Итен повик — Лондон
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
„НАШАТА цел е да стигнеме до тешко болните пациенти и до повредените лица во рок од осум минути, каде и да се на 1.600-те квадратни километри во Лондон“, ни објасни Роб Ешфорд, началникот на брза помош при Службата за итна медицинска помош во Лондон. „И покрај тоа што секоја година има сѐ повеќе несреќни случаи, во 75 отсто од случаите успеваме да стигнеме до загрозените.“
Бев поканет да го посетам Контролниот центар на службата за итна медицинска помош во Лондон, кај Ватерло, на јужниот брег на реката Темза. Овој центар, кој е најголем од ваков вид во Европа, прима околу 3.000 повици за итна помош секој ден. Повиците пристигнуваат од околу седум милиони луѓе што зборуваат на преку 300 јазици. Како се организирани 300-те вработени во овој центар за да можат да се справат со предизвикот?
Одредување на итноста на повикот
Гледав како една од службеничките што работи на телефонската централа одговара на „итните повици —999“, како што се викаат во Британија (999 е телефонскиот број за итна помош). Таа брзо лоцираше од каде доаѓа повикот и која е најблиската раскрсница. На компјутерскиот екран веднаш ѝ се појави карта со улиците. За да го одреди степенот на итноста, постави неколку прашања: ‚На колкумина им е потребна помош? На која возраст се? Дали се машки или женски? Дали се во свесна состојба? Дали дишат? Дали имаат болки во градите? Дали крвават?‘
Додека таа ги внесува овие информации, компјутерот автоматски дава проценка на ситуацијата: црвено — животот е во опасност, жолто — сериозно е, но животот не е во опасност, или зелено — животот не е во опасност, и не е сериозно. Потоа, службеничката ја доставува оваа проценка до еден колега кој испраќа помош до жртвата.
Помош на лице место
Оваа служба има 395 возила за брза помош и 60 автомобили подготвени да тргнат веднаш. Кога ќе се пријави некој итен случај, најблиското возило се упатува кон местото. Има и болничари на мотоцикли, зашто така можат полесно да се пробијат кога има застој во сообраќајот. Освен тоа, има 12 лекари кои дежураат 24 часа на ден за да им помогнат на болничарите.
Додека бев во центарот, локалната полиција пријави тешка сообраќајна несреќа на еден прометен автопат. Таму веќе имаше едно амбулантно возило, но полицијата сепак се јави во центарот за итна помош. Зошто? За вработените да имаат на ум дека можеби ќе биде потребно да испратат хеликоптер. Годишно, овој црвен хеликоптер се испраќа на отприлика 1.000 повици за брза помош. Во него има болничар и лекар, кои обично ги префрлаат сериозно повредените до Royal London Hospital каде што веднаш им се укажува помош.
Во 2004 година, беше воведена уште една новина — на аеродромот Хитроу во Лондон беше поставена пробна единица за брза помош на велосипеди, како еден вид проширување на службата што веќе функционира во Вест Енд (дел од Лондон). Оваа екипа се состои од техничари и болничари обучени за итни случаи, и тоа помага возилата за брза помош да бидат слободни за други повици. Секој велосипед е опремен со сино светло и сирена, има корпа со опрема тешка 35 килограми, која содржи и дефибрилатор (апарат за воспоставување нормална работа на срцето со помош на електрошокови), кислород и аналгетици.
По само неколку дена откако беше формирана велосипедската екипа, се покажа дека навистина е од голема помош. На една 35-годишна жена ѝ се слошило на терминалот 4 на Хитроу по што престанала да дише. Откако бил примен повик на бројот 999, двајца болничари пристигнале на местото за неколку секунди, ѝ дале кислород и веднаш почнале со реанимација. Едно амбулантно возило брзо ја однело до најблиската болница. Откако закрепнала, жената лично им се заблагодарила на болничарите што ѝ го спасиле животот.
Проширување на службата
Кога лицето што се јавува на бројот 999 не зборува англиски, го поврзуваат со преведувач. Се разбира, не е секогаш лесно да се одреди кој јазик го зборува оној што се јавил, особено кога зборува брзо затоа што е вознемирен или под стрес!
За да биде јавноста подобро информирана во врска со итната помош, беше направен еден краток филм на DVD титлуван на англиски. Целта е да се поттикнат жителите на Лондон кои потекнуваат од јужна Азија „да научат како да направат кардиоваскуларна реанимација“, се вели во LAS News, публикација што ја издава Службата за итна медицинска помош во Лондон. На ова DVD е прикажано и што се случува кога ќе се добие повик на бројот 999.
Жителите на англискиот космополитски главен град се благодарни за брзата реакција при итни случаи, сеедно дали се работи само за едно лице или за повеќемина, и сеедно дали несреќите се случуваат под земја или високо во некој облакодер. Во врска со мажите и жените што работат во Службата за итна медицинска помош во Лондон, еден лекар што волонтира таму вели: „Тие се некои од најдобрите медицински стручњаци со кои сум работел“. Ова е убава пофалба за вработените во најголемата бесплатна служба за итна медицинска помош во светот.
[Рамка на страница 11]
Проблеми и фрустрации
Неумесните повици за да се побараат лични информации и повиците во врска со некои безначајни болести и повреди, како и повиците од луѓе кои случајно свртеле 999 или ѕвонеле само заради забава, им создаваат проблеми на службите за итна медицинска помош. Што е уште полошо, некои пациенти а и други — меѓу кои и членовите на нивните семејства — ги навредуваат, па дури и физички ги напаѓаат медицинските лица што доаѓаат да им помогнат! Можеби овие луѓе се гневни затоа што се под стрес, под дејство на дрога или затоа што сметаат дека брзата помош премногу се задржала. Нема едноставно решение за овие проблеми, но од голема помош е јавноста да биде информирана.
[Слики на страница 10]
Овој центар прима околу 3.000 повици за итна помош секој ден
[Извор на слика на страница 10]
Сите фотографии: со љубезна дозвола на London Ambulance Service NHS Trust