Поглед во светот
◼ „Во периодот меѓу 1970 и 2000 год., бројот на климатски катастрофи се зголеми за трипати, сеедно дали беа предизвикани од глобалното затоплување или од други фактори“ (THE ECONOMIST, БРИТАНИЈА).
◼ Едно 10-месечно машко дете од државата Илиноис (САД) има законска дозвола за поседување огнено оружје. Во дозволата што била издадена на барање од таткото, стои дека бебето е високо 68 сантиметри и тешко 9 килограми. Во ова место ваква дозвола може да добие секој, без оглед на возраста (CABLE NEWS NETWORK, САД).
◼ Научниците успеаја, со примена на крајно голем притисок, да ја претворат водата во мраз кој е „пожежок од врела вода“. Освен „обичен“ мраз, се знае дека постојат „најмалку уште 11 други видови мраз кои настануваат на различни температури и притисоци“ (SANDIA NATIONAL LABORATORIES, САД).
Потврда на верската слобода во Грузија
Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против владата на Грузија под обвинение дека толерирала верско насилство против Јеховините сведоци. Судот потврди дека, како призната христијанска религија, Сведоците имаат право да одржуваат верски собири и да ја проучуваат Библијата, и нареди на жртвите да им се исплати отштета за судските трошоци и за претрпеното страдање. Во периодот меѓу октомври 1999 и ноември 2002 год., дојде до 138 насилни напади врз Јеховините сведоци, а до властите во Грузија беа поднесени 784 жалби. Меѓутоа, ниту една од нив не беше разгледана како што треба. Полицијата дури одби да интервенира веднаш и да ги заштити жртвите. Насилството значително се намали од ноември 2003 год.
Древна соларна опсерваторија во Перу
Археолозите дошле до заклучок дека една мистериозна урнатина во Перу стара 2.300 години, меѓу другото, служела и како соларна опсерваторија. На оваа локација, позната како Чанкијо, има 13 кули наредени како „запци“ врз благо закривениот срт на едно ритче. Двете опсервациски точки се „поставени на тој начин што, на зимскиот и летниот солстициум [краткодневицата и долгодневицата], Сонцето изгрева над една од двете кули на краевите од низата и заоѓа зад нив, што овозможува да се утврдат почетокот и средината на соларната година“, стои во списанието Science. Останатите кули го означуваат изгревањето, т.е. заоѓањето на Сонцето во други делови од годината. Во ова сушно подрачје било пресудно да се знае кога треба да започне сеидбата, поради што „луѓето морале да најдат прецизен начин да го сметаат времето“.
[Графикон/слика на страница 29]
(Види во публикацијата)
јунски солстициум
рамнодневица
декемвриски солстициум
опсерваторија
[Извор на слика]
REUTERS/Ivan Ghezzi/Handout
Слики што се непријатни за жените
„Кога ќе ги видат преслабите русокоси убавици од насловните страници, кај жените се јавува чувство на незадоволство од сопственото тело, без оглед на нивната дебелина, градба, висина или возраст“, стои во извештајот што го објави Универзитетот Мисури-Колумбија (САД). Според Лори Минц, доцент по психологија, „порано преовладуваше мислењето дека сликите преку кои јавните медиуми ја прикажуваат слаботијата како идеал се понепријатни за жените со вишок килограми отколку за жените што се послаби“. Меѓутоа, „утврдивме дека тоа воопшто не е точно. Овие слики влијаат негативно врз сите“, вели таа.