Хемиските пестициди убиваат повеќе од бубалките
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
„СОВРШЕНО“, вели фармерот Домингос дос Сантос додека го гледа насадот од растението касава на својата фарма во јужен Бразил. Тој има причина да биде задоволен. Листовите на неговите растенија изгледаат како на нив никогаш да не стапнал некој штетен инсект. Уште еден подвиг на хемиските инсектициди? Не. „Минатата и оваа година“, вели Домингос, „не морав да купам ниту еден грам инсектициди.“
Домингос припаѓа на една сѐ поголема група фармери кои не сакаат да користат хемиски пестициди за да ги заштитат своите насади.a Наместо тоа, тие користат методи кои ја исклучуваат, или барем ја намалуваат употребата на хемикалии. „Какви методи?“ го прашав Сандро Милер, агроном кој врши некои експерименти на една плантажа со агруми во близината на Сао Паоло. „Зошто е разумно уште на почетокот фармерите да го намалат запрашувањето со инсектициди?“
Кругот на пестицидите
За да ми помогне да си ја претставам темната страна на употребата на хемиските инсектициди, Сандро вели: „Замислете си група полицајци кои бркаат една банда ограбувачи на банка. За да избегаат, ограбувачите втрчуваат во една прометна зграда со канцеларии. Бидејќи ограбувачите не можат да се видат во гужвата, полицијата повикува хеликоптер кој фрла гасна бомба врз комплексот канцеларии. Тоа не ги убива само ограбувачите туку и недолжните канцелариски работници и чуварите на безбедноста во зградата. Нешто слично се случува кога фармерот постојано ги бомбардира своите насади со силни инсектициди. Тие ги убиваат штетните инсекти, ограбувачите, но ги убиваат и корисните, чуварите на безбедноста“.
„Но, барем насадите се спасени“, одговарам јас. Сепак, Сандро истакнува дека пестицидите кои се користат неизбирливо, започнуваат еден штетен циклус. Како? Некои бубалки го преживуваат прскањето затоа што се отпорни на извесни пестициди. После тоа, ќе ги најдете како си седат среде насадот кој останал без ‚чуварите на безбедноста‘, односно корисните инсекти — благодарение на прскањето на фармерот.
Изобилството храна и отсуството на природни непријатели гарантираат брз пораст на бројот на бубалки отпорни на инсектициди, што го присилува фармерот повторно да прска, овојпат можеби со уште посилен инсектицид. На некои подрачја во Јужна Америка каде што растат мешунки, фармерите прскаат секоја седмица. Кој е крајниот резултат од овој циклус? „Ако сеете пестициди“, рекол еден фармер, „ќе пожнеете отров.“
Употреба на пестициди — помало зло?
Истражувањата покажуваат дека човекот кој ги труе штетниците, се труе и себеси. Само во Бразил, известило списанието Guia Rural, пестицидите трујат околу 700.000 луѓе годишно — што во просек е едно лице на секои 45 секунди! Светската здравствена организација известува дека ширум светот, секоја година умираат 220.000 луѓе поради изложеност на токсични пестициди. Освен тоа, пестицидите нанесуваат голема штета на природната средина.
Иако некои луѓе денес сметаат дека да се отвори кутијата со пестициди е слично како да се отвори Пандорината кутија, други честопати сметаат дека употребата на пестициди е помалото од две зла. Еве како се аргументира ова: Или пестициди и храна или без пестициди и глад. На крајот на краиштата, бројот на луѓето на земјата се зголемува додека земјиштето кое е погодно за обработување се намалува. За да се спречи глобално гладување, насадите мора да се заштитат од штетните инсекти кои можат да ги уништат.
Јасно е дека штетниците претставуваат голем проблем. Но, за среќа, сѐ поголем број фармери ширум светот дознаваат дека има еден пристап кој е подобар од запрашувањето на насадите со големи дози пестициди. Наречен е интегрирано контролирање на штетниците, односно ИКШ.
ИКШ — алтернатива
„Што е ИКШ?“ го прашав професор Евониу Берти Филју, кој е шеф на ентомолошкиот оддел на универзитетот во Сао Паоло во Пирасикаба и водечки истражувач во природната контрола на штетниците. Професор Берти објасни дека целта на ИКШ е да се намали употребата на инсектицидите на минимумот кој е потребен за да се применат само оние инсектициди кои убиваат извесни штетни бубалки. Потоа, намаленото прскање се засилува со природни облици на контрола на штетници.
Еден таков облик на контрола на штетници е наизменично менување на насадите. На пример, од година на година, некој фармер може наизменично да ги менува насадите со пченка и мешунки. Штетниците кои сакаат пченка но не се заинтересирани за мешунки, или умираат од глад или се иселуваат во потрага по парцели со повеќе пченка. Потоа, следниот пат кога ќе се засади пченка, повеќето од бубалките ќе бидат заминати — барем привремено. А додека се вратат сите бубалки кои сакаат пченка, уште едно наизменично менување на насадите може брзо да ги присили повторно да се спакуваат.
Биолошката контрола е уште една компонента на ИКШ. Се состои од тоа фармерите да ги придобијат како сојузници инсектите, бактериите, вирусите, печурките и другите природни непријатели на штетниците. На пример, бразилските истражувачи забележале дека во природата многу гасеници умреле откако го добиле вирусот наречен бакуловирус. Тие претпоставиле дека, бидејќи вирусот е безопасен за луѓето, би можеле да ги испрскаат насадите со течност која го содржи овој вирус и тоа би дејствувало како биолошки инсектицид против гасениците кои се гоштаваат од приносите на соја и касава. Тоа имало ефект. Гасениците умреле после неколку дена откако ги изџвакале прсканите приноси. Освен тоа, мртвите гасеници му обезбедуваат на фармерот бесплатно оружје за идните битки. Како?
„Фармерот едноставно ги става мртвите, инфицирани гасеници во една мешалка“, објасни професор Берти, „ги толчи, ја филтрира измешаната маса и добиената течност ја складира во замрзнувач.“ Потоа фармерот ја топи течноста инфицирана со вирусот, ја меша со вода и ја прска смесата врз својот принос.
На овој биолошки инсектицид можеби му недостига брзиот ефект на неговит хемиски двојник, но сепак, тој барем има 90-процентен успех, вели еден истражувач.
Убивање на бубалките на природен начин
Придобивањето на корисните инсекти како сојузници за да се победат бубалките е уште еден важен дел од биолошката контрола на штетниците. Сепак, и покрај напорите да се убедат фармерите да го применуваат овој облик на контрола на бубалките, многу фармери во Бразил и на други места сѐ уште се колебаат да го направат тоа. Зошто? Изгледа дека идејата намерно да се пуштат инсекти на обработливото земјиште им изгледа исто толку бесмислена на фармерите колку што на жителите на градовите им е бесмислена идејата да се пуштат лебарки во становите. „За повеќето фармери“, ми рече професор Берти, „сите инсекти јадат билки. Последното нешто што го сака еден фармер е уште повеќе инсекти.“
Значи, јасно е дека биолошката контрола на штетниците ќе стекне популарност само ако фармерите сфатат дека некои инсекти се нивни сојузници. На пример, одгледувачите на овошје во Калифорнија (САД), ја добиле помошта на бубамарата во доцните 1800-ти. Во тоа време, штетни инсекти, случајно доведени од Австралија, ги нападнале и речиси ги уништиле сите лимонови и портокалови дрвја. На бубамарите им требало помалку од две години за да ги доведат под контрола инсектите натрапници, спасувајќи ги калифорниските насади со агруми!
Една поинаква контрола
Денес, некои фармери во Бразил одново ја откриваат улогата на жуаниња (малата Жуана, тамошното име за бубамара) како сигурен ‚чувар на безбедноста‘. „Жуанињите се борат против растителните вошки во овој насад со агруми“, ми рече Сандро додека чекоревме низ редовите дрвја од портокали на плантажата со агруми што ја одгледува тој. Застана кај едно дрво од портокал, посегна по едно гранче со млади листови и го свитка. Мушичките, односно растителните вошки — тромави инсекти големи колку глава од игла — седат неподвижни со клуновите забодени во листовите, шмукајќи сок.
Но, овие вошки се храна за ‚чуварите на безбедноста‘. Всушност, кај некои видови бубамари, само една бубачка може да изџвака 800 вошки во текот на својот живот. Дали тоа е доволно за да се промени нешто? „Да“, рече Сандро, „ако оставите доволно трева и плевел меѓу дрвјата со агруми за да обезбедите дом за голем број бубамари и други природни непријатели.“ Во минатото, кога во овој овоштарник не се применувала биолошката контрола, забележа Сандро, на секои две седмици било прскано со хемиски инсектициди. Денес, благодарение на природните непријатели како што се бубамарата и другите инсекти, потребата да се прскаат инсектициди опаднала на секои два или три месеца.
Бубамарата е само еден од многуте природни сојузници на кои сметаат фармерите. Пчелите, осите, птиците, пајаците, жабите, да спомнеме само неколку, се членови на една војска која ги контролира штетниците 24 часа нон-стоп. Дури и рибите помагаат да се замени кантичката за прскање. Како?
Во Кина, известува истражувачот Сиау Фан од одделот за земјоделство и шумарство во Нанкинг, провинцијата Киангшу, потребата од инсектициди била намалена кога почнале да се одгледуваат риби во поплавените оризови полиња. Фармерите повлекуваат јаже над растенијата со цел инсектите да паднат во водата. „Поради тоа што растителните вошки се преправаат дека се мртви кога ќе паднат од оризовите растенија“, објаснува Фан, „рибите лесно ги јадат.“
Користењето помалку пестициди овозможува да преживеат корисните инсекти. Овие инсекти ги здружуваат своите сили во борбата против штетниците заедно со рибите кои јадат бубалки. Благодарение на биолошката контрола на штетниците, вели Фан, употребата на големи количества отровни инсектициди е минато. Здравствените и економските користи, додава тој, се очигледни.
Точно е дека фармерите ја прифаќаат ИКШ повеќе од економски отколку од еколошки причини. На крајот на краиштата, намалувањето на употребата на скапите пестициди заштедува пари, а тоа значи поголем профит — што е поттик за еден безвременски и глобален апел. Сепак, ако поголемиот економски профит води до помалку затруени насади и помало оштетување на природната средина, тогаш ИКШ им носи користи и на фармерите и на потрошувачите, како и на екологијата. Како што се изразил еден набљудувач, со ИКШ „секој има добивка“.
[Фуснота]
a Најупотребувани видови пестициди се 1) инсектицидите, 2) хербицидите, 3) фунгицидите и 4) родентицидите. Секој вид е именуван според штетникот што го контролира.
[Рамка на страница 13]
Наследството од пестицидите
Дури и ако сите фармери ширум светот, почнувајќи од денес, применуваат интегрирана контрола на штетниците, проблемот со пестицидите ни оддалеку не би бил решен. Организацијата за исхрана и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) проценува дека во земјите во развој има складирано повеќе од 100.000 тони неупотребени пестициди. „Значителен дел од резервите“, забележува Our Planet, списание што го издава Програмата за природна средина при Обединетите нации, „се остатоци од пестициди добиени преку договорите за помош.“ Овие резерви вклучуваат големи количества ДДТ и други пестициди кои сега се сметаат за опасно ѓубре. Ако не се отстрани ова наследство од пестицидите, коментира Our Planet, „можат да се очекуваат катастрофи“.
Но, расчистувањето е скап бизнис. Отстранувањето на наследството на пестицидите само во Африка може да чини 100 милиони долари. Кој ќе ја плати сметката? ФАО ги повикува земјите донатори да го направат тоа. Сепак, како што истакнува ФАО, „треба да се побара помош и од агрохемиските компании, кои честопати имале своја улога во прекумерни или непотребни снабдувања со пестициди“. Но, засега овие компании и понатаму се „колебаат дали да дадат финансиски придонес за расчистувањето на старите резерви“.
[Рамка на страница 14]
Модифицирани растенија — зошто се дискутабилни?
Биотехнологијата е уште едно оружје во борбата против штетниците. Со зголеменото спознание на човекот за она што се случува во молекулот на ДНК, истражувачите можеле да комбинираат фрагменти од ДНК од различни сорти и да создадат растенија кои имаат вградени одбрамбени механизми против штетниците.
Еден пример е пченката. Генетските инженери пренеле еден ген од друг извор во ДНК на пченката. Внесениот ген, пак, произвел протеин кој се покажал смртоносен за штетниците. Резултатот е генетски манипулирано растение на пченка кое опстојува против неговите непријатели инсекти.
Меѓутоа, добиените растенија се дискутабилни. Противниците аргументираат дека од нив луѓето можат да се разболат или дека модифицираните насади би можеле да станат успешен плевел. Некои научници предупредуваат дека растенијата кои се опремени со ген кој ги убива инсектите ќе ја зголемат отпорноста кај штетниците. „Треба да ја ублажиме нашата воодушевеност кон генетскиот инженеринг“, предупредува ентомологот Берти. „Се сеќавате ли колку беа возбудени луѓето во 1950-тите, кога инсектицидите беа поздравени како чудо? Денес знаеме дека не е така. Чудесните инсектициди создале чудесни инсекти. Кој знае какви проблеми ќе предизвикаат денешните добиени чудесни растенија?“
Дури и ако можат да се решат сите биолошки проблеми, некои луѓе се морално загрижени поради мешањето на научниците во генетскиот код. Некои мислат дека биотехнологијата може да ги реши старите проблеми со пестицидите, но наместо тоа да ни зададе нови етички проблеми.
[Слика на страница 15]
Една бубамара може да изеде стотици штетници