гравитацијата, и да резонираш дека од постоењето на тие закони се подразбира дека постои Законодавец. Твојата логика ќе биде цврста ако е во согласност со она што стои во Божјата реч (Јов 38:31-33; Псал. 19:1; 104:24; Рим. 1:20). Таквиот доказ помага бидејќи покажува дека она што го вели Библијата е доследно на видливите факти.
Дали настојуваш да помогнеш некому да сфати дека Библијата навистина е Реч Божја? Би можел да цитираш некои изучувачи кои велат дека е, но дали тоа самото по себе е доказ? Тие цитати им помагаат само на луѓе што ги почитуваат тие изучувачи. Би можел ли да ја употребиш науката за да докажеш дека Библијата е точна? Ако ги користиш како свој авторитет мислењата на несовршените научници, би градел на разнишан темел. Од друга страна, пак, ако почнеш со Речта Божја и потоа укажеш на научните откритија што ја истакнуваат библиската точност, твоите аргументи ќе се засноваат на цврст темел.
Сеедно што настојуваш да докажеш, изнеси доволно докази. Колку докази ќе бидат потребни ќе зависи од твојата публика. На пример, ако дискутираш за последните денови, опишани во 2. Тимотеј 3:1-5, можеш вниманието на публиката да го свртиш кон добро познатите извештаи од вестите што покажуваат дека луѓето се „без природна наклоност“. Тој пример може да биде доволен за да докажеш дека овој аспект на знакот на последните денови се исполнува сега.
Честопати може да помогне некоја аналогија — споредба на две работи што имаат важни заеднички елементи. Аналогијата сама по себе не докажува извесна работа; нејзината непобитност мора да се потврди со она што го кажува самата Библија. Но, аналогијата може да помогне да се увиди разумноста на една идеја. Таква аналогија би можел да употребиш, на пример, кога објаснуваш дека Божјето Царство е влада. Би можел да истакнеш дека, исто како човечките влади, Божјето Царство си има владетели, поданици, закони, судски систем и образовен систем.
Често можат да се користат вистинити искуства за да се покаже мудроста од применувањето на библиските совети. Може да се употребат и лични искуства за да се поддржат наведените изјави. На пример, кога некому му истакнуваш колку е важно да се чита и проучува Библијата, би можел да објасниш како тоа ти го подобрило животот тебе. За да ги охрабри своите браќа, апостол Петар се осврнал на преобразувањето, чиј очевидец бил и самиот (2. Петр. 1:16-18). И Павле ги наведувал сопствените искуства (2. Кор. 1:8-10; 12:7-9). Се разбира, личните искуства треба да ги користиш штедливо за да не свртиш претерано внимание кон себе.
Со оглед на тоа што луѓето имаат различна заднина и размислување, доказите што уверуваат еден човек можеби нема да задоволат друг. Затоа, размислувај за гледиштата на твоите слушатели кога одлучуваш кои аргументи ќе ги употребиш и како ќе ги презентираш. Во Пословици 16:23 (NW) се вели: „Срцето на мудриот предизвикува неговата уста да покажува увид, и на неговите усни додава убедливост“.