Телевизија
КРАТКО време откако човекот научил да емитува звук, иноваторите почнале да размислуваат дали би можеле да емитуваат и подвижни слики. За да сфатиме со колкав предизвик се соочиле, да разгледаме како функционира телевизијата денес.
Најпрво, телевизиската камера фокусира некоја сцена и ја испраќа кон еден уред кој ја „чита“ сликата, како што ние читаме текст. Меѓутоа, наместо да чита редови од букви, камерата „чита“ редови од точки на сликата (пиксели). Она што таа „го гледа“ го претвора во електронски видеосигнал што може да се пренесе на друго место. Потоа, приемникот повторно го претвора сигналот во подвижни слики.
Се смета дека телевизијата ја измислил Шкотланѓанецот Џон Логи Берд. Бидејќи, поради слабото здравје, морал да го напушти своето работно место како електроинженер, тој се посветил на идејата што го заинтересирала уште како тинејџер — да конструира машина што ќе пренесува подвижни слики.
Телевизиската камера на Берд имала диск (отпрвин користел кутија за капи) со 30 дупки наредени во спирала. Додека дискот се вртел, дупките ја снимале сликата ред по ред и ја пропуштале светлината врз една фотоелектрична ќелија. Оваа ќелија произведувала видеосигнал што се пренесувал до еден приемник. Во приемникот, сигналот се засилувал и се емитувал како светлина со променлива јачина зад сличен диск што ротирал и така ја репродуцирал сликата. Меѓутоа, било проблем двата диска да се синхронизираат. Додека напорно работел на овој проект, Берд се издржувал чистејќи чевли.
На 2 октомври 1925 год., Берд го пренел првиот телевизиски сигнал од едниот до другиот крај на својот таван. Првото лице кое некогаш се појавило на телевизија било едно преплашено момче кое работело во канцеларијата на долниот кат и кое го најмил за половина круна. Во 1928 год., Берд го емитувал првиот телевизиски сигнал преку Атлантикот. Кога допатувал во Њујорк, на овој срамежлив Шкотланѓанец му било многу непријатно што бил дочекан од една група гајдаџии. Џон Логи Берд станал славен. Но, дали навистина бил првиот што емитувал подвижни слики?