Да се препознаат сериозните проблеми со спиењето
ПОНЕКОГАШ симптомите можат да укажуваат на некој сериозен проблем со спиењето. Хроничната несоница, која трае подолго од еден месец, честопати е поврзана со некои посериозни проблеми, вклучувајќи ја и депресијата. Освен тоа, хроничната несоница може да биде симптом и на некое тешко физичко заболување.
Апнеја при спиењето
Марио бил многу поспан во текот на денот. Кога возел автомобил, неговата сопруга морала внимателно да го набљудува бидејќи му се случувало на моменти да ‚се изгуби‘ и ретко се сеќавал на тоа. Секоја ноќ ’рчел гласно и нерамномерно, а понекогаш се будел со нагли движења, борејќи се да дојде до здив.a
Кај Марио биле присутни класичните симптоми на апнеја при спиење. Апнеја дословно значи „без здив“. Една епизода на апнеја при спиењето може да трае некаде од десет секунди до две или три минути. Оној што го има овој проблем честопати се превртува в кревет обидувајќи се да дојде до здив и потоа повторно заспива, но апнејата се повторува стотици пати во текот на ноќта. Постојат три вида апнеја.
Централна апнеја се јавува кога центарот за контрола на дишењето во мозокот не дава наредба да се дише нормално. Кај опструктивната апнеја при спиењето, дишните патишта во задниот дел од гркланот се затвораат и го блокираат протокот на воздух. Комбинираната апнеја е комбинација на претходните две и се јавува најчесто. Болните од ова заболување може на крајот да се чувствуваат исто како некој што не спиел по цели ноќи!
Животот на оние што имаат апнеја при спиењето може да биде во опасност бидејќи можат ‚да се изгубат‘ додека се на работното место или додека возат. Можат да добијат висок крвен притисок, проширено срце и изложени се на поголем ризик од мозочен или срцев удар. Д-р Вилијам Демент од универзитетот во Станфорд проценува дека секоја година 38.000 Американци умираат од кардиоваскуларни проблеми што се јавуваат како последица на апнеја при спиењето.
Иако најчесто се јавува кај згоените мажи постари од 40 години, апнејата при спиењето може да се јави на која и да било возраст, дури и кај малите деца. Може да се лекува на неколку начини — но најдобро е лекувањето секогаш да биде под надзор на специјалист за проблеми со спиењето. Најефикасно лекување на опструктивната апнеја при спиењето, без оперативен зафат, е да се користи апарат што овозможува постојан проток на воздух низ дишните патишта. Ноќе пациентот става маска на носот, а еден регулатор на притисокот (што лекарот го наместил според потребите на пациентот) пропушта низ дишните патишта токму онолку воздух колку што е потребно за да не дојде до апнеја. Ако состојбата не се подобри на овој начин, има неколку хируршки методи, во кои спаѓаат користење на ласер или на радиобранови за да се отстрани вишокот ткиво од гркланот.
Нарколепсија
Друг проблем со спиењето што треба да се лекува е нарколепсијата — невролошко заболување кое предизвикува претерана поспаност во текот на денот. На пример, Бак постојано бил поспан. Заспивал одеднаш, дури и за време на некои важни состаноци. Почнал да ги држи клучевите во рака за да може, кога ќе му се случи тоа, да се разбуди од звукот кога тие ќе паднат на подот. Потоа кај него се јавила катаплексија (ненадејна слабост во мускулите) — при што секогаш кога ќе се возбудел му се стресувале колената и паѓал. Потоа кај него се појавиле симптоми на парализа при спиењето, како и повремени халуцинации непосредно пред да заспие.
Нарколепсијата обично се јавува на возраст од 10 до 30 години. Кај оние што ја имаат, понекогаш се јавува таканареченото автоматско (несвесно) однесување, кога навидум се однесуваат нормално, но не се сеќаваат дека поминало многу време. Трагедијата на оваа болест е тоа што честопати со години не може да се открие, а за тоа време луѓето мислат дека нарколептичарот е всушност мрзлив, ментално бавен или чуден. Сега за сега се смета дека е неизлечлива болест, но со лекарства и со измени во начинот на живот симптомите можат донекаде да се ублажат.b
Други проблеми со спиењето
Други два проблема, кои понекогаш се јавуваат во комбинација еден со друг, ги погодуваат екстремитетите и предизвикуваат хронична несоница. Едниот проблем е периодични нагли движења на екстремитетите, при што нозете, а понекогаш и рацете, нагло се мрдаат и се грчат во текот на спиењето. Размислете за Мајкл. Испитувањата покажале дека секоја ноќ се будел околу 350 пати поради периодичните нагли движења на нозете!
Еден друг проблем е синдромот на немирни нозе,c при што во мускулите на нозете и во колената се јавува силен нагон за мрдање, и тогаш болниот не може да заспие. Ова заболување понекогаш е поврзано со недоволната физичка активност или со слабата циркулација, но во некои случаи изгледа дека е поврзано со внесувањето кофеин. Исто така, познато е дека и алкохолот понекогаш го влошува овој проблем.
Бруксизмот е проблем што се карактеризира со стругање или крцкање на забите за време на спиењето. Ако тоа се случува редовно, може да дојде до абнормално истрошување на забите и непријатно чувство во вилицата, а тоа води до тешка несоница. Во зависност од тоа колкав е овој проблем, има најразлични начини на лекување — од орална хирургија до носење заштитна протеза во текот на ноќта.
Овој краток преглед на само неколку од многуте проблеми поврзани со спиењето илустрира дека може да биде опасно да се игнорираат. Лекувањето може да биде едноставно или сложено, но честопати е неопходно. Ако Вие или некој од Вашите најблиски страда од хронична несоница или покажува знаци на кој и да е друг сериозен проблем со спиењето, ќе биде мудро во најскоро време да побарате стручна помош. Дури и ако проблемот не се отстрани потполно со лекувањето, можат значително да се намалат ризиците што се вклучени и да им се олесни на сите да ја издржат таа ситуација. А во иднина, кога ќе се исполнат библиските ветувања, „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘ “ Кога Бог ќе направи „сѐ ново“, сите болести ќе бидат потполно отстранети (Исаија 33:24; Откровение 21:3—5).
[Фусноти]
a Нерамномерното, силно ’рчење кое е последица на апнеја (престанок на дишењето при спиењето) не треба да се меша со повременото лесно, ритмично ’рчење кај многу луѓе додека спијат — при кое единствената непријатна работа е тоа што другите што се во истата соба не можат да спијат.
b За повеќе информации во врска со нарколепсијата видете го англиското издание на Разбудете се! од 8 април 1991, страници 19—21.
c За повеќе информации во врска со ова заболување, видете го српското издание на Разбудете се! од 22 ноември 2000.
[Слика на страница 10]
Лекувањето на проблемите со спиењето треба да биде под лекарски надзор
[Слика на страница 10]
’Рчењето може да биде симптом за апнеја при спиењето
[Слика на страница 11]
Нарколепсијата честопати погрешно се сфаќа како мрзливост
[Слика на страница 12]
Апаратите што го регулираат протокот на воздух низ дишните патишта можат да ги ублажат симптомите кај апнеја при спиењето