Поглед во светот
◼ Едно детално истражување за состојбата на коралните гребени покажа дека за 32,8 отсто од сите видови корали постои „голем ризик да бидат истребени“ поради климатските промени и негативното влијание на локалното население врз животната средина (САЈЕНС, САД)
◼ Од вкупно 2.133 деца со проблеми во дишењето, кои беа прегледани на одделот за педијатрија во една болница во Атина, кај околу „65 отсто беше утврдено дека пуши едниот или двајцата родители“ (КАТИМЕРИНИ, АНГЛИСКО ИЗДАНИЕ, ГРЦИЈА)
◼ „Зголемувањето на цените на нафтата и другите животни трошоци... заканата од економска криза... и постојаните природни катастрофи, кои покажуваат колку сме ранливи, се доказ дека немаме ни краткорочни ни долгорочни решенија за овие сериозни проблеми“ (ЛУИС МАРИЈА ДЕ ПУИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО СОБРАНИЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА)
◼ Во Полска, 17 отсто од момчињата и 18 отсто од девојчињата под 15 години пробале дрога (ЖИЧЕ ВАРШАВИ, ПОЛСКА)
Немили средби со лавови
Со порастот на населението во Африка, се смалуваат живеалиштата на дивите ѕверови, што води до „чести и насилни средби“, известува списанието Africa Geographic од Кејптаун. Особено лавовите „ги сметаат луѓето за свој плен“. На пример, во Танзанија, од 1990 год., лавовите убиваат најмалку по 70 лица годишно. Истиот весник спомнува дека глутниците лавови дури „се усовршуваат во ловот на луѓе — ги грабнуваат од пред влезот на колибата или им упаѓаат преку сламените покриви и преку тенките ѕидови од кал“.
Откопани се древни египетски амбари
Археолозите од Универзитетот во Чикаго, кои вршат ископувања во јужен Египет, откриле седум многу стари амбари, најголеми од сите што се пронајдени досега во таа земја. Артефактите пронајдени во нивна близина им помогнале да утврдат дека овие амбари се направени некаде помеѓу 1630 и 1520 год. пр.н.е., што би значело дека постоеле и во времето на Мојсеј. Кружните амбари од ќерпич имаат пречник од 5 до 6 метри, а најверојатно се издигнувале најмалку 7 метри и биле дел од еден локален административен центар. Во извештајот на археолошкиот тим се вели дека во ваквите центри „државата го собирала богатиот род од долината на Нил. Фараоните се стекнале со моќ бидејќи во тоа време житото се користело како платежно средство“. Како што понатаму наведува истиот извештај, „тоа што житото се користело како платежно средство значи дека амбарите служеле и како банки и како складишта за храна“.
Хартија поцврста и од железо
Истражувачите од Кралскиот институт за технологија во Шведска развија процес на производство на хартија од дрвена целулоза, кој овозможува да се задржи природната сила на нејзините влакна. При вообичаената механичка преработка на пулпата од дрвото, целулозните влакна се оштетуваат, и тоа многу ја намалува нивната цврстина. Но, овој шведски тим успеа да ја разложи ваквата пулпа со ензими, а потоа во вода нежно да ги издвои од неа целулозните влакна со помош на маталка. Кога неоштетените влакна ќе се исцедат, тие се врзуваат, а издржливоста на истегнување на добиената хартија е поголема од лиеното и речиси иста како кај градежното железо.