Личната студија — предмет на размислување
1 Кои работи не наведуваат на сериозно размислување? Потребно е многу да размислуваме за тоа како да го градиме и да го зачуваме блискиот однос со Јехова. Личната студија игра главна улога во развивањето на таква присност. Денес, малкумина од нас имаат околности кои дозволуваат долги периоди на медитација и лична студија. Сепак, ако не ја читаме редовно Божјата Реч, може толку да ослабиме што нема да можеме да се спротивставиме на духот на светот и на неговите телесни желби.
2 Развиј си силна желба за Речта: Кога првпат сме дознале за Божјите намери, веројатно сме биле желни да стекнеме повеќе спознание. Меѓутоа, по некое време, гладот за духовната прехрана можеби се намалил. Можеби постои потреба да си ‚развиеме силна желба‘ за духовна храна (1. Петр. 2:2, НС). Како можеме да развиеме таков копнеж?
3 Аромата на омилената храна ќе побуди чувство на глад поради пријатното сеќавање на неа. Кратките периоди на лично проучување можат на сличен начин духовно да влијаат врз нас. Неколку вкусни духовни залаци можат да ни го отворат апетитот за подлабоките вистини. Задоволството што произлегува од учењето може да нѐ охрабри да копаме уште подлабоко во Јеховината Реч.
4 Развиј рутина која ќе биде најдобра за тебе: Некои одвојуваат по цела вечер за лична студија, додека други претпочитаат пократки и почести периоди на проучување. Ако увидиш дека можеш подобро да се концентрираш во раните утрински часови, можеби ќе одлучиш малку да проучуваш пред појадок. Ако си повеќе буден навечер, можеби ќе избереш да проучуваш пред да си легнеш. Без оглед на терминот, важно е да бидеш редовен и да се придржуваш кон рутината која најдобро одговара на твоите потреби.
5 Кога нѐ охрабруваат да сториме повеќе за личната студија, можеби сме брзи да посочиме дека веќе имаме преполн план. Меѓутоа, секој од нас треба да биде чесен кога проценува како го троши своето време. Дали секој ден трошиме многу часови пред телевизорот? Дали сме спремни да жртвуваме дел од личните интереси? Едно реалистично испитување на тоа како го користиме нашето време, веројатно ќе открие периоди во денот што можеме да ги користиме попродуктивно за лична студија (Ефеш. 5:15, 16).
6 Проучувањето на Божјата Реч го заслужува нашето неподелено внимание. Обидувајќи се да правиме и нешто друго за време на студијата, ја намалуваме користа. Ако сме склони да проучуваме додека јадеме, слушаме радио или гледаме телевизија, мала е веројатноста дека ќе се внесеме во она што се обидуваме да го научиме (1. Тим. 4:15). Затоа, треба да се ослободиме од работите што ни го одвлекуваат вниманието. (Види Водич, страници 32, 33.)
7 Секојдневната студија и примената на библиските совети се важни бидејќи тоа е начинот на кој добиваме водство од Јехова. Постави си за цел вистините од печатените страници да ги пренесеш во своето срце. Искористи ја секоја прилика, без оглед колку е краткотрајна, за да читаш, да повториш или да медитираш за духовните работи (5. Мој. 6:6-8; Кол. 1:9, 10).