ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • nwt 2. Мојсеева 1:1-40:38
  • 2. Мојсеева

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • 2. Мојсеева
  • Свето писмо — превод Нов свет
Свето писмо — превод Нов свет
2. Мојсеева

Втора книга Мојсеева (Излез)

1 Ова се имињата* на синовите на Израел што дојдоа во Египет со Јаков, секој со својот дом:+ 2 Рувим,+ Симеон,+ Леви+ и Јуда,+ 3 Исахар,+ Завулон+ и Венијамин,+ 4 Дан+ и Нефталим,+ Гад+ и Асер.+ 5 Сите што потекнаа од Јаков*+ беа седумдесет* души, а Јосиф веќе беше во Египет.+ 6 На крајот умре Јосиф,+ а и сите негови браќа и целото она поколение. 7 А синовите на Израел се раѓаа и станаа многубројни, се намножија и многу се засилија, така што ја наполнија земјата.+

8 Со текот на времето, над Египет завладеа нов цар кој не го познаваше Јосиф.+ 9 Тој му рече на својот народ: „Ене, народот на синовите на Израел е поброен и помоќен од нас.+ 10 Ајде да постапиме мудро со нив+ за да не се намножат и, ако дојде до војна, да не им се придружат на оние што нѐ мразат, па да почнат да се борат против нас и, на крајот, да си заминат од земјава!“

11 И поставија над нив надгледници да ги угнетуваат и да ги тераат да работат.+ Така на фараонот му ги градеа градовите Питом и Рамзес+ за да му служат како складишта. 12 Но колку повеќе ги угнетуваа толку повеќе тие се множеа и се ширеа, така што Египќаните ги обзеде голем страв од синовите на Израел.+ 13 Затоа Египќаните сурово ги присилуваа синовите на Израел на ропска работа.+ 14 Им го загорчуваа животот со тешка работа: со правење малтер од глина+ и тули* и со разни ропски работи во полето,+ сурово присилувајќи ги на секаква ропска работа.+

15 Потоа египетскиот цар им се обрати на еврејските бабици,+ од кои едната се викаше Сепфора, а другата Фуа, 16 и им заповеда: „Кога им помагате на Еврејките при пораѓањето, уште додека се на породилниот стол,* ако видите дека детето е машко, убијте го! Ако е женско, нека живее!“ 17 Но бабиците се боеја од вистинскиот Бог+ и не правеа како што им беше заповедал египетскиот цар,+ туку ги оставаа живи машките деца.+ 18 По некое време, египетскиот цар ги викна бабиците и им рече: „Зошто правевте така и ги остававте живи машките деца?“+ 19 Тогаш бабиците му одговорија на фараонот: „Еврејките не се како Египќанките. Тие се појаки, па раѓаат уште пред да дојде бабицата кај нив“.

20 Затоа Бог им правеше добро на бабиците.+ И народот стануваше сѐ поброен и стана многу моќен. 21 А бидејќи бабиците се боеја од вистинскиот Бог, тој подоцна ги дарува со семејства.+ 22 На крајот, фараонот му заповеда на сиот свој народ: „Секое машко новороденче фрлете го во Нил, а секое женско оставете го живо!“+

2 Еден човек од Левиевиот дом отиде и зеде за жена една ќерка на Леви.+ 2 Жената забремени и роди син. Кога виде колку е убав, го криеше+ три месеци.*+ 3 А кога повеќе не можеше да го крие,+ зеде една кошница од папирусна трска, ја премачка и ја прели со смола,*+ го стави детето во неа и ја стави во трските+ на брегот на Нил. 4 Неговата сестра стоеше понастрана за да види што ќе биде со него.+

5 А фараоновата ќерка слезе до Нил за да се капе, додека нејзините слугинки се шетаа покрај брегот на Нил. Тогаш ја забележа кошницата во трските, па веднаш ја испрати својата робинка да ја донесе.+ 6 Ја отвори и погледна, а во неа имаше машко дете што плачеше. И таа се сожали на него,+ иако рече: „Ова е еврејско дете“. 7 Тогаш неговата сестра ѝ рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да отидам и да ти викнам доилка од Еврејките за да ти го дои детето?“ 8 А фараоновата ќерка ѝ рече: „Оди!“ И девојчето веднаш отиде и ја викна мајката на детето.+ 9 „Земи го ова дете со тебе и дој ми го,“ ѝ рече фараоновата ќерка, „а јас ќе ти платам за тоа.“+ Така жената го зеде детето и го доеше. 10 Кога детето порасна, го одведе кај фараоновата ќерка и таа го зеде за син.+ Му го даде името Мојсеј,* велејќи: „Зашто, го извадив од вода“.+

11 Еден ден, кога Мојсеј веќе беше пораснат, излезе кај своите браќа и виде колку е тешка нивната работа.+ Тогаш здогледа еден Египќанец, кој тепаше еден од неговите браќа Евреи.+ 12 И обѕрнувајќи се на сите страни, виде дека нема никој, па го уби Египќанецот и го скри во песокот.+

13 Утредента кога излезе, затече двајца Евреи како се тепаат, па му рече на оној што немаше право: „Зошто го тепаш својот другар?“+ 14 А овој му возврати: „Кој те поставил тебе за кнез и за судија над нас?+ Мислиш ли да ме убиеш и мене како што го уби оној Египќанецот?“+ Тогаш Мојсеј се исплаши и рече: „Сигурно се дознало за тоа!“+

15 Кога чу за ова, фараонот сакаше да го погуби Мојсеј.+ Но Мојсеј побегна+ откај фараонот и се насели во мадијамската земја.+ Доаѓајќи таму, седна крај еден бунар. 16 А мадијамскиот свештеник+ имаше седум ќерки, кои по својот обичај дојдоа да нацрпат вода и да ги наполнат поилата за да го напојат стадото на својот татко.+ 17 Но овчарите дојдоа како и обично и ги избркаа. Тогаш Мојсеј стана, ги одбрани и им го напои стадото.+ 18 Кога дојдоа дома кај татка си Рагуил,+ тој ги запраша: „Како толку бргу си дојдовте дома денес?“ 19 А тие одговорија: „Еден Египќанец+ нѐ избави од рацете на овчарите и уште и вода ни нацрпи и го напои стадото“. 20 Тогаш тој им рече на своите ќерки: „Па каде е? Зошто сте го оставиле тој човек? Викнете го да јаде леб!“+ 21 И Мојсеј остана да живее кај тој човек, кој му ја даде својата ќерка Сепфора.+ 22 И таа роди син, а тој му го даде името Гирсом,*+ бидејќи, како што рече: „Дојденец сум во туѓа земја“.+

23 По многу време умре египетскиот цар,+ но синовите на Израел сѐ уште воздивнуваа во ропство и офкаа.+ И нивните повици за избавување од ропството се креваа кон вистинскиот Бог.+ 24 И Бог го чу+ нивното офкање+ и се сети на својот сојуз со Авраам, Исак и Јаков.+ 25 И погледна Бог на синовите на Израел и го виде сето тоа.

3 Мојсеј го пасеше стадото на мадијамскиот свештеник Јотор,+ својот тест.+ Терајќи го стадото кон западниот дел на пустелијата, на крајот стигна до планината на вистинскиот Бог,+ до Хорив.+ 2 Тогаш Јеховин ангел му се појави во огнот што пламтеше од една грмушка.+ Тој се загледа, и гледај, грмушката сета во пламен, но не изгорува. 3 И Мојсеј рече: „Ќе пријдам за да ја видам подобро таа чудна глетка, да видам зошто грмушката не изгорува“.+ 4 Кога Јехова Бог виде како приоѓа за да погледне подобро, го викна од грмушката: „Мојсеј! Мојсеј!“ А тој се одгласи: „Еве ме!“+ 5 Тогаш му рече: „Не приближувај се наваму! Собуј ги сандалите зашто местото на кое стоиш е свето!“+

6 Потоа продолжи: „Јас сум Богот на твојот татко, Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков“.+ Тогаш Мојсеј си го скри лицето зашто се плашеше да гледа во вистинскиот Бог. 7 А Јехова продолжи: „Ја видов неволјата на мојот народ во Египет, чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки.+ 8 Затоа слегов да ги избавам од египетската рака+ и да ги одведам од таа земја во добра и пространа земја, во земја во која тече мед и млеко,+ во крајот на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.+ 9 И сега, еве, жалбите на синовите на Израел дојдоа до мене и видов колку многу Египќаните ги угнетуваат.+ 10 Затоа сега, ајде, те праќам кај фараонот да го изведеш од Египет+ мојот народ, синовите на Израел“.

11 Но Мојсеј му рече на вистинскиот Бог: „Кој сум јас да одам кај фараонот и да ги изведам од Египет синовите на Израел?“+ 12 „Јас ќе бидам со тебе,“+ му одговори тој, „и ова ти е знак дека јас те испраќам:+ кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе му служите на вистинскиот Бог на оваа планина.“+

13 Но Мојсеј му рече на вистинскиот Бог: „Ако дојдам кај синовите на Израел и им речам: ‚Богот на вашите прататковци ме испрати кај вас‘, а тие ме прашаат: ‚Како му е името?‘+ — што да им одговорам?“ 14 Тогаш Бог му рече на Мојсеј: „ЌЕ СТАНАМ СЀ ШТО ЌЕ ПОСАКАМ ДА СТАНАМ“.*+ Потоа додаде: „Вака кажи им на синовите на Израел: ‚ЌЕ СТАНАМ ме испрати кај вас‘ “.+ 15 Тогаш Бог уште еднаш му рече на Мојсеј:

„Вака кажи им на синовите на Израел: ‚Јехова, Богот на вашите прататковци, Богот на Авраам,+ Богот на Исак+ и Богот на Јаков,+ ме испрати кај вас‘. Тоа е моето име за навек+ и тоа е мојот спомен од поколение до поколение.+ 16 Оди, собери ги старешините на Израел и речи им: ‚Јехова, Богот на вашите прататковци, ми се појави,+ Богот на Авраам, на Исак и на Јаков, и ми рече: „Ве погледнав+ и го видов она што ви го прават во Египет. 17 И решив да ве изведам од неволјата+ што ви ја нанесуваат Египќаните и да ве одведам во земјата на Ханаанците, на Хетејците, на Аморејците,+ на Ферезејците, на Евејците и на Евусејците,+ земја во која тече мед и млеко“ ‘.+

18 И тие ќе го послушаат твојот глас.+ А потоа ти и старешините на Израел појдете кај египетскиот цар и речете му: ‚Јехова, Богот на Евреите,+ ни се јави,+ па сега, те молиме, пушти нѐ да појдеме на тридневен пат во пустината и да му принесеме жртва на Јехова, нашиот Бог‘.+ 19 Но јас добро знам дека египетскиот цар нема да дозволи да одите ако силна рака не го присили на тоа.+ 20 Затоа ќе ја подигнам својата рака+ и ќе го удрам Египет со сите свои чудесни дела што ќе ги направам во него. И потоа тој ќе ве пушти.+ 21 И ќе направам овој народ да најде милост во очите на Египќаните, па кога ќе појдете, нема да појдете со празни раце.+ 22 Секоја жена нека бара од својата сосетка и од туѓинката што живее во нејзината куќа сребрени и златни предмети и облека. И ставете им ги на своите синови и на своите ќерки. Така ќе ги ограбите Египќаните“.+

4 Но Мојсеј одговори: „А што ако не ми поверуваат и ако не го послушаат мојот глас,+ туку речат: ‚Не ти се појавил Јехова‘?“ 2 Тогаш Јехова му рече: „Што ти е тоа во раката?“ А тој одговори: „Стап“.+ 3 „Фрли го на земја!“ — му рече. И тој го фрли на земја и стапот се претвори во змија,+ па Мојсеј почна да се истава од неа. 4 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Посегни со раката и фати ја за опашка!“ И тој посегна со раката и ја фати, а таа стана стап во неговата рака. 5 Тогаш му рече: „Така ќе веруваат дека ти се појавил+ Јехова, Богот на нивните прататковци,+ Богот на Авраам,+ Богот на Исак+ и Богот на Јаков“.+

6 Јехова уште му рече: „Те молам, стави ја раката во пазувата“. И тој ја стави раката во пазувата. Кога ја извади, гледај, раката му беше лепрозна, бела како снег!+ 7 Потоа му рече: „Стави ја повторно раката во пазувата“. И тој повторно ја стави раката во пазувата. Кога ја извади, гледај, пак беше како и останатиот дел од телото.+ 8 „Ако не ти поверуваат“, рече тој, „и не послушаат по првото чудо, ќе поверуваат по второто чудо.+ 9 А ако ни по овие две чуда не поверуваат и не го послушаат твојот глас,+ тогаш нацрпи вода од Нил и истури ја на земја. Водата што ќе ја нацрпиш од Нил, на земјата ќе се претвори во крв.“+

10 Тогаш Мојсеј му рече на Јехова: „Прости Јехова, но јас не сум речовит човек, никогаш не сум бил таков, а не сум ни сега откако ти му проговори на својот слуга, бидејќи сум со бавна уста и со бавен јазик“.+ 11 Тогаш Јехова му одговори: „Кој му ја дал устата на човекот, кој го прави нем или глув, кој му дава да гледа или да е слеп? Зарем не јас, Јехова?+ 12 Затоа оди сега, и јас ќе бидам со твојата уста и ќе те научам што да кажеш!“+ 13 Но тој рече: „Прости, Јехова, но те молам, испрати некој друг!“ 14 Тогаш Јехова се разгневи на Мојсеј и му рече: „Зарем не ти е брат левитот Арон?+ Знам дека е мошне речовит. И ене, токму ти доаѓа во пресрет. Кога ќе те види, ќе се израдува во срцето.+ 15 Ти зборувај му и ставај му ги зборовите в уста,+ а јас ќе бидам со твојата уста и со неговата уста+ и ќе ве поучам што да правите.+ 16 И тој ќе му зборува на народот наместо тебе. Тој тебе ќе ти биде наместо уста,+ а ти нему ќе му бидеш наместо Бог.+ 17 А овој стап земи го в рака за да правиш чуда со него!“+

18 Тогаш Мојсеј замина и се врати кај својот тест Јотор, па му рече:+ „Би сакал да отидам и да се вратам кај моите браќа во Египет, да видам дали сѐ уште се живи“.+ Тогаш Јотор му рече на Мојсеј: „Оди во мир“.+ 19 Потоа Јехова му рече на Мојсеј во Мадијам: „Оди, врати се во Египет, зашто изумреа сите што ја прогонуваа твојата душа“.+

20 Тогаш Мојсеј ги зеде жена си и синовите, па ги седна на едно магаре и тргна назад во египетската земја. А во раката го зеде стапот на вистинскиот Бог.+ 21 И Јехова му рече на Мојсеј: „Кога ќе отидеш и ќе се вратиш во Египет, погрижи се да ги направиш пред фараонот сите чуда што ги ставив во твојата рака!+ А јас ќе дозволам да му закорави срцето,+ па нема да го пушти народот да си оди.+ 22 А ти речи му на фараонот: ‚Вака вели Јехова: „Израел е мојот првороден син.+ 23 Затоа ти велам: пушти го мојот син да си оди и да ми служи! Ако не сакаш да го пуштиш, јас ќе го убијам твојот првороден син“ ‘ “.+

24 А на патот, во преноќевалиштето,+ Јехова дојде пред него+ и сакаше да го усмрти.+ 25 Но Сепфора+ зеде кремен, го обрежа+ својот син и ја фрли обрешката пред неговите нозе, па рече: „Зашто, ти си ми крвав младоженец“. 26 Потоа тој го пушти. Таа рече: „Крвав младоженец“, поради обрежувањето.

27 И Јехова му рече на Арон: „Оди во пустината да го пресретнеш Мојсеј“.+ Тогаш тој отиде и го сретна на планината на вистинскиот Бог+ и го бакна. 28 А Мојсеј му раскажа на Арон сѐ што му кажа Јехова, кој го беше испратил,+ и сите чуда што му беше заповедал да ги направи.+ 29 Потоа Мојсеј и Арон отидоа и ги собраа сите старешини на синовите на Израел.+ 30 И Арон им пренесе сѐ што му беше рекол Јехова на Мојсеј,+ а Мојсеј ги направи чудата+ пред очите на народот. 31 И народот поверува.+ Кога чуја дека Јехова погледнал+ на синовите на Израел и дека ја видел нивната неволја,+ се поклонија и паднаа ничкум.+

5 Потоа Мојсеј и Арон отидоа и му рекоа на фараонот:+ „Вака вели Јехова, Богот на Израел: ‚Пушти го мојот народ да појде во пустината и да одржи свеченост во моја чест!‘ “+ 2 Но фараонот рече: „Кој е Јехова,+ па да го послушам неговиот глас и да го пуштам Израел?+ Јас не го познавам+ тој Јехова и нема да го пуштам Израел“.+ 3 Но тие одговорија: „Богот на Евреите ни се јави.+ Затоа, те молиме, пушти нѐ да отидеме на три дена одење во пустината и да му принесеме жртва на Јехова, својот Бог,+ за да не испрати врз нас чума или меч!“+ 4 Тогаш египетскиот цар им рече: „Мојсеј и Арон, зошто го одвраќате народот од работата?+ Одете на својата работа!“+ 5 Фараонот потоа продолжи: „Еве, сега кога овој народ е многуброен во земјата,*+ вие го одвраќате од неговата работа!“+

6 Уште истиот ден фараонот им заповеда на надзорниците на народот и на неговите управители:+ 7 „Повеќе немојте да му давате на народот слама да прави тули+ како досега! Сами нека одат да си собираат слама! 8 А барајте од нив и понатаму исто количество тули како што правеа и досега! Не намалувајте го, бидејќи се мрзливи!+ Затоа и викаат: ‚Сакаме да одиме и да му принесеме жртва на нашиот Бог!‘+ 9 Наметнете им тешка работа на тие луѓе, нека работат за да не обрнуваат внимание на лажливи зборови!“+

10 Така надзорниците на народот+ и неговите управители отидоа и му рекоа на народот: „Вака вели фараонот: ‚Повеќе нема да ви давам слама. 11 Одете и сами набавете си слама од таму каде што можете да ја најдете, но работата нема ни најмалку да ви се намали!‘ “+ 12 Така народот се разотиде по целата египетска земја да собира стрниште наместо слама. 13 А надзорниците ги тераа,+ велејќи: „Секој ден морате да ја завршите секој својата работа исто како кога добивавте слама“.+ 14 И ги тепаа+ управителите+ на синовите на Израел, коишто фараоновите надзорници ги беа поставиле над нив, и им приговараа: „Зошто ни вчера ни денес не ја завршивте работата што ви беше одредена и не направивте онолку тули+ колку што правевте и порано?“+

15 Тогаш управителите+ на синовите на Израел отидоа да му се пожалат на фараонот, па му рекоа: „Зошто постапуваш така со своите слуги? 16 Твоите слуги повеќе не добиваат слама, а сепак од нас се бара: ‚Правете тули!‘ Дури и ги тепаат твоите слуги, а виновен е твојот народ“.+ 17 Но тој рече: „Вие сте мрзливци! Мрзливци!+ Затоа и велите: ‚Сакаме да одиме и да му принесеме жртви на Јехова‘.+ 18 А сега одете на работа! Слама нема да ви се дава, но морате да направите онолку тули колку што ви е одредено“.+

19 Тогаш управителите на синовите на Израел видоа дека ги снајде зло зашто им беше речено:+ „Не смеете да ја намалите дневната количина на тули!“+ 20 Откако излегоа откај фараонот ги сретнаа Мојсеј и Арон,+ кои ги чекаа. 21 Веднаш им рекоа: „Јехова нека ве види и нека суди,+ зашто поради вас нѐ замразија+ фараонот и неговите слуги! Им дадовте меч во раката за да нѐ убијат“.+ 22 Тогаш Мојсеј му се обрати на Јехова:+ „Јехова, зошто му нанесуваш зло на овој народ?+ Зошто ме испрати?+ 23 Зашто, откако стапив пред фараонот за да зборувам во твое име,+ тој му прави зло на овој народ,+ а ти никако да го избавиш својот народ“.+

6 А Јехова му рече на Мојсеј: „Сега ќе видиш што ќе му направам на фараонот.+ Принуден од силна рака ќе ги пушти, принуден од силна рака, ќе ги истера од својата земја“.+

2 Бог уште му рече на Мојсеј: „Јас сум Јехова.+ 3 На Авраам,+ на Исак+ и на Јаков+ им се појавував како Бог Семоќниот,+ но со своето име Јехова+ не им се објавив.+ 4 И склучив сојуз со нив дека ќе им ја дадам ханаанската земја, земјата во која беа дојденци.+ 5 И јас го чув офкањето на синовите на Израел,+ коишто Египќаните ги држат во ропство и се сетив на мојот сојуз.+

6 Затоа речи им на синовите на Израел: ‚Јас сум Јехова, и ќе ве ослободам од бремето што ви го наметнаа Египќаните и ќе ве избавам од ропството во кое ве држат.+ Ќе ве спасам со подигната рака и со строги казни.+ 7 Ќе ве земам за свој народ+ и ќе ви бидам Бог.+ И тогаш ќе знаете дека јас сум Јехова, вашиот Бог, кој ве ослободува од египетските бремиња.+ 8 И ќе ве доведам во земјата за која се заколнав+ со крената рака дека ќе им ја дадам на Авраам, на Исак и на Јаков, и ќе ви ја дадам да ја поседувате.+ Јас сум Јехова‘ “.+

9 Потоа Мојсеј им го кажа ова на синовите на Израел, но тие не сакаа да го слушаат зашто паднаа со духот од тешкото ропство.+

10 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: 11 „Оди, речи му на фараонот, египетскиот цар,+ да ги пушти синовите на Израел да си одат од неговата земја!“+ 12 Но Мојсеј му рече на Јехова: „Еве, ниту синовите на Израел не ме слушаат,+ па како тогаш ќе ме послуша фараонот,+ кога јас тешко зборувам?“*+ 13 Но, Јехова и понатаму им зборуваше на Мојсеј и на Арон и преку нив им даваше заповеди на синовите на Израел и на фараонот, египетскиот цар, зашто сакаше да ги изведе синовите на Израел од египетската земја.+

14 Ова се поглаварите на нивните родови: синовите на Рувим, првородениот на Израел,+ се: Анох, Фалу, Есром и Харми.+ Тоа се семејствата на Рувим.+

15 Синовите на Симеон се: Јемуил, Јамин, Аод, Јахин, Сохар и Саул, син на една Ханаанка.+ Тоа се семејствата на Симеон.+

16 А ова се имињата на синовите на Леви+ по нивните родови:+ Гирсон, Кат и Мерариј.+ Леви живееше сто триесет и седум години.

17 Синовите на Гирсон се: Ливниј и Симеј,+ по нивните семејства.+

18 Синовите на Кат се: Амрам, Исар, Хеврон и Узиел.+ Кат живееше сто триесет и три години.

19 Синовите на Мерариј се: Махли и Муси.+

Тоа се семејствата на Леви по нивните родови.+

20 Амрам се ожени со Јохаведа, сестра на татко му.+ И таа му ги роди Арон и Мојсеј.+ Амрам живееше сто триесет и седум години.

21 Синовите на Исахар се: Кореј,+ Нефег и Зихриј.

22 Синовите на Узиел се: Мисаил, Елисафан и Ситри.+

23 Арон се ожени со Елисева, ќерка на Аминадав, сестра на Насон.+ И таа му ги роди: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар.+

24 Синовите на Кореј се: Асир, Елкана и Авијасаф.+ Тоа се семејствата на синовите на Кореј.+

25 Елеазар, синот на Арон,+ се ожени со една од ќерките на Футил. И таа му го роди Финес.+

Тоа се поглаварите на родови во Левиевото племе по нивните семејства.+

26 Тоа се оној Арон и оној Мојсеј на кои Јехова им рече:+ „Изведете ги синовите на Израел од египетската земја по нивните чети!“+ 27 Тие му зборуваа на фараонот, египетскиот цар, да ги пушти синовите на Израел од Египет.+ Тоа се Мојсеј и Арон.

28 Во денот кога му зборуваше на Мојсеј во египетската земја,+ 29 Јехова му рече на Мојсеј: „Јас сум Јехова.+ Кажи му на фараонот, царот на Египет, сѐ што ќе ти речам“. 30 А Мојсеј рече пред Јехова: „Јас тешко зборувам, па како ќе ме послуша фараонот мене?“+

7 Јехова му одговори на Мојсеј: „Еве, те поставувам за бог на фараонот,+ а твојот брат Арон ќе ти биде пророк.+ 2 Ти ќе зборуваш сѐ што ќе ти заповедам,+ а твојот брат Арон потоа ќе му зборува на фараонот+ да ги пушти синовите на Израел да си одат од неговата земја.+ 3 А јас ќе дозволам да му закорави срцето на фараонот+ и ќе ги намножам своите знаци и чуда во египетската земја.+ 4 Но фараонот нема да ве послуша.+ Затоа Египет ќе ја почувствува на себе мојата рака. Ќе го казнам строго+ и ќе ги изведам своите чети,+ својот народ,+ синовите на Израел,+ од египетската земја. 5 И Египќаните ќе знаат дека јас сум Јехова кога ќе ја подигнам својата рака против Египет+ и ќе ги изведам синовите на Израел од нивната средина“.+ 6 И Мојсеј и Арон направија како што им заповеда Јехова.+ Токму така направија.+ 7 Мојсеј имаше осумдесет, а Арон осумдесет и три години кога зборуваа со фараонот.+

8 И Јехова им рече на Мојсеј и Арон: 9 „Ако ви рече фараонот: ‚Направете некакво чудо‘,+ тогаш речи му на Арон: ‚Земи го својот стап+ и фрли го пред фараонот.‘ И стапот ќе се претвори во голема змија“.+ 10 Така Мојсеј и Арон дојдоа пред фараонот и направија така како што беше заповедал Јехова. Арон го фрли својот стап пред фараонот и неговите слуги и стапот се претвори во голема змија. 11 Но и фараонот ги повика мудреците и маѓепсниците.+ И египетските свештеници што се занимаваат со магија го направија истото со своите маѓепснички вештини.+ 12 Го фрлија секој својот стап и стаповите се претворија во големи змии. Но стапот на Арон ги проголта нивните стапови. 13 Сепак, срцето на фараонот закорави+ и не ги послуша, токму како што рече Јехова.

14 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Срцето на фараонот закорави.+ Тој не сака да го пушти народот.+ 15 Појди изутрина кај фараонот! Еве, тој ќе излезе кај водата,+ а ти застани пред него на брегот на Нил+ и земи го в раце стапот што се претвори во змија.+ 16 И речи му: ‚Јехова, Богот на Евреите, ме испрати кај тебе,+ велејќи: „Пушти го мојот народ да оди и да ми служи во пустината!“+ — но еве, сѐ досега ти не послуша. 17 Вака вели Јехова:+ „По ова ќе знаеш дека јас сум Јехова.+ Еве, со стапот што ми е в рака ќе удрам по водата на Нил,+ и водата ќе се претвори во крв.+ 18 И рибите во Нил ќе изгинат,+ а Нил ќе засмрди,+ така што на Египќаните ќе им се гади да пијат вода од него“ ‘ “.+

19 Јехова уште му рече на Мојсеј: „Речи му на Арон: ‚Земи го својот стап и испружи ја раката+ над египетските води, над нивните реки, над нилските канали, над мочуриштата+ и над сите води што ги собрале, за да се претворат во крв‘. И ќе има крв по целата египетска земја, и во дрвените и во камените садови“. 20 А Мојсеј и Арон веднаш направија онака+ како што им беше заповедал Јехова.+ И Арон го крена стапот и удри по водата на Нил пред очите на фараонот и на неговите слуги,+ та сета вода во Нил се претвори во крв.+ 21 И изгинаа рибите во Нил,+ а Нил засмрде, така што Египќаните не можеа да пијат вода од него.+ И имаше крв по целата египетска земја.

22 Но египетските свештеници што се занимаваа со магија го направија истото со своите тајни вештини,+ па фараонот остана со закоравено срце+ и не ги послуша, како што беше рекол Јехова.+ 23 Фараонот се сврте и си отиде во својот дом, и не му беше грижа ниту за тоа.+ 24 А сите Египќани копаа околу Нил барајќи вода за пиење, зашто не можеа да пијат вода од Нил.+ 25 И поминаа седум дена откако Јехова го удри Нил.

8 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот и речи му: ‚Вака вели Јехова: „Пушти го мојот народ да отиде и да ми служи!+ 2 Ако не сакаш да го пуштиш, еве, ќе ја казнам со жаби целата твоја земја.+ 3 И Нил ќе врие од жаби, кои ќе излезат, па ќе влезат во твојата куќа, во твојата спална, во твојот кревет, и во куќите на твоите слуги и на твојот народ, во твоите печки и во твоите садови за месење леб.+ 4 И жабите ќе скокаат врз тебе, врз твојот народ и врз сите твои слуги“ ‘ “.+

5 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Речи му на Арон: ‚Испружи ја раката со стапот+ над реките, над нилските канали и над мочуриштата, па изведи ги жабите по египетската земја!‘ “ 6 Тогаш Арон ја испружи раката над египетските води, и жабите почнаа да излегуваат, па ја покрија египетската земја. 7 Но свештениците што се занимаваат со магија го направија истото со своите тајни вештини и изведоа жаби по египетската земја.+ 8 Тогаш фараонот ги викна Мојсеј и Арон и им рече: „Молете го Јехова+ да ги отстрани жабите од мене и од мојот народ, а јас ќе го пуштам вашиот народ да си оди и да му принесе жртва на Јехова!“+ 9 Тогаш Мојсеј му рече на фараонот: „Ти ја препуштам честа да ми кажеш кога сакаш да се молам за тебе, за твоите слуги и за твојот народ да се тргнат жабите од тебе и од твоите куќи и да останат само во Нил“. 10 А тој рече: „Утре“. „Нека биде како што рече“, возврати Мојсеј, „за да знаеш дека никој не е како Јехова, нашиот Бог.+ 11 Жабите ќе отидат откај тебе, од твоите куќи, откај твоите слуги и откај твојот народ. Ќе останат само во Нил.“+

12 Тогаш Мојсеј и Арон си отидоа откај фараонот, а Мојсеј повика кон Јехова+ поради жабите што ги беше испратил врз фараонот. 13 Јехова постапи според зборовите на Мојсеј,+ и жабите изумреа по куќите, по дворовите и по нивите. 14 И ги собираа на купишта, а земјата засмрде.+ 15 Кога виде фараонот дека настапи олеснување, му закорави срцето+ и не ги послуша, како што беше рекол Јехова.+

16 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Речи му на Арон: ‚Испружи го својот стап+ и удри по правот на земјата, нека се претвори во комарци по целата египетска земја!‘ “ 17 И направија така. Арон ја испружи раката со стапот и удри по правот на земјата и комарци дојдоа врз луѓето и животните. Сиот прав на земјата се претвори во комарци по сета египетска земја.+ 18 А свештениците што се занимаваат со магија се обидоа со своите тајни вештини+ исто така да направат комарци, но не можеа.+ И така, комарците дојдоа врз луѓето и врз животните. 19 Тогаш свештениците му рекоа на фараонот: „Тоа е Божји+ прст!“+ Но фараонот остана со закоравено срце+ и не ги послуша, како што беше рекол Јехова.

20 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Стани утре рано и застани пред фараонот.+ Еве, тој ќе излезе кај водата, а ти речи му: ‚Вака вели Јехова: „Пушти го мојот народ да замине и да ми служи!+ 21 Ако не го пуштиш мојот народ, еве, јас ќе пуштам коњски муви+ врз тебе, врз твоите слуги, врз твојот народ и во твоите куќи. Куќите на Египќаните, а и земјата на која стојат, ќе се исполнат со коњски муви. 22 Но тој ден ќе ја одвојам земјата Гесем во која живее мојот народ, таму да нема коњски муви,+ па ќе знаеш дека јас, Јехова, сум среде оваа земја.+ 23 И ќе направам разлика помеѓу мојот народ и твојот народ.+ Ова чудо ќе се случи утре“ ‘ “.

24 И Јехова направи така. Големи роеви коњски муви ги преплавија куќата на фараонот и куќите на неговите слуги и целата египетска земја.+ И земјата настрада од коњските муви.+ 25 На крајот фараонот ги викна Мојсеј и Арон, па им рече: „Одете, принесете му жртва на вашиот Бог во оваа земја!“+ 26 Но Мојсеј одговори: „Не можеме да го сториме тоа зашто на Јехова, својот Бог, би му принесувале жртви што им се одвратни на Египќаните.+ Ако пред очите на Египќаните принесеме жртви што им се одвратни, зарем тие нема да нѐ каменуваат? 27 Ќе отидеме во пустината на три дена одење и ќе му принесеме жртва на Јехова, својот Бог, како што и ни рече“.+

28 А фараонот рече: „Ќе ве пуштам+ да одите во пустината и да му принесете жртва на Јехова, вашиот Бог.+ Но не одете предалеку. И молете се за мене!“+ 29 Тогаш Мојсеј одговори: „Еве, си одам откај тебе и ќе му се молам на Јехова, и утре коњските муви ќе отидат откај фараонот, откај неговите слуги и откај неговиот народ. Но фараонот нека не го мами повеќе народот, не пуштајќи го да оди и да му принесе жртва на Јехова!“+ 30 Потоа Мојсеј си отиде откај фараонот и му се помоли на Јехова.+ 31 И Јехова постапи според зборовите на Мојсеј,+ и коњските муви отидоа откај фараонот, откај неговите слуги и откај неговиот народ.+ Не остана ниту една. 32 Но на фараонот и овој пат му закорави срцето и не го пушти народот.+

9 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот и речи му:+ ‚Вака вели Јехова, Богот на Евреите: „Пушти го мојот народ да замине и да ми служи! 2 Но, ако не сакаш да го пуштиш, туку и понатаму го задржуваш,+ 3 еве, Јеховината рака+ ќе ја удри твојата стока+ во полето. Коњите, магарињата, камилите, крупната и ситната стока ќе ги удри голема чума.+ 4 А Јехова ќе направи разлика помеѓу стоката на Израел и стоката на Египет, така што ништо од она што им припаѓа на синовите на Израел нема да изгине“ ‘ “.+ 5 Јехова одреди и време, велејќи: „Утре Јехова ќе го направи тоа во земјата“.+

6 Утредента Јехова го направи токму тоа. Сета стока на Египет почна да умира,+ а од стоката на синовите на Израел не загина ниту едно грло. 7 Тогаш фараонот ги испрати своите слуги да го извидат тоа, и гледај, ниту едно грло од стоката на Израел не беше умрело. Но срцето на фараонот сепак остана закоравено+ и тој не го пушти народот.

8 Потоа Јехова им рече на Мојсеј и на Арон: „Земете грст саѓи од печката за тули,+ па Мојсеј нека ги фрли пред очите на фараонот кон небото! 9 И од тоа ќе настане прав по целата египетска земја, и од него ќе им излегуваат чиреви и меури+ на луѓето и на животните по целата египетска земја“.

10 Тогаш зедоа саѓи од печката и застанаа пред фараонот. И Мојсеј ги фрли саѓите кон небото, па на луѓето и на животните почнаа да им излегуваат чиреви и меури.+ 11 А свештениците што се занимаваа со магија не можеа да се појават пред Мојсеј поради чиревите, бидејќи им излегоа и ним и на сите останати Египќани.+ 12 Но Јехова дозволи да му закорави срцето на фараонот, и не ги послуша, токму како што Јехова му беше рекол на Мојсеј.+

13 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Стани утре рано, застани пред фараонот+ и речи му: ‚Вака вели Јехова, Богот на Евреите: „Пушти го мојот народ да замине и да ми служи!+ 14 Зашто, овојпат сите мои неволји ќе ги пуштам врз тебе,* врз твоите слуги и врз твојот народ за да знаеш дека никој не е како мене на целата земја.+ 15 Зашто, досега веќе можев да ја испружам раката и да испратам чума врз тебе и врз твојот народ за да те снема од земјата.+ 16 Но те оставив жив+ за да ти ја покажам својата моќ и да се објави моето име по целата земја.+ 17 Сакаш ли и понатаму горделиво да се воздигнуваш над мојот народ, не пуштајќи го да си оди?+ 18 Еве, утре во ова време ќе пуштам многу силен град, каков што немало во Египет од денот кога настана до денес.+ 19 А сега, испрати ги своите слуги да ја дотераат под покрив сета твоја стока и сѐ што е твое во полето! Зашто, сите луѓе и животни што ќе се најдат в поле и не ќе се засолнат во куќа, ќе загинат кога ќе падне градот+ врз нив“ ‘ “.

20 Сите фараонови слуги што се уплашија од Јеховината реч, ги засолнија своите слуги и својата стока во куќите,+ 21 а оние што не ја зедоа присрце Јеховината реч, ги оставија своите слуги и својата стока в поле.+

22 А Јехова му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката+ кон небото за да удри град+ по целата египетска земја, врз луѓето и животните и врз сите полски растенија во египетската земја!“ 23 Мојсеј го испружи својот стап кон небото, а Јехова испрати громови и град,+ и се спушти оган на земјата. И Јехова пушти град да паѓа на египетската земја. 24 Градот паѓаше, а низ него секаше оган. Таков силен град немало во целата египетска земја откако има народ во неа.+ 25 Градот удираше по целата египетска земја. Удри сѐ што беше во полето, од човек до животно, сите растенија во полето, и ги искрши сите дрвја во полето.+ 26 Само во земјата Гесем, каде што живееја синовите на Израел, немаше град.+

27 Тогаш фараонот испрати по Мојсеј и Арон, па им рече: „Овојпат згрешив.+ Јехова е праведен,+ а јас и мојот народ сме виновни. 28 Молете му се на Јехова Бог да престанат громовите и градот кои ги испрати,+ па ќе ве пуштам да одите! Повеќе не ќе мора да останете овде“. 29 А Мојсеј му рече: „Штом ќе излезам од градот, ќе ги раширам рацете кон Јехова во молитва.+ Громовите ќе престанат и градот повеќе нема да паѓа за да знаеш дека земјата му припаѓа на Јехова.+ 30 Но знам дека ти и твоите слуги ни тогаш нема да се боите од Јехова Бог“.+

31 И така пропаднаа ленот и јачменот, бидејќи јачменот беше во клас, а ленот во цвет.+ 32 Пченицата и крупникот*+ не пропаднаа, бидејќи узреваат подоцна. 33 И Мојсеј отиде откај фараонот надвор од градот и ги рашири рацете кон Јехова во молитва. Тогаш престанаа громовите и градот, а ни дождот повеќе не паѓаше на земјата.+ 34 Кога виде дека престанаа дождот, градот и громовите, фараонот пак почна да греши и срцето му закорави,+ нему и на неговите слуги. 35 И фараонот остана со закоравено срце и не ги пушти синовите на Израел, токму како што беше рекол Јехова преку Мојсеј.+

10 А Јехова му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот зашто јас дозволив неговото срце и срцата на неговите слуги да закорават,+ па да ги направам овие чуда пред него,+ 2 за да можеш да им раскажуваш на својот син и на синот на својот син како ги удрив Египќаните и какви чуда направив меѓу нив!+ И ќе знаете дека јас сум Јехова“.+

3 Така Мојсеј и Арон отидоа кај фараонот и му рекоа: „Вака вели Јехова, Богот на Евреите: ‚До кога ќе одбиваш да ми се потчиниш?+ Пушти го мојот народ да си оди и да ми служи! 4 Зашто, ако не го пуштиш мојот народ, утре ќе доведам скакулци во твојата земја.+ 5 И ќе ја прекријат површината на земјата, така што земјата нема да се гледа. Ќе го изедат она што преостана, она што градот не ви го уништи. И ќе ви ги соголат сите стебла што растат во полето.+ 6 Твоите куќи, куќите на сите твои слуги и куќите на сите Египќани ќе се наполнат со нив. Такво нешто не доживеале ни твоите татковци, ни татковците на твоите татковци откако постојат на земјата до денес‘ “.+ Потоа се сврте и замина откај фараонот.+

7 Потоа слугите му рекоа на фараонот: „До кога овој човек ќе ни биде стапица?+ Пушти ги тие луѓе да заминат и да му служат на Јехова, својот Бог! Зар уште не гледаш дека пропадна Египет?“+ 8 Така ги доведоа Мојсеј и Арон назад кај фараонот и тој им рече: „Одете! Служете му на Јехова, својот Бог!+ А кои се тие што ќе одат?“ 9 Тогаш Мојсеј рече: „Ќе одиме со своите деца и со старците, со синовите и ќерките,+ со својата ситна и крупна стока,+ зашто мора да одржиме свеченост во чест на Јехова“.+ 10 А тој му возврати: „Ако некогаш ве пуштам вас и вашите деца, тогаш Јехова е навистина со вас!+ Очигледно имате намера да направите нешто лошо!+ 11 Нема ништо од тоа! Одете вие, машките, па служете му на Јехова, зашто тоа го баравте!“ Тогаш ги избркаа откај фараонот.+

12 А Јехова му рече на Мојсеј: „Испружи+ ја раката над египетската земја за да дојдат скакулци во египетската земја и да ги изедат сите растенија, сѐ што остана во земјата по градот!“+ 13 И Мојсеј го испружи стапот над египетската земја и Јехова подигна источен ветар+ да дува на земјата цел ден и цела ноќ. А кога се раздени, ветрот донесе скакулци. 14 И скакулците дојдоа во целата египетска земја и се спуштија во големи роеви+ во сите краишта на Египет.+ Никогаш порано немало толку скакулци ниту, пак, некогаш ќе има. 15 И ја покрија површината на целата земја,+ така што таа поцрне од нив.+ Ги изедоа сите растенија во земјата и сите плодови на стеблата што беа останале по градот.+ Ништо зелено не остана ниту на стеблата ниту на полските растенија во целата египетска земја.+

16 Тогаш фараонот брзо ги викна Мојсеј и Арон и им рече: „Му згрешив на Јехова, вашиот Бог, и вам.+ 17 Ве молам, простете+ ми го мојот грев уште само овој пат и молете+ го Јехова, вашиот Бог, да ја отстрани од мене уште само оваа смртоносна чума!“ 18 Кога замина откај фараонот, Мојсеј му се помоли на Јехова.+ 19 Тогаш Јехова го промени ветрот во многу силен западен ветар, кој ги однесе скакулците и ги фрли во Црвеното Море. Не остана ниту еден скакулец на целото подрачје на Египет. 20 Но Јехова дозволи да му закорави срцето на фараонот,+ и тој не ги пушти синовите на Израел.

21 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката кон небото,+ и темнина ќе се спушти на египетската земја, темнина што ќе може да се опипа!“ 22 Мојсеј веднаш ја испружи раката кон небото, и по целата египетска земја се спушти густа темнина, која траеше три дена.+ 23 Луѓето не се гледаа еден со друг и никој не се помрдна од своето место три дена. А секаде каде што живееја синовите на Израел имаше светлина.+ 24 Потоа фараонот го викна Мојсеј и му рече: „Одете, служете му на Јехова!+ Само вашата ситна и крупна стока ќе остане овде. Нека појдат и вашите деца со вас!“+ 25 Но Мојсеј му одговори: „Дозволи ни да земеме и стока за жртви паленици и за други жртви што ќе му ги принесеме на Јехова, својот Бог.+ 26 Затоа нашата стока мора да оди со нас.+ Ниту едно копито нема да остане, зашто од неа ќе го земеме она што ни треба за службата* на Јехова, својот Бог,+ а и самите не знаеме што ќе принесеме како жртва во чест* на Јехова додека не стигнеме таму“.+ 27 Тогаш Јехова дозволи да му закорави срцето на фараонот, и тој не сакаше да ги пушти.+ 28 И фараонот му рече: „Оди си откај мене!+ Гледај да не ми излезеш повеќе пред очи, зашто во тој ден кога ќе ми излезеш пред очи, ќе умреш!“+ 29 А Мојсеј одврати: „Како што рече, така ќе биде. Повеќе нема да ти излегувам пред очи“.+

11 И Јехова му рече на Мојсеј: „Ќе им нанесам уште една неволја на фараонот и на Египет. Потоа тој ќе ве пушти одовде.+ А кога ќе ве пушти со сѐ што имате, дури и ќе ве брка оттука.+ 2 Затоа, кажи му на народот: секој човек нека бара од својот сосед и секоја жена нека бара од својата сосетка сребрени и златни предмети“.+ 3 И Јехова направи народот да најде милост во очите на Египќаните.+ А и самиот Мојсеј беше многу почитуван во египетската земја, во очите на фараоновите слуги и во очите на народот.+

4 И Мојсеј рече: „Вака вели Јехова: ‚Околу полноќ ќе поминам низ Египет.+ 5 И секој првороден+ во египетската земја ќе умре, од првородениот на фараонот, кој седи на престолот, до првородениот на слугинката покрај рачната мелница, а и сѐ што е првородено од животните.+ 6 И ќе настане голем пискот во целата египетска земја, каков што уште немало, ниту некогаш ќе има повторно.+ 7 Но на синовите на Израел нема ни пес да залае, ниту на човек ниту на животно,+ за да знаете дека Јехова може да направи разлика помеѓу Египќаните и синовите на Израел‘.+ 8 И сите твои слуги ќе дојдат кај мене и ќе паднат ничкум пред мене,+ велејќи: ‚Одете си и ти и целиот народ кој оди по тебе‘. Потоа ќе си заминам“. И си отиде откај фараонот, пламтејќи од гнев.

9 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Фараонот нема да ве послуша+ за да се намножат моите чуда во египетската земја“.+ 10 Мојсеј и Арон ги направија сите тие чуда пред фараонот,+ но Јехова дозволи да му закорави срцето на фараонот, и така тој не ги пушти синовите на Израел да си одат од неговата земја.+

12 Јехова им рече на Мојсеј и на Арон во египетската земја: 2 „Овој месец нека ви биде почеток на месеците. Нека ви биде прв месец во годината.+ 3 Вака објавете ѝ на целата израелска заедница: ‚На десеттиот ден од овој месец секој од вас нека земе јагне+ за својот дом, по едно јагне на дом. 4 Ако се премалку во домот за едно јагне, видете колку може секој да изеде, па викнете го во својот дом својот најблизок сосед со онолку души колку што е потребно за да го изедете јагнето. 5 Јагнето нека биде без маана,+ машко, годиначе.+ Можете да земете било јагне било јаре. 6 Чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец,+ а потоа целиот собир* на израелската заедница нека го заколе приквечер.*+ 7 И нека земат крв и нека ги попрскаат со неа двата довратника и надвратникот на влезната врата од куќите во коишто ќе јадат.+

8 Нека го јадат месото во таа ноќ.+ Нека го јадат печено на оган, со бесквасен леб+ и со горчливо зелје.+ 9 Ништо од него не јадете сурово, ниту варено во вода, туку печено на оган, со главата, потколениците и утробата. 10 Ништо од него не оставајте до утрото, туку она што ќе остане до утрото изгорете го во оган.+ 11 А јадете го вака: скутовите на облеката нека ви бидат подврзани,+ сандалите+ нека ви бидат обуени и стапот нека ви биде во рацете. Јадете го набрзина. Тоа е пасхална жртва* за Јехова.+ 12 И ќе поминам низ египетската земја во таа ноќ+ и ќе ги убијам сите првородени во египетската земја, од човек до животно.+ И ќе им пресудам на сите египетски богови.+ Јас сум Јехова.+ 13 Крвта нека ви биде знак на куќите во кои ќе се наоѓате. Кога ќе ја видам крвта, ќе ве одминам,+ и неволјата нема да дојде да ве погуби кога ќе ја удрам египетската земја.

14 И тој ден нека ви биде за спомен и славете го како празник во чест на Јехова од поколение до поколение. Славете го според трајната одредба. 15 Седум дена јадете бесквасен леб. На првиот ден отстранете го од своите куќи потквасеното тесто, зашто кој ќе јаде нешто со квасец, од првиот до седмиот ден,+ таа душа да биде погубена и така да се отстрани од Израел.+ 16 На првиот ден одржете свет собир, а и на седмиот ден одржете свет собир.+ Никаква работа да не работите во тие денови.+ Само она што ѝ треба на секоја душа за јадење, само тоа смеете да го подготвите.+

17 Држете го Празникот на бесквасните лебови,+ зашто тоа е денот во кој ќе ги изведам вашите чети од египетската земја. Држете го тој ден од поколение до поколение. Тоа е трајна одредба. 18 Од вечерта на четиринаесеттиот ден од првиот месец до вечерта на дваесет и првиот ден од тој месец јадете бесквасен леб.+ 19 Седум дена не смее да има потквасено тесто во вашите куќи, зашто секој што ќе јаде нешто со квасец, било дојденец било роден Израелец,+ таа душа да биде погубена и така да биде отстранета од израелската заедница.+ 20 Не смеете да јадете ништо со квасец. Во сите ваши живеалишта јадете бесквасен леб‘ “.

21 Мојсеј веднаш ги свика сите старешини на Израел+ и им рече: „Изберете и земете ситна стока за своите семејства и заколете ја пасхалната жртва!+ 22 И земете китка исоп,+ натопете ја во крв во еден сад и со крвта од садот попрскајте го надвратникот на влезната врата и двата довратника. Никој од вас да не излегува низ вратата на својата куќа сѐ до утрото. 23 Јехова ќе помине за да ги удри Египќаните со неволја. Кога ќе ја види крвта на надвратникот од влезната врата и на двата довратника, Јехова ќе ја одмине таа врата и нема да дозволи да влезе погубувањето во вашите куќи и да ве удри вас.+

24 Ова нека биде трајна уредба+ за вас и за вашите синови. 25 И кога ќе дојдете во земјата што ќе ви ја даде Јехова, како што и ви вети, вршете ја оваа служба.+ 26 А кога вашите синови ќе ве прашаат: ‚Што ви значи оваа служба?‘+ 27 — речете им: ‚Тоа е пасхалната жртва за Јехова,+ кој ги одминуваше куќите на синовите на Израел во Египет кога ги удри Египќаните со неволја, а нашите куќи ги поштеди‘ “.

Тогаш народот се поклони и падна ничкум.+ 28 Потоа синовите на Израел отидоа и направија како што им заповеда Јехова на Мојсеј и на Арон.+ Токму така направија.

29 А на полноќ, Јехова ги погуби сите првородени во египетската земја,+ од првородениот на фараонот, кој седеше на својот престол, до првородениот на затвореникот, кој беше во затворот,* а и сите првородени животни.+ 30 И фараонот стана среде ноќта, тој и сите негови слуги и сите Египќани, и настана голем пискот меѓу Египќаните,+ зашто немаше куќа во која немаше мртовец. 31 Тој уште во ноќта ги викна+ Мојсеј и Арон и им рече: „Станувајте, одете си од мојот народ, и вие и сите синови на Израел! Одете, служете му на Јехова, како што баравте!+ 32 Земете си ја и ситната и крупната стока, како што баравте,+ па одете си! А и мене благословете ме!“

33 Египќаните почнаа да навалуваат на народот да си оди што поскоро+ од земјата и велеа: „Инаку сите ќе изгинеме!“+ 34 Така народот го понесе своето непотквасено тесто, а садовите за месење леб, завиткани во наметки, ги понесоа на рамења. 35 И синовите на Израел направија како што им рече Мојсеј, па побараа од Египќаните сребрени и златни предмети и облека.+ 36 И Јехова направи народот да најде милост во очите на Египќаните,+ па им го дадоа она што го бараа.+ Така ги ограбија Египќаните.+

37 И синовите на Израел отидоа од Рамзес+ накај Сокот.+ Имаше шестотини илјади мажи пешаци, не сметајќи ги децата.+ 38 А со нив тргнаа и мноштво други луѓе,*+ како и мошне многу ситна и крупна стока. 39 Од тестото што го беа понеле од Египет, испекоа тркалезни бесквасни лебови. Тестото не беше потквасено, бидејќи ги бркаа од Египет и не можеа повеќе да се задржуваат, и така не си подготвија храна за по пат.+

40 Синовите на Израел, кои живееја+ во Египет,+ живееја во туѓина четиристотини и триесет години.*+ 41 А кога се навршија тие четиристотини и триесет години, токму во тој ден, сите Јеховини чети излегоа од египетската земја.+ 42 Тоа е ноќ што треба да се празнува за Јехова зашто ги изведе од египетската земја. Таа ноќ треба да ја празнуваат за Јехова сите синови на Израел од поколение до поколение.+

43 И Јехова им рече на Мојсеј и на Арон: „Ова е одредба за пасхалната жртва:+ ниту еден туѓинец не смее да јаде од неа.+ 44 Секој роб купен за пари обрежете го,+ па дури тогаш може да јаде од неа. 45 Доселеникот и наемникот не смеат да јадат од неа. 46 Сите што го јадат јагнето, нека го јадат заедно во иста куќа. Да не изнесувате месо од куќата и на жртвата да не ѝ скршите ниту една коска.+ 47 Целата израелска заедница нека ја слави.+ 48 Ако меѓу вас живее некој дојденец кој би сакал да ја слави Пасхата во чест на Јехова, да се обрежат сите машки од неговиот дом.+ Дури тогаш нека пристапи и нека ја слави, и нека биде како роден Израелец. А оној што не е обрежан не смее да јаде од неа. 49 Еден закон нека важи и за родениот Израелец и за дојденецот што живее меѓу вас“.+

50 И сите синови на Израел направија така како што им заповеда Јехова на Мојсеј и Арон. Токму така направија.+ 51 На истиот тој ден, Јехова ги изведе синовите на Израел од египетската земја по нивните чети.+

13 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 2 „Посвети ми го секој првороден, секој што ја отвора материцата меѓу синовите на Израел, и од луѓето и од животните, зашто мене ми припаѓа“.+

3 И Мојсеј му рече на народот: „Сеќавајте се на овој ден во кој излеговте од Египет,+ од куќата на ропството, зашто Јехова ве изведе оттаму со силата на својата рака.+ Затоа, да не се јаде ништо со квасец.+ 4 Излегувате денес, во месецот авив.*+ 5 Кога ќе те одведе Јехова во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Евејците и Евусејците,+ за која им се заколна на твоите прататковци дека ќе ти ја даде,+ земја во која тече мед и млеко,+ тогаш врши ја оваа служба во овој месец. 6 Седум дена јади бесквасен леб,+ а седмиот ден е празник во чест на Јехова.+ 7 Бесквасниот леб нека се јаде седум дена.+ Кај тебе да не се види ништо со квасец+ и на твоето подрачје да не се види никаде потквасено тесто.+ 8 И во тој ден речи му на својот син: ‚Ова е поради она што го стори Јехова за мене кога излегов од Египет‘.+ 9 И тоа нека ти биде како знак на раката и како спомен на челото,+ за да биде Јеховиниот закон во твојата уста.+ Зашто, со силна рака те изведе Јехова од Египет.+ 10 И држи ја оваа одредба од година на година во одреденото време.+

11 А кога Јехова ќе те доведе во земјата на Ханаанците,+ како што ви се заколна тебе и на твоите прататковци,+ и кога ќе ти ја предаде, 12  посвети му го на Јехова секој првороден син,+ а исто така и секое првородено од твојата стока.+ Секое машко му припаѓа на Јехова.+ 13 И секое првородено магаре откупи го со едно грло ситна стока, а ако не го откупиш, скрши му го вратот.+ А откупи го и секој првороден меѓу своите синови.+

14 А ако син ти еден ден те праша:+ ‚Што значи тоа?‘ — одговори му: ‚Со силата на својата рака Јехова нѐ изведе од Египет,+ од куќата на ропството.+ 15 Поради тоа што фараонот стана тврдокорен и не сакаше да нѐ пушти да си одиме,+ Јехова ги погуби сите првородени во египетската земја,+ од првородениот од луѓето до првороденото од животните.+ Затоа му го жртвувам на Јехова секое првородено машко,+ а секој првороден од моите синови го откупувам‘.+ 16 Тоа нека ти биде како знак на раката и како лента на челото,*+ зашто со силата на својата рака Јехова нѐ изведе од Египет“.+

17 Кога фараонот го пушти народот, Бог не го водеше по патот низ филистејската земја, иако оттаму беше поблиску, зашто Бог рече: „Народот би можел да зажали кога ќе види војна, па да се врати во Египет“.+ 18 Затоа Бог го поведе народот по обиколен пат, низ пустината покрај Црвеното Море.+ И синовите на Израел ја напуштија египетската земја во борбени редови.*+ 19 Мојсеј ги понесе со себе коските на Јосиф, бидејќи Јосиф свечено ги заколна синовите на Израел со зборовите: „Бог сигурно ќе ве погледне,+ а вие понесете ги одовде со себе моите коски“.+ 20 И отидоа од Сокот и се улогорија во Етам, на работ од пустината.+

21 И Јехова одеше пред нив дење во столб од облак за да ги води по патот,+ а ноќе во столб од оган за да им свети, за да можат да патуваат и дење и ноќе.+ 22 Столбот од облак не се поместуваше од народот дење, ниту столбот од оган ноќе.+

14 Јехова му рече на Мојсеј: 2 „Речи им на синовите на Израел да се вратат и да се улогорат пред Пи-Аирот, меѓу Мигдол и морето, спроти Ваал-Сефон.+ Улогорете се спроти тоа место, покрај морето. 3 Тогаш фараонот ќе рече за синовите на Израел: ‚Збунето талкаат по земјата. Пустината ги затворила‘.+ 4 И ќе дозволам да му закорави срцето на фараонот,+ па ќе тргне во потера по нив. А јас ќе се прославам над фараонот и над сета војска негова.+ Така Египќаните ќе знаат дека јас сум Јехова“.+ И направија токму така.

5 По некое време му јавија на царот на Египет дека народот избегал. И веднаш срцето на фараонот и на неговите слуги се сврте против народот,+ па рекоа: „Што направивме? Го пуштивме Израел, па повеќе нема да ни робува“.+ 6 Затоа ги подготви своите бојни коли и го поведе својот народ.+ 7 Зеде шестотини одбрани коли+ и сите други коли во Египет, а во сите имаше воини. 8 Јехова дозволи да му закорави срцето на фараонот,+ царот на Египет, и тој тргна во потера по синовите на Израел, додека тие заминуваа со подигнати тупаници.+ 9 И така Египќаните тргнаа во потера по нив, сите фараонови коњи со неговите коли, неговите коњаници+ и неговата војска, и ги стигнаа додека беа улогорени крај морето, близу Пи-Аирот, спроти Ваал-Сефон.+

10 Кога се приближи фараонот, синовите на Израел погледнаа и забележаа дека Египќаните идат кон нив. И синовите на Израел многу се уплашија и почнаа да викаат за помош кон Јехова.+ 11 И му рекоа на Мојсеј: „Зарем немаше гробови во Египет, па нѐ изведе да изумреме во пустинава?+ Што ни направи, та нѐ изведе од Египет? 12 Зарем не ти рековме во Египет: ‚Пушти нѐ да им служиме на Египќаните‘? Зашто, подобро ни е да им служиме на Египќаните отколку да изумреме во пустинава“.+ 13 Тогаш Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се!+ Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе денес!+ Зашто, Египќаните што ги гледате денес, никогаш повеќе нема да ги видите.+ 14 Јехова ќе се бори за вас,+ а вие ќе стоите мирно“.

15 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Зошто викаш за помош кон мене?+ Речи им на синовите на Израел да се подготват за поаѓање. 16 А ти, крени го својот стап,+ испружи ја раката над морето и раздвој го+ за да можат синовите на Израел да поминат среде морето по суво.+ 17 И јас, еве, ќе допуштам да им закорави срцето на Египќаните,+ па ќе тргнат по нив, а јас ќе се прославам над фараонот и над сета негова војска, над неговите бојни коли и над неговите коњаници.+ 18 И Египќаните ќе знаат дека јас сум Јехова кога ќе се прославам над фараонот, над неговите бојни коли и над неговите коњаници“.+

19 Тогаш ангелот+ на вистинскиот Бог, кој одеше на чело на израелскиот табор, отиде и им застана зад грб, а и столбот од облак што беше пред нив, се помести и им застана зад грб.+ 20 И се постави помеѓу таборот на Египќаните и таборот на Израел.+ Од едната страна облакот беше мрачен, а од другата страна ја осветлуваше ноќта.+ И не се приближија едни на други цела ноќ.

21 И Мојсеј ја испружи раката над морето,+ а Јехова цела ноќ го потиснуваше морето со силен источен ветар, претворајќи го морското дно во сува земја.+ И водите се раздвоија.+ 22 Тогаш синовите на Израел тргнаа среде морето по суво,+ а водите им стоеја како ѕид оддесно и одлево.+ 23 И Египќаните тргнаа во потера, сите фараонови коњи, неговите бојни коли и неговите коњаници појдоа по нив+ среде морето. 24 А при утринската стража,* од столбот од оган и од облакот+ Јехова погледна на таборот на Египќаните и во него создаде бркотија.+ 25 И им ги извади тркалата од колите, така што тие едвај се движеа.+ Тогаш Египќаните извикаа: „Да бегаме од Израелците, зашто Јехова се бори за нив против Египќаните!“+

26 На крајот Јехова му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката над морето+ за да се вратат водите врз Египќаните, врз нивните бојни коли и врз нивните коњаници!“ 27 Мојсеј веднаш ја испружи раката над морето и, во мугрите, морето почна да се враќа на своето место. Египќаните бегаа пред морето, но Јехова ги испофрла среде морето.+ 28 И водите се враќаа+ и, на крајот, ги потопија бојните коли и коњаниците, сета фараонова војска што беше тргнала по Израелците во морето.+ Не остана ниту еден од нив.+

29 А синовите на Израел одеа по суво среде морското корито,+ додека водите им стоеја како ѕид оддесно и одлево.+ 30 Така, во тој ден Јехова го избави Израел од рацете на Египќаните.+ И Израел ги виде мртвите Египќани на морскиот брег.+ 31 Израел ја виде и силната рака со која се послужи Јехова против Египќаните. И народот почна да се бои од Јехова, и им поверува на Јехова и на неговиот слуга Мојсеј.+

15 Тогаш Мојсеј и синовите на Израел му ја запеаја оваа песна на Јехова и вака рекоа:+

„На Јехова ќе му запеам, зашто многу се прослави.+

Коњот со коњаникот ги фрли в море.+

 2 Јах* е мојата сила и мојата моќ,+ зашто тој е мојот спас.+

Тој е мој Бог, него ќе го фалам,+ Бог на мојот татко,+ него ќе го возвишувам.+

 3 Јехова е храбар воин,+ Јехова е неговото име.+

 4 В море ги фрли бојните коли и војската на фараонот.+

Во Црвеното Море потонаа неговите избрани воини.+

 5 Разбранувани води ги покрија,+ во длабочините како камен потонаа.+

 6 Твојата десница, о Јехова, има голема моќ,+

твојата десница, о Јехова, може да го сотре непријателот.+

 7 Со своето силно величество ги соборуваш оние што се креваат против тебе,+

го пушташ својот распламтен гнев да ги проголта како стрниште.+

 8 Со здивот од носниците+ твои се собраа водите,

како ѕид стоеја брановите,

во срцето на морето се стврднаа водите разбранувани.

 9 Непријателот рече: ‚Ќе ги гонам!+ Ќе ги стигнам!+

Плен ќе делам!+ Мојата душа ќе се насити со него!

Ќе го извлечам мечот! Мојата рака ќе ги гони!‘+

10 Ти дувна со својот здив,+ морето ги покри,+

потонаа како олово во силните води.+

11 Кој меѓу боговите е како тебе, о Јехова?+

Кој е како тебе, кого го краси голема светост?+

Со песни на фалба+ треба да покажуваме страв од тебе,+ ти правиш чудесни дела.+

12 Ја подигна десницата+ и земјата ги проголта.+

13 Со својата милост* го водеше народот што го беше избавил,+

со својата сила ќе го водиш до твоето свето живеалиште.+

14 Народите ќе чујат+ и ќе се вознемират,+

тешки болки*+ ќе ги нападнат жителите на Филистеја.

15 Кнезовите* на Едом тогаш ќе ги фати ужас,

силниците на Моав ќе ги обземе трепет,+

сите жители на Ханаан ќе се исплашат.+

16 Страв и трепет ќе ги опфатат.+

Од твојата силна рака ќе се скаменат

додека не помине твојот народ,+ о Јехова,

додека не помине+ народот што го создаде ти.+

17 Ќе го доведеш и ќе го посадиш на гората на твоето наследство,+

на местото што го подготви за свое живеалиште,+ о Јехова,

во светилиштето,+ Јехова, што го подигнаа твоите раце.

18 Јехова ќе царува довека, во сета вечност.+

19 Кога коњите на фараонот+ со неговите бојни коли и неговите коњаници влегоа во морето,+

Јехова ги врати врз нив морските води,+

а синовите на Израел поминаа по суво среде морето“.+

20 Тогаш пророчицата Маријам, сестрата на Арон,+ зеде дајре во раката,+ а сите жени ѝ се придружија со дајриња и играа.+ 21 Маријам им одговараше на мажите со песна:+

„Пејте му на Јехова+ зашто многу се прослави.+

Коњот со коњаникот в море ги фрли“.+

22 Потоа Мојсеј ги поведе Израелците од Црвеното Море, и тргнаа кон пустината Сур.+ Три дена патуваа низ пустината, но не најдоа вода.+ 23 Потоа дојдоа во Мара,+ но не можеа да ја пијат водата во Мара зашто беше горчлива. Затоа и се вика тоа место Мара.*+ 24 И народот почна да мрмори против Мојсеј:+ „Што ќе пиеме?“ 25 А тој го повика Јехова за помош.+ Јехова му покажа едно дрво. Тој го фрли во водата, и водата стана слатка.+

Тука Бог им даде поука и закон и тука ги искуша.+ 26 И им рече: „Ако го слушате внимателно гласот на Јехова, својот Бог, и ако го правите тоа што е право во негови очи, ако ги слушате неговите заповеди и ако ги држите сите негови уредби,+ нема да пуштам на вас ниту една од болестите што им ги пуштив на Египќаните.+ Зашто, јас сум Јехова кој ве лекува“.+

27 Потоа дојдоа во Елим каде што имаше дванаесет извори на вода и седумдесет палми.+ И се улогорија таму покрај водата.

16 Потоа заминаа од Елим+ и целата заедница од синови на Израел дојде во пустината Син,+ која е помеѓу Елим и Синај, на петнаесеттиот ден од вториот месец по излегувањето од египетската земја.

2 И целата заедница од синови на Израел почна да мрмори во пустината против Мојсеј и против Арон.+ 3 Синовите на Израел им велеа: „Камо да умревме+ од Јеховината рака во египетската земја додека седевме крај лонците со месо,+ додека јадевме леб до ситост! Нѐ доведовте во оваа пустина за да изумре од глад целата оваа заедница“.+

4 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Еве, ќе пуштам да ви паѓа леб од небото.+ Народот нека оди и нека си собере секој ден онолку колку што му треба за денот,+ за да го искушам и да видам дали ќе живее* по мојот закон или не.+ 5 А на шестиот ден+ нека го подготват она што ќе го донесат, и ќе биде двојно повеќе од она што го собирале секој ден“.+

6 Потоа Мојсеј и Арон им рекоа на сите синови на Израел: „Вечер ќе спознаете дека Јехова е тој што ве изведе од египетската земја.+ 7 А утре изутрина ќе ја видите Јеховината слава,+ зашто Јехова чу како мрморите против него. Што сме ние, па да мрморите против нас?“ 8 И Мојсеј продолжи: „Вечерва Јехова ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина ќе ви даде леб да се наситите, зашто Јехова го чу вашето мрморење, чу дека мрморите против него. А што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Јехова“.+

9 Потоа Мојсеј му рече на Арон: „Кажи ѝ на целата заедница од синови на Израел: ‚Дојдете пред Јехова, зашто тој го чу вашето мрморење‘ “.+ 10 Кога Арон ѝ го кажа ова на целата заедница од синови на Израел, тие се свртија со лицето кон пустината, и гледај, Јеховината слава се покажа во облакот.+

11 И Јехова му рече на Мојсеј: 12 „Го чув мрморењето на синовите на Израел.+ Кажи им вака: ‚Приквечер* ќе јадете месо и утре изутрина ќе се наситите со леб.+ Тогаш ќе знаете дека јас сум Јехова, вашиот Бог‘ “.+

13 И вечерта се појавија потполошки+ и го прекрија логорот, а изутрината росата покри сѐ околу логорот.+ 14 Кога росата испари, по површината на пустината лежеше нешто фино како снегулки,+ фино како мраз+ кога ќе се фати по земјата. 15 Кога го видоа, синовите на Израел се прашуваа еден со друг: „Што е ова?“, бидејќи не знаеја што е. А Мојсеј им рече: „Тоа е лебот што ви го дава Јехова за јадење.+ 16 Ова е заповедта што ја дава Јехова: ‚Соберете од тоа колку што му треба секому за јадење! Земете по еден гомор*+ на човек, секој според бројот на душите што се во неговиот шатор!‘ “ 17 И синовите на Израел направија така. Некои собраа многу, а некои малку. 18 Кога ќе ги измереа на гомор, оној што имаше собрано многу, немаше премногу, а оној што имаше собрано малку, немаше премалку.+ Секој собра онолку колку што му требаше за јадење.

19 Тогаш Мојсеј им рече: „Никој да не остава ништо до утрото!“+ 20 Но тие не го послушаа Мојсеј. Некои оставија нешто од тоа до утрото, но тоа црвоса и се засмрде.+ Затоа Мојсеј се разлути на нив.+ 21 И така го собираа тоа секое утро,+ секому колку што му требаше за јадење. Штом ќе изгрееше сонцето, тоа се растопуваше.

22 А на шестиот ден насобраа двапати повеќе леб,+ по два гомора на човек. И сите поглавари на заедницата дојдоа и му го јавија тоа на Мосеј. 23 Тогаш тој им рече: „Вака рече Јехова: утре е ден за одмор, свет саботен ден* посветен на Јехова.+ Што сакате да печете — испечете, и што сакате да готвите — згответе,+ а сиот вишок оставете си го и чувајте го до следното утро!“ 24 И така го оставија до утрото, како што заповеда Мојсеј. И не се засмрде, ниту се појавија црви во него.+ 25 Тогаш Мојсеј рече: „Јадете го тоа денес, зашто денес е ден за одмор+ посветен на Јехова! Денес нема да го најдете во полето. 26 Шест дена ќе собирате, но седмиот ден е ден за одмор.+ Тогаш ќе го нема“. 27 Сепак, на седмиот ден некои од народот отидоа да собираат, но не најдоа ништо.

28 Затоа Јехова му рече на Мојсеј: „До кога ќе одбивате да се покорите на моите заповеди и закони?+ 29 Не заборавајте дека Јехова ви го даде денот за одмор.+ Затоа на шестиот ден ви дава леб за два дена. Секој нека остане таму каде што е.+ Никој да не го напушта своето место во седмиот ден!“ 30 И народот се одмораше на седмиот ден.+

31 Израеловиот дом ја нарече таа храна „мана“.* Беше бела како коријандрово семе, а имаше вкус на медени колачи.+ 32 Тогаш Мојсеј рече: „Ова е заповедта што ја даде Јехова: ‚Земи еден полн гомор од тоа за да се чува од поколение до поколение,+ за да го видат вашите потомци лебот што ви го дадов за јадење во пустината кога ве изведов од египетската земја‘ “.+ 33 И Мојсеј му рече на Арон: „Земи еден сад и стави во него еден гомор мана и стави ја пред Јехова за да се чува од поколение до поколение“.+ 34 Како што му заповеда Јехова на Мојсеј, така Арон ја стави пред Сведоштвото*+ за да се чува. 35 И синовите на Израел јадеа мана четириесет години,+ сѐ додека не дојдоа во населена земја.+ Маната ја јадеа сѐ додека не дојдоа на границата на ханаанската земја.+ 36 Гомор е десетти дел од ефа.*

17 Целата заедница од синови на Израел тргнаа од пустината Син,+ поминувајќи дел по дел од патот, како што им заповеда Јехова.+ И се улогорија во Рафидин.+ Но тука немаше вода за да пие народот.

2 И народот почна да се препира со Мојсеј и да му вели:+ „Дај ни вода да пиеме!“ А Мојсеј им рече: „Зошто се препирате со мене? Зошто го испитувате Јехова?“+ 3 Но народот таму ожедне за вода, па мрмореше против Мојсеј и му велеше: „Зарем нѐ изведе од Египет за да нѐ убиеш со жед нас и нашите синови и нашата стока?“+ 4 И Мојсеј извика кон Јехова: „Што да правам со овој народ? Уште малку, па ќе ме каменуваат!“+

5 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Излези пред народот+ и земи со себе неколку старешини на Израел и стапот со којшто удри по реката Нил.+ Земи го в рака и оди. 6 Еве, јас ќе стојам пред тебе онаму, на карпата на Хорив.* Удри по карпата и од неа ќе потече вода, па нека пие народот!“+ И Мојсеј направи така пред очите на старешините на Израел. 7 И тоа место го нарече Маса*+ и Мерива,*+ бидејќи синовите на Израел се препираа и го испитуваа Јехова,+ велејќи: „Дали е Јехова меѓу нас или не е?“+

8 Тогаш дојдоа Амаличаните+ да се борат со Израел во Рафидин.+ 9 И Мојсеј му рече на Исус Навин:+ „Избери луѓе за нас, па оди+ и бори се со Амаличаните! Утре ќе застанам на врвот од ридот, со стапот на вистинскиот Бог в рака“.+ 10 И Исус Навин направи како што му рече Мојсеј+ и завојува со Амаличаните, а Мојсеј, Арон и Ор+ се искачија на врвот од ридот.

11 И додека Мојсеј ги држеше рацете кренати, надвиваа Израелците,+ а кога ќе ги спуштеше, надвиваа Амаличаните. 12 Кога на Мојсеј му отежнаа рацете, зедоа еден камен, го ставија под него и тој седна. А Арон и Ор му ги држеа рацете, едниот од едната, а другиот од другата страна, така што рацете му останаа кренати сѐ до зајдисонце. 13 Така Исус Навин ги порази со сечилото на мечот+ Амаличаните и војската што беше со нив.

14 И Јехова му рече на Мојсеј: „Запиши го тоа во книгата за спомен+ и кажи му на Исус Навин: ‚Ќе го избришам споменот за Амаличаните од под небото‘ “.+ 15 Мојсеј направи жртвеник и го нарече Јехова-Ниси.* 16 И рече: „Поради тоа што кренаа рака на престолот+ на Јах,+ Јехова ќе војува со Амаличаните од поколение до поколение“.+

18 А Јотор, мадијамскиот свештеник, тестот на Мојсеј,+ слушна за сѐ што беше направил Бог за Мојсеј и за својот народ Израел, како Јехова го изведе Израел од Египет.+ 2 Тогаш Мојсеевиот тест Јотор ја зеде Сепфора, жената на Мојсеј, која тој ја имаше испратено назад, 3 како и двата нејзини сина.+ Едниот се викаше Гирсом,*+ зашто беше рекол: „Дојденец сум во туѓа земја“, 4 а другиот се викаше Елиезер,*+ зашто рече: „Богот на татко ми е мојот помошник и тој ме избави од мечот на фараонот“.+

5 Така Јотор, Мојсеевиот тест, дојде со неговите синови и со неговата жена кај него во пустината кај планината на вистинскиот Бог, каде што Мојсеј беше улогорен.+ 6 И му порача на Мојсеј: „Јас, твојот тест Јотор,+ доаѓам кај тебе со твојата жена и со двата нејзини сина“. 7 Мојсеј веднаш му излезе во пресрет на својот тест, му се поклони и го бакна.+ Откако се распрашаа за здравјето, влегоа во шаторот.

8 И Мојсеј му раскажа на својот тест за сѐ што им направи Јехова на фараонот и на Египет заради Израел,+ за сите неволји што ги снајдоа по патот+ и како Јехова ги избавуваше.+ 9 Јотор се радуваше на сето добро што Јехова му го беше направил на Израел, избавувајќи го од раката египетска.+ 10 Тогаш Јотор рече: „Да е благословен Јехова, кој ве избави вас од раката египетска и од раката на фараонот, и кој го избави народот од раката египетска.+ 11 Сега знам дека Јехова е поголем од сите други богови,+ зашто гледам што сѐ им се случи на Египќаните кога постапуваа дрско со Израел“. 12 Тогаш Мојсеевиот тест Јотор донесе жртва паленица и други жртви за да му бидат принесени на Бог.+ И дојдоа Арон и сите старешини од Израел да јадат со тестот на Мојсеј пред вистинскиот Бог.+

13 А утредента седна Мојсеј како и обично да му суди на народот.+ И народот стоеше пред Мојсеј од утро до мрак. 14 Тестот на Мојсеј виде сѐ што правеше тој за народот, па му рече: „Што правиш така со народот? Зошто седиш сам, а сиот народ стои пред тебе од утро до мрак?“ 15 А Мојсеј му одговори на својот тест: „Затоа што народот доаѓа кај мене за да го праша Бог за совет.+ 16 Ако имаат некаков спор,+ го изнесуваат пред мене за да пресудам меѓу едната и другата страна и да ги објавам одлуките на вистинскиот Бог и неговите закони“.+

17 Тогаш тестот му рече на Мојсеј: „Не е добро да правиш така. 18 Ќе се исцрпиш и ти и народот што е со тебе, зашто таа работа е преголем товар за тебе.+ Сам не можеш да ја извршуваш.+ 19 Затоа послушај ме сега.+ Ќе те советувам, и Бог ќе биде со тебе.+ Ти застапувај го народот пред вистинскиот Бог+ и изнесувај ги пред Бог нивните спорови.+ 20 Поучи ги за уредбите и законите,+ покажи им го патот по кој треба да одат и она што треба да го прават.+ 21 Но, од сиот народ одбери луѓе способни,+ богобојазливи,+ доверливи,+ кои мразат неправедна добивка,+ и постави ги за поглавари, за илјаданачалници,+ стотници, педесетници и десетници.+ 22 Тие нека му судат на народот секогаш кога ќе биде потребно. Секој поголем спор нека ти го изнесат тебе,+ а во секој помал спор нека пресудат самите. Така олесни си го товарот, а тие нека го носат со тебе.+ 23 Ако направиш вака и ако Бог ти го одобри тоа, тогаш ќе можеш да издржиш, а сиот овој народ ќе си оди дома во мир“.+

24 Мојсеј веднаш го послуша својот тест и направи сѐ што му рече тој.+ 25 И Мојсеј избра способни луѓе од целиот Израел и ги постави за поглавари над народот:+ илјаданачалници, стотници, педесетници и десетници. 26 И тие му судеа на народот секогаш кога беше потребно. Потешките спорови ги изнесуваа пред Мојсеј,+ а во сите помали, пресудуваа сами. 27 Потоа Мојсеј го испрати својот тест,+ и тој си отиде во својата земја.

19 Во третиот месец, откако синовите на Израел излегоа од египетската земја,+ на тој ден дојдоа во Синајската Пустина.+ 2 Тргнувајќи од Рафидин,+ дојдоа во Синајската Пустина и се улогорија во пустината.+ Израел се улогори таму пред планината.+

3 Мојсеј се искачи кај вистинскиот Бог, и Јехова го повика од планината+ и му рече: „Вака кажи му на домот на Јаков и речи им на синовите на Израел: 4 ‚Видовте што им сторив на Египќаните,+ како ве носев на орловски крилја и ве доведов кај себе.+ 5 А сега, ако го слушате верно+ мојот глас и ако го држите мојот сојуз,+ ќе ми бидете најмилата сопственост меѓу сите други народи,+ зашто е моја целата земја.+ 6 И ќе ми бидете царство на свештеници и свет народ‘.+ Ова се зборовите што треба да им ги кажеш на синовите на Израел“.

7 И Мојсеј се врати и ги повика старешините+ на народот и им изнесе сѐ што му заповеда Јехова.+ 8 Потоа сиот народ едногласно одговори: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме“.+ Мојсеј веднаш му го пренесе на Јехова одговорот на народот.+ 9 А Јехова му рече на Мојсеј: „Еве, ќе дојдам кај тебе во темен облак+ за да чуе народот кога ќе зборувам со тебе+ и да ти верува засекогаш“.+ Тогаш Мојсеј му го пренесе на Јехова одговорот на народот.

10 А Јехова му рече на Мојсеј: „Оди кај народот и посветувај го денес и утре. Народот нека си ја испере облеката.+ 11 Нека бидат готови за третиот ден, зашто на третиот ден Јехова ќе слезе на планината Синај пред очите на сиот народ.+ 12 А ти постави граници за народот отсекаде наоколу и речи: ,Внимавајте да не се качувате на планината и да не се допрете до нејзиното подножје! Секој што ќе се допре до планината, ќе биде погубен.+ 13 Ничија рака да не се допре до престапникот, зашто ќе биде затрупан со камења или застрелан со стрела! Сеедно дали е животно или човек, нема да остане жив‘.+ Кога ќе се огласи овнешкиот рог,+ тогаш можат да пријдат до планината“.

14 Тогаш Мојсеј слезе од планината кај народот и почна да го посветува народот. И народот си ја испра облеката.+ 15 Потоа му рече на народот: „Бидете готови+ за третиот ден. Не приближувајте се до жена!“+

16 А на третиот ден кога самна утрото, загрмеа громови и засветкаа молњи.+ Густ облак+ се надви над планината и се зачу многу силен звук од рог,+ така што затрепери целиот народ што беше во логорот.+ 17 Тогаш Мојсеј го изведе народот од логорот во пресрет на вистинскиот Бог. И застанаа во подножјето на планината.+ 18 Целата планина Синај се обви со чад+ зашто Јехова слезе на неа во оган.+ Чадот се креваше како чад од печка за тули,+ а целата планина се тресеше силно.+ 19 Додека гласот на рогот стануваше сѐ посилен, Мојсеј зборуваше, а вистинскиот Бог му одговараше со силен глас.+

20 Така Јехова слезе на планината Синај, на врвот од планината. Тогаш Јехова го повика Мојсеј на врвот од планината, и Мојсеј се искачи.+ 21 И Јехова му рече на Мојсеј: „Слези и опомени го народот да не се обидува да се пробие кон Јехова за да гледа, та мнозина да изгинат!+ 22 А и свештениците, кои му пристапуваат на Јехова, нека се посветат+ за да не ги погуби Јехова!“+ 23 Тогаш Мојсеј му рече на Јехова: „Не може народот да дојде на планината Синај бидејќи ти веќе нѐ предупреди: ‚Постави граници околу планината и посвети ја!‘ “+ 24 Но Јехова му возврати: „Појди долу, па качи се пак со Арон. Но свештениците и народот да не ги преминуваат границите за да се искачат кај Јехова, за да не ги погубам!“+ 25 Така слезе Мојсеј кај народот и му го кажа сето тоа.+

20 Потоа Бог ги кажа сите овие заповеди:+

2 „Јас сум Јехова, твојот Бог,+ кој те изведе од египетската земја, од куќата на ропството.+ 3 Немој да имаш други богови+ освен мене.*

4 Немој да си правиш режан лик, ниту што и да е друго што личи на она што е горе на небото, или долу на земјата, или во водите под земјата.+ 5 Немој да им се клањаш, ниту да им служиш,+ зашто јас сум Јехова, твојот Бог, Бог кој бара да му се покажува оддаденост само нему.*+ Поради престапите на татковците ги казнувам синовите, до третото и до четвртото поколение на оние што ме мразат,+ 6 а покажувам милост* и кон илјадитото поколение на оние што ме сакаат и ги држат моите заповеди.+

7 Не споменувај го името на Јехова, твојот Бог, на недостоен начин,+ зашто Јехова нема да го остави неказнет оној што недостојно го споменува неговото име.+

8 Сеќавај се на денот за одмор* и нека ти биде свет.+ 9 Шест дена работи и извршувај ја сета своја работа.+ 10 А седмиот ден е ден за одмор посветен на Јехова, твојот Бог.+ Немој да работиш никаква работа ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот роб, ни твојата робинка, ни твојата стока, ни дојденецот што живее со тебе во твојот град.+ 11 Зашто, за шест дена Јехова ги создаде небото, земјата, морето и сѐ што е во нив,+ а во седмиот ден почна да почива.+ Затоа Јехова го благослови денот за одмор и го посвети.+

12 Почитувај ги татка си и мајка си,+ за да ти се продолжат деновите на земјата што ти ја дава Јехова, твојот Бог.+

13 Не убивај!+

14 Не врши прељуба!+

15 Не кради!+

16 Не сведочи лажно против својот ближен!+

17 Не посакувај ја куќата на својот ближен! Не посакувај ја жената на својот ближен,+ ниту неговиот роб, ниту неговата робинка, ниту неговиот бик, ниту неговото магаре, ниту што и да е друго кое му припаѓа на твојот ближен!“+

18 И целиот народ ги виде* громовите, молњите, звукот на рогот и планината како чади. Кога го виде тоа, народот затрепери и остана понастрана.+ 19 Тогаш му рекоа на Мојсеј: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме! Нека не ни зборува Бог за да не изгинеме!“+ 20 А Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се, зашто вистинскиот Бог дојде за да ве искуша+ и стравот од него да остане со вас за да не грешите!“+ 21 И народот стоеше понастрана, а Мојсеј му се приближи на густиот темен облак, каде што беше вистинскиот Бог.+

22 И Јехова му рече на Мојсеј:+ „Вака кажи им на синовите на Израел: ‚Видовте дека ви зборував од небото.+ 23 Не правете покрај мене богови од сребро, ниту богови од злато.+ 24 Направете ми жртвеник од земја+ и на него принесувајте ги своите жртви паленици и жртвите на заедништвото, својата ситна и крупна стока.+ На секое место што ќе го одредам за да се спомнува на него моето име, ќе дојдам кај тебе и ќе те благословам.+ 25 Ако ми градиш жртвеник од камен, немој да го градиш од делкани камења, зашто, ако го обработуваш со длето, ќе го оскверниш.+ 26 Не прави скали по кои ќе се качуваш до мојот жртвеник за да не се открие на него твојата голотија‘.

21 А ова се законите што треба да им ги изложиш:+

2 Ако купиш за роб некој Евреин,+ нека биде роб шест години, а во седмата година нека замине слободен, без откупнина.+ 3 Ако дојде сам, сам и нека си оди. Ако има жена,* и неговата жена нека оди со него. 4 Ако неговиот господар му даде жена и таа му роди синови и ќерки, жената и нејзините деца нека му припаднат на нејзиниот господар,+ а тој нека си оди сам.+ 5 Но, ако робот цврсто реши и рече: ‚Ги сакам својот господар, својата жена и своите синови, не сакам да си одам и да бидам слободен‘,+ 6 тогаш неговиот господар нека го доведе пред вистинскиот Бог и нека го доведе кај вратата или кај довратникот. Таму господарот нека му го продупчи увото со шило, па нека му биде роб за навек.+

7 Кога некој ќе ја продаде својата ќерка за да биде робинка,+ таа нека не биде ослободена како што се ослободуваат машките робови. 8 Ако не му се допаѓа на господарот, и тој не си ја одреди за наложница,*+ туку ја изневери и дозволи да биде откупена, нема право да ја продаде на туѓ народ. 9 А ако ја одреди за својот син, нека постапува со неа според правото што им припаѓа на ќерките.+ 10 Ако си земе друга жена, не смее да ја лишува од храна, облека+ и од брачната должност.+ 11 Ако не ѝ ги прави овие три работи, таа може слободно да си оди без да плати откупнина.

12 Кој ќе удри човек, па тој умре, да биде погубен.+ 13 Но ако не го демнел, туку вистинскиот Бог допуштил тоа да се случи со неговата рака,+ ќе ти одредам место каде што може да побегне.+ 14 А ако некој се налути на својот ближен, па го убие подмолно,+ одведи го дури и откај мојот жртвеник за да биде погубен.+ 15 Кој ќе го удри татка си или мајка си, да биде погубен.+

16 Кој ќе грабне човек,+ па го продаде,+ или ако биде најден во негови раце, да биде погубен.+

17 Кој ќе го проколне татка си или мајка си, да биде погубен.+

18 Ако се скараат луѓе, па едниот од нив го удри својот ближен со камен или со мотика, а овој не умре, туку падне в постела, 19 но потоа стане и може да излегува надвор потпирајќи се на нешто, тогаш оној што го удрил нема да биде казнет. Само нека му плати надоместок за сето време во кое не можел да работи додека потполно не оздравел.

20 Ако некој го удри+ со стап својот роб или својата робинка, па робот умре под неговата рака, мора да биде одмазден.+ 21 Но ако живее уште ден-два, не мора да биде одмазден, зашто станува збор за негови пари.

22 Ако се степаат мажи и повредат бремена жена, па од неа излезе детето,+ но не дојде до смрт, тогаш виновникот мора да плати отштета колку што ќе му одреди нејзиниот маж.* Нека плати преку судии.+ 23 Но, ако дојде до смрт, тогаш ќе земеш живот за живот,*+ 24 око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога,+ 25 изгореница за изгореница, рана за рана, удар за удар.+

26 Ако некој го удри по око својот роб, или својата робинка, и му го оштети окото, нека го пушти на слобода поради окото.+ 27 Ако му избие заб на својот роб, или на својата робинка, нека го пушти на слобода поради забот.

28 Ако бик убоде маж или жена и ги усмрти, бикот да се каменува,+ а неговото месо да не се јаде. Сопственикот на бикот нема да биде казнет. 29 Но ако се знаело и порано дека бикот боде, и сопственикот бил опоменат, но сепак не го чувал, па бикот усмртил маж или жена, бикот да биде каменуван, а и неговиот сопственик да биде погубен. 30 Ако му се одреди откупнина, нека плати откуп за својата душа колку што ќе му се одреди.+ 31 Ако бик убоде син или ќерка, со него нека се постапи според овој закон.+ 32 Ако бикот убол роб или робинка, сопственикот нека му даде на нивниот господар износ од триесет сикли,+ а бикот да биде каменуван.

33 Кога некој ќе открие јама или ќе ископа јама, ако не ја покрие и ако во неа падне бик или магаре,+ 34 сопственикот на јамата треба да ја надомести штетата.+ Парите нека му ги исплати на сопственикот на животното, а пцовисаното животно нека му припадне нему. 35 Ако нечиј бик повреди туѓ бик, па бикот пцовиса, тогаш нека го продадат живиот бик и добиените пари нека ги поделат, а и пцовисаното животно нека го поделат.+ 36 Но, ако се знаело и порано дека бикот боде, а неговиот сопственик не го чувал,+ тогаш сопственикот нека надомести+ бик за бик, а пцовисаното животно ќе му припадне нему.

22 Ако некој украде јунец или овца, па ги заколе или ги продаде, нека врати пет јунци за еден јунец, а четири овци за една овца.+

2 Ако некој затече крадец+ како провалува,+ па му зададе удар и тој умре, оној што го удрил нема да биде виновен за крв.+ 3 Но ако сонцето веќе излегло над него, тогаш ќе биде виновен за крв.

Крадецот мора да ја надомести штетата. Ако нема ништо, тогаш тој треба да биде продаден за она што го украл.+ 4 Ако се најде во неговата рака живо она што е украдено, сеедно дали е јунец, магаре или овца, мора да врати двојно.

5 Ако некој опустоши нива или лозје пуштајќи ја својата стока да испасе туѓа нива, мора да ја надомести штетата+ со најдоброто од својата нива или од своето лозје.

6 Ако се прошири оган и ако зафати трње, па изгорат снопови жито, или неожнеано жито, или нива,+ оној што го запалил огнот мора да го надомести тоа што изгорело.

7 Кога некој ќе му даде на својот ближен пари или предмети на чување,+ па ако биде тоа украдено од неговата куќа, крадецот, ако го најдат, мора да врати двојно.+ 8 Ако не го најдат крадецот, сопственикот на куќата нека биде одведен пред вистинскиот Бог+ за да се утврди дали тој посегнал по работите на својот ближен. 9 Кога некој ќе направи престап,+ така што за јунец, магаре, овца, облека или некоја друга изгубена работа ќе рече: ‚Тоа е мое!‘ — нивниот спор нека се изнесе пред вистинскиот Бог.+ Оној кого Бог ќе го прогласи за виновен треба двојно да му ја надомести штетата на својот ближен.+

10 Кога некој ќе му даде на својот ближен на чување магаре, јунец, овца или какво и да е друго домашно животно, ако тоа пцовиса, или биде осакатено, или некој го одведе без да види никој, 11 оној што го чувал животното нека се заколне+ пред Јехова дека не посегнал со своја рака по сопственоста на својот ближен.+ Сопственикот нека го прифати тоа, а оној другиот не треба да ја надоместува штетата. 12 Но, ако му било украдено, мора да му ја надомести штетата на сопственикот.+ 13 Ако ѕверка го растргнала животното,+ нека го донесе како доказ.+ За она што го растргнала ѕверка, не треба да се надоместува штетата.

14 Но, ако некој земе од својот ближен+ животно на заем, па тоа биде осакатено или пцовиса додека сопственикот не е со него, мора да ја надомести штетата.+ 15 Ако сопственикот бил со него, не мора да се надоместува штетата. Ако е земено под наем, штетата ќе се покрие со наемот.

16 Ако некој заведе девица која не е свршена и ако легне со неа,+ мора да ја земе за жена по цената што е одредена.+ 17 Ако нејзиниот татко никако не сака да му ја даде, мора да даде онолку пари колку што е цената за девица.+

18 Гатачка не оставај да живее.+

19 Секој што ќе легне со животно, да биде погубен.+

20 Кој ќе принесува жртви на кој и да е друг бог освен на Јехова, да биде погубен.*+

21 Со дојденец немој да постапуваш лошо, ниту да го угнетуваш,+ зашто и вие бевте дојденци во египетската земја.+

22 Не правете зло на вдовица, ниту на дете* без татко.+ 23 Ако им направиш некакво зло, па тие почнат да викаат кон мене, сигурно ќе го чујам нивниот викот.+ 24 Мојот гнев ќе се распали,+ и ќе ве погубам со меч, па вашите жени ќе станат вдовици и вашите синови сираци.+

25 Ако му дадеш на заем пари некому од мојот народ, на страдалникот што е со тебе,+ немој да му бидеш како лихвар. Не наметнувај му камати.+

26 Ако ја земеш во залог облеката на својот ближен,+ врати му ја до зајдисонце. 27 Зашто, тоа му е единствената покривка,+ наметка со која го покрива своето тело. Во што ќе си легне? И ќе повика за помош кон мене, а јас ќе го чујам, бидејќи сум милостив.+

28 Не проколнувај го Бог,+ ниту поглаварот на својот народ.+

29 Не колебај се да даваш од изобилството на својот род и од изобилството на своето гмечало.+ Првородениот од твоите синови ќе ми го дадеш мене.+ 30 Вака направи и со својот јунец и со својата овца:+ седум дена нека останат со својата мајка,+ а на осмиот ден ќе ми ги дадеш мене.

31 Бидете мој свет народ.+ Не јадете месо од животно што го растргнала ѕверка во полето,+ туку фрлете им го на кучињата.+

23 Не шири лажни вести.+ Не соработувај со злиот, станувајќи сведок што смислува насилство.+ 2 Не поведувај се по мнозинството за да правиш зло.+ Не сведочи во спор застанувајќи на страната на мнозинството за да се изврти правдата.+ 3 Немој да бидеш пристрасен кон сиромавиот во неговиот спор.+

4 Ако наидеш на залутан бик или магаре од твојот непријател, одведи му го назад.+ 5 Ако видиш дека магарето на оној што те мрази легнало под товарот, немој да го оставиш. Помогни му да го ослободи магарето.+

6 Не извртувај го законот на сиромавиот во неговиот спор.+

7 Бегај од лажливи зборови.+ Не убивај го невиниот и праведниот, зашто јас нема да го прогласам злобниот за праведен.+

8 Не примај мито, зашто митото ги заслепува и оние што јасно гледаат и ги извртува зборовите на праведниците.+

9 Не угнетувај дојденец.+ И сами знаете како ѝ е на душата на дојденецот, зашто вие бевте дојденци во египетската земја.+

10 Шест години сеј ја својата земја и собирај го нејзиниот род.+ 11 А на седмата година остави ја нека почива необработена,+ и сиромасите од твојот народ нека се хранат од неа. А она што тие ќе го остават, нека го изедат дивите полски животни.+ Така прави и со своето лозје и со својот маслинарник.

12 Шест дена врши ја својата работа,+ а на седмиот ден остави ја работата за да си отпочинат твојот бик и твоето магаре и за да се одморат синот на твојата робинка и дојденецот.+

13 Внимавајте на сѐ што ви реков.+ Не споменувајте имиња на други богови. Нека не се чујат од твојата уста.+

14 Трипати годишно слави празник во моја чест.+ 15 Држи го Празникот на бесквасните лебови.+ Седум дена јади бесквасен леб,+ како што ти заповедав, во одреденото време во месецот авив,+ зашто ти тогаш излезе од Египет. Никој да не доаѓа пред мене со празни раце.+ 16 Држи го и Празникот на жетвата на првината+ од твојот труд, од она што си го посеал на нивата.+ Потоа Празникот на бербата на крајот од годината, кога ќе го собереш родот од својот труд на нивата.+ 17 Трипати во годината секое твое машко нека дојде пред лицето на Господарот Јехова.+

18 Крвта од мојата жртва немој да ја жртвуваш заедно со она што во себе има квасец. А лојот од мојот празник да не остане преку ноќта до изутрина.+

19 Најдоброто од првините од својата земја донеси го во домот на Јехова, својот Бог.+

Немој да вариш јаре во млеко од неговата мајка.+

20 Еве, испраќам пред тебе ангел+ да те чува по патот и да те доведе на местото што го подготвив.+ 21 Чувај се од него и слушај го неговиот глас. Немој да се бунтуваш против него, зашто тој нема да ви ги прости престапите.+ Тој го носи моето име. 22 Но, ако го послушаш верно неговиот глас и направиш сѐ што ќе кажам,+ јас ќе им бидам непријател на твоите непријатели и ќе ги угнетувам оние што тебе те угнетуваат.+ 23 Зашто, мојот ангел ќе оди пред тебе и ќе те доведе до Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Ханаанците, Евејците и Евусејците, и јас ќе ги уништам.+ 24 Немој да им се клањаш на нивните богови, немој да им служиш и не прави ништо слично на она што го прават тие,+ туку урни ги и разбиј ги нивните обредни столбови.+ 25 Служете му на Јехова, својот Бог,+ и тој ќе ти ги благослови лебот и водата+ и ќе ја отстрани болеста од твојата средина.+ 26 Во твојата земја нема да има жена што ќе пометне, ниту неротка.+ Ќе направам да им се наживееш на твоите денови.+

27 Ќе го испратам мојот страв пред тебе,+ ќе го фрлам во збунетост сиот народ среде кој ќе дојдеш и сите твои непријатели ќе ги натерам да бегаат пред тебе.*+ 28 Ќе ширам страв пред тебе+ за да ги истера од пред тебе Евејците, Ханаанците и Хетејците.+ 29 Нема да ги истерам од пред тебе за една година, за да не опусти земјата и да не се намножат на твоја штета дивите полски животни.+ 30 Малку по малку ќе ги истерувам од пред тебе додека не станеш многуброен и не ја заземеш земјата.+

31 И ќе ти поставам граница од Црвеното Море до морето на Филистејците, и од пустината до Реката,*+ зашто ќе ви ги дадам в раце жителите на таа земја, а ти ќе ги истераш од пред себе.+ 32 Не склучувај сојуз со нив ниту со нивните богови.+ 33 Нека не останат во твојата земја за да не те наведат да ми згрешиш. Ако им служиш на нивните богови, тоа ќе ти биде замка“.+

24 Потоа му рече на Мојсеј: „Искачете се кај Јехова — ти, Арон, Надав, Авиуд+ и седумдесетте+ старешини на Израел, па поклонете се оддалеку. 2 Мојсеј сам нека му пристапи на Јехова, а тие нека не му пристапуваат и народот нека не се качува со него!“+

3 И Мојсеј дојде и му ги пренесе на народот сите зборови од Јехова и сите негови закони,+ а сиот народ едногласно одговори: „Ќе ги вршиме сите заповеди што ги даде Јехова“.+ 4 И Мојсеј ги запиша сите зборови од Јехова.+ А изутрината подрани и во подножјето на планината подигна жртвеник и дванаесет столбови за дванаесетте племиња на Израел.+ 5 И испрати младичи од синовите на Израел да му принесат на Јехова жртви паленици и да жртвуваат јунци како жртви на заедништвото.+ 6 Потоа Мојсеј зеде половина од крвта и ја стави во садови,+ а со другата половина го попрска жртвеникот.+ 7 На крајот ја зеде книгата на сојузот+ и ја прочита пред народот.+ А народот рече: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме и ќе послушаме“.+ 8 Потоа Мојсеј ја зеде крвта и го попрска народот,+ велејќи: „Ова е крвта на сојузот+ што го склучи Јехова со вас на темел на сите овие зборови“.

9 И така Мојсеј, Арон, Надав, Авиуд и седумдесет старешини на Израел отидоа горе 10 и го видоа Богот на Израел.+ Под неговите нозе имаше нешто како подножје од камен сафир, по чистотата слично на самото небо.+ 11 И тој не дигна рака на угледните луѓе од синовите на Израел,+ туку тие во видение го видоа вистинскиот Бог,+ па јадеа и пиеја.+

12 И Јехова му рече на Мојсеј: „Искачи се кај мене на планината и остани ваму, зашто ќе ти ги дадам камените плочи, законот и заповедите, кои ќе ги напишам за нивна поука!“+ 13 Така станаа Мојсеј и неговиот слуга Исус Навин, па Мојсеј се искачи на планината на вистинскиот Бог.+ 14 А на старешините им рече: „Чекајте нѐ тука додека да се вратиме кај вас!+ Еве, Арон и Ор+ се со вас. Ако некој има некаков спор, нека им се обрати ним!“+ 15 Така Мојсеј се искачи на планината, а облак ја покри планината.+

16 И Јеховината слава+ почиваше на планината Синај+ и облакот ја покриваше планината шест дена. А на седмиот ден Бог го повика Мојсеј од облакот.+ 17 Во очите на синовите на Израел таа глетка на Јеховината слава беше како оган што проголтува+ на врвот од планината. 18 И Мојсеј влезе во облакот и се искачи на планината.+ И остана на планината четириесет дена и четириесет ноќи.+

25 И Јехова му рече на Мојсеј:+ 2 „Речи им на синовите на Израел да ми собираат прилог. Соберете ми прилог од секој што е поттикнат од срце.+ 3 А ова е прилогот што ќе го собирате од нив: злато,+ сребро+ и бакар,+ 4 потоа сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал, фин лен, козји влакна,+ 5 црвено бојадисани овнешки кожи, фокини кожи, дрво акација,+ 6 масло за осветлување,+ балсам+ за маслото за помазание+ и за мирисливо кадење,+ 7 а за ефодот+ и за наградникот+ — оникс и други камења за вградување. 8 Нека ми направат светилиште, зашто ќе престојувам меѓу нив.+ 9 Светиот шатор и сета негова опрема направете ја точно според описот што ќе ти го дадам.+

10 Нека направат ковчег од дрвото акација,+ долг два и пол лакти,* широк лакот и пол и висок лакот и пол. 11 Обложи го со чисто злато,+ обложи го однатре и однадвор, а околу работ направи му венец од злато.+ 12 Излеј за него четири алки од злато и прицврсти ги над четирите негови ногалки, две алки од едната страна, а две алки од другата страна.+ 13 Направи лостови од дрвото акација и обложи ги со злато.+ 14 Провлечи ги лостовите низ алките од обете страни на ковчегот за да може ковчегот да се носи. 15 Лостовите нека останат во алките на ковчегот. Да не се вадат од нив.+ 16 Во ковчегот стави го сведоштвото што ќе ти го дадам.+

17 Направи поклопец од чисто злато, долг два и пол лакти, а широк лакот и пол.+ 18 Направи и два херувима* од ковано злато на двата краја од поклопецот.+ 19 Едниот херувим направи го на едниот, а другиот херувим на другиот крај.+ Херувимите направи ги на поклопецот, на двата негови краја. 20 Херувимите нека имаат крилја раширени угоре и нека го покриваат поклопецот со своите крилја, со лицата свртени еден кон друг.+ Лицата на херувимите нека гледаат кон поклопецот. 21 Стави го поклопецот+ врз ковчегот, а во ковчегот стави го сведоштвото што ќе ти го дадам. 22 Тука ќе се состанувам со тебе и одозгора, над поклопецот,+ меѓу двата херувима што се врз ковчегот на сведоштвото, ќе ти ги кажувам сите заповеди за синовите на Израел.+

23 Направи маса+ од дрвото акација, долга два лакта, широка еден лакот, а висока лакот и пол. 24 И обложи ја со чисто злато, а околу работ направи ѝ венец од злато.+ 25 Наоколу направи ѝ рамка, широка една дланка,* а околу рамката направи ѝ венец од злато.+ 26 Направи за неа четири алки од злато, па прицврсти ги тие алки на четирите агли каде што ѝ се четирите нозе.+ 27 Алките нека бидат на самата рамка, како држачи за лостовите, за да може масата да се носи.+ 28 Лостовите направи ги од дрвото акација и обложи ги со злато. Со нив ќе се носи масата.+

29 И направи за неа садови, чаши, бокали и садови за излевање на жртвите налевници. Направи ги од чисто злато.+ 30 На масата редовно ставај го лебот пред мене.+

31 Направи светилник од чисто злато. Светилникот нека биде искован.+ Неговото подножје, потоа гранките, чашките, пупките и цветовите нека излегуваат од неговото стебло. 32 Шест гранки нека се разгрануваат од стеблото, три гранки на светилникот од едната страна, а три гранки од другата страна.+ 33 По три чашки во облик на бадемов цвет, со пупки и цветови наизменично, нека бидат на секоја гранка од едната страна, и по три чашки во облик на бадемов цвет, со пупки и цветови наизменично, на секоја гранка од другата страна.+ Така нека биде на сите шест гранки што се разгрануваат од светилникот. 34 На стеблото од светилникот нека има четири чашки во облик на бадемов цвет, со пупки и цветови наизменично.+ 35 Една пупка нека има под двете гранки што излегуваат од него и една пупка под другите две гранки што излегуваат од него и една пупка под последните две гранки што излегуваат од него, бидејќи шест гранки се разгрануваат од светилникот.+ 36 Нивните пупки и гранки нека излегуваат од него. Сѐ нека биде исковано во едно парче, од чисто злато.+ 37 На него направи седум светилки. Светилките нека се палат за да го осветлуваат просторот пред него.+ 38 Неговата штипка за гаснење на фитилот и неговите пепелници нека бидат од чисто злато.+ 39 Од еден талант* чисто злато нека биде изработен светилникот и сиот негов прибор. 40 Гледај да ги направиш според описот што ти е покажан на планината.+

26 Светиот шатор направи го од десет парчиња шаторско платно+ изработено од фин испреден лен, сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна и светлоцрвен материјал.+ На нив нека бидат извезени херувими.+ 2 Должината на секое парче шаторско платно нека биде дваесет и осум лакти, а ширината четири лакти. Истата мерка нека биде за сите парчиња шаторско платно.+ 3 Пет парчиња нека бидат составени во еден низ, а другите пет парчиња во друг низ.+ 4 И направи петелки од сина преѓа на работ од последното парче платно во едниот низ, а истото направи го и на работ од последното парче платно во другиот низ, на местото каде што ќе се составуваат низовите.+ 5 Направи педесет петелки на работ од едниот низ и педесет петелки на работ од другиот низ, на местото каде што ќе се составуваат низовите, така што петелките ќе стојат една спроти друга.+ 6 И направи педесет куки од злато и потоа со куките состави ги низовите еден со друг. Така шаторот ќе биде една целина.+

7 Направи шаторско платно од козји влакна+ за покров врз шаторот. Направи единаесет парчиња такво платно. 8 Должината на секое парче нека биде триесет лакти,+ а ширината четири лакти. Истата мерка нека биде за сите единаесет парчиња шаторско платно. 9 Состави пет парчиња одделно и останатите шест парчиња одделно,+ а шестото парче свиткај го на предната страна од шаторот. 10 И направи педесет петелки на работ од последното парче во едниот низ, и педесет петелки на работ од последното парче во другиот низ, на местото каде што ќе се составуваат низовите. 11 Направи педесет куки од бакар,+ стави ги куките во петелките и состави го покровот за да биде една целина.+ 12 А тоа што ќе преостане од шаторското платно нека виси, половината парче платно што ќе преостане нека виси преку задната страна на шаторот. 13 Од она што ќе преостане од должината на платното, нека виси по еден лакот на двете страни од шаторот, за да го покрива од едната и од другата страна.

14 Освен тоа, направи покров за шаторот од црвено бојадисани овнешки кожи, а преку тоа покров од фокини кожи.

15 Направи за шаторот ѕидни рамки*+ од дрвото акација, кои ќе стојат исправено. 16 Должината на секоја рамка нека биде десет лакти, а ширината лакот и пол. 17 Секоја рамка нека има по два клина еден до друг. Ова направи го на сите рамки од шаторот. 18 Направи ги рамките на шаторот, дваесет рамки за страната што гледа кон Негев, за јужната страна.

19 Направи четириесет подножја*+ од сребро под дваесетте рамки. По две подножја под една рамка со нејзините два клина, и така по ред, по две подножја под секоја рамка со нејзините два клина. 20 И за другата страна на шаторот, за северната страна, дваесет рамки,+ 21 и нивните четириесет подножја од сребро, по две подножја под една рамка, и така по ред, по две подножја под секоја рамка.+ 22 За задната страна на шаторот, за западната страна, направи шест рамки.+ 23 А две рамки направи како аголни столбови на шаторот+ на неговата задна страна. 24 Нека бидат удвоени при дното, двете нека бидат удвоени сѐ до врвот, до првата алка. Така нека бидат направени двете. Нека служат како два аголни столба. 25 Нека има осум рамки со нивните подножја од сребро, вкупно шеснаесет подножја, по две подножја под една рамка, и така по ред, по две подножја под секоја рамка.

26 Направи напречници од дрвото акација,+ пет за рамките од едната страна на шаторот, 27 пет напречници за рамките од другата страна на шаторот и пет напречници за рамките од задната страна на шаторот, на западната страна.+ 28 Средниот напречник нека минува по средината на ѕидните рамки од едниот крај до другиот.

29 Рамките обложи ги со злато+ и направи им алки од злато низ кои ќе се провлекуваат напречниците. И напречниците обложи ги со злато. 30 Подигни го шаторот според описот што го доби на планината.+

31 Направи завеса+ од сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фино испреден лен. На неа нека бидат извезени херувими.+ 32 И закачи ја на четири столба од дрвото акација обложени со злато, со клинови од злато. Нека бидат поставени на четири подножја од сребро. 33 Закачи ја завесата под куките и внеси го ковчегот на сведоштвото+ зад завесата. Завесата нека ви ја одделува Светињата+ од Светињата над светињите.+ 34 Стави го поклопецот на ковчегот на сведоштвото во Светињата над светињите.

35 Стави ја масата надвор пред завесата, а светилникот+ спроти масата, на јужната страна од шаторот. Масата стави ја на северната страна. 36 На влезот од шаторот направи завеса+ исткаена од сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фино испреден лен. 37 А за завесата направи пет столбови од дрвото акација и обложи ги со злато. Клиновите на нив нека бидат од злато. Излеј за нив пет подножја од бакар.

27 Направи жртвеник од дрвото акација, пет лакти долг и пет лакти широк. Жртвеникот+ нека биде четириаголен, три лакти висок. 2 На неговите четири агли направи му рогови.+ Роговите нека излегуваат од него, и обложи го со бакар.+ 3 Направи му лонци за отстранување на мрсната пепел,* потоа лопати, садови, виљушки и пепелници. Целиот негов прибор направи го од бакар.+ 4 Направи за него решетка, мрежа+ од бакар. На четирите агли од мрежата направи четири алки од бакар. 5 Стави ја мрежата под рабниот појас, внатре во жртвеникот, за да биде на средината од жртвеникот.+ 6 Направи и лостови за жртвеникот, лостови од дрвото акација, и обложи ги со бакар.+ 7 Лостовите нека бидат провлечени низ алките, така што лостовите ќе бидат од двете страни на жртвеникот кога ќе се носи.+ 8 Направи го шуплив, од штици. Како што ти покажа тој на планината, така нека биде направен.+

9 Направи го и дворот+ на светиот шатор. На страната што гледа кон Негев, на јужната страна од дворот, нека има завеси од фино испреден лен,+ сто лакти во должина од таа страна. 10 Неговите дваесет столбови и дваесет подножја нека бидат од бакар. Клиновите на столбовите и нивните спојки нека бидат од сребро.+ 11 Исто така, завесите по должината на северната страна нека бидат долги сто лакти. Дваесетте столбови и дваесетте подножја нека бидат од бакар, а клиновите на столбовите и нивните спојки — од сребро.+ 12 Завесите по ширината на дворот, откај западната страна, нека бидат долги педесет лакти, со десет столбови и десет подножја.+ 13 Ширината на дворот откај источната страна, кон изгрејсонцето, нека биде педесет лакти.+ 14 Завесите од едната страна нека бидат долги петнаесет лакти, со три столба и со три подножја.+ 15 Завесите од другата страна нека бидат долги петнаесет лакти, со три столба и три подножја.+

16 Завесата на влезот во дворот нека биде долга дваесет лакти, исткаена од сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фино испреден лен,+ со четири столба и четири подножја.+ 17 Сите столбови околу дворот нека имаат спојки од сребро. И клиновите нека им бидат од сребро, а подножјата од бакар.+ 18 Должината на дворот нека биде сто лакти,+ ширината педесет лакти и висината пет лакти. Завесите нека бидат од фино испреден лен, а подножјата од бакар. 19 Целиот прибор во шаторот што се користи за сета служба во него, сите негови клинови, а исто така и сите клинови во дворот, нека бидат од бакар.+

20 А ти заповедај им на синовите на Израел да ти донесат за осветлување чисто масло од толчени маслинки, за светилките да горат постојано.+ 21 Во шаторот на средбата, надвор од завесата+ што е пред Сведоштвото, Арон и неговите синови нека ги опслужуваат за да горат пред Јехова од утро до вечер.+ Тоа е за нивните поколенија трајна одредба,+ за да ја извршуваат синовите на Израел.+

28 Доведи го кај себе меѓу синовите на Израел својот брат Арон со неговите синови за да ми служи како свештеник+ Арон+ со своите синови: Надав и Авиуд,+ Елеазар и Итамар.+ 2 Направи му на својот брат Арон света одежда за чест и за украс.+ 3 И кажи им на сите вешти луѓе што ги надарив со вештина*+ да му направат на Арон одежда за да се посвети и да ми служи како свештеник.+

4 А ова е одеждата што ќе ја направиш: наградник,+ ефод,+ туника без ракави,+ долга кошула со коцкеста мостра, турбан+ и појас.+ Нека направат свети одежди за твојот брат Арон и за неговите синови, за тој да ми служи како свештеник. 5 Нека земат злато, потоа сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фин лен.

6 И нека направат ефод од злато, сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фино испреден лен, вешто извезен.+ 7 Неговите две прерамки нека бидат споени на двата негови краја. Така нека биде составен.+ 8 Појасот+ на него, со кој се опашува, нека биде изработен како и тој: од злато, сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фино испреден лен.

9 Земи два камена оникс+ и врежи+ ги во нив имињата на синовите на Израел,+ 10 шест нивни имиња на едниот камен, а имињата на останатите шест на другиот камен, по редот по кој се родени.+ 11 Како што каменорезецот врежува печат, така ти врежи ги на тие два камена имињата на синовите на Израел.+ Опкови ги во рамки од злато.+ 12 Прицврсти ги тие два камена на прерамките од ефодот за да бидат спомен-камења за Израеловите синови.+ Арон нека ги носи нивните имиња пред Јехова на своите две прерамки како спомен. 13 Направи златни рамки 14 и две синџирчиња од чисто злато.+ Направи ги како врвци, испреплетени како јаже. Потоа, тие плетени синџирчиња прицврсти ги за рамките.+

15 Направи го судскиот наградник+ да биде вешто извезен. Изработи го како и ефодот. Изработи го од злато, сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фино испреден лен.+ 16 Нека биде четириаголен кога ќе се преклопи, една педа* долг и една педа широк.+ 17 Во него вгради ги камењата, така што ќе бидат четири реда камења.+ Во првиот ред нека има: рубин,+ топаз+ и смарагд.+ 18 Во вториот ред: тиркиз,+ сафир+ и јаспис.+ 19 Во третиот ред: лешем,* ахат+ и аметист.+ 20 А во четвртиот ред: хризолит,+ оникс +и нефрит. Нека бидат вградени во златните рамки.+ 21 Нека има толку камења колку што има имиња на синовите на Израел, нека бидат дванаесет, колку што се нивните имиња.+ На секој од нив, како на печат, нека биде врежано името на едно од дванаесетте племиња.+

22 На наградникот направи плетени синџирчиња од чисто злато, плетени како јаже.+ 23 Потоа направи на наградникот два прстена од злато+ и прицврсти ги за двата краја на наградникот. 24 Провлечи ги двете плетени врвки од злато низ тие два прстена на краевите од наградникот.+ 25 Двата краја од двете врвки провлечи ги низ двете рамки и прицврсти ги за прерамките на ефодот однапред.+ 26 Направи два прстена од злато и прицврсти ги за двата краја од наградникот, на внатрешниот раб што е свртен кон ефодот.+ 27 Направи уште два прстена од злато и прицврсти ги за долниот крај од двете прерамки од надворешната страна на ефодот, близу до местото каде што е составен ефодот, над неговиот појас.+ 28 Наградникот, преку неговите прстени, нека биде врзан со сина врвца за прстените на ефодот, така што наградникот ќе стои над појасот на ефодот и нема да се одделува од ефодот.+

29 Арон нека ги носи имињата на синовите на Израел на судскиот наградник на своето срце кога влегува во Светињата, како траен спомен пред Јехова. 30 Во судскиот наградник стави ги Урим+ и Тумим* да бидат на Ароновото срце кога ќе доаѓа пред Јехова. Така Арон секогаш нека ги носи на своето срце пресудите+ за синовите на Израел пред Јехова.

31 Туниката без ракави, која ќе се носи под ефодот, направи ја целата од сина преѓа.+ 32 На средината нека има отвор за главата. Отворот нека има наоколу исткаен раб. Нека биде како околувратник на оклоп, за да не се цепи.+ 33 На поработ направи ѝ калинки од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна и од светлоцрвен материјал, наоколу на поработ, а меѓу нив златни ѕвончиња+ наоколу, 34 златно ѕвонче па калинка, златно ѕвонче па калинка, околу поработ на туниката.+ 35 Арон нека ја носи за да ја врши својата служба во неа, да се слуша кога влегува во светилиштето пред Јехова и кога излегува, за да не загине.+

36 Направи и една сјајна плочка од чисто злато и на неа, како на печат, врежи: ‚Јехова е свет‘.+ 37 Врзи ја со сина врвца да стои на турбанот.+ Нека стои на предната страна на турбанот. 38 Нека биде на Ароновото чело, а Арон нека одговара за престапите направени против светите работи,+ односно против сите нивни свети дарови, кои синовите на Израел ќе ги посветуваат. Секогаш нека му биде на челото за да ја стекнува Јеховината милост за нив.+

39 Од фин лен исткај долга кошула со коцкеста мостра, направи турбан од фин лен+ и појас,+ целиот исткаен.

40 За синовите на Арон направи долги кошули,+ направи им и појаси и капи,+ ним на чест и за украс.+ 41 Во нив облечи ги својот брат Арон и неговите синови со него. Помажи ги,+ па овласти ги*+ и посвети ги за да ми служат како свештеници. 42 Направи им гаќи од лен за да им го покриваат голото тело.+ Нека бидат од колковите до бедрата. 43 Нека ги носат Арон и неговите синови кога влегуваат во шаторот на средбата или кога му приоѓаат на жртвеникот за да служат на светото место, за да не си навлечат вина и да загинат. Тоа е трајна одредба за него и за неговото потомство по него.+

29 Вака направи за да ми ги посветиш за свештеничка служба: земи еден јунец и два овна+ без недостаток,+ 2 бесквасен леб, потоа бесквасен тркалезен леб замесен со масло и бесквасни кори намачкани со масло.+ Направи ги од фино пченично брашно. 3 Стави ги во една кошница и принеси ги во таа кошница,+ а заедно со нив и јунецот и двата овна.

4 Доведи ги Арон и неговите синови на влезот+ од шаторот на средбата и измиј ги со вода.+ 5 Потоа земи ја одеждата,+ па облечи му ги на Арон долгата кошула, туниката без ракави што се носи под ефодот, ефодот и наградникот, а ефодот затегни го со неговиот појас.+ 6 Стави му го турбанот на глава, а на турбанот прицврсти го светиот знак на предаденоста.+ 7 Потоа земи го маслото за помазание,+ излеј му го врз главата и помажи го.+

8 Потоа доведи ги неговите синови и облечи ги во долгите кошули.+ 9 Препаши ги со појасите, Арон и неговите синови, и околу главата завиткај им покривало како капа. Свештеничката служба нека им припаѓа со трајна одредба.+ Така ќе ги овластиш Арон и неговите синови да служат како свештеници.*+

10 Потоа доведи го јунецот пред шаторот на средбата, а Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на јунецот.+ 11 И заколи го јунецот пред Јехова, на влезот од шаторот на средбата.+ 12 Земи од крвта на јунецот+ и со прстот стави на роговите од жртвеникот,+ а сета останата крв излеј ја во подножјето на жртвеникот.+ 13 Земи го сиот лој+ што ги покрива цревата,+ кошулката околу дробот,+ двата бубрега и лојот што е на нив, па изгори ги на жртвеникот.+ 14 А месото од јунецот, неговата кожа и лепешките изгори ги во оган надвор од логорот.+ Тоа е жртва за грев.

15 Потоа земи еден овен,+ па Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на овенот.+ 16 И заколи го овенот, земи ја неговата крв и попрскај го со неа жртвеникот од сите страни.+ 17 Исечи го овенот на парчиња, измиј му ги цревата+ и потколениците, и нареди ги неговите парчиња едно до друго сѐ до главата. 18 Тогаш изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва паленица+ за успокојувачки мирис+ за Јехова. Тоа е жртва палена за Јехова.

19 Потоа земи го другиот овен, па Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на овенот.+ 20 Заколи го овенот, па земи од неговата крв и стави на ресичката од Ароновото десно уво, на ресичката од десното уво на неговите синови, на палецот од нивната десна рака и на палецот од нивната десна нога,+ а со останатата крв попрскај го жртвеникот од сите страни. 21 Потоа земи од крвта што е на жртвеникот и од маслото за помазание,+ па попрскај ги Арон и неговата одежда, и со него неговите синови и нивните одежди, за да бидат свети тој и неговата одежда, и со него неговите синови и нивните одежди.+

22 Земи ги од овенот лојот, мрсната опашка,+ лојот што ги покрива цревата, кошулката од дробовите, двата бубрега и лојот што е на нив, како и десниот бут+ — зашто тоа е овен што се принесува за поставување во свештеничка служба*+ — 23 потоа еден тркалезен леб, еден прстенест леб направен со масло и една кора од кошницата со бесквасни лебови што стои пред Јехова.+ 24 Сето тоа стави им го в раце на Арон и на неговите синови,+ па занишај го пред Јехова како нишана жртва.+ 25 Потоа земи го тоа од нивните раце и изгори го на жртвеникот врз жртвата паленица, за успокојувачки мирис пред Јехова.+ Тоа е жртва палена за Јехова.+

26 Земи ги градите од овенот, кој е принесен за да се постави Арон во свештеничка служба,+ па занишај ги пред Јехова како нишана жртва. Тоа нека биде твојот дел. 27 Посвети ги градите+ што се принесени како нишана жртва, како и бутот што е принесен како посветен дел, сето она што е земено од овенот, кој е принесен за да бидат поставени Арон и неговите синови во свештеничка служба.+ 28 Тоа нека им припаѓа на Арон и на неговите синови со трајна уредба, која ќе ја извршуваат синовите на Израел, зашто тоа е посветен дел.+ Тоа е посветен дел што синовите на Израел ќе го даваат од своите жртви на заедништвото,+ како дел посветен за Јехова.

29 Ароновата света одежда+ нека им припадне на неговите синови+ по него за да бидат помазани+ во неа и во неа да бидат овластени да служат како свештеници.+ 30 Седум дена+ нека ја носи оној негов син што ќе го наследи како свештеник и што ќе влегува во шаторот на средбата за да служи на светото место.

31 А ти земи го овенот што се принесува за поставување во свештеничка служба и свари го неговото месо на свето место.+ 32 А Арон и неговите синови нека ги јадат+ месото од овенот и лебот што е во кошницата на влезот од шаторот на средбата. 33 Нека го јадат она што послужило за нивно очистување, за да бидат овластени да служат како свештеници и да бидат посветени.+ Но, никој од обичниот народ не смее да јаде од тоа, зашто е свето.+ 34 Ако остане до утрото нешто од месото на жртвата што се принесува за поставување во свештеничка служба и од лебот, тогаш тоа што останало да се изгори во оган.+ Не смее да се јаде, зашто е свето.

35 Направи за Арон и за неговите синови сѐ така како што ти заповедав.+ Ќе ти бидат потребни седум дена за да ги овластиш да служат како свештеници.+ 36 Секој ден принесувај по еден јунец како жртва за грев заради очистување.+ Очисти го жртвеникот од грев, вршејќи над него обред на очистување, а потоа помажи+ го за да го посветиш. 37 Седум дена врши го обредот на очистување над жртвеникот и посветувај+ го жртвеникот за да биде нешто најсвето.+ Секој што се допира до жртвеникот мора да биде свет.+

38 А ова принесувај го на жртвеникот: по два млади едногодишни овна, секој ден без прекин.+ 39 Едниот овен принесувај го наутро,+ а другиот принесувај го приквечер.*+ 40 Со првиот овен принесувај десеттина ефа* фино брашно+ замесено со четврт ин* масло од толчени маслинки, како и жртва налевница+ од четврт ин вино. 41 Другиот овен принесувај го приквечер. Принесувај го исто како наутро, со житна жртва+ и со жртва налевница за успокојувачки мирис, како жртва палена за Јехова. 42 Тоа нека се принесува редовно+ пред Јехова како жртва паленица од поколение до поколение на влезот од шаторот на средбата, каде што ќе се среќавам со вас за да зборувам таму со тебе.+

43 Тука ќе се среќавам со синовите на Израел и тоа место ќе биде посветено со мојата слава.+ 44 Ќе го посветам шаторот на средбата и жртвеникот, ќе ги посветам+ Арон и неговите синови за да ми служат како свештеници. 45 Ќе живеам меѓу синовите на Израел и ќе бидам нивни Бог.+ 46 И тие ќе знаат дека јас сум Јехова, нивниот Бог, кој ги изведе од египетската земја за да живее меѓу нив.+ Јас сум Јехова, нивниот Бог.+

30 Направи жртвеник за палење темјан,+ направи го од дрвото акација. 2 Нека биде долг еден лакот и широк еден лакот, четириаголен, а висок два лакта. Од него нека излегуваат рогови.+ 3 Обложи го со чисто злато: горната површина, страните наоколу и роговите. Околу работ направи му венец од злато.+ 4 Направи му по два прстена од злато. Прицврсти ги под венецот на двете страни, на двете спротивни страни, и низ нив нека се провлечат лостовите со коишто ќе се носи.+ 5 Лостовите направи ги од дрвото акација и обложи ги со злато.+ 6 Постави го пред завесата што го засолнува ковчегот на сведоштвото,+ пред поклопецот што е над Сведоштвото, каде што ќе се среќавам со тебе.+

7 Арон нека пали на него мирислив темјан.+ Нека го пали секое утро кога ги подготвува светилките.+ 8 А кога Арон ги пали светилките приквечер,* нека го пали и него. Тоа нека биде темјан што постојано ќе се пали пред Јехова низ вашите идни поколенија. 9 Не принесувајте на него недозволен темјан,+ ниту жртви паленици, ниту житна жртва, и не излевајте врз него жртви налевници. 10 Еднаш во годината Арон нека го изврши на неговите рогови обредот на очистување.+ Со крвта на жртвата за грев,+ која се принесува за очистување, нека го врши обредот на очистување еднаш во годината. Тоа нека се прави низ вашите идни поколенија. Тој жртвеник е нешто најсвето пред Јехова“.

11 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 12 „Кога ќе ги пребројуваш и ќе ги попишуваш синовите на Израел,+ секој, кога ќе биде попишан, нека му даде на Јехова откупнина за својата душа+ за да не го снајде некаква неволја при попишувањето.+ 13 Секој што ќе биде попишан нека даде по половина сикел, според светиот сикел.*+ Дваесет гери* се еден сикел. Половина сикел нека биде прилогот за Јехова.+ 14 Секој што ќе биде попишан, од дваесет години нагоре, нека му даде прилог на Јехова.+ 15 Богатиот нека не дава повеќе, а сиромавиот нека не дава помалку од половина сикел+ кога му дава прилог на Јехова, за да се изврши обредот на очистување за вашите души.+ 16 Земи ги од синовите на Израел сребрениците за очистувањето и употреби ги за службата во шаторот на средбата,+ и тоа нека биде како спомен пред Јехова за синовите на Израел, за очистување на вашите души“.

17 Јехова потоа му рече на Мојсеј: 18 „За миење направи мијалник од бакар со подножје од бакар.+ Постави го меѓу шаторот на средбата и жртвеникот и налеј вода во него,+ 19 па Арон и неговите синови од него нека си ги мијат рацете и нозете.+ 20 Кога ќе влегуваат во шаторот на средбата, првин нека се измијат со вода за да не загинат, исто така и кога му пристапуваат на жртвеникот за да служат и да ја горат жртвата палена за Јехова.+ 21 Нека си ги мијат рацете и нозете за да не загинат.+ Тоа нека им биде трајна уредба за навек, нему и на неговите потомци од поколение до поколение“.+

22 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 23 „А ти земи ги најдобрите мириси:+ петстотини сикли смирна+ во стврднати капки, половина од тоа количество — двесте и педесет сикли — мирислив цимет,+ двесте и педесет сикли мирислива трска,+ 24 петстотини сикли касија,+ сето тоа според светиот сикел,+ и еден ин+ маслиново масло. 25 Од тоа направи свето масло за помазание, мирисливо масло, вешто направена смеса.+ Тоа нека биде свето масло за помазание.+

26 Помажи ги со него шаторот на средбата+ и ковчегот на сведоштвото, 27 масата и сиот нејзин прибор, светилникот и неговиот прибор, кадилниот жртвеник, 28 жртвеникот за жртвите паленици и сиот негов прибор, како и мијалникот и неговото подножје. 29 Посвети ги за да бидат нешто најсвето.+ Оној што ги допира мора да биде свет.+ 30 Помажи ги Арон+ и неговите синови+ и посвети ги за да ми служат како свештеници.+

31 И кажи им на синовите на Израел: ‚Ова нека ми биде свето масло за помазание низ вашите идни поколенија‘.+ 32 Не смее да се мачка по човечко тело, ниту смеете да правите масла со ваков состав. Тоа е свето и нека ви биде свето и вам. 33 Секој што ќе направи такво мирисливо масло и ќе му стави од него на кој и да е од обичниот народ, да биде погубен, и така да биде отстранет од неговиот народ“.+

34 Јехова уште му рече на Мојсеј: „Земи мириси:+ капки од стакта, потоа мирисливи школки, мирислив халван и чист темјан.+ Сѐ нека биде во еднакви делови. 35 И од тоа направи темјан,+ смеса од вешто приготвени мирудии, посолена,+ чиста, света. 36 Дел од тоа столчи во прав и стави еден дел пред Сведоштвото во шаторот на средбата,+ од каде што ќе се среќавам со тебе.+ Тоа нека ви биде нешто најсвето. 37 Темјанот што ќе го направиш според овој состав не смеете да го правите за себе.+ Тоа нека ти биде како нешто што е свето за Јехова.+ 38 Кој ќе си направи такво нешто за да му мириса, да биде погубен,+ и така да биде отстранет од неговиот народ“.

31 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: 2 „Еве, го повикав по име Веселеил,+ синот на Уриј, син на Ор, од племето на Јуда.+ 3 И јас ќе го исполнам со духот Божји за да добие мудрост, разбирање* и знаење за секакви занаетчиски работи:+ 4 да прави нацрти, да работи со злато, со сребро и со бакар,+ 5 да обработува камења и да ги вградува,+ да обработува дрво и да изработува секакви предмети.+ 6 Еве, му го дадов за помошник Олијав, синот на Ахисамах, од племето на Дан.+ И сите други што се вешти ги обдарив со вештина* за да можат да направат сѐ што ти заповедав:+ 7 шаторот на средбата,+ ковчегот+ за сведоштвото со поклопецот на него,+ целиот прибор што му припаѓа на шаторот, 8 масата со нејзиниот прибор,+ светилникот од чисто злато со сиот негов прибор,+ кадилниот жртвеник,+ 9 жртвеникот за жртви паленици со сиот негов прибор,+ мијалникот со неговото подножје,+ 10 фино исткаената одежда и светата одежда за свештеникот Арон, одеждите за неговите синови за да служат како свештеници,+ 11 како и маслото за помазание и мирисливиот темјан за светилиштето.+ Сѐ нека направат како што ти заповедав“.

12 Јехова уште му рече на Мојсеј: 13 „На синовите на Израел кажи им: ‚Треба да ги држите моите денови за одмор,*+ зашто тоа е знак меѓу мене и вас од поколение во поколение, за да знаете дека јас, Јехова, ве посветувам.+ 14 Држете го денот за одмор, зашто тој е свет за вас.+ Кој ќе го оскверни, нека биде погубен.+ Ако некој работи нешто на денот за одмор, таа душа нека биде погубена, и така да биде отстранета од нејзиниот народ.+ 15 Шест дена нека се извршуваат работите, но седмиот ден е ден за одмор, за целосен одмор,+ свет за Јехова. Кој ќе работи нешто на денот за одмор, нека биде погубен. 16 Синовите на Израел нека го држат денот за одмор, празнувајќи го од поколение во поколение, како траен сојуз.+ 17 Тоа нека биде траен знак меѓу мене и синовите на Израел,+ зашто Јехова за шест дена ги создаде небото и земјата, а во седмиот ден престана да работи и почна да почива‘ “.+

18 А штом го заврши разговорот со Мојсеј на планината Синај, Бог му даде две плочи на Сведоштвото,+ камени плочи напишани со Божјиот прст.+

32 А кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината,+ народот се собра околу Арон и му рече: „Стани и направи ни бог кој ќе оди пред нас,+ зашто не знаеме што се случи со оној Мојсеј, човекот што нѐ изведе од египетската земја!“+ 2 А Арон им одговори: „Симнете ги златните обетки+ од ушите на вашите жени, на вашите синови и на вашите ќерки, па донесете ми ги мене!“ 3 И сиот народ фати да ги симнува златните обетки што ги имаше на ушите и да му ги донесува на Арон. 4 Потоа тој го зеде златото од нивните раце, го обликува+ со резбарска алатка и направи леано теле.+ А тие извикаа: „Ова е, о Израеле, твојот Бог, кој те изведе од египетската земја!“+

5 Кога го виде тоа, Арон изгради жртвеник пред него. Потоа извика: „Утре има свеченост во чест на Јехова!“ 6 Така, утредента станаа рано и почнаа да принесуваат жртви паленици и жртви на заедништвото. Тогаш народот седна да јаде и да пие. Потоа станаа да се забавуваат.+

7 А Јехова му рече на Мојсеј: „Појди долу, зашто твојот народ, кој го изведе од египетската земја, се расипа!+ 8 Брзо скршнаа од патот што им го одредив.+ Си направија леано теле, па му се поклонуваат и му принесуваат жртви, велејќи: ‚Ова е, о Израеле, твојот Бог, кој те изведе од египетската земја‘ “.+ 9 Јехова уште му рече на Мојсеј: „Погледнав на тој народ и гледам дека е непокорен* народ.+ 10 Пушти ме сега мојот гнев да се разгори против нив и да ги истребам,+ а од тебе ќе направам голем народ!“+

11 А Мојсеј настојуваше да го смилостиви* лицето на Јехова, својот Бог,+ велејќи: „Јехова, зошто да се разгорува твојот гнев+ против твојот народ што го изведе од египетската земја со голема сила и со силна рака? 12 Зошто да речат Египќаните:+ ‚Ги изведе со зла намера за да ги погуби во планините и да ги истреби од лицето на земјата‘?+ Стивни го својот распламтен гнев+ и нека ти биде жал+ за злото што сакаше да му го нанесеш на својот народ! 13 Сети се на Авраам, Исак и Израел, твоите слуги, на кои ти им се заколна во себе+ и им рече: ‚Ќе го намножам вашето потомство за да го има како ѕвездите на небото,+ и целата оваа земја за која зборував ќе му ја дадам на вашето потомство+ да ја поседува засекогаш!‘ “+

14 И Јехова зажали поради тоа што рече дека ќе му нанесе зло на својот народ.+

15 Потоа Мојсеј се сврте и слезе од планината+ со двете плочи на Сведоштвото+ во рацете, со плочите испишани од обете страни. И од едната и од другата страна беа испишани. 16 Плочите беа Божје дело, а писмото беше Божје писмо врежано на плочите.+ 17 А Исус Навин ја чу вревата што доаѓаше откај народот кој викаше, па му рече на Мојсеј: „Во логорот има борбена викотница“.+ 18 Но Мојсеј му одговори:

„Тоа не е звук на песна за јунаштво,+

ниту звук на тажачка поради пораз.

Поинаква песна е тоа што го слушам“.

19 Кога се приближи до логорот и ги виде телето+ и играњето, Мојсеј силно се разгневи, па ги фрли од раце плочите и ги разби во подножјето на планината.+ 20 Потоа го зеде телето што го беа направиле, го изгоре во оган и го столчи во прав,+ а правта ја расфрли по водата+ и ги натера синовите на Израел да ја пијат.+ 21 Потоа Мојсеј му рече на Арон: „Што ти сторил овој народ, па му навлече толку голем грев?“ 22 А Арон одговори: „Нека не се гневи мојот господар! И самиот добро знаеш каков е овој народ, дека е склон кон зло.+ 23 Ми рекоа: ‚Направи ни бог кој ќе оди пред нас,+ зашто не знаеме што се случи со оној Мојсеј, човекот што нѐ изведе од египетската земја!‘ 24 А јас им реков: ‚Кој има злато, нека го симне и нека ми го донесе‘. И јас го фрлив во оган, па излезе ова теле“.

25 И виде Мојсеј дека народот се разуздал, бидејќи Арон го беше пуштил да се разузда,+ за срам пред противниците.+ 26 Тогаш Мојсеј застана на вратата од логорот и рече: „Кој е на Јеховина страна, кај мене!“+ И сите синови на Леви почнаа да се собират околу него. 27 А тој им рече: „Вака вели Јехова, Богот на Израел: ‚Секој нека си го опаше мечот на бедрото и нека помине по целиот логор од врата до врата, па нека го убие секој својот брат, секој својот ближен и секој својот другар!‘ “+ 28 И синовите на Леви+ направија како што им рече Мојсеј, така што во тој ден паднаа околу три илјади луѓе од народот. 29 Тогаш Мојсеј рече: „Зајакнете ги денес своите раце* за да му служите на Јехова,+ зашто секој од вас се бори против својот син и против својот брат,+ за да ви даде денес благослов!“+

30 Утредента Мојсеј му рече на народот: „Направивте голем грев.+ Сега ќе се качам кај Јехова. Можеби ќе добијам прошка за вашиот грев“.+ 31 И така Мојсеј се врати кај Јехова и рече: „Ах, овој народ направи голем грев со тоа што си направи бог од злато!+ 32 Кога би им го простил гревот...+ Ако не сакаш, те молам, избриши ме+ од својата книга+ што ја напиша!“ 33 Но Јехова му одговори на Мојсеј: „Оној што ми згрешил ќе го избришам од својата книга.+ 34 А сега оди и поведи го народот каде што ти реков! Еве, мојот ангел ќе оди пред тебе.+ Но во денот кога ќе казнувам, ќе ги казнам поради нивниот грев“.+ 35 И Јехова го удри народот со помор, бидејќи направи теле, кое го беше изработил Арон.+

33 Јехова потоа му рече на Мојсеј: „Оди! Ти и народот што го изведе од египетската земја+ отидете одовде во земјата за која им се заколнав на Авраам, на Исак и на Јаков: ‚Ќе му ја дадам на твоето потомство‘.+ 2 Ќе испратам пред тебе ангел+ и ќе ги истерам Ханаанците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.+ 3 Оди во земјата во која тече мед и млеко!+ А јас нема да одам меѓу вас, зашто сте непокорен* народ, + за да не ве истребам по патот“.+

4 Кога ги чу тие тешки зборови, народот почна да тагува.+ Никој не го стави својот накит на себе. 5 И Јехова му рече на Мојсеј: „Кажи им на синовите на Израел: ‚Вие сте непокорен* народ.+ Кога би дошол меѓу вас само за момент,+ би ве истребил. Затоа, симнете го од себе сиот накит, па да видам што ќе направам со вас!‘ “+ 6 Така синовите на Израел го симнаа од себе својот накит на планината Хорив+ и оттогаш повеќе не го носеа.

7 А Мојсеј го зеде својот шатор, го распна надвор од логорот, далеку од логорот, и го нарече шатор на средбата. Секој што сакаше да го праша+ нешто Јехова, одеше кај шаторот на средбата, кој се наоѓаше надвор од логорот. 8 Кога Мојсеј ќе тргнеше кон шаторот, целиот народ ќе станеше.+ Секој стоеше на влезот од својот шатор и гледаше по Мојсеј додека тој не влезеше во шаторот. 9 А кога Мојсеј ќе влезеше во шаторот, столбот од облак+ се спушташе и стоеше на влезот од шаторот додека Бог разговараше+ со Мојсеј. 10 И целиот народ го гледаше столбот од облак+ како стои на влезот од шаторот, и тогаш целиот народ стануваше и секој се поклонуваше на влезот од својот шатор.+ 11 А Јехова разговараше со Мојсеј лице в лице,+ како што разговара човек со својот ближен. Потоа Мојсеј се враќаше во логорот, а неговиот слуга+ Исус, синот на Навин,+ неговиот помошник, не се помрднуваше од шаторот.

12 Мојсеј му рече на Јехова: „Еве, ти ми велиш: ‚Води го овој народ‘, но не ми кажа кого ќе испратиш со мене. Уште ми рече: ‚Те знам по име,+ и ти најде милост во мои очи‘. 13 Затоа сега те молам, ако сум нашол милост во твои очи,+ објави ми ги своите патишта+ за да те запознаам и да најдам милост во твои очи! И сети се дека овој народ е твој народ!“+ 14 А тој му рече: „Јас ќе појдам со тебе+ и ќе ти дадам починка“.+ 15 „Ако не појдеш ти со нас“, одговори Мојсеј, „немој ни да нѐ водиш одовде! 16 По што ќе се знае дека јас и твојот народ сме нашле милост во твои очи? Зарем не по тоа што ти одиш со нас,+ па јас и твојот народ се разликуваме од сите други народи што се на лицето на земјата?“+

17 А Јехова му одговори на Мојсеј: „И ова што го рече ќе го направам,+ зашто најде милост во мои очи и те знам по име“. 18 На ова Мојсеј рече: „Те молам, покажи ми ја својата слава!“+ 19 А тој му одговори: „Ќе направам сета моја добрина да помине пред твоето лице+ и ќе го објавам пред тебе името Јехова.+ Ќе бидам милостив кон кого што сакам да бидам милостив и ќе му се смилувам на оној кому сакам да му се смилувам“.+ 20 Потоа додаде: „Но не можеш да го видиш моето лице, зашто не може човек да ме види мене и да остане жив“.+

21 Јехова продолжи: „Еве место кај мене, застани на карпата! 22 Додека поминува мојата слава, ќе те ставам во шуплината од карпата и ќе те засолнам со својата рака додека не поминам. 23 Потоа ќе ја тргнам раката, па ќе ме видиш од зад грб. Но моето лице не може да се види“.+

34 Потоа Јехова му рече на Мојсеј: „Изделкај си две камени плочи, исти како оние првите,+ а јас ќе ги напишам на тие плочи зборовите што беа на првите плочи,+ кои ти ги разби.+ 2 И биди готов рано наутро да се искачиш на планината Синај и таму да застанеш пред мене на врвот од планината.+ 3 Никој друг да не се качува со тебе и никој да не се појави на целата планина.+ Ниту ситна ниту крупна стока да не пасе под таа планина“.+

4 И Мојсеј изделка две камени плочи исти како првите. Стана рано, се искачи на планината Синај, како што му беше заповедал Јехова, а в раце ги зеде двете камени плочи. 5 А Јехова слезе+ во облакот, застана таму покрај него и го објави името Јехова.+ 6 И Јехова помина пред него објавувајќи: „Јехова! Јехова! Бог милосрден+ и љубезен,+ бавен на гнев,+ полн со милост*+ и вистина,+ 7 кој ја чува својата милост за илјадници,+ простува престап, вина и грев,+ но не ослободува од казна,+ зашто, поради престапите на татковците, ги казнува синовите и внуците до третото и до четвртото колено“.+

8 Мојсеј побрза да се поклони доземи и падна ничкум.+ 9 Потоа рече: „Јехова, ако сум нашол милост во твои очи, те молам, о Јехова, појди со нас,+ зашто народот е непокорен.*+ Прости ни ги престапите и гревовите+ и земи нѐ за своја сопственост!“+ 10 А тој му одговори: „Еве, јас склучувам сојуз со вас. Пред сиот твој народ ќе направам чудесни дела какви што не се случиле никаде на земјата, во ниту еден народ.+ Целиот народ меѓу кој живееш ќе види што прави Јехова, зашто со тебе ќе направам нешто застрашувачко.+

11 А ти држи го она што ти го заповедам денес.+ Еве, ќе ги протерам од пред тебе Аморејците, Ханаанците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.+ 12 Внимавај да не склучиш сојуз со жителите на земјата во која одиш,+ за тоа да не биде стапица меѓу вас.+ 13 Туку урнете ги нивните жртвеници, разбијте ги нивните обредни столбови и исечете ги нивните обредни диреци.*+ 14 Не клањај се на друг бог,+ зашто Јехова е Бог кој бара да му бидеме оддадени само нему — таков Бог е тој.*+ 15 Затоа, не склучувај сојуз со жителите на таа земја, зашто кога ќе ги почитуваат своите богови*+ и кога ќе им принесуваат жртви на своите богови,+ ќе те повикаат и тебе, па и ти ќе јадеш од нивната жртва.+ 16 Тогаш ќе ги земаш нивните ќерки за своите синови,+ а тие ќе ги почитуваат своите богови,* па ќе ги наведат и твоите синови да ги почитуваат нивните богови.*+

17 Не прави си леани богови.+

18 Држи го Празникот на бесквасните лебови.+ Седум дена јади бесквасен леб, како што ти заповедав, во одреденото време во месецот авив,*+ зашто во месецот авив излезе од Египет.

19 Секој првороден ми припаѓа мене,+ а и секое првородено машко од твојата крупна и ситна стока.+ 20 Првороденото од магаре откупи го со грло од ситната стока.+ А ако не го откупиш, скрши му го вратот. Секој првороден од твоите синови откупи го.+ Никој да не доаѓа пред мене со празни раце.+

21 Шест дена работи, а во седмиот ден држи го денот за одмор.*+ И во време на орање и во време на жетва држи го денот за одмор.+

22 Слави го Празникот на седмиците,* принесувајќи првини од жетвата на пченицата,+ и Празникот на бербата на преминот од годината.+

23 Трипати во годината секое твое машко нека дојде+ пред вистинскиот Господар Јехова, Богот на Израел. 24 Зашто, ќе ги протерам народите од пред тебе+ и ќе ги проширам твоите граници.+ Никој нема да ја посака твојата земја кога трипати во годината ќе одиш да го видиш лицето на Јехова, својот Бог.+

25 Не принесувај крв од мојата жртва заедно со она што во себе има квасец.+ Жртвата принесена на празникот Пасха да не остане преку ноќта до утрото.+

26 Најдоброто од првините+ од својата земја донеси го во домот на Јехова, својот Бог.+

Не вари јаре во млекото од неговата мајка“.+

27 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: „Запиши си ги тие зборови,+ зашто на темел на овие зборови склучувам сојуз со тебе и со Израел“.+ 28 И остана таму со Јехова четириесет дена и четириесет ноќи. Ниту јадеше леб ниту пиеше вода.+ И Бог ги напиша на плочите зборовите на сојузот, Десетте заповеди.*+

29 Потоа Мојсеј слезе од планината Синај. Додека слегуваше од планината, ги носеше в раце двете плочи на Сведоштвото.+ Мојсеј не знаеше дека кожата на неговото лице зрачеше светлина поради тоа што беше разговарал со Бог.+ 30 Кога го здогледаа Мојсеј и видоа дека кожата на неговото лице зрачи светлина, Арон и сите синови на Израел се плашеа да му се доближат.+

31 Затоа Мојсеј ги повика. Тогаш Арон и сите поглавари на заедницата дојдоа кај Мојсеј, и тој разговараше со нив. 32 Потоа му се доближија и сите синови на Израел, а тој почна да им ги пренесува сите заповеди што му ги беше дал Јехова на планината Синај.+ 33 И кога Мојсеј ќе го завршеше разговорот со нив, преку лицето си ставаше превез.+ 34 А кога ќе влезеше пред Јехова да разговара со него, Мојсеј го симнуваше превезот додека не излезеше пак.+ И излегуваше и им кажуваше на синовите на Израел што му е заповедано.+ 35 И синовите на Израел гледаа дека кожата на Мојсеевото лице зрачи светлина.+ Мојсеј тогаш пак го ставаше превезот преку лицето, додека не влезеше да разговара со Бог.+

35 Потоа Мојсеј ја свика целата заедница од синови на Израел, па им рече: „Ова се зборовите што Јехова ги заповеда да ги извршувате:+ 2 шест дена нека се извршува работата,+ а седмиот ден нека ви биде свет, ден за одмор,* за потполн одмор посветен на Јехова. Секој што во тој ден ќе работи некаква работа, да биде погубен.+ 3 На ден за одмор не палете оган во своите домови“.

4 Мојсеј понатаму ѝ рече на целата заедница од синови на Израел: „Ова е речта што ја заповеда Јехова: 5 ‚Соберете меѓу себе прилог за Јехова.+ Секој што има спремно срце+ нека донесе како прилог за Јехова злато, сребро и бакар,+ 6 потоа сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал, фин лен, козји влакна,+ 7 црвено бојадисани овнешки кожи, фокини кожи, дрво акација, 8 масло за осветлување, балсам за маслото за помазание и за мирисливиот темјан,+ 9 а за ефодот и за наградникот,+ оникс и други камења за вградување.+

10 Сите што се вешти*+ меѓу вас нека дојдат и нека направат сѐ што заповеда Јехова: 11 светиот шатор со неговите покрови, со неговите куки и ѕидни рамки, со неговите напречници, со неговите столбови и со неговите подножја; 12 ковчегот+ и неговите лостови,+ поклопецот+ и преградната завеса;+ 13 масата,+ нејзините лостови и сиот нејзин прибор, како и лебот што ќе се стави пред Бог;+ 14 светилникот+ за осветлување, неговиот прибор, неговите светилки и маслото+ за осветлување; 15 кадилниот жртвеник+ и неговите лостови; маслото за помазание и мирисливиот темјан;+ завесата на влезот во шаторот; 16 жртвеникот+ за жртви паленици со неговата бакарна решетка, неговите лостови и сиот негов прибор; мијалникот+ и неговото подножје; 17 завесите за дворот,+ столбовите и подножјата; завесата за влезот во дворот; 18 клиновите за шаторот и клиновите за дворот со нивните јажиња;+ 19 фино исткаените одежди+ за служба во светилиштето, светата одежда+ за свештеникот Арон и одеждите за неговите синови за да служат како свештеници‘ “.

20 Тогаш целата заедница од синови на Израел си отидоа откај Мојсеј. 21 Потоа секој кого го наведе срцето да го стори тоа,+ секој што сакаше,* дојде и донесе прилог за Јехова за изградба на шаторот на средбата, за сета служба во него и за светите одежди. 22 Доаѓаа и мажи и жени, сите што имаа спремно срце. И донесуваа украсни копци, обетки, прстени и женски накит, секакви златни предмети — сите коишто на Јехова му ја принесоа нишаната жртва во злато.+ 23 И сите кај коишто ќе се најдеше сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал, фин лен, козји влакна, црвено бојадисани овнешки кожи и фокини кожи, го донесуваа тоа што го имаа.+ 24 Секој што даваше како прилог сребро и бакар, го донесуваше тоа како прилог за Јехова. И сите кај коишто ќе се најдеше дрво акација за секаква работа во службата, го донесуваа.

25 Сите вешти*+ жени предеа со своите раце и го донесуваа она што го предеа: сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фин лен. 26 Сите вешти жени, чие срце ги поттикнуваше* на тоа, предеа козји влакна.

27 Поглаварите донесуваа оникс и други камења за вградување за ефодот и за наградникот,+ 28 потоа балсам, масло за осветлување, за помазание и за мирислив темјан.+ 29 Сите мажи и жени, чие срце ги поттикнуваше да донесат нешто за сета работа за која Јехова преку Мојсеј заповеда да биде извршена, го направија тоа. Така синовите на Израел донесоа доброволен принос за Јехова.+

30 Потоа Мојсеј им рече на синовите на Израел: „Еве, Јехова го повика по име Веселеил,+ синот на Уриј, син на Ор, од племето на Јуда. 31 Го исполни со Божји дух, давајќи му мудрост, разбирање* и знаење за секакви занаетчиски работи: 32 да прави нацрти, да работи со злато, со сребро и со бакар,+ 33 да обработува камења и да ги вградува, да обработува дрво и вешто да изработува секакви предмети.+ 34 Му даде способност* да поучува други, нему и на Олијав,+ синот на Ахисамах, од племето на Дан. 35 Ги надари со вештина*+ да работат секакви занаетчиски работи, да везат,+ да ткаат сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал, фин лен и други видови ткаенини, да умеат да работат секаква работа и да умеат да прават нацрти.

36 И Веселеил нека работи, а со него и Олијав+ и сите вешти луѓе на кои Јехова им дал вештина+ и знаење*+ за да умеат да ги работат сите работи во светата служба онака како што заповеда Јехова“.+

2 И Мојсеј ги викна Веселеил и Олијав и сите вешти луѓе што Јехова ги надари со вештина,+ сите што ги поттикнуваше срцето да се зафатат со работата и да ја завршат.+ 3 Тие ги презедоа од Мојсеј сите прилози+ што ги донесоа синовите на Израел за работата во светата служба. А овие и понатаму му донесуваа доброволни приноси утро по утро.

4 И сите вешти луѓе, кои ја работеа целата таа света работа, доаѓаа, секој од работата што ја работеше, 5 и му велеа на Мојсеј: „Народот донесува многу повеќе отколку што е потребно за работата во службата што Јехова заповеда да се изврши“. 6 Затоа Мојсеј нареди да се разгласи по логорот: „Мажи и жени! Не изработувајте ништо повеќе за светиот прилог!“ И не му дозволија на народот да донесе уште нешто. 7 Имаше доволно од сѐ за да се заврши сета работа, па дури и многу повеќе.

8 Највештите+ луѓе меѓу оние што ја вршеа таа работа го направија светиот шатор+ од десет парчиња шаторско платно од фино испреден лен, од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна и од светлоцрвен материјал. Тој* на нив извезе херувими.* 9 Должината на секое парче изнесуваше дваесет и осум лакти, а ширината четири лакти. Истата мерка беше за сите парчиња шаторско платно. 10 Потоа состави пет парчиња едно со друго,+ а и другите пет парчиња ги состави едно со друго. 11 Па направи петелки од сина преѓа на работ од последното парче платно во едниот низ, на местото каде што се составуваа низовите. Истото го направи и на работ од последното парче платно во другиот низ, на местото каде што се составуваа низовите.+ 12 Направи педесет петелки на работ од едниот низ и педесет петелки на работ од другиот низ, на местото каде што се составуваа низовите, така што петелките стоеја една спроти друга.+ 13 Потоа направи педесет куки од злато, па со тие куки ги состави низовите еден со друг. Така шаторот беше составен во една целина.+

14 Направи шаторско платно од козји влакна за покров на шаторот. Направи единаесет парчиња такво платно.+ 15 Должината на секое парче изнесуваше триесет лакти, а ширината четири лакти. Истата мерка беше за сите единаесет парчиња шаторско платно.+ 16 Потоа состави пет парчиња одделно и останатите шест парчиња одделно.+ 17 Направи педесет петелки на работ од последното парче во едниот низ, на местото каде што се составуваа низовите, и педесет петелки на работ од последното парче во другиот низ, за да се соединат низовите.+ 18 Потоа направи педесет куки од бакар за да се состави покровот во една целина.+

19 Направи и покров за шаторот од црвено бојадисани овнешки кожи, а врз тоа покров од фокини кожи.+

20 Потоа, од дрвото акација+ направи ѕидни рамки за шаторот, кои стоеја исправено. 21 Должината на секоја рамка изнесуваше десет лакти, а ширината лакот и пол.+ 22 Секоја рамка имаше по два клина еден до друг. Истото го направи на сите рамки од шаторот.+ 23 Направи рамки за шаторот, дваесет рамки за страната што гледа кон Негев, накај југ.+ 24 Направи четириесет подножја од сребро за под дваесетте рамки, по две подножја под една рамка со нејзините два клина, и така по ред, по две подножја под секоја рамка со нејзините два клина.+ 25 И за другата страна од шаторот, за северната страна, направи дваесет рамки+ 26 и за нив четириесет подножја од сребро, по две подножја под една рамка, и така по ред, по две подножја под секоја рамка.+

27 За задната страна од шаторот, за западната страна, направи шест рамки.+ 28 А две рамки направи како аголни столбови на шаторот на задната страна.+ 29 Беа удвоени при дното, двете беа удвоени сѐ до врвот, до првиот прстен. Така ги направи две, да сочинуваат два аголни столба.+ 30 Имаше вкупно осум рамки со нивните шеснаесет подножја од сребро, по две подножја под секоја рамка.+

31 Направи напречници од дрвото акација, пет за рамките од едната страна на шаторот,+ 32 пет напречници за рамките од другата страна на шаторот и пет напречници за рамките на задната страна на шаторот, на западната страна.+ 33 Потоа го направи средниот напречник, кој поминуваше по средината на ѕидните рамки од едниот крај до другиот.+ 34 Рамките ги обложи со злато, им направи прстени од злато низ кои беа провлечени напречниците, а и напречниците ги обложи со злато.+

35 Направи завеса+ од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал и од фино испреден лен. На неа извезе херувими.+ 36 За неа направи четири столба од дрвото акација и ги обложи со злато. Клиновите им беа од злато, а од сребро им излеа четири подножја.+ 37 За влезот на шаторот направи завеса исткаена од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал и од фино испреден лен,+ 38 и за неа пет столбови со клинови. Врвовите на столбовите и нивните спојки ги обложи со злато, а нивните пет подножја беа од бакар.+

37 Веселеил+ го направи ковчегот+ од дрвото акација, два и пол лакти долг, лакот и пол широк, а лакот и пол висок.+ 2 Потоа го обложи со чисто злато, однатре и однадвор, а околу работ му направи венец од злато.+ 3 Потоа за него излеа четири прстени од злато и ги прицврсти над четирите негови ногалки, два прстена од едната страна, а два прстена од другата страна.+ 4 Направи и лостови од дрвото акација и ги обложи со злато.+ 5 Потоа ги провлече лостовите низ прстените на обете страни на ковчегот, за да може ковчегот да се носи.+

6 Направи и поклопец+ од чисто злато, два и пол лакти долг, а лакот и пол широк.+ 7 Потоа направи два херувима од злато. Ги изработи од ковано злато на двата краја од поклопецот.+ 8 Едниот херувим беше на едниот крај, а другиот херувим на другиот крај. Херувимите ги направи на двата краја од поклопецот.+ 9 Херувимите имаа крилја раширени угоре и со своите крилја го засолнуваа поклопецот,+ а со лицата беа свртени еден кон друг. Лицата на херувимите гледаа кон поклопецот.+

10 Тој направи маса од дрвото акација,+ два лакта долга, еден лакот широка, а лакот и пол висока.+ 11 Ја обложи со чисто злато, а околу работ ѝ направи венец од злато.+ 12 Потоа ѝ направи рамка наоколу, широка една дланка, а околу рамката ѝ направи венец од злато.+ 13 Ѝ излеа четири прстени од злато, па тие прстени ги прицврсти на четирите агли каде што се четирите нејзини ногалки.+ 14 Прстените беа до самата рамка, како држачи за лостовите, за да може масата да се носи.+ 15 Лостовите ги направи од дрвото акација и ги обложи со злато, за да може да се носи масата.+ 16 Потоа го направи приборот што се чува на масата — чинии, чаши, садови и бокали за излевање на жртви налевници — сѐ од чисто злато.+

17 Потоа го направи светилникот+ од чисто злато. Светилникот беше искован. Неговото стебло, а и гранките, чашките, пупките и цветовите излегуваа од него.+ 18 Шест гранки излегуваа од неговото стебло: три гранки на светилникот од едната страна, а три гранки од другата страна.+ 19 По три чашки во вид на бадемов цвет, со пупки и цветови наизменично, имаше на секоја гранка од едната страна, а три чашки во вид на бадемов цвет, со пупки и цветови наизменично, на секоја гранка од другата страна. Така беше на сите шест гранки што излегуваа од светилникот.+ 20 На стеблото од светилникот имаше четири чашки во вид на бадемов цвет, со пупки и цветови наизменично.+ 21 Една пупка имаше под две гранки што излегуваа од него, една пупка имаше под другите две гранки што излегуваа од него и една пупка имаше под двете последни гранки што излегуваа од него, зашто шест гранки излегуваа од светилникот.+ 22 Нивните пупки и гранки излегуваа од него. Сѐ беше исковано во едно парче, од чисто злато.+ 23 За него направи седум светилки, како и штипка за гаснење на фитилот и пепелници од чисто злато.+ 24 Од еден талант чисто злато го направи светилникот и сиот негов прибор.

25 Го направи кадилниот жртвеник+ од дрвото акација,+ еден лакот* долг и еден лакот широк, четириаголен, и два лакта висок. Од него излегуваа рогови.+ 26 Го обложи со чисто злато: горната површина, страните наоколу и роговите. Околу работ му направи венец од злато.+ 27 Му направи по два прстена од злато под венецот на двете страни, на двете спротивни страни, за низ нив да се провлечат лостовите за носење.+ 28 Потоа ги направи лостовите од дрвото акација и ги обложи со злато.+ 29 И вешто го приготви и светото масло за помазание+ и чистиот мирислив темјан.+

38 Од дрвото акација го направи жртвеникот за жртви паленици. Беше пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, и три лакти висок.+ 2 На неговите четири агли му направи рогови.+ Роговите излегуваа од него. Потоа го обложи со бакар.+ 3 Го направи и сиот прибор за жртвеникот: лонците, лопатите, чиниите, виљушките и пепелниците. Сиот негов прибор го направи од бакар.+ 4 На жртвеникот потоа му направи решетка, мрежа од бакар, под рабниот појас, така што беше на средината од жртвеникот.+ 5 Излеа четири прстени на четирите агли близу до бакарната решетка за низ нив да се провлечат лостовите. 6 Лостовите ги направи од дрвото акација и ги обложи со бакар.+ 7 Ги провлече лостовите низ прстените од обете страни на жртвеникот за да може да се носи.+ Го направи шуплив, од штици.+

8 Потоа од огледалата* на слугинките што служеа* на влезот од шаторот на средбата+ според својот ред, направи мијалник од бакар+ со подножје од бакар.

9 Го направи и дворот.+ На страната што гледаше кон Негев, на јужната страна, дворните завеси беа од фино испреден лен, сто лакти во должина.+ 10 Нивните дваесет столбови и дваесет подножја беа од бакар. Клиновите на столбовите и нивните спојки беа од сребро.+ 11 И завесите на северната страна беа од сто лакти. Нивните дваесет столбови и дваесет подножја беа од бакар. Клиновите на столбовите и нивните спојки беа од сребро.+ 12 Завесите на западната страна беа долги педесет лакти, со десет столбови и десет подножја.+ Клиновите на столбовите и нивните спојки беа од сребро. 13 Источната страна, кон изгрејсонце, беше долга педесет лакти.+ 14 Завесите од едната страна на влезот беа долги петнаесет лакти, со три столба и три подножја.+ 15 А исто така и од другата страна на влезот во дворот — значи, на обете страни — завесите беа долги по петнаесет лакти, со три столба и со три подножја.+ 16 Сите дворни завеси наоколу беа од фино испреден лен. 17 Подножјата за столбовите беа од бакар. Клиновите на столбовите и нивните спојки беа од сребро. Врвовите на столбовите беа обложени со сребро и сите дворни столбови имаа сребрени спојки.+

18 Завесата на влезот во дворот беше исткаена од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал и од фино испреден лен.+ Беше долга дваесет лакти, а висока пет лакти, по целата ширина, како и другите дворни завеси.+ 19 Нејзините четири столба со четирите подножја беа од бакар. Клиновите им беа од сребро, главите на столбовите беа обложени со сребро, а спојките исто така им беа од сребро. 20 Сите клинови за шаторот и за дворот наоколу беа од бакар.+

21 Ова е пописот на работите за шаторот, шаторот на Сведоштвото,+ кој на заповед од Мојсеј го составија левитите во својата служба+ под водство на Итамар,+ синот на свештеникот Арон. 22 Веселеил,+ синот на Уриј, син на Ор, од племето на Јуда, направи сѐ што му беше заповедал Јехова на Мојсеј. 23 Со него беше Олијав,+ синот на Ахисамах, од племето на Дан, вешт во занаетчиски работи, во везење и ткаење сина преѓа, црвеникаво-виолетова волна, светлоцрвен материјал и фин лен.

24 Количината злато што беше потрошено за оваа работа, за сите работи околу светото место, беше еднаква на количината злато што беше принесено како нишана жртва,+ а изнесуваше дваесет и девет таланти* и седумстотини и триесет сикли според светиот сикел.+ 25 А сребро добиено при попишувањето на заедницата имаше сто таланти и илјада седумстотини седумдесет и пет сикли, според светиот сикел. 26 По половина сикел* од човек, односно половина сикел според светиот сикел, за секој што беше попишан, од дваесет години нагоре.+ Беа попишани шестотини и три илјади петстотини и педесет.+

27 Сто таланти сребро отиде за лиење на подножјата за светото место и за подножјата за завесата. За сто подножја беа потрошени сто таланти, по еден талант за подножје.+ 28 Од илјада седумстотини седумдесет и пет сикли направи клинови за столбовите, ги обложи врвовите на столбовите и ги состави.

29 Бакар, кој беше принесен како нишана жртва, имаше седумдесет таланти и две илјади и четиристотини сикли. 30 Од него ги направи подножјата за влезот во шаторот на средбата, бакарниот жртвеник и неговата бакарна решетка и сиот прибор за жртвеникот, 31 потоа подножјата за дворот наоколу, подножјата на влезот во дворот, сите клинови за шаторот и сите клинови за дворот наоколу.+

39 Од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна и од светлоцрвен материјал+ направија фино исткаена одежда+ за служба во светото место.+ Направија света одежда+ за Арон, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

2 И го направи ефодот+ од злато, од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал и од фино испреден лен. 3 Потоа од златни плочи исковаа танки листови, а тој ги изрежа на нишки за да ги вткае во сината преѓа, во црвеникаво-виолетовата волна, во светлоцрвениот материјал и во фино испредениот лен.+ 4 Му направија прерамки што се составуваа. Ефодот беше прицврстен на своите два краја. 5 Појасот на него, со којшто се опашуваше, беше изработен од ист материјал како и тој: од злато, од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал и од фино испреден лен,+ како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

6 Потоа ги вградија камењата оникс+ во рамки од злато. На нив, како што се врежува на печат, беа врежани имињата на синовите на Израел.+ 7 И ги прицврсти на прерамките од ефодот за да им бидат спомен-камења+ на синовите на Израел, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј. 8 Потоа го направи наградникот,+ вешто извезен, и го изработи како и ефодот: од злато, од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал и од фино испреден лен.+ 9 Беше четириаголен кога ќе се преклопеше. Го направија наградникот кој, преклопен, беше една педа долг и една педа широк.+ 10 Во него вградија четири реда камења. Рубин, топаз и смарагд во првиот ред.+ 11 Во вториот+ ред тиркиз, сафир+ и јаспис.+ 12 Во третиот+ ред лешем,* ахат и аметист. 13 А во четвртиот+ ред хризолит, оникс+ и нефрит. Со златни рамки беа вградени на своите места. 14 Камења имаше исто колку и имиња на Израеловите синови. Беа дванаесет, колку и нивните имиња, а на секој, како на печат, беше врежано името на едно од дванаесетте племиња.+

15 На наградникот направија плетени синџирчиња од чисто злато, плетени како јаже.+ 16 Потоа направија две рамки од злато и два прстена од злато, па тие два прстена ги прицврстија за двата краја на наградникот.+ 17 Ги провлекоа двете плетени врвци од злато низ двата прстена на краевите од наградникот.+ 18 Двата краја на двете врвци ги провлекоа низ двете рамки и потоа ги прицврстија за прерамките на ефодот од предната страна.+ 19 Потоа направија два прстена од злато и ги прицврстија за двата краја од наградникот, на внатрешниот раб, кој е свртен кон ефодот.+ 20 Направија уште два прстена од злато и ги прицврстија за долниот крај од двете прерамки од надворешната страна на ефодот, близу местото каде што е составен ефодот, над неговиот појас.+ 21 Наградникот, преку неговите прстени, го врзаа со сина врвца за прстените на ефодот, така што наградникот стоеше над појасот на ефодот и не се одделуваше од ефодот, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.+

22 Потоа направи туника без ракави,+ која се носи под ефодот, целата исткаена од сина преѓа. 23 Во средината на туниката имаше отвор за главата, како околувратник на оклоп. Отворот наоколу беше порабен за да не се цепи.+ 24 На поработ од туниката направија калинки од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал, испредени заедно.+ 25 Потоа направија ѕвончиња од чисто злато, ги прицврстија помеѓу калинките,+ околу поработ на туниката, меѓу калинките, 26 ѕвонче и калинка, ѕвонче и калинка, околу поработ на туниката+ во која се вршеше службата, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

27 Потоа на Арон и на неговите синови им направија кошули исткаени од фин лен,+ 28 турбан+ од фин лен, украсени капи+ од фин лен, гаќи+ од фино испреден лен, 29 појаси+ исткаени од фино испреден лен, од сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна и од светлоцрвен материјал, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

30 Најпосле ја направија сјајната плочка од чисто злато, светиот знак на предаденоста, и на неа, како на печат, врежаа натпис: „Јехова е свет“.+ 31 На неа прицврстија врвца од сина преѓа за да ја врзат на турбанот,+ како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

32 Така беше довршена целата работа околу шаторот, шаторот на средбата. Синовите на Израел направија сѐ како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.+ Токму така направија.

33 И му го донесоа на Мојсеј светиот шатор,+ неговиот покров+ и сиот негов прибор,+ неговите куки,+ ѕидни рамки,+ напречници,+ столбови и подножја;+ 34 потоа покровот од црвено бојадисани овнешки кожи,+ покровот од фокини кожи+ и преградната завеса;+ 35 ковчегот+ на сведоштвото со неговите лостови+ и со поклопецот;+ 36 масата+ со сиот нејзин прибор+ и лебот што ќе се стави пред Бог; 37 светилникот+ од чисто злато, неговите светилки, светилките наредени во низ,+ и сиот негов прибор+ и маслото за осветлување;+ 38 жртвеникот+ од злато, маслото за помазание,+ мирисливиот темјан+ и завесата+ за влезот на шаторот; 39 жртвеникот+ од бакар со неговата решетка+ од бакар, неговите лостови+ и сиот негов прибор,+ мијалникот+ со неговото подножје;+ 40 завесите+ за дворот, неговите столбови+ и подножја+ и завесата+ на влезот во дворот, неговите јажиња+ и клинови+ и сиот прибор+ за службата во шаторот, шаторот на средбата; 41 фино исткаената одежда+ за службата во светилиштето, светата+ одежда за свештеникот Арон и одеждите за неговите синови, за да служат како свештеници.+

42 Онака како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј, така синовите на Израел ја извршија сета таа работа.+ 43 И Мојсеј прегледа сѐ што беше направено, и виде дека направиле онака како што беше заповедал Јехова, така направиле. И Мојсеј ги благослови.+

40 Јехова му рече на Мојсеј: 2 „Во првиот месец,+ на првиот ден од тој месец, подигни го шаторот, шаторот на средбата.+ 3 Во него смести го ковчегот на сведоштвото+ и со завесата+ препречи го пристапот до ковчегот. 4 Потоа внеси ја масата,+ на неа нареди го она што оди со неа, внеси го и светилникот+ и запали ги светилките на него.+ 5 Стави го златниот жртвеник за кадење+ пред ковчегот на сведоштвото и закачи ја завесата на влезот во шаторот.+

6 Стави го жртвеникот+ за жртви паленици пред влезот во шаторот, шаторот на средбата, 7 а меѓу шаторот на средбата и жртвеникот постави мијалник и налеј вода во него.+ 8 Наоколу направи двор+ и закачи ја завесата+ на влезот во дворот. 9 Потоа земи масло за помазание+ и помажи го шаторот со сѐ што е во него,+ посвети го него со сиот негов прибор за да бидат свети. 10 Потоа помажи го жртвеникот за жртви паленици со сиот негов прибор и посвети го жртвеникот+ за да биде жртвеникот нешто најсвето.+ 11 Помажи го мијалникот со неговото подножје и посвети го.

12 Потоа доведи ги Арон и неговите синови на влезот од шаторот на средбата и измиј ги со вода.+ 13 Облечи му ја на Арон светата одежда,+ помажи го+ и посвети го за да ми служи како свештеник. 14 Потоа доведи ги неговите синови и облечи им долги кошули.+ 15 Помажи ги, како што го помаза и нивниот татко,+ за да ми служат како свештеници. Нивното помазание нека служи за трајна свештеничка служба за навек во нивните идни поколенија“.+

16 Мојсеј направи сѐ како што му беше заповедал Јехова.+ Токму така направи.

17 Така во првиот месец од втората година, на првиот ден од тој месец, беше подигнат светиот шатор.+ 18 Кога Мојсеј го подигаше шаторот, ги размести неговите подножја,+ ги постави ѕидните рамки,+ ги провлече напречниците+ и ги подигна столбовите.+ 19 Потоа го распна долниот покров+ врз шаторот, а над него го стави горниот покров,+ како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

20 Тогаш го зеде Сведоштвото+ и го стави во ковчегот,+ ги постави лостовите+ на ковчегот и го стави поклопецот+ одозгора на ковчегот.+ 21 Па го внесе ковчегот во шаторот, ја закачи преградната завеса+ и го попречи пристапот до ковчегот на сведоштвото,+ како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

22 Потоа ја постави масата+ во шаторот на средбата, на северната страна од шаторот, надвор од завесата, 23 и на неа го нареди лебот+ пред Јехова, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

24 Потоа го стави светилникот+ во шаторот на средбата спроти масата, на јужната страна од шаторот. 25 Ги запали светилките+ пред Јехова, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

26 Потоа го постави златниот жртвеник+ во шаторот на средбата, пред завесата, 27 за да го пали на него мирисливиот темјан,+ како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

28 На крајот ја закачи завесата+ на влезот во шаторот.

29 Пред влезот во шаторот, шаторот на средбата, го постави жртвеникот+ за жртвите паленици за да ги принесува на него жртвите паленици+ и житните жртви, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

30 Потоа го постави мијалникот меѓу шаторот на средбата и жртвеникот и во него налеа вода за миење.+ 31 Мојсеј, Арон и неговите синови си ги миеја од него рацете и нозете. 32 Се миеја+ кога влегуваа во шаторот на средбата и кога приоѓаа до жртвеникот, како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј.

33 На крајот го направи дворот+ околу шаторот и жртвеникот и ја закачи завесата на влезот во дворот.+

Така Мојсеј ја заврши таа работа. 34 Тогаш облакот+ го покри шаторот на средбата, и Јеховината слава го исполни шаторот. 35 И Мојсеј не можеше да влезе во шаторот на средбата, бидејќи облакот+ стоеше над шаторот и Јеховината слава го исполни.+

36 За сето време додека патуваа, штом ќе се кренеше облакот од шаторот, синовите на Израел ќе тргнеа на пат.+ 37 Но, ако не се кренеше облакот, не тргнуваа ни тие сѐ до денот кога ќе се кренеше.+ 38 Зашто, за сето време додека патуваа, Јеховиниот облак беше над шаторот дење, а ноќе над него имаше оган пред очите на целиот Израелов дом.+

[Фусноти]

„Ова се имињата“ — хебрејски: Ве еле шемот. Втората книга во Библијата на хебрејски го носи името според овие уводни зборови, понекогаш скратено Шемот. Името „Излез“ потекнува од Септуагинтата и Вулгата.

Буквално: „излегоа од бедрото на Јаков“.

Или: „седумдесет и пет“, според Септуагинтата. Види ги фуснотите за 1Мо 46:20, 27.

Тоа биле тули сушени на сонце.

Или: „па, додека се на породилниот стол“. Изразот „породилен стол“ веројатно се однесува на два камена или две тули на кои родилката седела или клечела при породувањето.

Или: „лунарни месеци“. Види го додатокот 14.

Или: „битумен“.

„Мојсеј“ значи „изваден; спасен од вода“.

„Гирсом“ значи „дојденец во туѓа земја“.

Во хебрејскиот текст глаголот ехјех („ќе станам“) е во несвршен вид и значи „јас ќе станувам“. Со тоа не се укажува на Божјето постоење (како да пишува: „јас сум, кој сум“), туку на тоа дека тој, во однос на другите, може да стане сѐ што ќе посака. Види го додатокот 1.

Буквално: „народот од земјата (хебрејски: ам хаарец) е многуброен“.

Буквално: „кога имам необрежани усни“, како усните да имаат некаква необрежана кожичка (алудира на кожичката на полов орган), па затоа се невешти и не можат да зборуваат јасно.

Буквално: „овојпат, сите свои удари ги испраќам врз твоето срце“.

Крупникот е вид жито, кое се одгледувало во стариот Египет. Има послаб квалитет од пченицата.

Или: „да покажеме почит; да извршиме чин на обожавање“.

Или: „со што ќе покажеме почит (ќе извршиме чин на обожавање)“.

Или: „собрание; заедница“ — хебрејски: кахал. Хебрејската именка кахал е изведена од глаголот што значи „свикува, собира“ и означува собир на луѓе свикани на едно место заради организирана акција или со некоја друга намера. Спореди ја фуснотата за Мт 16:18.

„Приквечер“ — буквално: „помеѓу две вечери“. Караитските Евреи, самарјаните и некои научници сметаат дека овде се мисли на времето помеѓу заоѓањето на сонцето и настапувањето на потполна темнина. Но според мислењето на фарисеите и на рабините, првата вечер настапува кога сонцето ќе почне да заоѓа, а втората кога ќе зајде.

Или: „Пасха; Песах“. Буквално: „поминување (во смисла: заобиколи, прескокне)“.

Или: „јамата“. Види ја фуснотата за 1Мо 40:15.

Буквално: „мешано мноштво; мешавина од народи“.

Некои древни преводи укажуваат на тоа дека споменатиот број на години не се однесува само на престојот на Израелците во Египет туку дека го опфаќа и нивниот престој во Ханаан. (Види „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“, додаток 3, пасус 9.)

По изгнанството на Евреите во Вавилон, месецот авив го добил името нисан. Види го додатокот 14.

Буквално: „меѓу очите“.

„Во борбени редови“, по сѐ изгледа, во формација слична на војска, во пет групи: претходница, заштитница, средишен дел и две крила.

Станува збор за третата (последна) стража од хебрејската поделба на ноќта. Почнувала кон 2 часот, а завршувала во 6 часот.

Ова е првото место каде што се појавува името Јах. Тоа е скратен облик на името Јехова, прв дел од тетраграмот ЈХВХ. Види го додатокот 1.

Или: „лојална љубов“. Види ја фуснотата за 1Мо 19:19.

Буквално: „родилни болки“.

Или: „Шеиците“.

„Мара“ значи „горчило“.

Буквално: „оди“.

„Приквечер“ — буквално: „помеѓу две вечери“. Види ја фуснотата за 2Мо 12:6.

Околу 2,2 литри. Види го додатокот 13.

Буквално: „свет сабат“. Хебрејскиот збор „шабат“, односно „сабат“ (од кој преку грчкиот јазик доаѓа македонскиот збор „сабота“) значи „починка, одмор, мирување“. Сабатот почнува по заоѓањето на сонцето во петок и трае до заоѓањето на сонцето во сабота. Според еврејскиот календар, саботата била седмиот ден во седмицата.

„Мана“, веројатно доаѓа од хебрејскиот израз ман ху, кој значи „Што е ова?“ Види го 15. стих.

По сѐ изгледа дека изразот се однесува на ковчег во кој се чувале важни записи.

Една ефа е 22 литри. Види го додатокот 13.

Овде не станува збор за планината на која Бог ги дал Десетте заповеди, туку за планинското подрачје во близина на планината Синај, кое на други места се нарекува Синајска Пустина.

„Маса“ значи „искушување; испит“.

„Мерива“ значи „препирка; караница; судир“.

„Јехова-Ниси“ веројатно значи „Јехова е моето копје (за знаме)“.

„Гирсом“ значи „дојденец во туѓа земја“.

„Елиезер“ значи „Мојот Бог е помошник“.

Или: „пред моето лице; па така да ми пркосиш в лице“.

Или: „љубоморен (ревносен) Бог; Бог кој не поднесува некој да му биде соперник“.

Или: „лојална љубов“. Види ја фуснотата за 1Мо 19:19.

Буквално: „сабатот“. Види ја фуснотата за 2Мо 16:23.

Пример за зеугма (што значи „јарем“), стилска фигура во која две или повеќе именки се поврзуваат со ист глагол, иако граматички би бил потребен уште некој глагол. Овде глаголот „види“ е употребен за сите именки — громовите, молњите, звукот на рогот и чадењето на планината — иако громовите и звукот на рогот, всушност, се слушаат.

Буквално: „Ако е сопственик (господар) на жена“.

Види ја фуснотата за 1Мо 22:24.

Буквално: „сопственик (господар) “.

Буквално: „душа за душа“.

Или: „да стане херем“. Ако нешто станало херем, тоа значело дека неповратно му припаднало на Јехова. Ако биле луѓе, морало да бидат погубени. А ако биле животни, предмети или недвижен имот (на пример, ниви, па дури и цели градови), морало да бидат уништени или да бидат одземени и посветени за да служат исклучително за света цел, за потребите на свештенството или на светилиштето, во зависност од тоа што одредил Јехова во конкретниот случај.

Буквално: „машко дете“.

Или: „ќе ти го дадам (подадам) вратот на сите твои непријатели“.

Односно Еуфрат.

Еден лакот е 44,5 сантиметри. Види го додатокот 13.

Херувими се ангели на висока положба.

Една дланка е 7,4 сантиметри. Види го додатокот 13.

Еден талант тежел 34,2 килограми. Види го додатокот 13.

Тоа биле монтажни ѕидови, кои се состоеле од дрвени елементи во форма на рамки.

Тоа биле подножја во кои влегувале клиновите од ѕидните рамки.

Тоа биле остатоци од изгорено дрво натопени со маста од жртвуваните животни.

Буквално: „ги исполнив со дух на мудрост“.

Една педа е 22,2 сантиметри. Види го додатокот 13.

Не е познато на кој вид скапоцен камен се однесува хебрејскиот израз лешем.

Урим и Тумим биле предмети што се користеле за да се дознае што мисли Бог за некоја работа. Можеби станувало збор за камења кои се извлекувале како ждрепка.

Буквално: „наполни им ги рацете“. Овој хебрејски идиом значи дека на човекот кој бил поставен во службата му биле предадени в раце сите овластувања што биле потребни за да ја врши свештеничката служба.

Буквално: „така ќе [им] ги наполниш рацете“. Види ја фуснотата за 2Мо 28:41 и Ев 7:28.

Буквално: „овен за полнење [раце]“. Види ја фуснотата за 2Мо 28:41.

„Приквечер“ — буквално: „помеѓу две вечери“. Види ја фуснотата за 2Мо 12:6.

Една ефа е 22 литри. Види го додатокот 13.

Еден ин е 3,67 литри. Види го додатокот 13.

„Приквечер“ — буквално: „помеѓу две вечери“.

Или: „според сикелот на светото место“. Овој израз може да значи дека станувало збор за стандарден тег (прамера), кој се чувал во светиот шатор, или со него требало да се нагласи дека тежината мора да биде точно измерена. Види ја фуснотата за изразот „според царската мера“ во 2Са 14:26 и додатокот 13.

Види го додатокот 13.

Види ја фуснотата за Из 3:5.

Буквално: „ставив мудрост во срцата на сите што имаат мудро срце“.

Буквално: „сабати“. Види ја фуснотата за 2Мо 16:23.

Или: „тврдоврат“.

Буквално: „омекне“.

Буквално: „Наполнете си ги (...) рацете“.

Или: „тврдоврат“.

Или: „тврдоврат“.

Или: „лојална љубов“. Види ја фуснотата за 1Мо 19:19.

Или: „тврдоврат“.

Или: „ашерите“.

Побуквално: „Јехова — чие име е Љубоморниот — е љубоморен Бог“. Види ја фуснотата за 2Мо 20:5.

Буквално: „блудствуваат со своите богови“. Види го додатокот 6.

Буквално: „блудствуваат со своите богови“.

Буквално: „блудствуваат со нивните богови“.

Види ја фуснотата за 2Мо 13:4.

Буквално: „сабатот“. Види ја фуснотата за 2Мо 16:23.

Или: „Педесетница“, 6 сиван, 50. ден по 16 нисан. Види го додатокот 14.

Односно, Декалогот. Буквално: „Десетте зборови“.

Буквално: „сабат“. Види ја фуснотата за 2Мо 16:23.

Буквално: „мудри“.

Буквално: „секој кого неговиот дух го поттикнуваше на тоа“.

Буквално: „жени со мудро срце“.

Буквално: „жени чиешто мудро срце ги поттикнуваше на тоа“.

Види ја фуснотата за Из 3:5.

Буквално: „Му стави во срцето“.

Буквално: „Им го исполни срцето со мудрост“.

Буквално: „мудри луѓе на кои Јехова им дал мудрост и разборитост“. За изразот „знаење (разборитост)“ види ја фуснотата за Из 3:5.

По сѐ изгледа, Веселеил.

Херувими се ангели на висока положба.

Еден лакот е 44,5 сантиметри. Види го додатокот 13.

Тоа биле огледала од полиран метал.

Или: „што служеа на организиран начин“.

Види го додатокот 13.

„Половина сикел“ — буквално: ,бека [сребро]‘. Види го додатокот 13.

Види ја фуснотата за 2Мо 28:19.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели