Гледиште на Библијата
Дали христијаните треба да учествуваат во новогодишните прослави?
„ПОПЛАДНЕТО пред новогодишната вечер обично е мирно“, вели Фернандо, лекар од Бразил. „Потоа, некаде околу 23 часот, почнуваат да пристигнуваат — постојан прилив од пациенти со рани од нож или од истрели, тинејџери повредени во автомобилски несреќи, како и претепани жени. Речиси секогаш фактор е алкохолот“.
Со оглед на горенаведеново, не изненадува тоа што еден бразилски весник го нарекол првиот ден од годината меѓународен ден на мамурлак. Една европска новинарска агенција вели дека „Нова година е наменета за лаикот хедонист“, додавајќи дека таа е „уште една рунда во вечната борба на човекот против алкохолот“.
Се разбира, сите не ја прославуваат Новата година со пијанчење и со насилство. Всушност, многу луѓе имаат убави спомени од таа прилика. „Како деца, едвај чекавме да дојде новогодишната вечер“, вели Фернандо, цитиран претходно. „Секогаш имаше многу игри, храна и пиење. На полноќ се прегрнувавме, се бакнувавме и си посакувавме ‚Среќна Нова година!‘“
Слично и денес, многумина сметаат дека учествуваат во новогодишните прослави без да претераат. Сепак, ќе биде добро христијаните да го испитаат потеклото и значењето на оваа популарна прослава. Дали новогодишните празници се во конфликт со библиските науки?
Факти од минатото
Новогодишните прослави не се нешто ново. Некои древни натписи покажуваат дека тие се одржувале во Вавилон уште во третиот милениум пр.н.е. Главна била прославата што се одржувала во средината на март. „Тогаш богот Мардук одредувал каква ќе биде судбината на целата земја во текот на претстојната година“, вели The World Book Encyclopedia. Вавилонските новогодишни празници траеле 11 дена и вклучувале жртви, поворки и обреди на плодноста.
Едно време и кај Римјаните годината започнувала со месецот март. Но, во 46 пр.н.е., императорот Јулиј Цезар наредил годината да започнува на први јануари. Тој ден веќе му бил посветен на Јанус, богот на почетоците, и сега требало да го означи и првиот ден од римската година. Датумот се променил, но карневалската атмосфера останала. На први јануари луѓето „се оддавале на развратна неумереност“, вели Cyclopedia од Мек-клинток и Стронг, „и на секакви пагански суеверија“.
Дури и денес, суеверните ритуали се дел од новогодишните прослави. На пример, во некои области на Јужна Америка, голем број луѓе ја пречекуваат Новата година стоејќи на десната нога. Други, пак, дуваат во труби и фрлаат петарди. Според еден чешки обичај, вечерта спроти Нова година се јаде леќа, додека во Словачка луѓето по традиција оставаат пари или крлушка од риба под чаршавот на масата. Ваквите ритуали, наменети да штитат од несреќа и да гарантираат просперитет, претставуваат само продолжување на древното верување дека во почетокот на годината се одредува судбината.
Библиското гледиште
Библијата ги опоменува христијаните ‚да одат пристојно, не во лумпувања и пијанки‘a (Римјаните 13:12—14; Галатите 5:19—21; 1. Петрово 4:3). Бидејќи новогодишните прослави честопати се карактеризираат токму со неумереностите што Библијата ги осудува, христијаните не учествуваат во нив. Ова не значи дека христијаните сакаат да им го расипуваат расположението на другите. Напротив, тие знаат дека Библијата често им кажува на обожавателите на вистинскиот Бог да се радуваат — и тоа од многу причини (Второзаконие 26:10, 11; Псалм 32:11; Пословици 5:15—19; Проповедник 3:22; 11:9). Библијата исто така вели дека храната и пиењето честопати одат заедно со радоста (Псалм 104:15; Проповедник 9:7а).
Меѓутоа, како што видовме, новогодишните празници имаат корени во паганските обичаи. Лажното обожавање е нечисто и одвратно во очите на Јехова Бог, а христијаните ги отфрлаат практиките што имаат такво потекло (Второзаконие 18:9—12; Езекиел 22:3, 4). Апостол Павле напишал: „Што имаат заедничко праведноста и беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината? Понатаму, каква хармонија постои меѓу Христос и Велијар?“ Со добра причина Павле додал: „Престанете да го допирате она што е нечисто“ (2. Коринќаните 6:14—17а).
Исто така, христијаните сфаќаат дека учеството во суеверни ритуали не гарантира среќа и просперитет — особено затоа што учеството во такви прослави може да води до неодобрување од Бог (Проповедник 9:11; Исаија 65:11, 12). Освен тоа, Библијата ги опоменува христијаните да бидат умерени и да покажуваат самоконтрола во своето однесување (1. Тимотеј 3:2, 11). Јасно, не би било на место некој што изјавува дека ги следи Христовите учења да учествува во некоја прослава што се карактеризира со развратна неумереност.
Колку и да се привлечни и примамливи за сетилата новогодишните прослави, Библијата ни кажува ‚да престанеме да го допираме она што е нечисто‘ и „да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“. На оние што постапуваат во склад со ова, Јехова им упатува срдечна гаранција: „Јас ќе ве примам . . . ќе ви бидам татко, а вие ќе ми бидете синови и ќерки“ (2. Коринќаните 6:17б—7:1). Всушност, на оние што му се лојални тој им ветува вечни благослови и напредок (Псалм 37:18, 28; Откровение 21:3, 4, 7).
[Фуснота]
a Павловото осврнување на „лумпувања и пијанки“ можеби ги вклучувало и оние што ги имало на новогодишните прослави, бидејќи тие биле популарни во Рим во првиот век.