Книга која е погрешно прикажана
„Доктрината за двојното движење на Земјата, околу нејзината оска и околу Сонцето, е погрешна и потполно спротивна на Светото писмо.“ Така изјавил Соборот на индексот при Римокатоличката црква во еден декрет во 1616 година.1 Дали навистина Библијата не е во согласност со научните факти? Или, пак, била погрешно прикажана?
ЗИМАТА 1609—1610 година, Галилео Галилеј го свртел својот новоконструиран телескоп кон небото и открил четири Месечини кои ја обиколуваат планетата Јупитер. Она што го видел го разнишало распространетото верување дека сите небесни тела мораат да кружат околу Земјата. Порано, во 1543 година, полскиот астроном Никола Коперник изнел теорија дека планетите се вртат околу Сонцето. Галилео потврдил дека тоа е научна вистина.
Меѓутоа, за католичките теолози ова претставувало ерес. Црквата долго време тврдела дека Земјата е центар на универзумот.2 Ова гледиште се темелело на дословно толкување на библиските стихови кои ја прикажувале Земјата како прицврстена на нејзините ‚основи да не се разниша никогаш‘ (Псалм 103:5). Кога бил повикан во Рим, Галилео се појавил пред инквизицијата. Подложен на ригорозно испитување, тој бил присилен да се одрече од своите откритија и остатокот од животот го поминал во куќен притвор.
Во 1992, околу 350 години после смртта на Галилео, Католичката црква конечно признала дека тој сепак бил во право.3 Но, ако Галилео бил во право, дали тогаш Библијата не била во право?
Пронаоѓање на вистинската смисла на библиските стихови
Галилео верувал дека Библијата е вистинита. Кога неговите научни откритија дошле во противречност со распространетото толкување на извесни библиски стихови, тој резонирал дека теолозите ја промашиле вистинската смисла на стиховите. Впрочем, „две вистини никогаш не можат да си противречат една на друга“, напишал тој.4 Укажал дека прецизните научни термини не им противречат на обичните зборови на Библијата. Но, теолозите не допуштиле да бидат разубедени. Тие инсистирале дека сите библиски изјави во врска со Земјата треба да се сфатат дословно. Како резултат на тоа, тие не само што ги отфрлиле откритијата на Галилео туку ја промашиле и вистинската смисла на таквите изрази од Писмото.
Навистина, здравиот разум треба да ни каже дека, кога Библијата укажува на „четирите агли од земјата“, со тоа не мисли дека библиските писатели сфатиле дека Земјата е дословно во облик на квадрат (Откровение 7:1). Библијата е напишана на јазикот на обичниот народ, честопати користејќи живи стилски фигури. Затоа, кога зборува за тоа дека Земјата има ‚четири агли‘, траен ‚темел‘, „подножја“ и „аголен камен“, Библијата не дава научен опис на Земјата; очигледно зборува метафорично, како што честопати правиме во секојдневниот говорa (Исаија 51:13; Јов 38:6, обата НС).
Во својата книга Galileo Galilei, биографот Л. Гајмонат забележал: „Тесноградите теолози кои сакале да ја ограничат науката на темел на библиското расудување, не би направиле ништо друго освен да фрлат лошо светло врз самата Библија“.5 Тоа и го сториле. Всушност, теолошкото толкување на Библијата — а не самата Библија — било тоа што ставило неразумни ограничувања врз науката.
Слично на тоа, религиозните фундаменталисти денес ја искривуваат Библијата кога инсистираат дека Земјата била создадена за шест дена од по 24 часа (1. Мојсеева 1:3—31). Таквото гледиште не е во согласност ниту со науката ниту со Библијата. Во Библијата, како и во секојдневниот говор, зборот „ден“ е флексибилен термин кој изразува единица време со различни должини. Во 1. Мојсеева 2:4 (НС), на сите шест денови на создавање се укажува како на еден сеопфатен ‚ден‘. Хебрејскиот збор кој во Библијата е преведен со „ден“ може едноставно да значи „долго време“.6 Значи, не постои библиска причина да се инсистира дека секој ден на создавање траел 24 часа. Со тоа што поучуваат поинаку, фундаменталистите погрешно ја прикажуваат Библијата. (Види и 2. Петрово 3:8.)
Низ историјата, теолозите честопати ја искривувале Библијата. Разгледајте и некои други начини на кои религиите на христијанскиот свет погрешно го прикажале она што го вели Библијата.
Погрешно прикажана од религијата
Постапките на оние кои велат дека ја следат Библијата честопати го валкаат угледот на книгата за која тврдат дека ја почитуваат. Таканаречените христијани меѓусебно пролевале крв во името на Бог. Но, Библијата ги опоменува Христовите следбеници ‚да се љубат еден со друг‘ (Јован 13:34, 35; Матеј 26:52).
Некои свештеници ги ограбуваат своите стада, измолувајќи од нив тешко заработени пари — што е далеку од поуката во Писмото: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8; 1. Петрово 5:2, 3).
Јасно е дека за Библијата не може да се суди според зборовите и постапките на оние кои само ја цитираат или тврдат дека живеат според неа. Затоа, една личност со отворени погледи можеби ќе сака самата да открие за што станува збор во Библијата и зошто е толку извонредна книга.
[Фуснота]
a На пример, астрономите кои се најголеми буквалисти дури и денес зборуваат за „изгрев“ и „залез“ на Сонцето, на ѕвездите и на соѕвездијата — иако, всушност, поради Земјината ротација само изгледа дека тие се движат.
[Слика на страница 4]
Два телескопа на Галилео
[Слика на страница 5]
Галилео се соочува со своите инквизитори