Благодарна сум му на Јехова за моите пет синови
РАСКАЖАЛА ХЕЛЕН СОЛЗБЕРИ
Втори март 1997 беше еден од најтажните денови во мојот живот. Околу 600 пријатели и роднини се собраа во Вилмингтон (Делавер, САД), на погребот на мојот љубен сопруг, Дин. Тој беше христијански старешина и претседавачки надгледник на едно собрание на Јеховините сведоци. Кога ќе помислам на 40-те години среќен брак, има толку многу работи за кои треба да бидам благодарна. Знам дека Дин е заштитен на најбезбедното место, во сеќавањето на Семоќниот Бог, Јехова, и дека ќе го видиме во иднина.
ДИН стапи во военото воздухопловство откако матурираше во средно училиште во 1950. Не беше религиозен човек и изгледаше дека не се сложува со учењата на мојата тогаш сакана католичка црква. Но, се согласивме да ги воспитаме нашите деца како католици. Секоја вечер клекнувавме и тивко се молевме. Јас ги повторував моите католички молитви, а Дин кажуваше сѐ што имаше на срце. Во следните години се родија нашите пет синови: Бил, Џим, Дин Јуниор, Џо и Чарли.
Јас редовно одев во црква и секогаш ги носев децата со мене. Но, се разочарав во црквата, особено поради тоа што беше вмешана во Виетнамската војна. Сега починатиот кардинал Спелман им се обрати на луѓето кои можеби ќе ја доведеа во прашање праведноста на каузата на САД, со зборовите: „Мојата земја секогаш е во право“. Јас не можев да одобрам моите синови да одат во војна, иако во прашање беше мојата црква. Сепак, се молев барем еден од нив да стане свештеник и мојот сопруг да стане католик.
Промена во размислувањето
Една саботна вечер бев во друштво со некои пријатели католици и еден локален свештеник. Пиевме и добро се забавувавме, кога една од жените го праша свештеникот: „Оче, дали навистина е смртен грев ако после едно вакво дружење, следното утро не можеш да станеш за да одиш на миса?“
„Не, не“, одговори тој. „Тоа е во ред. Во вторник навечер одржуваме миса во ректоријатот. Тогаш можеш да дојдеш на мисата за да ја исполниш својата обврска.“
Уште од детството бев поучувана дека мора да се оди на миса во недела, без оглед на сѐ. Кога не се сложив со него, тој почна да пцуе и налутено рече дека една жена не треба да го исправа свештеникот.
Си помислив: ‚Зарем се молев моите синови да станат вакви?‘ Иако знаев дека не се такви сите свештеници, тоа предизвика сомневање во мене.
Во средината на 1960-тите, Јеховините сведоци дојдоа кај нас во Филаделфија (Пенсилванија) и подоцна во Неварк (Делавер). Иако се восхитував на нивната христијанска ревност, секогаш велев: „Извинете. Не сум заинтересирана затоа што сум католик“.
Потоа, едно студено ноемвриско утро во 1970, Сведоците повторно дојдоа. Ми поставија прашање за Библијата и ми го прочитаа Псалм 118:105: „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“. Тие зборови ме погодија. Се сеќавам како си помислив: ‚Библијата! Можеби тоа е одговорот, но јас дури и немам Библија‘. Бев поучена дека на католиците не им треба Библија, дека таа ќе нѐ збуни и дека треба да ја читаат и да ја објаснуваат само свештениците. Мислев дека со тоа што немам Библија, јас сум лојален католик.
Тој ден го зедов од Сведоците помошното средство за проучување на Библијата, книгата Вистина која води до вечен живот. Ја прочитав таа седмица и едноставно знаев дека ја пронајдов вистината! Кога Сведоците дојдоа повторно, тие имаа две Библии, од кои едната беше католички превод. Се изненадив кога видов дека библиските стихови наведени во тоа помагало за проучување на Библијата ги имаше и во католичката Библија. Оттогаш започнаа со мене прогресивна домашна библиска студија и се крстив во август 1972, заедно со сестра ми Сали, која исто така започна да ја проучува Библијата.
Мојот сопруг, Дин, никогаш не ми се противеше, но се изненади кога виде дека се интересирам за нешто друго освен за католичката религија. Постојано слушаше и гледаше. Пред тоа изгледаше дека секогаш им викам на децата за да ги натерам да бидат послушни. Но, научив дека Библијата опоменува против „гнев, викање и хулење“ (Ефесјаните 4:31, 32). Освен тоа, децата не се воспитуваат со викање по нив. Еднаш чув како мојот сопруг ѝ вели на мајка му во врска со Јеховините сведоци: „Мамо, тие луѓе го практикуваат она што го проповедаат!“ Не помина долго време, и тој прифати библиска студија. Дин стана крстен Сведок во јануари 1975.
Воспитување на нашите пет синови
Кога почнав да одам во Салата на Царството, мислев дека состаноците се доста долги за моите синови. Затоа, ги оставав дома со татко им. Ми беше убаво и мирно да одам сама. Но, потоа, кога еден говорник зборуваше за должината на христијанските состаноци, тој праша: „Сте помислиле ли некогаш колку време вашите деца можат да седат пред телевизорот?“ Токму таму беа моите деца во тој момент! Тогаш си помислив: ‚Доста е веќе! Тие ќе доаѓаат заедно со мене!‘ Мојот сопруг се согласи да ги пушти децата со мене, а со текот на времето и тој почна да доаѓа.
Редовното присуство на состаноците му даде ред и стабилност на нашиот семеен живот. Но, имаше и нешто друго. Дин и јас секогаш се трудевме да ги подобриме нашите вештини како родители со тоа што признававме кога не бевме во право и внимателно ги применувавме библиските упатства. Никогаш не допуштавме двојни мерила. Она што беше исправно за мојот сопруг и за мене, беше исправно и за нашите синови. Редовноста во јавната проповедничка активност беше задолжителна.
Кога стануваше збор за разонода, не беа допуштени насилнички, неморални филмови. Секогаш уживавме во здрави активности заедно како семејство, кои вклучуваа лизгање, куглање, играње мини голф, одење во забавни паркови, на пикници и на пица во петоците навечер. А Дин беше љубезен поглавар на нашето семејство. Во текот на целиот наш брачен живот, сфативме дека тој треба да биде таков (Ефесјаните 5:22, 23).
Кога почнав да проучувам со Јеховините сведоци во 1970, Били имаше 12, Џими 11, Дин Јуниор 9, Џо 7 и Чарли 2 години. Тие веќе беа навикнати да одат в црква, но сега учеа од Библијата. Тоа ни беше возбудливо. Ќе им речев: „Погледнете! Видете го ова! Дојдете!“ Тие ќе дојдеа и возбудено ќе дискутиравме за нешто што беше ново за нас. Преку нашето проучување на најголемиот авторитет на земјата, Библијата, децата учеа да го љубат Јехова и да се чувствуваат одговорни пред него како нивен Бог и Творец — а не само пред татко им и мајка им.
Пред да ги научиме библиските вистини, си навлековме многу долгови. За да исплатиме некои од сметките, го продадовме нашиот дом и изнајмивме куќа. Го продадовме и новиот автомобил и купивме еден на старо. Се обидовме животот да ни биде колку што е можно поедноставен. Тоа ми овозможи да седам дома со децата наместо да одам на световна работа. Сметавме дека на нашите синови им е потребна мајка дома. Тоа ми овозможи и да минувам повеќе време во христијанската служба додека децата беа на училиште. Конечно, во септември 1983, бев во можност да станам пионер (полновремен министер). Вистина, нашите деца ги немаа секогаш најдобрите работи во материјален поглед, но и покрај тоа не се чувствуваа непотребно лишени од нешто. Секое од нив одеше во техничко средно училиште и научи занаети како што се цвеќарство, столарство, автомеханичарство и графика. Така, тие беа опремени за да заработуваат за живот.
Честопати размислував за нашиот семеен живот и си велев: ‚Мислам дека ние сме едно од најсреќните семејства на светот, иако имаме малку во материјален поглед‘. По кратко време Дин почна повеќе да се ангажира околу одговорностите во собранието, а исто така и момчињата. Во 1982, Дин беше наименуван за христијански старешина. После осум години, во 1990, нашиот најстар син, Бил, беше наименуван за старешина. Потоа, Џо беше наименуван истата година, Дин Јуниор во 1991, Чарли во 1992 и Џим во 1993.
Знам дека како родители згрешивме во некои работи, и не е секогаш лесно да се сетиме на добрите работи што сме ги направиле. Еден пријател ги праша нашите синови на што се сеќаваат од нивните рани години како христијани, а особено кои библиски начела што ги научиле од нивното рано воспитување им помогнале да се ангажираат за да се квалификуваат за христијански старешини. Од нивните коментари ми се грее срцето.
Што имаат да кажат моите синови
Бил: „Во мислите ми е врежано она што го научивме од Римјаните 12:9—12. Тоа делумно гласи: ‚Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг . . . Духот да ви биде пламенен . . . бидете радосни во надежта‘. Моите родители имаа способност да покажат што значи тоа да се љубат луѓето. Можеше да се види дека покажувањето љубов кон другите ги усреќува. Токму таа атмосфера на љубов во нашиот дом направи библиските вистини да станат дел од нашето размислување. Тоа нѐ држеше за вистината. Моите родители ја сакаа целокупната библиска вистина. Како резултат на тоа, никогаш не ми беше тешко да ја љубам вистината и никогаш не ми беше тешко да се држам за неа“.
Џим: „Едно од најистакнатите начела што ми доаѓа во мислите е Матеј 5:37: ‚Зборот ваш да биде: да, да, — не, не, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е‘. Моите браќа и јас секогаш знаевме што очекуваат од нас родителите, и во нив видовме живи примери за тоа какви треба да бидат христијаните. Обајцата секогаш беа сложни. Никогаш не се расправаа. Ако некогаш не се сложуваа во нешто, ние децата никогаш не знаевме за тоа. Беа обединети и тоа остави длабок впечаток врз сите нас. Не сакавме да ги разочараме мама и тато и, над сѐ, Јехова“.
Дин: „Изреки 15:1 гласи: ‚Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува‘. Татко ми беше со блага нарав. Не се сеќавам дека некогаш се расправал со мене — дури ни кога бев тинејџер. Секогаш беше многу благ, дури и кога беше изнервиран. Понекогаш ќе ме пратеше во мојата соба или ќе ми одземеше некои предности, но никогаш не се расправавме. Тој не ни беше само татко. Ни беше и пријател и не сакавме да го разочараме“.
Џо: „Во 2. Коринтјаните 10:5, Библијата зборува за ‚поробување на секој разум, за да му биде покорен на Христа‘. Во нашиот дом бевме поучени да бидеме послушни на Јеховините мерила и поуки. Вистината беше нашиот живот. Присуството на состаноците беше начин на живот. Помислата да правам нешто друго вечерта кога има состанок сѐ уште ми е чудна. И христијанската служба беше редовен дел од нашиот живот — никогаш не беше работа на избор. Нашите пријатели беа во Салата на Царството. Не мораше да ги бараме на друго место. Што повеќе може да стори еден татко за своите синови отколку да ги насочи на патот на животот?“
Чарли: „Во мислите ми е стихот од Изреки 1:7. Тој гласи: ‚Почеток на мудроста е стравот Господов . . . само глупавите ги презираат мудроста и поуката‘. Родителите ни помогнаа да сфатиме дека Јехова е реален и да ја сфатиме важноста од развивањето страв и љубов кон него. Тие расудуваа со нас, велејќи: ‚Не го прави ова само затоа што ние ти велиме. Што мислиш ти? Што мислиш, како се чувствува Јехова кога го гледа ова? Како се чувствува Сатана?‘
Тоа нѐ враќаше на реалната работа. Татко ми и мајка ми не можеа да бидат со нас цело време. Правеа само онолку колку што можеа за да ги всадат библиските вистини во нашите срца и мисли. Не беа со нас на училиште, на работа и со нашите пријатели. Здравиот страв од Јехова многу влијаеше на нас — и сѐ уште е со нас денес.
Исто така, мајка ми постојано зборуваше за нејзината пионерска служба и за убавите искуства што ги доживуваше. Секогаш беше позитивна за службата и тоа одлично влијаеше врз нас. Развивме љубов кон луѓето каква што имаше таа и сфативме дека активноста од врата до врата може да биде многу пријатна“.
Причини за благодарност
Сега моите синови се оженети и имам пет прекрасни снаи кои верно му служат на Јехова. Благословена сум и со уште пет момчиња — да, пет внуци! Сите се воспитани да го љубат Јехова и цврсто да го држат неговото Царство на прво место во своите животи. Се молиме еден ден да станат старешини, како што се нивните татковци и како што беше нивниот дедо.
Кратко после смртта на Дин, еден од моите синови напиша: „Навистина ќе ми недостига тато бидејќи сега тој спие. Повеќе не чувствува болка. Повеќе не страда. Нема повеќе операции, игли и цевки — само мир. Не стигнав да се збогувам со него пред да умре. Работите не се одвиваат секогаш онака како што планираш. Можам само да речам дека сум одлучен да живеам на начин да не пропуштам да му изразам добредојде!“
Колку само сум му благодарна на Јехова за мојот прекрасен сопруг и сигурната надеж во воскресение! (Јован 5:28, 29). И колку само сум му благодарна за моите пет синови!
[Слика на страница 25]
Хелен Солзбери и нејзиното семејство денес